Пропаднати центри за мигранти

11.08.2025 23:33
Пропаднати центри за мигранти

Пресудата на Европскиот суд, со која најмалку до јуни 2026-та година се затвораат центрите за мигранти во албанското пристаниште Шенѓин и во населеното место Ѓадер, ја заокружи годината во која останаа слаби резултати, огромни трошоци и правна злоупотреба на договорот што минатата година го потпишаа премиерката на Италија, Џорџа Мелони и премиерот на Албанија, Еди Рама.

Претставен како успешно решение за мигрантите на кои им е одбиен азил, а кои преку Средоземното Море пристигнале во Европа, договорот доведе до политички неуспех, економска катастрофа, постојано кршење на човековите права, хаос во римските и европските судови, со дополнителни трошоци за двете земји.

Оваа пресуда доаѓа по тужбата што ја покрена Судот во Рим, кога двајца државјани на Бангладеш – кои италијанските власти ги спасиле на море, а потоа ги префрлиле во Албанија – се пожалија на одбивањето на нивните барања за азил. Тие беа одбиени зашто од октомври 2024-тата година таа земја се наоѓа на италијанската листа на „безбедни земји“.

Пред ревидирањето на листата, неколку групи мигранти беа вратени од Албанија во Италија, кога судиите од имиграциското одделение на римскиот суд одлучија дека мигрантите кои штотуку биле префрлени во Шенѓин мора да бидат вратени во Италија, зашто нивните земји на потекло не се безбедни.

Тоа за првпат се случи на 16-ти октомври минатата година, а потоа повторно по еден месец, кога италијанскиот брод на воената морнарица „Либра“ од Лампедуза до албанското пристаниште превезе нова група од осуммина мигранти, а потоа ги врати назад. Европскиот суд одлучи дека определувањето на некоја земја како безбедна мора да се темели на проверливи податоци и да биде предмет на судска ревизија, што не беше случај при ревидирањето на листата во октомври. Исто така, пресудата подразбира дека одредени судии имаат право да ги оспорат националните листи на „безбедни земји“ ако тие се во спротивност со вистинската состојба во тие земји.

Премиерката Мелони ја оцени пресудата како пречекорување на овластувањата на Европскиот суд и го обвини дека го поткопува суверенитетот на земјите членки, давајќи предност на одредени судии во однос на институционалните анализи на надлежните државни органи.

Додека Европскиот суд сега им дава моќ на поединечните судии да укинат политики што ги усвоиле суверени парламенти врз основа на неофицијални податоци, италијанската влада засега не најавила повлекување од договорот со Албанија, па овие центри и понатаму ќе се користат за мигранти на кои азилот веќе им е одбиен.

Во моментов бројот на мигранти сместени во центрите во Шенѓин и Ѓадер изнесува само неколку десетици, иако најавениот капацитет беше околу три илјади лица месечно. Наспроти гневот на владата, задоволство изразуваат оние што случајот го следеа од другата страна. Адвокатот на еден од двајцата мигранти од Бангладеш, Дарио Белучи, изрази задоволство поради приматот на правото на Унијата над претензиите на поединечните држави.

Силвија Албано, претседателка на здружението „Демократско правосудство“, исто така не ги криеше емоциите, велејќи дека, додека припадниците на партијата на Мелони, Браќа на Италија, ги нарекувале рушители на системот, тие само си ја вршеле својата работа како судии.

На италијанско-албанскиот модел за решавање на мигрантската криза жестоко му се спротивстави опозицијата уште од самиот почеток. Нарекувајќи ги тие центри „логори за мигранти“, генералната секретарка на Демократската партија Ели Шлајн порача дека оние што учествувале во создавањето на договорот сега треба да преземат одговорност за тоа што не ги прочитале италијанските и европските закони и донеле незаконска одлука за нечовечките центри што ги газат основните права на мигрантите и барателите на азил – центри за кои италијанската влада потрошила повеќе од 800 милиони евра, и тоа од џебовите на италијанските граѓани.

Карикатури: Marian Kamensky

Извор: https://www.portalnovosti.com/

ОкоБоли главаВицФото