1026 hPa
80 %
-4 °C
Скопје - Сре, 14.01.2026 01:05

Што се однесува до конкретното прашање, за македонскиот национален идентитет, сакам да го кажам следново: идентитетот го гледам како мошне слоевит, повеќедимензионален, повеќекратен и „мултивалентен" (што значи: стапува во релација со многубројни различни фактори, и самиот разнороден). Идентитетот е динамичен и менлив; на пример, македонскиот национален идентитет (или етнички идентитет, што кај нас често се меша, но тоа прашање за односот национално/етничко заслужува посебна тема) последниве стотина години неколку пати минувал низ драматични промени: 1903, после Балканските војни и Првата светска војна, за време на првата Југославија, за време на бугарската окупација, во времето на социјалистичка Македонија, сè до предизвиците што ги постави самостојноста во 1991 година.
Идентитетот во голема мера зависи од контекстот, од опкружуваьето. На пример, тешко се воспоставува разлика меѓу „внатрешниот" и „надворешниот" идентитет оти тие интерферираат, се прелеваат еден во друг; мојот идентитет истовремено е и оној на моето семејство, на моето маало, град, држава, заедница, етнос, континент, род, планета...
Идентитетот, значи, во прв ред е однос, релација; тој не постои вон односите, како што ни една буква, на пример, не постои надвор од системот на алфабетот, на сите други букви...
Преведено на поприземен, политички план, тоа значи дека се залагам за афирмација на комплексни, повеќекратни и флексибилни идентитети. Сметам дека во најмала рака е неодговорен и опасен сегашниот тренд во Република Македонија да се создава национален идентитет круто фиксиран во некакви древни митски слики.
Пред да преминам на вториот дел од моето излагање, сакам само да соопштам некои интересни бројки кои имаат врска со она за што зборуваме, за односот меѓу нацијата, етносот, државата и идентитетот: во светот постојат само 200 држави, а 8000 различни етнички групи! Кај само десет проценти од сегашните држави се поклопуваат државните и етничките граници, т.е. големото мнозинство граѓани споделува иста етничка култура.
Но, оти темава навистина е прекомплексна, ама и зашто сметам дека дел од нашиот денешен разговор во најмала рака страда од анахроност, ќе си дозволам да бидам толку дрзок за барем на крајот да отворам можеби сосема нова тема, значајно поврзана со она што досега го зборувавме; темата jа нареков: За застареноста но и важноста на државата, или Против молекуларната граѓанска војна.
.jpg)
ДРЖАВАТА Е ВАЖНА!
Нашата држава, како и повеќето светски држави, особено оние од Третиот свет, земјите од транзиција или под протекторат, полека станува сопственост на отуѓени, пред сè економски олигархии, а самото општество се приближува кон некакво „модерно варварство", каде што единствен валиден закон е законот на посилниот, а мнозинството луѓе се сведени на ресурсни центри за експлоатација.
Денес во политичкиот свет и левицата и десницата се свесни за големата опасност која веќе се случува: бавната разградба на државата и селидба на моќта во приватни раце и во приватизирани институции кои ја заменуваат државата.
Еве што вели швајцарскиот социолог и советникот на ОН за човечки права, Жан Циглер: „Во многу западни земји приватизирани се јавниот транспорт, поштите, енергиjата... Тоа е само прва фаза, веќе се подготвува втората фаза на приватизацијата. Таа ќе се однесува на основните училишта, универзитетите, болниците, затворите, па дури и на полицијата. Една држава која доброволно ја разградува својата jавна функција и сите колективни интереси ги пренесува на приватниот сектор, сè во име на максимализираье на профитите, ќе биде фалична држава. Оттука, па до приватизацијата на законодавството и законите, има само еден чекор. Граѓанинот кој без никаква заштита е изложен на такви социјални ризици, престанува да биде граѓанин. Човек кој трајно мора да се бори за работното место, за заработка и за сопствените права, веќе не е слободен човек".
Јирген Хабермас исто така мисли дека слободното движење на капиталот е опасен процес кој се заканува да ја укине дури и можноста да се браниме од волунтаристичката употреба на репресијата или од контролата врз поединците. Државната организација е некаква форма на присила, смета Хабермас, но таа присила се однесува на сите и претставува заштита на послабите од појаките. Преминуваьето на моќта исклучиво на страната на јаките неминовно ќе доведе до обесправеност на милиони обични луѓе.
Затоа е неопходно да jа развиваме свеста за значењето на државата. Со ваквата неолиберална глобализација загрозени се сите клучни демократски и политички придобивки од последниве неколку века.
.jpg)
ПРОТИВ МОЛЕКУЛАРНАТА ГРАЃАНСКА BOJHA
Моќта на националната држава во голема мера произлегува од потребата на луѓето да бидат дел од организирана група и да имаат колективен идентитет. Можеби тоа е една од клучните тајни на општествената творба наречена држава: многупати потврдената слика во која пропаста или исчезнувањето на државата (а особено на националната држава) остава длабоки и уништувачки белези врз животите на поединците.
Се разбира, кога велам дека современата држава е важен дел од нашиот идентитет не мислам толку на некакви зададени („органицистички") колективни идентитети од времето на романтичното настанување на нациите, туку повеќе на психолошките аспекти на идентитетот; психоанализата, на пример, на некој начин вели дека секој идентитет всушност е трансиндивидуален (или трансференцијален). Ние никогаш не сме едно, туку сме „повеќе во едно", како што вели Жак Лакан. Кога го спомнувам, значи, идентитетот во овој контекст, мислам на неговата поврзаност со припадноста, и со нашата човечка потреба да припаѓаме некаде и да споделуваме нешто.
Затоа за нас е важна државата, на чиешто постепено разрадување истовремено сме сведоци и жртви. Францускиот современ филозоф Етјен Балибар (еден од најпровокативните мислители на европската идеја) вели дека живееме во период на аномија, кога клучните национални и државни институции престануваат меѓусебно да се надополнуваат и веќе не се во состојба сите заедно да дејствуваат во иста насока, на некаква идеолошка интеграција; на пример, пазарот на работата и образовниот систем тргнуваат на различни страни во периодот на „криза на вработеност". Таквите околности произведуваат тн. „негативни индивидуалитети", некаква гранична состојба во која се оцртуваат двосмисленостите на идентитетите и нивното осцилирање (како што афектите осцилираат низ „примарниот процес" меѓу љубовта и омразата). Како што вели Балибар, тука веќе не станува збор само за „нелагодност во културата" туку и за нејзино распаѓање.
Време е, конечно, да престане таа „молекуларна граѓанска војна" (Енцесбергер) која особено засилено го меле македонското општество последниве години и чијшто рефлекс е и тоталната етнизација и вулгаризација на нашите инаку комплексни општествени и лични форми на идентитет. Сериозната, солидарната, праведната и авторитетната држава треба да биде клучен фактор за престанувањето на таа ескалирачка молекуларна граѓанска војна.
.jpg)
ДОСЕГАШНАТА ИДЕЈА ЗА ДРЖАВА Е ЗАСТАРЕНА
Она што за Макс Вебер претставуваше нераскинлива целина ‒ суверенитетот и државноста ‒ веќе одамна е одвоено едно од друго. Станува дискутабилна и идејата за неолибералната држава како единствен модел за иднината. Последниве години, како што се засилија драматичните глобални конфликти, сѐ посомнителна станува можноста стопанството да стане примарен фактор, и тоа до тој степен за да ги замени политиката и државата.
Враќањето кон стариот модел на национална држава исто така не е соодветен одговор за нараснатите глобални дилеми. Националната безбедност (светата фраза на американската политика, во име на која само последниве педесет години низ војни и терор се направени низа прекршувања на закони, норми и морални правила) ‒ веќе не е национална безбедност, дури ни во САД. Националната безбедност стана интернационална, а традиционалното стапување во сојузи сега доби нова димензија: денешните глобални сојузи не се прават заради надворешната туку заради внатрешната безбедност.
Како што вели социологот Улрих Бек, сите разлики кои некогаш беа клучни за нашата слика на светот, разликите меѓу внатрешното и надворешното, полицијата и војската, злосторството и војната, војната и мирот, сега се надминати и ние за нив мораме одново да преговараме и да ги фиксираме. Во такви околности националната држава стана зомби-категорија. Со оглед на заканата на глобалниот тероризам (но и на климатските катастрофи, миграциите, загадената храна, организираниот криминал), транснационалната соработка е единствениот пат кон националната безбедност. Вели Бек: „Тука важи едно парадоксално основно правило: заради национални интереси државите мораат да се де-национализираат и транс-национализираат; значи, државите мораат да го жртвуваат суверенитетот за своите национални проблеми да ги превладеат во глобализираниот свет".
Уприх Бек нуди решение: космополитска држава. Како што светите војни во 17 век завршија со Вестфалскиот мир, во одвојувањето меѓу државата и верата, така на националните (граѓански) војни во 20 век може да им се одговори со одвојување на државата од нацијата. Како што нерелигиската држава овозможи постоење на повеќе различни религии, така и космополитската држава, со помош на принципот за конституционална толеранција, треба да го гарантира постоењето на повеќе национални и религиски идентитети.
.jpg)
НЕ ПОСТОИ ЕДНО РЕШЕНИЕ ТУКУ СЛОЖЕНА И ПОВЕЌЕКРАТНА БОРБА
Токвил предупредуваше дека дури и во модерните општества луѓето со леснотија ќе прифатат со нив да управува „една огромна старателска власт". Но, денешната реална опасност веќе не е толку во деспотската контрола туку во фрагментацијата: граѓанството е сè помалку во состојба да дефинира некоја заедничка цел и да jа оствари. Да се дефинира заедничка демократска цел веројатно е најтешката работа што треба да се оствари во еден фрагментиран демократски систем. Република Македонија денес се наоѓа токму пред најтешкото искушение; среде сета раздробеност и себичност витално е потребно да дефинираме заедничка демократска цел.
Но, важно е да го земеме предвид и следново: она што требаше да изумре заедно со комунизмот е верата дека со модерните општества може да се управува врз основа на само едно начело, било да е тоа планирање врз основа на волјата на мнозинството или дејствување на слободниот пазар. Во Македонија тоа е евидентно: еве, речиси 20 години изгубеното идеолошко начело на социјалистичката држава која постоеше речиси половина век се обидуваме да го замениме со етно-национализмот како единствен конституциски принцип на државата.
Како што вели американскиот филозоф Чарлс Тејлор, пред нас се наоѓа задачата да искомбинираме повеќе начини на дејствување кои сите заедно му се потребни на слободното и просперитетното општество, а кои инаку се обидуваат меґусебно да се потиснат: пазарната економија, државното планирање, колективното задоволуваье на потребите, одбраната на индивидуалните права, ефикасната демократска иницијатива и управа.
На пример, максимализацијата на пазарната ефикасност може краткорочно да биде ограничена со кој било од другите четири модели; а нивната, пак, маргинализација на долг рок може штетно да влијае и на самиот економски развој, да не зборуваме за правдата и слободата.
Како што вели Тејлор, нашата ситуација бара сложена, повеќекратна борба, интелектуална, духовна и политичка, во која полемиките во јавната арена се врзуваат за полемиките во институционалните опкружувања...
„Но, за успешно да се вклучиме во оваа дебата на повеќе полиња, мораме да согледаме што е она големото во културата на модерното време, како и она што во неа е плитко и опасно. Како што веке за луґето има речено Паскал, модерноста ја карактеризираат и grandeur и misere. Само погледот кој ги опфаќа и двете може да ни даде неискривен увид во нашето време, увид кој ни е неопходен за да одговориме на најголемиот предизвик на современоста."
.jpg)
Карикатури: Пётр Кулинич
Извор за текстот: „Дијалози за Македонија“ под покровителство на претседателот на Република Македонија, Бранко Црвенковски; сесија 1, тема: „Македонскиот национален и културен идентитет и евроинтеграциите“; Скопје, 13 април 2007.