1012 hPa
100 %
12 °C
Скопје - Пон, 10.11.2025 19:59

На Алјаска бевме сведоци на хибридна верзија на американско-руското реално шоу со Трамп во улога на режисер и Путин во главната улога. Како што беше лесно да се претпостави, Путин целосно ја преврте играта бидејќи како Зоран Радмиловиќ во „Радован III“ на Душан Ковачевиќ, со својата способност, го стави во сенка режисерот и се наметна како своевиден „deux ex machina“.
Доналд Трамп, насмеан, аплаудираше додека во пресрет му идеше Владимир Путин. Ако некој се прашуваше колку далеку може да оди фасцинацијата на американскиот претседател со рускиот водач – го доби одговорот. Во секој случај, отиде толку далеку што службите на Белата куќа мораа да ги избришат најсрамните кадри од официјалните снимки.
За Трамп, политиката често е само продолжение на телевизиско или реално шоу – со црвен тепих, камери и драматични пресврти. Проблемот е што неговиот партнер на сцената не беше глумец аматер, или потчинет или послаб противник, туку професионалец – Путин.
Рускиот претседател го доби она што го сакаше: враќање на големата сцена, рехабилитација по години изолација и – што е најважно – време. Секоја дополнителна недела без нови санкции значи дека може да продолжи со војната во Украина. Успеа да го наговори Трамп да ги заборави барањата што ги повторуваше со денови пред самитот – „прекинот на огнот“ и „примирјето“ – и да ја усвои неговата идеја за „сеопфатен договор“.
Преведено: Русија продолжува со воените операции, а Америка се задоволува со сликата на договарање, додека Украина и Европа се надеваат и плаќаат, првите со животот на луѓето, другите со милијарди евра.

Трамп, од друга страна, доби аплауз од својата публика на која ѝ е сеедно што навистина се потпишува, сè додека Доналд делува како голем „миротворец“ во трката за добивање на Нобеловата награда за мир. Но прашањето е – може ли на таа илузија да се гради надворешнополитичка стратегија?
Путин знаеше како да го нахрани егото на Трамп. Му го кажа она што Доналд најмногу сака да го слушне: „Да бевте вие претседател, војната во Украина немаше да ја има“. За Трамп – чист комплимент. За Путин – пропагандна победа. Затоа што со тоа американскиот претседател, без да сфати, го прифати рускиот наратив дека за инвазијата е виновна Америка, односно Бајден.
И додека Трамп со насмевка климаше со главата, не ни забележа дека всушност ја обвини сопствената земја.
Најамблематична сцена на самитот на Алјаска беше составот на делегациите. Од страната на Путин – Лавров и Ушаков, прекалени дипломати со преку сто години искуство заедно. Од страната на Трамп – Марко Рубио и Стив Виткоф, политичар со скромно знаење за надворешната политика и бизнисмен чија специјалност е трговијата со недвижности.
Путин студен, подготвен, чита точно она што го планирал. Трамп импровизира, се повторува, звучи по малку конфузно. Како да се сретнала шаховска велемајсторска екипа со момци кои само што ги научиле правилата на игра.
Сергеј Лавров, долгогодишниот руски шеф на дипломатијата, се појави во дуксер со натпис „CCCP“. Социјалните мрежи отидоа во тилт, дуксерот сега мора да се чека неколку месеци, толку е голема побарувачката. На Трамп, човекот на социјалните мрежи и „кликовите“, не можеше да му се провлече виралното видео. Штета што на прес-конференцијата потврди дека неговото познавање на најважните досиеја е обратно пропорционално со неговиот инстинкт на социјалните мрежи. Не го знаеше името на министерот за надворешни работи на една од најважните држави на светот кој веќе две децении ја води руската дипломатија.
За Лавров и неговиот работодавец Путин, дуксерот со „CCCP“ не беше помодарска претстава, туку јасна порака: носталгијата за империјата не е умрена, напротив, целта е нејзина обнова, се разбира во нешто поинаква форма и суштина. Трамп во неа виде само еден фантастичен маркетиншки гест претворен во „вирален настан“. Тоа најдобро покажува колку се двата пристапи кон политиката оддалечени.

Најголем проблем за Путин останува непредвидливоста на Трамп. Американскиот претседател денес го фали Владимир, утре се колне во Зеленски, задутре се заканува со секундарни санкции на Кина, а потоа најавува дека на Европа ќе ѝ го остави „жешкиот компир“ на руско-украинскиот конфликт. Неговата надворешна политика личи на сценарио на телевизиски серии во потрага по зголемување на гледаноста: пресврти од епизода во епизода, внимателно следејќи ги расположенијата на гледачите.
Но не треба да се заборави, Трамп располага со далеку помоќно оружје и посериозен систем кој ја надоместува неговата неподготвеност и површност во односите vis-a-vis со Путин. Секундарните санкции по урнек на Иран и уривањето на цената на нафтата би можеле да направат големи, дури и драматични, проблеми за Москва.
Проблемот е што двата потега лесно можат да ѝ се вратат како бумеранг на Америка: секундарните санкции не само што би ги приближиле Кина и Индија до Русија, туку би произвеле и многу негативен геополитички ефект, зближување на Њу Делхи и Пекинг, а ниската цена на нафтата би ја загрозила американската нафтена индустрија бидејќи експлоатацијата на нафта со фракинг метод е многу поскапа од традиционалната и со цена под 60 долари по барел не е профитабилна. Трамп сака да склучува зделки, но прашање е дали разбира дека во геополитиката лошите зделки се полоши од статус кво.
Но, настрана слабоста на Трамп кон Путин, неискуството на Рубин и Виткоф – САД и понатаму располагаат со сериозна дипломатска и разузнавачка мрежа кои продолжуваат да си ја работат својата работа и покрај „шефовите“. Вашингтон ја искористи можноста да се вметне на Кавказ. Америка се втурна на местото на Русија како заштитник на Ерменија и ја искористи укажаната прилика. Потпишувањето на договорот на Ерменија со Азербејџан под покровителство на САД е порака и за Русија, но и за Кина.
За Русија тоа е и емотивно болен удар, особено за шефот на дипломатијата Сергеј Лавров, по потекло Ерменец, но и геостратешки. За Кина е уште појасна пораката дека сите правци на „Новиот пат на свилата“, вклучувајќи го и тој преку Кавказ, се под американска контрола. А за Трамп? Уште една епизода во која може себеси да се претстави како голем играч во трката за Нобелова награда.

Што останува како единствено изводливо решение по самитот на Алјаска? Најверојатно – корејското сценарио. Војната се „замрзнува“, линијата на фронтот станува нова граница, формален мир никогаш не доаѓа. Украина и ЕУ знаат дека враќањето на сите територии не е можно, но правно не можат да го признаат отцепувањето.
Путин инсистира на демилитаризација, вето на членството на Украина во НАТО и ЕУ, повлекување на украинската војска од делови на Доњецк. За Киев и Брисел тоа е неприфатливо, не само денес туку и натаму. Тие можат да ја признаат реалноста на теренот, но не и да го легализираат грабнувањето на земја бидејќи така би направиле уште еден опасен преседан за иднината.
Парадоксално, Украина и ЕУ се наоѓаат во многу слична позиција како Србија во однос на Косово: мора да се помират со фактот дека не можат да ја променат реалноста, но истовремено не можат да го признаат де јуре тој нов однос на силите.
Трамп ја сонува за Нобеловата награда, Путин сонува за обновување на Советскиот Сојуз. Проблемот е што ниту еден нема намера да му помогне на оној другиот во остварувањето на соништата. Нивната романса е повеќе илузија отколку партнерство. Порано или подоцна, интересите ќе се судрат. Можеби веќе за време на мандатот на Трамп, можеби подоцна – но судирот е неизбежен.
А Европа? Таа го плаќа цехот. Додека двајцата лидери се натпреваруваат во театралност, Европската Унија веќе плаќа скоро сè. Оружјето пристигнува од Америка, но финансирањето – 90 проценти – паѓа на плеќите на Европејците.

Карикатури: Sajith Kumar
Извор: https://www.slobodenpecat.mk/