Кон што тежнеат социјалните мрежи

25.08.2025 23:48
Кон што тежнеат социјалните мрежи

Влијанието на социјалните мрежи на широк спектар општества стана толку силно што некои земји се одлучуваат за забрани на одредени платформи или ги ограничуваат до ниво што не ги загрозува. Најчесто станува збор за политички влијанија и ригидни политички системи.

Брзината на ширење информации и активирањето на граѓаните околу поединечни теми е тоа што им дава сила на социјалните мрежи. Од таа сила извираат и основните болести: силна поларизација, говор на омраза и ширење дезинформации, од лажни вести па сè до различни теории на заговор.

Ноторен факт е дека преку социјалните мрежи се собираат податоци за поединци. Тие потоа се претвораат во стока за пазарот, а од друга страна се појавуваат како средство за притисок врз лица што се појавуваат на некоја значајна јавна функција.

Адолесцентите некритички објавуваат премногу за себе и своите пријатели, не размислувајќи дека утре тие ќе бидат на местото на своите родители и дека сите тие објави можеби ќе се појават не за да им помогнат, туку за да ги оцрнат, ако на некого тоа му е потребно. Кога на тоа ќе го додадеме и вклучувањето ботови во интеракцијата на мрежите, добиваме речиси дистописка слика за можните влијанија на социјалните мрежи врз општествените процеси.

Што би можело да биде причина за силните поларизации на мрежите? Еден од одговорите лежи во алгоритмите на вештачките интелигенции кои избираат и сервираат текстови или видео објави на поединци, во согласност со тоа што тие луѓе претходно читале или гледале.

На тој начин преку десетици итерации се создаваат сосема неформални големи групи корисници со слични ставови, што потоа доведува до целосно непознавање поинакви аргументи. Напротив, се создава култура на неприфаќање какви било поинакви ставови од оние што ја карактеризираат дадената група. Во судирот со фактите најчесто страдаат фактите, а не уверувањата, колку и да се погрешни.

Неодамна, во списанието Science, во бројот 6762, беше опишан експеримент во кој наместо луѓе учествувале алгоритми, вкупно 500, кои на различни платформи на вештачки интелигенции биле учесници во социјални мрежи создадени ab ovo. Учесниците можеле да објавуваат текстови, да читаат според сопствен избор, да следат други учесници и дополнително имале на располагање популарни објави.

Исто така, по сопствен избор можеле да ги споделуваат објавите со другите учесници. На секој од тие виртуелни корисници му биле доделени својства како што се пол, возраст, верско определување, политичко определување и образование. Експериментаторите ја направиле распределбата на својствата меѓу корисниците според статистиката за профилот на американските гласачи.

Со случаен избор се избирале корисници кои имале на располагање три избори: да изберат вест од десет случајно избрани вести, од збир од 210 илјади вести, и да напишат објава за неа, да проследат некоја објава или да следат некој корисник според неговиот профил. Секој корисник на почетокот имал десет објави, од кои половина биле од корисници што ги следи, а половина од популарни објави за него непознати корисници.

По 10 илјади итерации, во сите варијации на тие вештачки мрежи се појавиле поларизација и екстремни ставови. Со други зборови, социјалните мрежи самите по себе мораат да завршат во поларизација.

Мене лично резултатите од тој експеримент, по првото читање, воопшто не ме изненадија – напротив, ми изгледаа тривијални. Моето искуство ми покажа дека и многу пристојна објава со јасно изразен став за некое тековно прашање во општеството може да предизвика жестоки ad hominem напади, најчесто со совет да се иселам ако не ми се допаѓа тука.

Потоа повторно размислив за ова истражување и се сетив дека со неколку едноставни правила во рамки на теоријата на игрите може прилично добро да се репродуцира однесувањето на поголеми групи. И овие експерименти се верзија на теоријата на игрите, при што е важно да се забележи дека, за разлика од моето искуство кое е последица на емоциите на поединци, тука учесниците немаат никакви емоции. И ете, и виртуелните успеаја да се поларизираат и да заземат екстремни ставови.

Секако, би било погрешно овие резултати да се земат како последен збор кога се работи за социјалните мрежи, но тие мораат да се имаат предвид ако искрено сакаме да ги промениме правилата според кои тие функционираат. За доброто на сите.

Карикатури: Gary Varvel

Извор: https://www.portalnovosti.com/

Слични содржини

Свет / Технологија
Свет / Технологија / Теорија
Свет / Психологија / Технологија

ОкоБоли главаВицФото