За Македонија и гомното - полемика меѓу Никола Гелевски и Бобан Карапејовски

14.08.2025 23:50
За Македонија и гомното - полемика меѓу Никола Гелевски и Бобан Карапејовски

 

Н. Гелевски на Фејсбук профилот на Б. Карапејовски напиша подолг коментар, по кој следеа уште неколку реплики. Првичниот текст-коментар на Гелевски овде е дополнет, а малата полемика околу „македонофобијата“ ја пренесуваме во целина.

 

Бобан Карапејовски

Македонофобијата на Тричковски е позната. Мене ме загрижува ,,авангардата", која мисли дека е авангардно да се воспева говорот на омраза, само зашто луди Милојко е од ,,нашите" (т. е. од ,,нивните").

 

Никола Гелевски

Бобан, не си на добар пат да ги сублимираш работите околу Тричковски закачувајќи се за „македонофобијата“. Штавише, мислам дека е тоа сосема погрешен и деструктивен пат, но секој си ги бира патиштата, се разбира, на движење и разбирање.

Ќе ти спомнам само неколку важни писатели, мене особено драги, кои во низа свои книги, па дури и на ниво на целиот опус, жестоко се пресметувале со бедата и ужасот на сопствените нации: Џојс, Селин, Гомбрович, Бернхард, Сиоран, Крлежа...

Славна е реченицата на Џојс од „Портретот на уметникот во младоста“: „Ирска е стара свиња што си ги јаде своите прасиња.“ Ја мрази ли Џојс Ирска, опишувајќи ја со најмрачни тонови, низ целото негово дело? Па да, ја мрази, меѓу другото, носи голем товар во душата, од прогонството, провинцијализмот, национализмот, затуцаноста, верскиот фанатизам, сиромаштијата, понижувањата... Но, артикулирајќи ја и соочувајќи се со таа „омраза“ (која всушност е микс од различни чувства) Џојс всушност ја артикулира и освестува Ирска! Ги артикулира чувствата на многу Ирци и тогаш и низ историјата, а богами и на многу денешни Ирци. Тој е Ирска, во некоја рака, своевидна еманација. Затоа денес Џојс е симбол на Ирска појак и од вискито. Истото важи за Гомбрович, иако многу Полјаци и денес не го сакаат, тој е најголемиот полски писател во 20 век и еден од најголемите на векот. „Полјакот, штом ќе стане Полјак, веднаш станува смешен“, вели Гомбрович, немилосрдно критикувајќи ги полскиот национализам, католицизам, традиционализмот и интелектуалната хипокризија. Уште една негова славна реченица индикативна е и за нас: „Полска, твојата мака е моја мака, но твојата гордост е мој срам.“

Томас Бернхард е приказна за себе; никој толку скандалозно остро и постојано (дури и постхумно!) не мавал по провинцијалната и криптoфашистичка култура / атмосфера / воспитание во Австрија. Бернхард таму ги наоѓа корените на фашизмот (па и низ сопствената фамилија), слично како Ханеке во филмот „Белата трака“. Еве што вели Бернхард за својата земја: „Австрија е катастрофа, духовна катастрофа.“ „Во стварноста цела Австрија е затвор, а сите Австријци се затвореници и будали.“ „Веќе илјада години Австрија е раководена од идиоти.“ „Јас сум Австриец само оти немав среќа.“

За Македонија исто така многу траорно, со тегобност и теснота, пишувале истите автори кои денес ги сметаме за наше најважно книжевно и културно наследство (Јаневски, Андреевски, Тодоровски итн.). Еве една реченица од Петре М. Андреевски во „Бежанци“: „И кој знае дали сме ние народ, и којзнае дали некогаш сме биле друго освен подмочани гнаси, свирци, џган, помијарници, ’рѓи, болвосерки, запалена сурутка, цвик, никој и ништо“.

Ретко кој паметен и артикулиран Македонец умрел среќен и задоволен овде. Вклучувајќи го и најголемиот, Конески. Македонија е своевидна траума, рана, фрустрација, и на апстрактно, концептуално рамниште, а богами и многу конкретно, како континуирана болка и склет на повеќето нејзини жители.

Траумата бара израз, излив, соочување, емпатија, разбирање... Тоа што го пишува Тричковски последниве години најчесто е истото што во муабети Македонците секојдневно себеси и меѓусебно си го кажуваат, ширејќи малодушност и бежанија одовде: „не нè бива, нема држава од нас, нема култура од нас, нема урнеци, нема големи личност, има само беда, завист, примитивизам, грабеж, сиромаштија, лага, манипулација...“ Не мислиш дека ова го мислат две третини од Македонците?! И дека тоа е една од причините зашто сме на вакво дереџе?! По што се разликува ништењето, бруталноста и вулгарноста на Тричковски од тој токсичен, сепроникнувачки дефетизам?! Заради тоа велам дека траумите (лични и колективни) често носат важни скриени вистини, потенцијално ослободувачки, со кои треба да се соочуваме, лично и колективно.

Да завршам: текстовите на Тричковски последниве години главно ми се непријатни, невкусни, вулгарни, груби, недуховити, лоши и во книжевна и во новинарска и, најтажно од сè, во политичка смисла. Оти Македонија беше истата ужасија ко што сеа и седумте години под СДСМ - а Тричковски тоа речиси го преспа. Затоа неговата позиција баш и не е сосема чесна и веродостојна, ми се чини. Но, сепак, често неговите текстови имаат книжевни квалитети и затоа не е конструктивно / полезно / здраво, ти повторувам, да се жигосуваат како „македонофобија“. Тоа е урлање пцуење плачење, од немоќ беда очај, чувствата кои доминираат кај многу Македонци. И кои е потребно да излезат. Па макар и откај Тричковски, макар и низ некаква полукнижевност, кога веќе таа национална и идентитска и историска дезориентираност не е тема на главните токови на современата македонска култура речиси комплетно заробена во лудите идентитетски кутичиња под кои (на Камени мост), меѓу кловно-џелатите и џепчиите безумно го бараме скриеното париче.

Бобан Карапејовски

Се согласувам речиси сo сè, во општите места, но морам да се оградам од делот за Тричковски. Неговите книжевни ,,доблести" не се ослободувачки, барем за мене, туку болни. Сопствената фрустрација не може да биде фрустрација на нацијата. Како да не го третирам како македонофобија неговото етикетирање на нацијата како бугарско-српско говно? Нема држава во светот каде што ова би се третирало како книжевен изблик, а не како говор на омраза.

 

Никола Гелевски

Зарем не мислиш дека е „македонофобија“ пута миљон, Бобан (нешто ко атомска бомба) што ни е урушено СОБРАНИЕТО, срцето на секоја држава, суштината на секоја демократија!? И ти, како урушен (да не речам симболички дефенестриран или ушкопен или просто корумпиран) народен пратеник, не се бавиш со тоа (што Собранието е претворено во понижувалница на мислата и интегритетот - личен, колективен, национален, државен - таа одвратна гнасна остава на дабетер валканите партиски дувла од сите провиниенции), туку се бавиш со некакви фобии на пензиониран и декласиран новинар за кој едногласно (валкано, неморално, бездушно и глупаво), здружените квазипатриоти (ловци од канализација) констатирате дека е пролупан!?

Зарем не е не само „македонофобија“ туку подла нискост / манипулација / спин / користољубие, на вакви работи да собираш гласови за твоето партииче (сеа ѕирнав горе, во профилната слика, да видам кај се наоѓам). Можда Македонија стварно не е гомно, али твоето собрание и влада не да смрдат, корне до небо. И наместо да ловиш лајкови под постовите на Тричковски, заканувајќи се, и да бараш национални предавници меѓу луѓето што го читаат, поумно и почесно би ти било да си ја работиш првенствено својата работа во институцијата која секојдневно на најбедни начини го понижува духот и умот на Македонците (како државјани), го ништи интегритетот и суверенитетот на државјаните, државата и законите и главно - без никаков застој и (себе)рефлексија, триста на саат, четириножно - работи во полза на политичката мафија, странска и домашна.

Бобан Карапејовски

А мислев дека ќе успееш да се воздржиш и ќе издржиш да имаш коректен коментар, како првиот. Се разбира дека не. Но, јас нема да си дозволам да пишувам во твој стил. Зашто, ќе се налутиш. Ние не треба да се лутиме кога нè навредуваш, ама се кладам дека ќе скокаш до таван ако речам дека, ако овој мој статус е за гласови за моето партииче, тогаш твоево е за користољибие од смрдливата канализација на квазииздаваштвото и самонаречената несфатена елита.

 

Никола Гелевски

Ебате големите бранители на македонштината! Едниот (Героски) бара (по миљонти пат, газејќи по лешеви, оти самиот Тричковски го смета, на некој начин, за леш, опседнат со смртта) краток влез до новите дворски одаи (абе какви нови!), а другиот, Карапејовски, народен пратеник и божем човек од културата (ради тоа пишувам овде, мислејќи дека као можда можеме да се разбереме) одработува локални избори ни више ни мање. Ете права слика и прилика за македонскиот „патриотизам“.

Тоа за квазииздаваштвото и за некаква авангарда (во која, ах, Бобан, никоаш нема да припаѓаш, јасно ти е тоа, па избива печалот, фрустрацијата, понекоаш, несвесно, како овде), е уште една несфатлива нискост, твоја, Бобан, на која, се разбира, нема потреба да се осврнувам, освен да укажам на неа како на впечатлива илустрација на она што го констатирам погоре: ниски сте и бедни луѓе, со ниски цели и страсти; кусо речено: гомнари (или тркалачи на гомното, така они ја сфаќаат Македонија, да го парафразираме пролупаниот, како гомце за тркалање).

Бобан Карапејовски

Е, како, бе, моето е фрустрација и ниски страсти, а твоето е културњачка пројава, а не фрустрација за сè што ти си сакал да бидеш, а не те примале у друштво? Како така, со различни аршини? Или, тебе ти е ,,Богом дано" да нè навредуваш? Патем, елитата по Коља, со гајди да ја жалиш, а не да сакаш да бидеш дел од неа.

 

Никола Гелевски

Интересно е како одбиваш да се соочиш со темата многу поважна од измислената македонофобија: Собранието на Митко Анастасовски Врапчето или на Амди Бајрам беше со еони интегритет & достоинство & суверенитет (& авангардност, згора на сè) оддалечено од вашето дувло за патни трошоци, дремење и служење на мрачните сили што систематски ја уништуваат Македонија (Груевски, на пример, чиишто трети ешалон моментално ви го диктира тактот и умот). Какви сте бе вие луѓе, Бобан, со тие ниети и со таа глупавост, ако не гомнарија?!

Бобан Карапејовски

Во времето на Митко Врапчето пратениците се телепортираа во Собранието, а во времето на Амди Бајрам имаше севселенски собор во Парламентот. Патем, фала Богу што ја ослободивме (ословодивте?) Македонија од Груевски. После ја помочавте, за волја на вистината, и реата уште се шири. (На твојата опседнатост со гомна, морам да одговорам со мочка, да може да се пополнува абјектниот корпус. )

 

Никола Гелевски

Психоаналитичарската тема аналност ја наметнавте вие, квазипатриотите, не ми подметнувај, Бобан. Со денови веќе хистеризирате дека некој лудак Македонија ни мањенивише (целата или скратенава?!) ви ја свел на гомно. Гомното баш и не мојата тема (мада гомнарите спонтано испливаа). Можда е повеќе фалусот, што исто така е еминентно македонско прашање, кастрацискиот синдром.

Карикатури: Bill Whitehead

ОкоБоли главаВицФото