Путин и американската стратегија

18.08.2025 23:29
Путин и американската стратегија

Доналд Трамп сака крај на војната во Украина. Володимир Зеленски сака крај на војната во Украина. Крај на војната сакаат и многу други претседатели и премиери. Владимир Путин не е еден од нив. Војната во Украина стана политички, психолошки и економски центар на режимот на Путин.

Секој обид за мировни преговори е осуден на пропаст поради оваа фундаментална разлика. Затоа и немаше значајни мировни преговори три и пол години од почетокот на руската инвазија врз Украина. Но Трамп е убеден дека има решение. Вели дека ќе ги искористи своите преговарачки вештини и ќе го зголемува економскиот притисок врз Русија сѐ додека Путин не биде принуден да ги прекине борбите.

Меѓу помпезните објави на социјалните мрежи, одложувањето рокови, ненадејните најави – еден ден официјалното лице од Белата куќа вели дека Трамп ќе се сретне со Путин дури откако Путин ќе се сретне со Зеленски, друг ден Трамп се откажува од тој услов – лесно е да се превиди фактот дека Трамповата политика кон Русија во голема мера ја користи истата неуспешна стратегија на администрацијата на Бајден, првата администрација на Трамп и администрацијата на Обама пред тоа. Повеќе од една деценија, САД на руската агресија одговараат со закани и постепено воведување економски санкции. Тоа што некои од санкциите на Трамп сега се во форма на царини, не ја менува суштината на стратегијата.

Конвенционалната теорија во прилог на санкциите гласи дека економскиот притисок ќе го дестабилизира режимот, што би требало да го принуди неговиот лидер на промена на курсот. Според едно сценарио, проблеми како што се невработеноста, инфлацијата и немаштијата доведуваат до општо незадоволство кај населението, понекогаш и до немири. Според друго сценарио, економскиот пад и забраната за пристап до странски пазари ги фрустрира елитите, кои тогаш организираат дворски преврат или барем го принудуваат лидерот да ја смени политиката.

Проблемот е во тоа што оваа теорија е погрешна. Кога санкциите се делотворни, тоа обично значи осиромашување на граѓаните. Елитите остануваат богати, додека јазот помеѓу богатите и сиромашните само се продлабочува. Наместо да го поттикнат отпорот на луѓето кон режимот и елитите, општеството се обединува против земјата што ги вовела санкциите. Тој непријател е далеку и лесно станува апстрактен, додека елитите во земјата под санкции ги контролираат медиумите и толкувањето на судирот. Исто така, елитите ги контролираат работните места и протокот на стоки, па е многу поскапо да се мразат домашните елити отколку далечниот непријател. Кога ќе преминат одредена граница, економските тешкотии ќе ги натераат граѓаните да се откажат од секое размислување за политика, бидејќи ќе бидат фокусирани на голо преживување.

Сценариото за дворски преврат беше демантирано од Русија, која јасно покажа дека санкциите предизвикуваат спротивен ефект. Супербогатите Руси кои живееја во странство, на кои пристапот до западните пазари им беше пресечен, а дел од нивниот имот замрзнат, се преселија на места како Дубаи или се вратија во Москва. Што друго можеа да направат? Тоа што економската торта се намалува не значи дека елитите одеднаш ќе почнат да коваат заговор за да го симнат водачот – што е ризичен потфат кој веројатно нема да успее ни во најдобар случај. Тоа само значи дека конкуренцијата за она што останало од тортата ќе стане пожестока.

Конвенционалниот модел налага санкциите да се воведуваат постепено, по остри предупредувања. Тоа му дава време на рускиот режим да се подготви за ударот: да ја субвенционира домашната продукција на стоки што веќе нема да се увезуваат (санкциите од времето на Обама направија чуда за руските земјоделци и производители на сирење), да се сврти кон нови извозни пазари, како и да најде трети земји преку кои би извезувала нафта или би увезувала наменска технологија. Исто така, се зајакнуваат врските со земјите што веќе се под американски санкции; така Иран стана суштински руски партнер за војување со дронови.

И покрај тоа, американските администрации редум ги промовираа санкциите како свој главен инструмент за превоспитување на Путин. Бајден воведе повеќе рунди санкции, иако ниту една не беше „разорна“, како што вети. Трамп воведе дополнителни 25 проценти царини за Индија, наводно како казна за увозот на руска нафта и вети уште повеќе секундарни царини за останатите трговски партнери на Русија. Од година во година, американските претседатели ја повторуваат истата работа, очекувајќи поинакви резултати. Во тој поглед, Трамп не е ништо полуд од своите претходници.

***

Надворешнополитичките коментатори тешко признаваат дека економските санкции имаат ограничен дострел, но кај Трамп тоа не доаѓа предвид. Тој тврдоглаво верува дека сите луѓе се мотивирани од парите и во тоа не е осамен. Многу западни аналитичари тврдат дека Путин ќе се обиде да се извлече од Украина штом војната стане прескапа за Русија и за него лично. Но колку и да го сака богатството, се покажа дека Путин уште повеќе ја сака моќта, која дома ја зацврстува со ширење на руските граници, а во светот со заплашување на другите лидери. Трамп изгледа не е свесен дека средбата со Путин на рускиот претседател му го овозможува токму тоа што го посакува – демонстрација на својата моќ.

Дополнителните подароци на Трамп за Путин пристигнаа во вид на согласност за средба без Зеленски и маргинализација на Европската унија. Сега и руските граѓани го гледаат она што постојано го тврди Путин: дека судирот всушност се одвива помеѓу Русија и САД.

Во моментот кога Путин ќе влезе во преговарачката сала, веќе го добил тоа што го сака – заедно со можноста да се пошегува за Алјаска како историски руска земја. Ако средбата пропадне, Путин не губи ништо. Од друга страна, Трамп го губи угледот ако се врати дома со празни раце. Можеби токму затоа ќе прифати што било.

Условите за мир што ги постави Русија во јуни беа само разработена верзија на четирите барања што доследно ги повторува Путин: територија, вклучувајќи делови од Украина што Русија сѐ уште не ги окупирала; прекин на западната воена помош за Украина; гаранции дека Украина никогаш нема да биде поканета да се приклучи на НАТО; и промена на раководството во Украина. Трамп може да се согласи на тие услови, но Зеленски никогаш нема да ги прифати. Путин нема причина да ги менува своите барања.

Во малку веројатен случај рускиот лидер да му овозможи чесно повлекување на Трамп, би можело да дојде до некаква форма на договор за прекин на огнот. Тоа би можело да биде временски ограничено примирје, условено со повлекување на Украина од источните делови на земјата. Таков договор би го принудил Киев да се повлече од позициите што ги смета за стратешки важни, додека на Русија би ѝ дал неколку месеци да се прегрупира пред повторно да нападне, под изговор дека Украина не ги испочитувала руските барања. Се споменува и можноста за забрана на воени дејства подлабоко на непријателска територија или воздушно примирје. Таков договор би спасил животи – во Киев и во Одеса, кои секојдневно се под руски напади, но и во руските градови кои се во домет на украинските дронови.

За Украина воздушното примирје би имало огромна стратешка цена. Таа и натаму би останала земја во војна. Во Украина и натаму би се живеело според одредбите на вонредната состојба. Семејствата би останале разделени, бидејќи многу жени со деца побегнаа во западна Европа, додека мажите останаа. Најлошо од сè, луѓето и натаму би гинеле на фронтот и во селата и градовите блиску до фронтот, како што е Харков, вториот најголем град во Украина, кој е оддалечен триесетина километри од фронтот.

Можноста за напади врз цели длабоко на руската територија е единствената преговарачка предност на Украина. Деновиве руските аеродроми често ги прекинуваат летовите поради украинските напади. Градоначалникот на Москва известува за бројот на дронови што ги пресретнала противвоздушната одбрана на сличен начин како што тоа го прави градоначалникот на Киев. Тоа не е доволно за да се дестабилизира режимот на Путин, но е доволно за да го направи нервозен. Доколку се прекинат нападите со дронови длабоко на руската територија, она што руската пропаганда сè уште го нарекува „специјална воена операција“ за поголемиот дел од руските граѓани повторно би станало оддалечен судир.

Единственото што би го принудило Путин на сериозни преговори е можноста за воен пораз. Без таа перспектива, тој е подготвен да војува засекогаш. Ниту му е грижа за губење на богатството, како што замислува Трамп, ниту пак за загубите на животите на руските војници. Официјален Кремљ во 2022-рата година, а повторно и во мај годинава, потсети дека војната на Петар Велики со Шведска траела 21 година. И оваа војна би можела да трае со децении.

***

Не мора да се враќаме векови наназад за да замислиме како би изгледало тоа. Вечната војна веќе е тука. Потресниот документарец „2000 метри до Андриевка“ на украинскиот режисер Мстислав Чернов покажува како тоа изгледа навистина.

Филмот следи една украинска бригада која се обидува да ослободи едно мало село. Со месецима ја поминуваат дистанцата од насловот на филмот. Наспроти гигантските ужаси на војната – цели градови уништени, земјоделско земјиште претворено во минирани полиња, километри идентични свежи гробови – војниците изгледаат ситни: шака војници, вооружени со полуавтоматски пушки, убиваат и гинат, еден по еден; заробуваат еден по еден непријателски војник, се борат за еден по еден ров, во застрашувачки мигови што се протегаат со часови. Тоа трае немилосрдно како кошмар. Командирот на водот вели дека сонува борби, а потоа се буди во борба. „И си помислив: оваа војна е кошмар од кој никој од нас не може да се разбуди“, додава нараторот.

Додека војниците на екранот се влечат низ калта и урнатините, повремено се слушаат гласови на западни коментатори и водители на вести: „Опадна самодовербата на Западот.“ „Ако наскоро не победи, Украина треба да премине на резервен план: да отстапи некои територии за да се постигне мир.“ „Западните функционери се разочарани од бомбастично најавената контраофанзива.“ „Русија може да мобилизира милиони луѓе. Украина не може да победи, може само да трупа мртви.“ „Колку е одржливо западното ниво на поддршка во војна што нема крај?“

Тоа не се комплицирани прашања. Навистина, Украина не може да ја добие оваа војна ако ја води како досега. Војната може да трае бескрајно, што значи сè повеќе смрт. Но тоа никогаш не беше, ниту е единствениот можен исход. САД и НАТО отсекогаш имаа капацитет да ја завршат оваа војна на единствениот можен начин: со победа над Путин. Тие доследно избираа да не го сторат тоа, потпирајќи се наместо тоа на старите, неуспешни политики. Во тој поглед, Трамп оди по ист пат. Само што прави поголема претстава од сето тоа.

Карикатури: Truant

Извор: https://www.nytimes.com/