Европскиот век на понижување

25.08.2025 01:23
Европскиот век на понижување

Во 1842-рата година, поразената и скршена Кина го испрати својот највисок претставник, Кеинг, во Нанџјинг за да се сретне со Хенри Потингер, немилосрдниот британски колонијален гувернер, за овој да му ги издиктира условите за кинеското предавање. Со договорот потпишан во Нанџјинг, Кина се откажа од сè, а за возврат не доби ништо, освен понижување. Договорот, кој во печатот беше опишан како трговски, беше повод за големо славје кај трговците во Лондон. За кинеските поети тој стана инспирација за стихови со кои го овековечија претрпениот срам што и денес ја прогонува оваа голема земја.

Минатиот месец, поразената и скршена Европска комисија ја испрати Урсула фон дер Лајен на голф-терените на Трамп во Шкотска за да потпише сличен договор. Тој беше прикажан како трговски за да се прикрие фактот дека Европа американскиот претседател му даде сè што побара, а за возврат не доби ништо освен понижување. Интересно е тоа што, за разлика од Кина во 1842-рата година, Европа не помина низ војна. Доволни беа неколку месеци закани со нови царини – техника на измачување која збунетите европски челници, следејќи ги збунетите американски демократи, на почетокот ја занемаруваа држејќи се до паролата TACOS („Trump Always Chickens Out“ – „Трамп на крајот секогаш се плаши и се повлекува“).

За европските поети ова не е тема достојна за стихови за длабоко понижување што со децении ќе ја засенува нашата Европа, но европските политичари веќе се изјаснија. „Ден на темнина“, објави Франсоа Бајру, францускиот премиер. „Признавање на слабоста“, рече Мишел Барние, преговарачот на Европската унија во времето на брегзитот, кој веројатно знае по нешто за водењето преговори од позиција на крајна ароганција.

Елементите на трговскиот договор помеѓу ЕУ и САД се крајно понижувачки за Европа. Стоката од САД ќе се извезува во Европа без царини, додека европскиот извоз во САД ќе биде оптоварен со паушална царинска стапка од 15 проценти и запрепастувачки 50 проценти за челик и алуминиум. А тоа е само почеток.

Европејците се обврзаа да ги укинат сите веќе постоечки или планирани даноци на капиталот во облак на големите технолошки компании, а понудија и големи парични прилози за да го одоброволат претседателот: 600 милијарди долари нови инвестиции во американската економија и 750 милијарди долари за американска нафта и гас добиени со фракинг до крајот на 2028-мата година. Тоа е импресивен чек на 1.350 милијарди долари – што не ги вклучува милијардите што европските влади ги должат за американското вооружување (ако имаат намера да ги исполнат дадените ветувања за издвојувања за НАТО).

Давајќи такви ветувања, Урсула фон дер Лајен очигледно ја занемари клучната лекција што Европа мораше да ја научи од првиот мандат на Трамп: пропустот на Трамп да му се понудат куп пари носи голем ризик, но давање ветувања што не можат да се исполнат е уште поопасно.

Освен што Европската комисија нема начин да ги натера приватните компании да праќаат пари во Америка, постои уште еден проблем: не постојат ниту капацитети ниту ветените пари. Секако, германските производители на автомобили и хемиските компании веќе инвестираат во САД за да ги заобиколат царините на Трамп, но тоа не е ниту приближно до ветените 600 милијарди во следните две и пол години. Уште полошо, најавената набавка на американски енергенси во вредност од 750 милијарди долари (250 милијарди долари годишно во следните три години) спаѓа во доменот на фантазијата: годишните трошоци на ЕУ за енергија се далеку под тоа нивo. Исто така, американските фракинг-компании не можат да ѝ понудат на Европа толку нафта и гас, дури и ако Европејците би биле подготвени и би имале доволно пари за да ги купат.

Зарем Трамп не го знае тоа? Секако дека знае. Мислите дека ги заборавил неисполнетите ветувања на Жан-Клод Јункер? Никој не се сеќава на тоа подобро од сегашниот американски претседател, што може да се види од неговиот поглед. Сето ова му причинува неизмерно задоволство. Ќе добие совршена прилика да ги малтретира Европејците кои одамна ги мрази со страст што не стивнува. Освен што го намали американскиот трговски дефицит и си стави во џеб значителни приходи од царините, Трамп сега може да се радува на моментот кога Европската унија ќе ги прекрши дадените ветувања. Кога тоа ќе се случи, во последната година од неговиот мандат ќе избори нова низа понижувачки отстапки повикувајќи се на прекршените договори.

Ако го споредиме трговскиот договор помеѓу ЕУ и САД со договорот потпишан во мај помеѓу Велика Британија и САД, ќе забележиме дека во преговорите со Кир Стармер Трамп беше многу понежен. Не, тоа нема врска со економијата. Не го мотивираше ниту англофилијата ниту поголемата одбивност што ја чувствува кон Урсула фон дер Лајен. Од негово гледиште, за таквиот третман на Велика Британија постојат многу поважни причини, доволно важни заради нив да влезе во судир со американските производители на автомобили кои не можат да поверуваат дека сега е поевтино да се увезе автомобил од Британија (без делови произведени во САД), отколку возило на „Форд“ или „Џенерал Моторс“ составено во Мексико или Канада (иако најголемиот дел од деловите се произведени во САД).

Кој би можел да биде мотивот зад неговата подготвеност да се изложи на остри напади од припадниците на движењето МАГА за добробит на британските производители на автомобили, од кои многумина дури и не се во британска сопственост? Најкратко кажано, со воведувањето паушална царинска стапка од само 10 проценти (вклучувајќи ги автомобилите), што е за 5 проценти под еквивалентната стапка за Европската унија, заедно со укинувањето на царините за челик и алуминиум, Трамп ископа доволно длабока бездна помеѓу Лондон и Брисел за дури и најжестоките поборници за враќање во Европската унија да ја изгубат волјата да ја продолжат борбата. Го радува помислата дека резултатите од брегзитот, раниот весник на неговиот прв изборен триумф, ги направи конечни и неповратни.

Пред прифаќањето на сопствената верзија на договорот од Нанџјинг, раководството на Европската унија помина низ четири фази на помирување со судбината – истите четири фази низ кои поминаа и британските преговарачи во времето на брегзитот: од „Ќе возвратиме со иста мера ако се осмелат да нè притиснат“, преку „Можеби ќе возвратиме ако мораме“ и „Подобро никаков договор отколку лош договор“, до „Очajни сме, дајте ни што било“. Додека во Брисел и европските престолнини се распламтува дебатата за одговорноста на ваквиот исход, две прашања бараат одговор. Каде згрешија европските лидери? И што можеа да направат поинаку за да го избегнат понижувањето и да спречат уште поголеми економски тешкотии?

Пред сè, европските преговарачи направија три неизнудени грешки во расудувањето. Прво, претпоставија дека големината на единствениот пазар на Европската унија ќе надвладее над секој друг фактор. Но, погрешија. Ако постои големина поважна од сите други, тогаш тоа е вредноста на европскиот трговски суфицит со САД. Фактот дека тој суфицит надминува 240 милијарди долари годишно гарантира дека секоја трговска војна помеѓу САД и Европската унија нужно ќе ѝ наштети на Европа многу повеќе отколку на Америка.

Второ, како што веќе забележа мојот колега Волфганг Мунчау, Европејците ја преценија важноста на дефицитот на Европската унија кон САД во секторот на услуги како можен адут што Брисел ќе го искористи во преговорите. Американците можат сосема убаво да живеат без шаловите на „Хермес“, францускиот шампањ, грчките маслинки и „Порше“, додека без услугите што им ги нудат Google, YouTube, Instagram и WhatsApp Европејците не би издржале ни еден час.

Трето, и клучно, беа занесени од заблудата дека на првиот знак на незадоволство на американските пазари на стоки и капитал Трамп ќе мора да се повлече. Премногу долго се држеа до уверувањето дека царините ќе генерираат политички неприфатлива стапка на инфлација на потрошувачките цени и дефлација на берзите во САД. Тоа не се случи – од причини што Брисел требаше да ги предвиди.

Во ситуација на раст на цените, потрошувачката побарувачка во Америка побрзо реагира на нагли скокови (со економски жаргон: поеластична е) отколку што е случај со европската потрошувачка побарувачка и понудата на европските извозници. Затоа мерцедес произведен во Германија отсекогаш бил поевтин во Њујорк отколку во Штутгарт и затоа денес значителен дел од товарот на царините го апсорбираат европските извозници, кои на американските потрошувачи префрлаат само дел од новонастанатите трошоци – поради што инфлаторниот притисок е намален. Што се однесува до американските берзи, изгледа дека берзанските трговци моментално се повеќе зафатени со инвестициите во вештачката интелигенција, со огромните даночни олеснувања што им ги испорача Трамп и со дополнителните годишни приливи од царини во вредност од 300 милијарди долари. Премногу се опиени од „ирационално изобилство“ за да размислуваат за можните лоши макроекономски ефекти од играта на Трамп со царините.

Но, да претпоставиме за момент дека лидерите на Европската унија го предвиделе сето тоа. Основното начело на водењето преговори вели дека ако не можете да си дозволите да станете од масата без договор, тогаш нема смисла ниту да преговарате – подобро е да настапите како молител, како Урсула фон дер Лајен. Значи, што можеше Европската унија да направи поинаку, имајќи предвид дека не располага со луксузот на кинеското внимателно развивано преговарачко оружје во вид на ретки минерали и широк спектар на основни добра без кои не можат да живеат Американците? Еве неколку предлози.

Првата задача на Европа е да осмисли како да ги надомести оние 240 милијарди долари дефицит на Америка со домашна агрегатна побарувачка, доколку навистина исчезне трговскиот суфицит кон САД. На пример, Европскиот совет би можел да објави агрегатна производствено-инвестициска програма во вредност од 600 милијарди евра годишно, која би се финансирала со издавање обврзници на Европската инвестициска банка. Самата најава од Европската централна банка дека по потреба ќе застане зад обврзниците на ЕИБ би била доволна трошоците за финансирање да се задржат на многу ниско ниво. Во тој случај, Европа веќе не би зависела од Америка за одржување на агрегатната побарувачка.

Исто така, Европската унија треба да се откаже од царините и санкциите за клучните кинески зелени и дигитални технологии што ги воведе инспирирана од потезите на САД, и треба да постигне договор со Пекинг што ќе вклучува координирани мерки за фискална експанзија и заемни безбедносни гаранции. ЕУ треба да воведе оданочување на технолошките компании во облак со стапка од 5 проценти на сите дигитални трансакции за компании со приходи поголеми од 500 милиони евра годишно (независно од тоа каде им е седиштето). Исто така, Европската унија треба да го укине драконскиот „закон против заобиколување“ на правата на интелектуална сопственост што го наметнаа САД, а кој ја нарушува слободната конкуренција така што ја става надвор од закон употребата на поевтин генерички тонер во вашиот печатач, им забранува на земјоделците самите да си ги поправат тракторите и ги спречува лицата со попреченост да направат дури и најмали модификации на своите електрични колички. И конечно, Европската унија би постапила мудро доколку постепено и по фази ја редуцира набавката на американски течен гас и оружје произведено во САД.

Фактот што во Брисел за вакви опции дури и не се разговара дава јасна слика за состојбата на денешна Европа. Настапувајќи со суптилност на булдожер, Доналд Трамп јасно покажа дека Европската унија повеќе не е способна да се замисли себеси како суверена сила и дека е подготвена да не биде ништо повеќе од вазал во атлантистичката империја. За разлика од Кина во 1842-рата година, Европската унија ова понижување го избра со своја слободна волја.

Карикатури: Paolo Calleri

Извор: https://unherd.com/

ОкоБоли главаВицФото