Кентриџ: Автопоетиката и саморефлексијата како политички став кон ’светот на уметноста‘

12.08.2025 00:16
Кентриџ: Автопоетиката и саморефлексијата како политички став кон ’светот на уметноста‘

Уметникот Вилијам Кентриџ (1955) живее и работи во Јоханесбург, континуирано и неуморно истражувајќи ги наративите поврзани со наследството на колонијализамот и контекстот на апартхејдот во Јужна Америка. Неговото автопоетичко творештво е проткаено со референцијални пунктуми кои ги адресираат практиките на дадаизмот и надреализмот, специфично според широкиот распон на медиуми (цртежи, анимиран филм, театарска продукција).

Концентрирајќи ја работната енергија во ’затворениот‘ простор на уметничкото ателје, тој ја проектира неговата имагинација во ’светот на уметноста‘ преку концептот „движење на мислите“, изедначувајќи го со акумулацијата на креативната енергија, со движењето на нештата создадени од него и околу него, вклучително и сликите, ѕидовите... „Ателјето е зголемена глава. Сликите на ѕидовите од собата и нивното движење го претставуваат појавувањето и движењето на мислите во главата. Светот е поканет во ателјето. Таму е фрагментиран. Фрагментите се преуредуваат и се враќаат во светот како цртеж, претстава или текст“ (Вилијам Кентриџ).

Опкружувањето во ателјето на уметникот не е само материјален феномен, туку свет на уметноста којшто се пресоздава низ поетичките рефлексии и себеогледувањето низ процесите на творењето. Дијалогот со себеси не е монолог, туку активен разговор со другиот спроти себе. Работејќи во повеќе креативни дисциплини: ликовна уметност, театарска и оперска продукција, филм и перформанс, творештвото на Кентриџ се остварува преку специфични методи како што се техниката на бришење, цртеж и кинење, колаж и ткаење. Тој е основач на „Центарот за помалку добри идеи“ во Јоханесбург, конципиран како вкрстување на експериментални уметнички практики. Учеството во соработнички проекти за Кентриџ е можност да се адресираат теми од доменот на политиката и науката, издигнувајќи ги нееднаквостите и апсурдите во општественото живеење на рамниште на критички наративи.

Изложбата „Природна историја на ателјето“ на Кентриџ во галеријата Хаузер и Вирт во Њујорк (1 мај – 1 август, 2025) претставува широк преглед на неговото творештво, вклучувајќи седумдесетина дела на хартија (цртежи со јаглен), филм и скулптура.

Филмскиот колаж „Автопортрет како ѓезве“ опфаќа временска рамка од четири години поминати во неговото ателје, конципиран низ девет епизоди по триесетина минути. Внесувајќи паузи во движењето на кадрите, изведба во живо и философски дијалог со митологијата или рударството во Јоханесбург, Кентриџ создава впечатлива ликовна структура преку која се доближува идејата за ателјето како простор на континуирана творечка имагинација. Домашниот сад за подготовка на кафе (ѓезве), станува замена за уметникот, еден вид машина низ која идеите поминуваат како што тече кафето, слично на интересот за машинските форми и метафората за повторливоста на движењето во „Мелницата за кафе“ (1911) на Марсел Дишан. Уметноста на Кентриџ, неговите слоевити и концепциски развиени идеи содржат историски елементи, мапи, текстови, слики од секојдневието во конструкцијата на конотативните насоки и елементи на читливоста.

Селекцијата на скулптури именувана „Процесија на хартија“ го прикажува авторскиот интерес за истражување на односот помеѓу цртежот и просторот, односно скулптурата како цртеж и исечок. Големоформатните дела изработени во алуминиум и рачно насликана површина се зголемена верзија на малите ’прототипови‘ или оригинални скулптури од хартија.

Просторната конфигурација на делата низ поставката остава впечаток на привременост на просторните ’скици‘ кои го зафатиле својот композициски облик според случаен распоред. Сепак ’скромноста‘ на материјалот чисто ја артикулира големината на наративите, опфатот на историјата и сеќавањето, индивидуалното и политичкото.


Поставката вклучува и еден друг помал, но значаен сегмент од творештвото на Кентриџ, скулптури обликувани како глифи, обмислени како испишување низ ’јазикот на бронзата‘. Различните конфигурации на поединечните глифи оставаат впечаток на визуелни речници.

Оваа идеја започнува од цртежот кој понатаму се трансформира во хартиен исечок излиен во конечниот материјал бронза, површински обработена во градација на сенки и катранска патина. Креативниот процес во ателјето на уметникот е доловен и во анимираното видео „Зборови што бегаат“ (2024), каде глифите, скиците, цртежите одразуваат како минлива слика, мисла и патување низ сеќавањето и имагинацијата. Изложбата се протега и на 18та улица со опфат од триесетина графики изработени во период од две декади. Медиумот на графиката за Кентриџ е можност за развивање на експериментални практики и употреба на различни техники.

Иконографијата на ’машина за пишување‘ како метафора за комуникација е изработена во четири различни техники на печатење (бакропис, литографија, акватинта, сува игла). Насловите на делата од оваа серија: „Точката ја голта реченицата“, „Поништи го неразговорот“ се континуитет на филмското дело „Одбивање на времето“ изработено во истата 2012 година. Филмовите на Кентриџ се придружени со симфониска изведба, есенцијален дел од читливоста на визуелниот податок. Овој проект во секвенци содржи концепциски дијалози меѓу идејата за времето и идејата за просторот. Покрај категориите на минливоста и трајноста, Кентриџ се занимава и со наративите за колонијализмот и индустријата како дел од општествениот и личниот живот на уметникот. Серијата дела посветени на советскиот композитор Димитриј Шостакович се дел од портретирањето на уметникот низ медиумот на графиката/литографијата. Проектот „О, да веруваш во друг свет“ разложен на повеќе графички дела, содржи иконографија која се однесува на „скршените“ советски интелектуалци, политичари, поети, меѓу кои Ленин, Троцки, Мајаковски и други.

Автопортретната серија е изработена во техниката фотогравура и рачно сликани фрагменти, колаж од фотографија и цртеж, елементи од текст. Концепциски, Кентриџ се интерпретира себеси како уметник врз којшто влијаеле различните сегменти на културната авангарда и присуството на социополитичкиот елемент, а вреднувањето на неговата работа како професор по ликовна уметност не останува во алтернативните кругови на уметноста. Тој добива бројни значајни меѓународни награди и почесни докторати на различни универзитети во Јеил, Лондон и Колумбија, а станува и почесен академик на Кралската академија во Лондон. Но, суштината на неговата ликовна и педагошка пракса не се темели на признанијата, на вреднувањето само по себе или распределувањето на вредноста низ актуелните дискурси на светот на уметноста, туку на самиот контекст на создавање како политички став визави општествените настојувања за присвојување на уметничката самосвест.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото