Старите мобилни телефони ја спасуваат планетата

14.08.2025 14:10
Старите мобилни ја спасуваат планетата

Вашиот стар телефон, кој веројатно собира прашина во некоја фиока, може да оживее – и тоа како мини дата-центар за следење на морскиот свет, покажува ново истражување на меѓународен тим научници.

На глобално ниво, годишно се произведуваат повеќе од 1,2 милијарди паметни мобилни телефони. И покрај трошоците за самите потрошувачи и еколошкиот отпечаток, овие уреди имаат сè пократок животен век, бидејќи, во просек, ги заменуваме со нови на секои 2–3 години.

Но наместо старите телефони да стојат заборавени – или, уште полошо, да придонесуваат за огромните количини електронски отпад – тие би можеле повторно да се конфигурираат за цела низа корисни „зелени“ примени.

„Иновацијата често не започнува со нешто ново, туку со нов начин на размислување за старото – со повторно осмислување на неговата улога во обликувањето на иднината“, изјави Хубер Флорес, еден од авторите на студијата и вонреден професор на Универзитетот во Тарту, Естонија.

Можеби најдобро од сè е што трансформацијата на заборавениот паметен телефон во мини дата-центар не чини многу, веројатно дури и помалку отколку што би помислиле – само осум долари.

А како всушност изгледа овој процес?

Истражувачите најпрво ги отстрануваат батериите од уредите и ги заменуваат со надворешни извори на напојување за да го намалат ризикот од истекување хемикалии во животната средина. Потоа меѓусебно поврзуваат четири телефони, опремени со куќишта и држачи изработени со помош на 3D печатење, за на крај да создадат прототип подготвен за повторна употреба.

Прототипот што го изработиле научниците учествувал во подводна мисија – мини дата-центарот од стари телефони го следел морскиот свет, помагајќи во пребројувањето различни морски видови.

Вообичаено, за вакви задачи се ангажираат нуркачи: тие во морето снимаат видео материјал што потоа го носат на површината за анализа. Благодарение на прототипот, целиот процес можел да се одвива автоматски – под вода.

Но тоа не е единствениот начин на кој способноста на телефоните за ефикасна обработка и складирање податоци може паметно да се искористи и по нивната замена со понов модел.

На пример, овие мини дата-центри би можеле да се користат на автобуските постојки за собирање податоци за бројот на патници во реално време. Таквите информации би можеле да придонесат за подобрување на јавниот превоз.

Ваквата пренамена на старите телефони е корисен чекор, но сепак само капка во морето решенија потребни за проблемите што ги носат ископувањето ресурси, енергетски интензивното производство и сè поголемите количини електронски отпад.

Во 2022 година, светот произвел рекордни 62 милиони тони електронски отпад – 82 проценти повеќе отколку во 2010 година. Но тоа не е сè… Се очекува производството на електронски отпад да се зголеми на 82 милиони тони до крајот на деценијата.

Со оглед на тоа што производството на електронскиот отпад расте петпати побрзо од неговата рециклажа и што помалку од една четвртина навистина правилно се собира и рециклира, на овој начин се фрлаат ресурси вредни милијарди долари, зголемувајќи го ризикот од загадување за заедниците ширум светот: секој фрлен уред со батерија или приклучок претставува опасност за животната средина и здравјето, затоа што содржи опасни супстанции како жива.

Како што старите телефони се само еден дел од проблемот, така и нивната пренамена е само еден дел од решението за растечката глобална криза: на крајот, мора да ја преиспитаме културата на фрлање и да преминеме на циркуларна економија.

Извор: https://klima101.rs/

ОкоБоли главаВицФото