Анегдоти од кај „Јоле“ (2) - Кој е овде кодош?

18.08.2025 10:52
Анегдоти од кај „Јоле“ (2) Кој е овде кодош?

 

Еднаш надежниот новинар на „Комунист“ Бранко Героски кај „Јоле“ се нашол во друштво на писателот Петре М. Андреевски, новинарот Бранко Варошлија и психијатарот Миодраг Мицев, редовните гости на кафеаната.

‒ Повелете седнете, млад колега, разговараме за вечно актуелната тема, кодошлакот, и за хамлетовското ни прашање: кој овде уствари е кодош? Кој е крт, денунцијант, шпион, тастер, цинкарош, поткажувач, доставувач, пријавувач, доушник, шептач, провокатор, сплеткар, удбаш? ‒ рекол Петре.

‒ Треба психичка структура да бидеш кодош. Ради тоа полициската работа во голема мера е психолошка ‒ рекол образованиот Бранко Варошлија. ‒ Така што, ми се чини, субмисивните, послушни, сервилни луѓе се склони кон кодошење. Добар полицаец знае да ги намириса и да ги користи, некогаш цел живот.

‒ Цел живот ако потрае системот, а нема да потрае ‒ додал Петре. ‒ Кариеристите исто се кандидати за кодоши. Им треба брз продор, немаат време за чекање, сакаат да се докажат на „правото место“ и набрзинка да им се упикаат на актуелните моќници.

‒ Значи, за денунцијација се предодредени користољубиви и опортуни луѓе со посебен табиет, така е, докторе Мицев? ‒ му се обратил Варошлија на присутниот психијатар Миодраг Мицев.

‒ Така е, колега, станува збор за пасивно-агресивна психичка структура, притаени слуги што сакат да станат господари ‒ рекол психијатарот.

‒ Садо-мазо ликови ‒ додал Петре.

‒ Се извинувам, почитувани другари, ама малце ми се слоши вака дур ве слушам, та ќе морам денес порано да заминам ‒ неочекувано се уфрлил надежниот новинар Бранко Героски и, стварно, побледен и вознемирен итро ја напуштил сцената.

‒ А може ли да бидеш кодош од патриотски причини, драги мои сострадалници од чашката? ‒ грмнал Гане Тодоровски од соседната маса, од каде што го слушал разговорот.

‒ Се разбира, почитуван академику Гане. Патриотизмот или љубовта кон нацијата можат да бидат снажна мотивација дури и за гнасни дела. Иако патриотизмот не го исклучува користољубието; дотолку, често патриотизмот е маска за користољубието ‒ рекол Бранко Варошлија.

‒ Ќе ви кажам една медицинско-психијатриска шега која им ја кажувам и на своите студенти, за да ви доловам дека кодошот некогаш може да биде просто глупав ‒ рекол психијатарот Мицев. ‒ Студентот става болва на стакло и ѝ наредува да скокне. Болвата скока. Тогаш студентот ги отсекува нозете на болвата и ѝ вели: „Ајде, скокај пак!“ Но болвата не скока. Студентот тогаш го запишува заклучокот од опитот: „Кога на болвата ќе ѝ се отсечат нозете, таа оглувува“. Ми се чини дека и кодошот и неговиот господар често ја имаат оваа фалинка во мислењето, тапоглавоста, помешана со суровоста, и таа комбинација често е многу поопасна од острумноста, особено во вакви средини, како нашата, кајшто паметта не е многу многу на цена.

‒ Може јас да седнам на местото на заминатиот млад новинар, драги колеги? ‒ прашал драмскиот писател Горан Стефановски, кој исто така од блиска маса го наслушнувал интересниот разговор.

‒ Штета што Бранко Героски го пропушти овој дел од муабетот. Но, и јас земав збор за да ви кажам краток виц, кога веќе збориме за кртови: Два крта разговарале во Македонија и едниот рекол: „Не можам да верувам во каква земја живееме!“

‒ Краток ама добар ‒ рекол Петре. ‒ Ама, во пиреј се живее, во земја јок ‒ смеејќи се го прокоментирал Горановиот виц писателот Петре М. Андреевски.

Карикатури: Бил Вајтхед

ОкоБоли главаВицФото