Невидлив град

13.08.2025 13:46
Невидлив град

 

Градовите на иднината се создаваат денес и тие се невидливи за нас. Ова е парафраза на мислата на Алберт Поуп, американски професор и теоретичар на развојот на градовите. Идејата дека градовите во кои ќе живееме утре се создава денес укажува дека ние сме одговорни за нашата иднина. На некој начин осудени сме да ја живееме иднината на нашите градови што ја создаваме денес.

Во мај оваа година, во еден од футуристичките објекти на фабриките на „Фиат“ во Торино, кој во моментот на неговото создавање во почетокот на 20 век беше пример за футуристичката слика на градот, а во кој денес се одржува еден од поголемите саеми на литературата во Италија, мој драг пријател го промовираше последното издание на книгата „Невидливите градови“ од Итало Калвино. Во оваа своја книга Калвино вели: „Градовите се како нашите сништа, тие се создадени од нашите стравови и нашите желби“. Со тоа, сите градови стануваат уникатни и единствени бидејќи секој го доживува својот град низ призмата на своите стравови, желби, потреби, очекувања, знаења и надежи. Токму поради тоа градовите што ние ги сонуваме, но и градовите што нè застрашуваат се невидливи за сите останати. А сепак, истовремено и навидум парадоксално, ние сме креатори на нашите градови. Тоа е токму делот кој што мене како архитект, професор и истражувач на градовите, но и како граѓанин на градот Скопје ме интересира.

Состојбата во Скопје која нè измачува сите нас веројатно е најдобрата илустрација на сите наши стравови за тоа како не треба да изгледа еден град. Но, поради фрустрирачката реалност на урбаното секојдневие соочени сме и со можеби пострашната судбина – да заборавиме да замислуваме како треба да изгледа нашиот град. Изневерeните очекувања што успеваме да ги изнедриме макар и на кратко (односно на секој изборен циклус) нѐ доведоа во ситуација во која никој во ништо повеќе не верува. Тоа создаде еден вид на бескрајна апатија, индиферентност кон каков било проблем и најстрашно, нѐ остави без амбиција, желба или идеја како оваа реалност можеме да ја измениме. Повеќе сме подготвени да поверуваме дека градот целосно ќе пропадне, отколку да веруваме дека нешто може да се смени на подобро.

Недостатокот на желба да разговараме или уште помалку, да дебатираме за тоа како треба да се развива Скопје е јасно видлив во медиумите, но и во општеството, каде за жал дури и во моментите кога граѓаните одлучуваат, дискурсот доминира со меѓусебни обвинувања, критики и политиканство. Сите критикуваат и кажуваат како не чини, никој не нуди идеа и знаење како да излеземе од овој „лош сон“.

Секако дека постојат примери и тоа позитивни, кога изборот на одредена личност која е способна, има визија за иднината на градот и има тим со кој заедно ќе ги менуваат работите, драматично ги смениле состојбите во градот и ги направиле промените кои дотогаш биле незамисливи. Еден таков светол пример е Ан Идалго, градоначалничка на Париз, која дојде на функцијата во март 2014 година, откако победи на општинските избори и стана првата жена што ќе го води градот.

Во кампањата за реизбор во 2020 година Ан Идалго ја промовираше визијата за „15-минутен град“, каде што секој жител може пеш или со велосипед да ги задоволи секојдневните потреби во кругот на своето соседство и местото на живеење. Сето ова беше надградено со планови за засилено озеленување на градот, обезбедување на социјално домување достапно за сите и промената на Париз од град на автомобили во град на пешаци со ограничувањето на моторниот сообраќај. Некогаш незамисливо, брегот на Сена што дотогаш беше исполнет со безброј автомобили во повеќе ленти, сега стана рај за пешаците и граѓаните. Ан Идалго ја започна својата мисија за повторно освојување на јавниот простор за граѓаните на Париз со затворањето на експресниот пат Жорж Помпиду (Voie Georges-Pompidou) по десниот брег на Сена во 2016 г., претворајќи го во пешачко-велосипедска променада наречена Паркот на бреговите на Сена (Parc Rives de Seine). До 2024 година Париз веќе располага со околу 1.200 км заштитени велосипедски ленти, а првпат по многу години, веројатно од самите почетоци на ерата на автомобилите, повеќе парижани возат велосипед отколку автомобил. Во 2021 година максималната брзина на речиси сите улици беше сведена на максимум 30 км/ч, а во 2024 година дури и на периферијата на градот брзината беше ограничена на 50 км/ч за да се намалат бучавата, несреќите и загадувањето. Половината од јавните паркинг површини се пренаменети во велосипедски патеки, проширени се тротоарите и создадени се т.н. зелени џебови, а со одлуката на референдумот од 2024 година се воведоа и високи давачки за паркирање на SUV-возилата со цел да се обесхрабри користењето на ваков вид автомобили. Во март 2025 година 66% од гласачите ја поддржаа иницијативата на Идалго за трансформација на 500 улици во пешачки и зелени зони, чекор што дополнително ќе го приближи Париз до целта да стане јаглеродно неутрален град до 2050 година.

Со ова, визијата на Париз која се чинеше невозможна беше преточена во конкретни градски политики и спроведена низ многубројни мерки и активности – од велосипедска револуција и забавен сообраќај до јавни простори наменети за граѓаните – Идалго успеа да го насочи Париз кон почист воздух и вода, достапно домување и јавни простори и поголема социјална и климатска одржливост. Ова се придобивките што овозможуваат Париз и во средината на 21 век да биде град во кој луѓето сакаат да живеат.

Со наближувањето на изборите за локалната самоуправа, кои се најавуваат во средината на октомври сметам дека е неопходно да започнеме со јавен дискурс во кој ќе се обидеме да ги согледаме не само проблемите на Скопје, туку пред сѐ ќе разговараме кои се можните решенија на тие проблеми. Сето тоа, овој пат би се обиделе да го направиме на вистински начин, базирано на податоци и научни сознанија, како и врз основа на позитивните примери во други градови. Не за да ги копираме тие решенија, тоа е речиси и невозможно, а и непродуктивно поради многу причини, туку низ една јавна дебата да дојдеме до нашите решенија. Наши решенија за нашиот град.

Во наредните недели ќе пишуваме на страниците на „Слободен печат“ за главните предизвици на Скопје, за вистинските состојби, но и за можните решенија, односно како науката и искуството на други градови, со слични или исти проблеми го решиле тоа. Ќе пишуваме за основните работи кои ни недостасуваат, чистиот воздух, чистата вода, за отпадот и рециклирање на отпадот, но и за урбаната мобилност, нејзината одржливост, за домувањето и како тоа да стане достапно за сите, за јавниот простор и урбаниот идентитет, за зеленилото во градот и биодиверзитетот, за чистата енергија и енергетската ефикасност, за иновативната економија на градот и за паметната специјализација. Ќе се потсетиме и за важноста на културата, уметноста и образованието за градот, како и на заштитата на културното наследство и препознавањето на индустриското и наследството од модерната. Само низ дијалог и разговор за различни идеи и изнаоѓање на решенија ќе можеме да се соочиме со сите наши стравови. Овој цивилизиран колективен напор ќе ни овозможи повторно да сонуваме за иднината на нашите градови и да ја исцртаме визијата за Скопје. Само така ќе бидеме кадарни да се избориме нашиот невидлив град повторно да стане видлив за сите нас.

Слики: Yann Kebbi

Извор за текстот: Слободен печат

 

Слични содржини

Општество / Јавни простори
Општество / Јавни простори / Теорија
Општество / Јавни простори
Општество / Активизам / Јавни простори
Општество / Јавни простори
Јавни простори / Став
Јавни простори

ОкоБоли главаВицФото