Образованието и вештачката интелигенција

15.08.2025 00:45
Образованието и вештачката интелигенција

Преведувачот и просветен работник А. Џ. Џенкинс во 1940-тата година спровел истражување за читателските навики на децата од работничката класа. Студијата главно опфатила ученици кои го напуштале училиштето на 14-годишна возраст за да се вработат, а се бележело што читале во изминатиот месец надвор од училишната програма. Џенкинс заклучил дека испитаниците читаат премалку, особено момчињата, и тоа само детективски и авантуристички романи. Но, од перспектива на 21-виот век, зачудувачки е колку овие деца читале дела од класичната книжевност.

Меѓу насловите биле Патот на аџијата, Патувањата на Гуливер, Џејн Ер, Пиквиковиот клуб и Воденицата на Флоси. Момчињата месечно читале четири до шест книги, а девојчињата една или две повеќе од нив.

За многумина денес, таквата листа, со таков копнеж за читање, би била преголем предизвик. Анкетите покажуваат дека и децата и возрасните денес читаат помалку отколку порано, а читањето им носи сè помалку задоволство. Се чини дека тоа важи и за студентите на универзитетите. Професорот од Оксфорд, Џонатан Бејт, минатата година тврдеше дека, додека студентите некогаш читале и по три книги неделно, денес едвај завршуваат една за три недели. Други истакнуваат дека на британските студенти им е тешко да прочитаат книга до крај; слично важи и за американските студенти.

Ваквите тврдења најчесто се оспоруваат, понекогаш со призвук на морална паника. Споредбата со читателските навики од пред сто години, особено меѓу работниците, повторно ќе ве изненади.

„Седев долу на кутија со алат, половина милја под површината,“ пишува рударот од Нотингемшир, Г. А. В. Томлинсон, во својата автобиографија Рудар на јаглен, „цела милја од најблиската црква и стотици милји од Бога, и ги читав ‘Кентербериските приказни’, Локовите ‘Есеи’, Дарвиновото ‘Потекло на видовите’, Вајлдовата ‘Балада за затворот во Рединг’ и сè друго што ќе ми дојдеше под рака.“

Еднаш, поемата „Напуштеното село“ од Оливер Голдсмит толку го занела што предизвикал судир на полни и празни вагони со јаглен.

Томлинсон не бил осамен во својата опсесија. Така, Џонатан Роуз, во книгата Интелектуалниот живот на британската работничка класа, открива скриена работничка историја – од Ленаркшир во Шкотска до јужен Велс – стремежот на работниците да се образуваат, да ги изградат своите библиотеки и колеџи и да влезат во свет на културата кој им бил ускратен поради класните разлики и образованието.

Како што пишува Роберт Морган, рудар од велшката долина Кинон, кој подоцна станал поет и графичар, „рударите што работат тешки и опасни работи во утробата на земјата“ уживањето во стекнувањето знаење ги претворало во „привилегирани човечки битија изложени на нешто исклучително“.

Таа традиција на работничката класа и чувството дека учењето е драгоцено можеби се еродирани, но можат да ни помогнат да го разбереме не само минатото, туку и сегашноста.

Земете ја, на пример, актуелната дебата за влијанието на вештачката интелигенција врз читачките навики и размислувањето. Повеќето студенти сега користат генеративни модели на вештачка интелигенција, како што е ChatGPT, главно за истражување. Сепак, расте загриженоста поради можноста за измама – студентите во задачите и есеите да претстават машински генериран текст како свој. Исто така, многумина ги загрижува влијанието на употребата на вештачката интелигенција врз човечките когнитивни способности, нашите креативни таленти и критичкото размислување.

Како и сите моќни нови алатки, вештачката интелигенција може да го унапреди и да го уназади нашиот живот. Универзитетските власти треба да размислат како да го зачуваат академскиот интегритет и да го преиспитаат начинот на кој се тестира успехот на студентите. Сепак, во поголемиот дел од јавната дебата проблемот се гледа наопаку. Не се работи толку за тоа дека вештачката интелигенција е причина за деградацијата на читањето и размислувањето, колку за тоа дека културата на инструментализација на знаењето ја олеснила злоупотребата на вештачката интелигенција.

Во Робинсоновиот извештај за британското високо образование од 1963-тата година, аргументот за проширување на значењето на универзитетите се темелел на уверувањето дека учењето е добро само по себе. „Потрагата по вистината“, се тврдеше во извештајот, „претставува суштинска функција на институциите за високо образование“.

Половина век подоцна, во 2010-тата година, беше објавен Брауновиот извештај за финансирањето на високото образование. Тонот сега беше значително поинаков. „Високото образование е важно,“ се инсистира во извештајот, бидејќи на студентите ќе им овозможи „поголеми плати и повеќе задоволство на работа“, ќе им го олесни „преминот од една работа на друга“ и ќе помогне во „остварувањето економски напредок“.

Суштинската порака, забележува историчарот и критичар Стефан Колини, гласи дека „повеќе не треба да мислиме на високото образование како на јавно добро“, туку како на „регулиран пазар со кој управува побарувачката за студенти-потрошувачи“.

Претворањето на универзитетите во претпријатија многу од нив ги доведе на работ на банкрот, па почнаа да ги укинуваат предметите кои се сметаат за „некомерцијални“, вклучувајќи историја, музика, класични јазици и книжевност.

Со оглед на сето тоа, дали навистина изненадува што многумина на вештачката интелигенција не гледаат како на помошно средство, туку како на замена за умствената работа? Конечно, ако знаењето е само стока, чие купување овозможува полагање испит или вработување, зошто би било важно дали мамиме на испит или се служиме со вештачка интелигенција за да ја заобиколиме потребата да размислиме?

Сè додека не прифатиме дека во расправата за вештачката интелигенција не се работи само за тоа што можат да направат машините, туку и за вреднувањето на знаењето и образованието – таа расправа ќе биде конфузна. Затоа и денес се важни сведоштвата на луѓе како Томлинсон и Морган, и нивните согледувања за вредноста на човечкото знаење.

Слики: Adrián Viajero Román

Извор: https://observer.co.uk/

Слични содржини

Свет / Технологија
Општество / Свет / Технологија
Активизам / Свет / Технологија / Екологија

ОкоБоли главаВицФото