Терминална фаза од геноцидот во Газа

15.08.2025 13:02
Терминална фаза од геноцидот во Газа

Читам и слушам како се множат критичари на претседателот Трамп, кои дури неговата политика ја нарекуваат „револуција“, и не можам да ѝ се начудам на човечката плитка памет и шуплива меморија. И што е најстрашно, таа скудоумност доаѓа практично од севкупната и превладувачка „демократска и критичка мисла“ од развиениот Запад. А да се запрашаме што е тоа суштинско што Трамп го сменил во структурата на власта, во начинот на владеењето, или во внатрешната или надворешната политика на американската Империја? Практично ништо.

Единствената „револуционерна“ промена е што овој претседател нема никаков ментален филтер помеѓу мислите и говорот и веројатно и самиот станува свесен за своите мисли дури откога ќе ги чуе како веќе ги изговорил. Така што, врескањето дека Трамп ја укинал американската демократија е само одвлекување на вниманието од историската вистина дека демократија во САД немало во ниту еден момент, од Декларацијата на независност 1776 па до денес. А разликата помеѓу „демократската“ политика на Бајден и „недемократската“ политика на Трамп се состои само во тоа што првиот немаше поим какви сѐ не глупости изговорил, додека на вториот воопшто и не му гајле за тоа какви глупоштии кажал.

Но има неколку гласа што ја согледуваат суровата вистина, кои се за жал безмалку сите прилично возрасни луѓе. Така, го читам последното интервју на легендарниот фронтмен на „Пинк Флојд“, Роџер Вотерс, кој иако зачекорил во деветтата деценија од животот, сѐ уште е многу активен борец за човечките права, вистински социјалистички реликт, кој на своите музички концерти и преку медиумите упорно се бори за човечката правдина и за правата на обесправените, а против империјалистичките и корпорациските злостори што го зацрнуваат светскиот хоризонт.

Елем, рок-ѕвездата го коментира политичкиот миг: „Така што трикот е да се разбудиш наутро и да не ги зафрлиш рацете во очај и да не си пукаш во главата или слично, туку да тераш напред, колку и да е светот побудален, колку и да е очигледно дека лудаци го преземаа и завладеаја со него. Сосем е јасно дека Кир Стармерите и Доналд Трамповите, или практично речиси сите светски лидери на Западот се криминално луди“. Вотерс продолжува да опишува како треба да се однесуваме со денешниве западни лидери. Вели тој: „А ние би требало да се погрижиме за нив со помош на институциите на јавното здравство. Тие би требало да се заклучени во соби со меки, тапацирани ѕидови, опкружени со луѓе во бели униформи што ќе ги нункаат, оо, оо, Кирче, смири се, и мирно нанај. Еве ти ги апчињата за денес. Само седи си на сонце, биди мирен и молчи… Но, не, тие не се во лудница, туку го владеат светот, и тоа го владеат крајно, ужасно лошо“.

Но, гротескнава глупијада во изведба на лидерите на Америка и Европа, за жал не служи за засмевање на светот, туку за обезбедување на привидот на една сосем изопачена нормалност, во која сите ние – господарите на планетата – живееме банални животи, бранувани од тривијалноста на веќе бесмислените локални или парламентарни избори, додека во позадина „лидерите на слободниот свет“ со зла неуморност работат на трите мега злостори на 21 век: зголемувањето на сите параметри што придонесуваат кон затоплувањето на планетата, хистеричното военохушкачко пропагирање на вооружувањето, правдано со измислената закана дека руските оклопни дивизии колку утре ќе ја прегазат Европа и нема да се сопрат дури до Ламанш, и, конечно, третиот мега злостор, соучесништвото и овозможувањето на најдокументираниот и најсадистичкиот геноцид што Израел со САД, Германија, Британија, Франција и другите, го врши над недолжните палестински жители на Газа.

Првин за геноцидот во Газа: овој ужас во кој Израелските воени и полициски сили убиваат просечно 28 деца секој божји ден, е влезен во својата крајна, најзлосторничка, најсадистичка и најдивјачка фаза – во масовното убивање на палестинските деца, стари, жени и мажи, по пат на изгладнување до смрт. Размерите на оваа злосторничка катастрофа, на веројатно терминалната фаза од израелскиот геноцид, практично е невозможно да се презголемат со зборови. „Нивото на урбаното изгладнување во Газа не е видено уште од германската опсада на Ленинград во Втората светска војна“, напиша некни Алекс де Вал, светски познатиот стручњак за масовните гладувања.

Откако со бомби, проектили, експлозив и градежна механизација ја уништија практично сета урбана супраструктура и инфраструктура, и Газа ја претворија во пустина од градежен шут, оставајќи два милиона жители (од кои безмалку 40 отсто се деца) без покрив над главата, без храна, вода и медицинска помош, Израел создаде потполно затворен концентрационен логор на смртта, под отворено небо. Целта е да се постигне „конечното решение на палестинското прашање“ на начин што првин ќе се убијат со оружје стотина илјади луѓе (што е веќе постигнато), потоа двата милиони ќе се подвргнат на присилно изгладнување до смрт, при што ќе загинат уште 300.000, за на крајот останатите да се транспортираат (веројатно во сточни вагони) во други земји. Израел веќе преговара за крајната дестинација на етнички исчистените Палестинци со Либија, како и со други земји од Африка. Израел, САД, Велика Британија и Германија – тие светилници на демократијата и човечките права – овој геноцид, кој како да е огледалски пресликан од нацистичкото убивање на Евреите во Втората светска војна, го нарекуваат „право на Израел да се брани“. Верувам дека поголем и подивјачки цинизам не е изговорен уште од времето кога Хитлеровата Германија „се бранеше“ од „светската еврејска заговор“.

Особено дивјачка и нечовечка е терминалната фаза на геноцидот над Палестинците во Газа, зашто смртта од глад е толку спора, болна, онечовечувачка и садистичка, што споредено со неа смртта во нацистичките гасни комори делува „похумано“ и „подостоинствено“, доколку овие екстремни зла воопшто можат да се споредуваат. Луѓето што гладуваат првин се дехуманизираат: тие јадат и пијат сѐ до што ќе се дофатат – сточна храна, трева, корења, лисје, инсекти, глодари, па дури и бари каллива вода, глина и земја. Тие почнуваат да страдаат од константна и несопирлива дијареја. Потоа заради зголеменото губење течности и храна, телото почнува да се јаде себеси, од што не се поштедени ниту виталните органи. Изгладнетите не можат да создаваат хемоглобин во крвта, што предизвикува недостаток од кислород во организмот, што пак ги уништува и мускулите и органите, но и мозокот. Оваа системска слабост го соборува имуниот систем, па изгладнетите страдаат од респираторни болести, галопирачка туберкулоза, тифус, колера и што сѐ не. Бубрезите почнуваат да откажуваат, циркулацијата на крв се успорува, виталните органи атрофираат и закажуваат, по што настапува емоционална смрт и тотална апатија.

Во претсмртната агонија, во болки и последни тетеравења на животот, на паталците им се заматува видот од галопирачка катаракта, на кожата се отвораат живи рани, па оние што не починале од инфекција умираат од инфаркт, труење на крвта поради откажување на бубрезите или исклучување на централниот нервен систем. Процесот трае најмногу 40 за здрави возрасни, а за деца, стари и хронични болни помалку од месец дена.

Токму толку, три-четириесет дена, му дадоа рок на Нетанјаху да го прекине геноцидот, Кир Стармер и Емануел Макрон, по година и пол безрезервно подржување на израелското масовно убивање на недолжни цивили во Газа. И ако за 30, па добро – за 60, или конечно, ајде да не ситничариме, за 360 дена тој не прекине со геноцидот – инаку време за кое веќе нема да има жива душа во проколнатиот појас – овие лидерски карпи се заканија дека официјално ќе ја признаеле палестинската држава. Е, тоа ти се лидери!

Карикатури: Tjeerd Royaards

Извор за текстот: Слободен печат

 

ОкоБоли главаВицФото