Книгите како подарок: книжевен вишок или културна состојба?

06.08.2025 23:42
Книгите како подарок, книжевен вишок или културна состојба?

Се приближува роденденот на некоја блиска личност и во вас се буди страв дека со несоодветен подарок би можеле да ги расипете односите или само да ја онерасположите. Размислувате за можностите, размислувате за нештата што веќе ги поседува и заклучувате дека, всушност, не ѝ треба ништо. На крајот, изборот најчесто се сведува на шише пристојно вино или на некоја книга. Притоа, книгата изгледа како посигурен избор, бидејќи со некој нов, интригантен наслов сигурно нема да згрешите. Барем така мислите.

Но, не сте единствениот што подарува. Слично размислуваат и другите, па на крајот славеничката или славеникот ќе добијат пет-шест книги и исто толку шишиња. Шишињата ќе се испразнат, можеби дури и истата вечер, но што со книгите? Многумина веќе имаат полни полици, а книги оставаат и во другите делови од станот. Луѓето веќе не знаат каде да ги ставаат. Излегува дека вистински подарок би било доколку дарителот на новата книга со себе понесе некоја од која примателот сака да се ослободи.

Тоа се најчесто книги што ги сметаме за лесна литература, крими-романи, љубовни романи, научна фантастика што ве фасцинирала додека сте биле во основно. Секако, секој има по неколку десетици книги што никогаш не би дозволил да се изгубат во бездните на позајмувањето.

Како сте дошле до тие наслови? Преку препораки, преку лектири, по некое дело низ вредносниот систем на околината, а некое случајно. Ако сте страстен читател, тогаш ги следите различните извори што ги избираат најдобрите книги во текот на годината и се обидувате да дојдете до тие наслови. Нобеловите награди исто така ви помагаат при изборот, но во поголемиот број случаи не се совпаѓаат со вашите вкусови.

И воопшто, како се избираат победниците, на пример, за Букеровата награда или за Нобел? Постои ли некоја чета читачи кои препорачуваат нови наслови што би дошле предвид за награда? Ако постои таква единица, колку обемен би бил нејзиниот ангажман?

За чудо, тоа е и приближно познато.

Според податоците на УНЕСКО, годишно се објавуваат околу 2,2 милиони книги, односно наслови. Професионалните издавачи објавуваат меѓу половина и еден милион нови наслови. Благодарение на новите технологии, самоиздавањето сè побрзо расте, а проценките велат дека придонесува со околу четири милиони нови наслови секоја година. Кога ќе се земат предвид и преводите и повторните изданија, тогаш во светот на секои осум секунди се објавува нова книга.

Очигледно е дека никаква дивизија на многу мотивирани читатели не е во состојба ни приближно да ја следи таа огромна продукција. Илјадници и илјадници наслови поминуваат сосема незабележано, и никогаш нема да се дознае колку од нив биле ремек-дела. Илјадници книги остануваат непродадени и завршуваат во рециклажа, а илјадници и илјадници завршуваат во нашите регали, без никогаш повторно да бидат отворени по првото и единствено читање. Што се случува со тие книги?

На генерациите родени многу пред интернетот, уште при самото раѓање им бил всаден морален кодекс според кој книгата е светост. Уништување книга со фрлање во стар отпад со хартија е речиси незамисливо, дури и кога станува збор за многу лоша литература. Палењето книги, што го правеле разни диктатори, се сметало за едно од најтешките злосторства, затоа што со нивното палење се палело и правото на слобода. Со развојот на електронските технологии, работите нагло и значително се променија. Помладите генерации веќе немаат ни волја ни време да читаат печатени книги. Напротив, културата на брзи пораки, од типот смс или WhatsApp, полека го менува начинот и граматиката на секојдневното изразување. Наместо комуникација со зборови, сè почесто се користат разни симболи што уредниците на тие апликации ги нудат во изобилство – за сите можни емоции и ситуации. Кај нас тие популарно се нарекуваат „смајлиња“. Како да се создава некое ново сликовно писмо, хиероглифи на современата доба.

А книгите остануваат задоволство на диносаурусите.

И сега останува прашањето, што да правите со, да речеме, 300 книги што сте ги наследиле, а поголем дел веќе ги имате или воопшто не ве интересираат?

Можете да ги подарите на некоја градска или училишна библиотека, но не изненадувајте се ако љубезно ве одбијат, зашто ни тие веќе немаат простор во своите депоа.

Јас дел од своите книги, оние што не можев никому да ги подарам, им ги подарив на луѓе кои продаваат книги на Британскиот плоштад во Загреб. А и тие се пребирливи, затоа што луѓето им подарувале тешко оштетени книги со кои и тие не знаеле што да прават.

Зашто фрлањето книги сè уште, за наша среќа, остана табу. И сè додека почитта кон книгата опстојува, ќе опстојува и надежта во некој подобар свет. Или тоа само надеж на еден диносаурус книгождер?

Слики: Mike Stilkey

Извор: https://www.portalnovosti.com/