Корумпирана борба против корупцијата

12.08.2025 23:12
Корумпирана борба против корупцијата

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во јули го потпиша законот со кој на главниот обвинител на Украина му се даваат нови овластувања над двете основни државни агенции: Националното биро за борба против корупцијата и Специјализираното обвинителство за борба против корупцијата. Двете беа основани со воодушевена поддршка од Западот по бунтот на Мајдан во 2013–14 година.

Илјадници Украинци веднаш излегоа на улиците на Киев и другите поголеми градови, со пароли дека „корупцијата убива“ и дека „Украина не е Русија“. Тоа беа првите големи антивладини демонстрации од почетокот на нападот на Русија врз Украина во 2022-рата година. Беше прекршен премолчениот договор дека владата не се критикува во време на војна.

Потпишувањето на овој закон ја предизвика и досега најсериозната криза во односите на Киев со ЕУ и ММФ. На Украина ѝ се закануваше замрзнување на околу 60 милијарди евра од европските фондови. А потоа Зеленски попушти. Наместо да се инаети, го смени курсот и на двете агенции им ја врати независноста.

Се покажа дека масовните протести и меѓународниот притисок можеби се најдобрата стратегија за одбрана на демократијата. Но, Брисел треба да биде повнимателен со својата безусловна поддршка за агенциите за борба против корупцијата. Сите агенции не се исти.

Додека илјадници гневни граѓани демонстрираа во Киев, илјадници подеднакво лути граѓани на Бугарија излегоа на улиците поради злоупотреба на овластувањата на формално независната комисија за борба против корупцијата, барајќи нејзино затворање. Протестите ги поттикна апсењето на градоначалникот на Варна, кое многумина го сметаат за политички мотивирано, обвинувајќи ја антикорупциската комисија дека станала инструмент за дискредитација на опозицијата.

Нештата дополнително ги комплицира тоа што протестите против комисијата ги предводат истите оние политичари што ја осмислија и ѝ дадоа овластувања да истражува и апси.

Дали поентата на оваа приказна укажува дека ги фаворизираме антикорупциските органи кога ги откриваат престапите на нашите противници, а ги обвинуваме кога ги откриваат неделата на нашите сојузници, или тука има нешто повеќе? Протестите во Бугарија покажуваат дека граѓаните се свесни за разорната моќ на корупцијата, но и дека ја разбираат штетата од инструментализацијата на институциите создадени за нејзино искоренување.

Соочен со дилемата дали да склучува непопуларни компромиси за да ја запре војната или да носи непопуларни одлуки за нејзино продолжување, Зеленски разбирливо се плаши од ескалација на обвинувањата за корупција против неговите сојузници. Дури и кога се неосновани, ваквите обвинувања го поткопуваат кредибилитетот на неговата влада. Многу украински граѓани ја обвинуваат државната корупција за кобното одлагање на изградбата на одбранбена инфраструктура, како и за неодамнешните воени неуспеси. Исто така, стравуваат дека мрачните прогнози за исходот на војната го зголемуваат ризикот од проневери на високи позиции. Владин службеник кој ќе ја загрози својата позиција дома, може да посака да избега во странство.

Во обид да ја зацврсти својата власт со донесување нов закон, Зеленски веројатно сметал на презирот на Трамп кон антикорупциските агенции, како и на европската попустливост кон Украина. Сметката се покажа како погрешна. Тој ја потцени Европа – а, што е уште полошо, го потцени сопственото општество. Таа погрешна проценка беше неочекуван подарок за Русија.

Украинските граѓани не ги загрижува само неказнивоста на луѓето на власт, туку и реалната можност заробените институции да станат инструмент за поткопување на демократијата – како што граѓаните на Бугарија, од сите политички убедувања, веќе почувствуваа на своја кожа.

Демонстрантите на улиците на Софија треба јасно да им дадат до знаење – и на своите лидери и на оние во Брисел – дека институционалниот дизајн не е доволна гаранција за независноста на таканаречените независни институции. Изгледа дека уличните протести се последната линија на одбрана од корупцијата, но и од политичката злоупотреба на институциите.

Ризичната замисла на Зеленски да ги потчини агенциите за борба против корупцијата веројатно беше водена од желбата да ги заштити своите лојалисти кои се соочуваат со истрага. Но бугарскиот пример сугерира дека некои влади имаат и помрачни мотиви, особено кога се под притисок: ним контролата врз антикорупциските служби им е потребна не само за да им гарантираат имунитет на своите лојалисти, туку и преку селективна правда, да ги гонат своите противници.

Кога Карл Лугер, градоначалникот на Виена од почетокот на 20-тиот век, беше обвинет дека соработува со Евреите додека јавно пропагира антисемитизам, тој возврати: „Јас одлучувам кој е Евреин.“ Ако денес корумпираните влади почнат да одлучуваат кој е корумпиран, а кој не, демократијата нема големи шанси да преживее.

Карикатури: Vasco Gargalo

Извор: https://www.ft.com/

Слични содржини

Европа / Свет
Европа / Балкан / Свет / Историја
Европа / Балкан / Свет
Европа / Балкан / Свет
Европа / Балкан / Свет
Европа / Балкан / Свет

ОкоБоли главаВицФото