Вие што влегувате во радикалната политика, оставете ја секоја надеж

14.08.2025 00:33
Вие што влегувате во радикалната политика, оставете ја секоја надеж

На Валтер Бенјамин му се припишува мислата дека „зад секој фашизам стои една неуспешна револуција“. Ова тврдење, на кое и самиот сум се повикал барем десет пати, се нуди како формула за тековниот конзервативен популизам (не само на Трамп): хегемоната либерална демократија го занемари незадоволството на тивкото мнозинство од работничката класа, која не се препозна во мултикултурализмот, воукот и идентитетските политики. Неофашистичките популисти го премостија овој јаз и се претставија како глас на работничката класа што ја експлоатира либералната елита. Меѓутоа, формулата не го решава клучниот енигматичен проблем: зошто револуцијата пропадна; односно, зошто новата десница – а не левицата – успеа да ги искористи огорченоста и гневот на многу таканаречени обични луѓе?

Во последно време е популарно да се обвини теоријата (филозофијата) за неуспехот на експлоатираното мнозинство да му се понуди одржлива политичка програма што може да ги мобилизира граѓаните. Во својата прониклива анализа, урбанистот и филозоф Ото Панц пишува: „Не може да се очекува универзитетски професори, кои работат во рамки на одредена идеолошка рамка со главно однапред зададени истражувачки теми, фокусирани на мултикултурализмот, лесно просветителскиот атеизам и поедноставениот егалитаризам, да одговорат на барањата на современоста со здрави политички алтернативи. Не е ни чудо што либералите, а особено професионалните академски филозофи, заспани во лесно просветителство, беа целосно затекнати од изборната победа на Трамп: не можеа ни да ја насетат регресијата во неофашистичката диктатура… Професионалната академска филозофија има морална должност радикално да го смени правецот, бидејќи отсуството на вистинска, сериозна филозофија практично ги сведува шансите на нула за вистинска политичка промена или отпор на интелектуалната диктатура во која било од нејзините политички коректни или неофашистички подгрупи.“

Едноставно и убедливо – но зар барањето на Панц не е вечниот лајтмотив на она што остана од денешната радикална левица? Панц се повикува на Адорно и Хоркхајмер како на големи авторитети, но дали тие понудија подоследен одговор? Во еден од своите подоцнежни кратки текстови, Адорно дава јасен одговор на прашањето што да се прави: „Не знам.“ Истото важи и за текстот на Панц. Тој инсистира дека „професионалната академска филозофија“ треба да понуди конкретна програма, но не кажува каква би требало да биде таа програма. На крајот добивме само две опции: „реалистичкиот“ прагматизам на Третиот пат на либералната левица и, од круговите во допир со Третиот свет, рехабилитација на „реалниот социјализам“ (сè до ново, попозитивно вреднување не само на Мао, туку и на Сталин). Од таа перспектива, првобитниот грев на западниот марксизам беше губењето на врските со револуционерните движења надвор од развиените капиталистички земји. Мојот став е токму спротивен: западниот марксизам беше во право кога го отфрли секој континуитет со „реалниот социјализам“, кој, сè на сè, беше џиновски неуспех – економски успеваше само кога се потпираше на капитализмот.

Нашата единствена реална опција е да го прифатиме ова отсуство на вистинска алтернатива, ќорсокакот трогателно опишан во пораката што неодамна ја добив од млад пријател од Јапонија: „Дали ги следевте штотуку одржаните избори за горниот дом на јапонскиот парламент? Радикално десничарската партија – ‘Направи сам’ (参政党) – постигна досега невиден успех и освои 14 пратенички места. Статистиката покажува дека нејзините гласачи главно се млади луѓе. Овој подем меѓу младите радикалната десница го постигна со помош на платени објави за зли странци и слични теми на социјалните мрежи. Во меѓувреме, на улиците на Кјото, остарени левичари држат говори на жешкото сонце, но никој не ги слуша. Што мислите за овој пресврт? Дали светот остаре? Што треба да правиме во оваа ситуација како млади луѓе? Дали постоел таков период во историјата? Ни самиот повеќе не верувам во промена на светот. Луѓето во денешното капиталистичко општество се разгалени, а тоа ги прави слаби, кратковиди и склони кон екстреми, што е плодна почва за радикалната десница. Ми се чини како тие стари левичари на улиците на Кјото да се многу помлади од мене, затоа што искрено веруваат во промена на светот. Наредните години ќе студирам во Јапонија. Немоќен сум пред овој десничарски тренд – каде да бегам? За нас нема нов континент.“

Тоа е заклучокот што треба да го прифатиме: немаме каде да побегнеме, нема нов континент каде што можеме да се засолниме. Кога во филмскиот воен трилер „Минхен: На работ на војната“ (2021) еден од актерите се обидува да го убеди германскиот дипломат, кој планира да го убие Хитлер, да се откаже од насилство, тврдејќи дека се подобри бескрајните преговори и дека никогаш не треба да се губи надежта, дипломатот му одговара: „Надежта е чекање тоа да го направи некој друг. На сите нам би ни било многу подобро без неа.“ На тоа мислев во насловот на мојата книга (преземен од еден текст на Џорџо Агамбен), „Храбростa на безнадежноста“: вистинската радикална политика е како Пеколот на Данте, над чиј влез стои натписот: „Lasciate ogne speranza, voi ch’intrate / Вие што влегувате, оставете ја секоја надеж“. Смешно е да се обвинува академската филозофија за оваа безнадежност: самата ситуација, начинот на кој ја доживуваме, не нуди никаква перспектива. Иако радикалната промена е неопходна, таа во исто време е и невозможна (во нашата реалност).

По пресвртот кон сталинизмот, комунистичките револуции се темелеа на јасна визија за историската реалност („научен социјализам“), нејзините закони и тенденции, така што, и покрај сите свои непредвидливи пресврти, револуцијата беше сместена внатре во овој процес. Како што сакаа да кажат, социјализмот треба да се гради во секоја земја според нејзините специфични услови, но во согласност со општите закони на историјата. Теоретски, така револуцијата беше лишена од димензијата на вистинската субјективност, на радикалните засеци на реалното во ткаенината на „објективната стварност“ – во јасна спротивност со Француската револуција, која нејзините најрадикални учесници ја доживуваа како отворен процес без никаква потпора во некоја повисока нужност. Сен-Жист во 1794-тата година напиша: „Ceux qui font des révolutions ressemblent au premier navigateur instruit par son audace / Оние што креваат револуции наликуваат на првиот морепловец во непознати води, кого го води само неговата смелост“. Денес, дури и повеќе отколку во времето на Ленин, се движиме по непозната територија, без глобална когнитивна мапа. Но што ако токму тоа отсуство ни овозможува да го избегнеме тоталитарниот мрак?

Јасно е што бара нашата ситуација. Компонентата на секоја левица околу која нема преговори е универзализмот – ако не поради ништо друго, тогаш поради фактот што денешното „доцно капиталистичко“ општество (често користениот епитет „доцно“ сам по себе е бесмислен; сигнализира само незнаење) е глобално поврзано во досега незамисливи размери. За да избегнеме уште едно набројување на очигледните случаи (глобални закани за животната средина, влијанието на вештачката интелигенција, можноста за општествен хаос и воено самоуништување), доволно е да се спомне дека дури и работи што некогаш беа под државен монопол, сега се дел од меѓународната трговија. Трамп повеќепати ја изнесе идејата за испраќање американски осуденици на издржување затворска казна надвор од земјата – овојпат се заканува дека ќе ги испрати лицата обвинети за вандализам во возила на „Тесла“ во Еквадор. Значи, можете да служите затворска казна во земја во која делото за кое сте осудени не е кривично дело. Гана и Србија се подготвуваа да потпишат Договор за мобилност на работната сила, во рамки на најавата дека Србија ќе издаде 100.000 работни дозволи за странци (договорот на крајот пропадна). Истото се случи и во 1970-тата година, кога Источна Германија увезе илјадници работници од Виетнам (на кои матичната држава им земаше дел од заработката). Северна Кореја овој принцип го доведе до крајност кога практично продаде илјадници свои војници на Русија, за да се борат за неа и масовно да гинат. (Зарем не би било повешто Северна Кореја да ѝ ги продаде своите работници на Јужна Кореја, каде што нема доволно работна сила? Од идеолошки причини, тоа е, се разбира, невозможно.)

Како тогаш да постапиме во толку неуредна глобална ситуација? Ќе ризикувам овде да го претставам она што го нарекувам своја реалистичка утопија. Секојдневните активности најдобро ги извршуваат конзервативците – тие се доволно прагматични за да избегнат преголеми ризици, секогаш имаат на ум дека дури и најдобрите проекти можат да тргнат наопаку. Накратко, тие знаат дека учесникот во политиката мора да ја преземе целата одговорност: вистинскиот политичар никогаш нема да каже „имав добар план, но несреќните околности упропастија сè“. Меѓутоа, таквиот пристап не е доволен за да се справи со изгледите за неизбежни катастрофи што му се закануваат на целото човештво – затоа е потребен нов вид ленинистичка елита, група чија главна задача не е да разработува застарени комунистички соништа, туку да нè подготви сите за претстојните катастрофи, да бидеме свесни дека се приближуваме кон глобална вонредна состојба. Затоа, мојата утопија е тивка коалиција помеѓу умерените конзервативци (кои ги водат секојдневните работи) и ленинистичката елита (која нè подготвува за претстојниот крах) – но, истовремено, свесен сум дека и овие актери денес исчезнуваат од политичката сцена. Умерените конзервативци ги избришаа трампистичките популисти, а она што остана од радикалната левица е заробено во лажниот мировен утопизам.

Што да правиме ако дури и овој луд сон е премногу утопистички? Мојата формула овде е принципиелен прагматизам: треба да се фокусираме на централните цели што се однесуваат на нашиот опстанок и сè треба да се движи кон тие цели – демократија кога функционира, авторитарна државна контрола кога е неопходна, граѓанска мобилизација кога е потребна, па дури и одредено ниво на терор кога работите ќе станат навистина очајни. Еве еден едноставен понов пример. Медиумите пишуваат за две иницијативи за основање нова политичка партија.

Прво, Илон Маск изјави дека оформува нова политичка партија, во неделите по драматичниот раздор со американскиот претседател Доналд Трамп: „Милијардерот на својата мрежа Икс објави дека ја основал Американската партија, претставувајќи ја како предизвик за двопартискиот систем на републиканците и демократите. Меѓутоа, не е јасно дали партијата формално е регистрирана. Маск, кој е роден надвор од САД и затоа не може да се кандидира за претседател на САД, не кажува кој ќе ја води.“ Овие вести се тажни зашто десницата повторно го направи она што требаше да го направи левицата: левото крило на Демократската партија (Берни Сандерс, AOЦ) требаше да се оддели од смрдливиот труп на таа партија и да основа нова партија.

Значи, дали е добра вест тоа што во Обединетото Кралство Зара Султана и Џереми Корбин најавија создавање нова левичарска партија? Сè уште нема официјално име – се спомнуваат „Arise“ и „The Collective“. Велат дека на Корбин му се допаѓа фразата „Real Change“, но не нужно како име на партијата. Идејата е да се мобилизира огромен резервоар левичарски гласачи што Стармер ги исклучи или ги отуѓи од Лабуристичката партија.

Овој проект изгледа ветувачки – според некои анкети, околу половина од гласачите на лабуристите се подготвени својот глас да го дадат за новата партија – но сè е сè уште неизвесно. Не постои принципиелен одговор: понекогаш треба да се обиде со преземање голема, водечка партија, а понекогаш е неопходно раздвојување. Затоа вестите за нови партии се тажни: многу подобар е примерот како Трамп ја презеде Републиканската партија или како, пред неколку години, Корбин ја презеде Лабуристичката партија и го потресе целиот британски естаблишмент.

Во своите „Белешки за дефиниција на културата“, големиот конзервативец Т. С. Елиот ја наведува често цитираната забелешка: постојат моменти кога единствениот преостанат избор е изборот помеѓу ерес и неверување, кога секташкото одвојување е единствениот преостанат начин за да се одржи религијата во живот. Ленин го направи тоа во однос на традиционалниот марксизам; Мао го изведе на свој начин, а Дeнг во однос на Мао – сите со различни исходи. Современата левица не се осмели – Трамп беше тој што го спроведе еретичкиот раскол со глобалниот неолиберализам. И тука не треба да имаме предрасуди: треба да бидеме подготвени од непријателот да преземеме теми како патриотизмот, одбраната на нашиот начин на живот, вклучително и семејниот. Значи, потребен ни е ерес, но ерес што ќе функционира, со шанса да стане хегемон – не некаква нова, мала партија горда што ја кажува вистината, иако таа вистина главно се игнорира; не партија што трепери на секои избори, прашувајќи се дали ќе го задржи местото во парламентот.

Слики: Barbara Kruger

Извор: https://slavoj.substack.com/