1004 hPa
65 %
5 °C
Скопје - Сре, 18.02.2026 00:58

Мила моја, добра и несреќна ж,
Еве ме среде Мароко (среде најмрачната мароканска внатрешност, како што би рекле Сервијанците), а времето лудо лета, ова ми е веќе сто дваесет и третиот ден од робувањето во централната армиска печатница. Еве ме, каде што кулучам (fornarbeit, тлака) или аргатувам (diurno, diurnista), зависи како ќе земеш, дали робувам или надничарам за мазда, а освен тоа, прости ми што се расфрлам со турцизмиве, ама како што веќе ти напишав, кој не знае турски не знае ни нашки, па и Шокадијата славонска врие од турцизми како горгонзола од црви.
Веќе трет месец овде си го трошам времето како типографист, редов, војник без чин, најништожна ништотка меѓу ништотките, nulla nullissima, и редам разни текстови за војската и средувам војнички работи, административни и судски, важни и неважни, главно крвави, и што да ти напишам од овој балкански полумрак, каде што има повеќе примрак од сонце, иако овде сонцето од рано утро нè пече ѕверски и сите мирисаме на лој, на овчешко, на балега, на јарци, и стравуваме од дизентерија, колера и маларија. Таква е фактичката состојба овде, денес.
Што да ти напишам, од каде да почнам и како? Не сакам сентиментално, а признавам, ме болите, госпоѓице, а тоа не го знаев, гледате, сè до Скопје, и признавам дека не знаев дека ме болите толку мрачно како што е мрачна човечката утроба. Единствено ноќта е моја, а таа е темна како овие македонски ноќи, сосем безнадежно длабоко темни.
Светкаат лојаници зад пенџерчињата завесени со црвени марами, на сите страни клокоти од жестоката ракија (единствениот desinfectans), сè мириса на кромид и на лој и на бели бубрези на жар, со еден збор, како што овде се подбиваат момците: се пече човечко месо на скара. Од секаде на пенушки се сече смрдливо овчо месо, а таинствените Македонци и Арнаути лукаво се маткаат околу нас „ослободителите“, подмолно, во своите scherzo-опинци, тивки како мачки, нечувствителни, опасни, погани мачки, а ги има многу и доаѓаат од сите страни.
.jpg)
***
Празно е овде, во овој град на нашиот легендарен Вардар, а најголема општествена сензација овде, среде чаршијата, е една крчма, еден ан, еден Јанчи-ан, и како да ти го опишам овој единствен скопски ноќен локал каде што безделници-ветрогони се забавуваат гаѓајќи ги голите чочекинки со гнили компири од тенџерето со вода, па кога ќе пласне размекнатата плочка расквасен компир вез голиот стомак на несреќната циганска „Bauchtanzericа“, би можела го слушнеш урнебесното победничко урликање на гостите кои курвата ја сметаат за добиче. Освен борба на петли по циганските маала, тоа е сè што може да се види тука за туристичка разонода за европските странци кои сакаат да го запознаат „Ориентот“.
***
Седам, чекам да се подигне завесата за претставата, а глумиците се заклале, едната ја однесоа во крв, грамофонот трешти, не е ова првпат некој од нашите краишта да седи во скопскиот театар, оти за овие две и пол илјади години веќе во педесет варијанти можело да се случи некој од Пула, Лабин, Пореч или Фланона или Тарсатика или Емона или Поетовиум да се најде во скопскиов театар, очекувајќи да се подигне завесата и да почне комедијата, со истите актери кои дошле од Ниш за да ги насмеат победоносните пијани војници, како вечерва.
.jpg)
***
Некој, речиси патемно, прексиноќа, се осмели да спомне, сосем тивко, во четири очи, без да мисли дека тука може да има нешто сомнително, дека Софија е модерен град, дека Софија е голем град и дека Софија е, такаречи, чист, уреден и изметен град — кога ете го во контранапад нашиот расен дертли-бекрија со своите политички макази, онака како што се вади сварен рак од тепсија:
– Стварно, а, леба ти? Софија ти е голем град, а? Софија е краставица кисела во твојата муцка, разбираш? А не голем град, Софија е турска паланка, разбираш ли, а мене бугарските комити ми ги прострелаа плуќата, знам јас, господине, што вие сакате да кажете со таа ваша Софија, на котата 606, 11 септември 1911 паднавме во заседа на една бугарска банда, а за чија сметка, на сметка на скопскиот паша турски, мајчината му негова турска, и сега Софија да ти била град, аха, батка, имам јас одено во Бугарија, Бугарите поим немаат што е смедеревка, го разбираш ли ти тоа, и затоа ебате твојата Витоша, и твојата Софија, и на сите бугарски мајки да им ги бакнам гостољубивите им смедеревки, да дрекнеш и да ме бакнеш во нога, дрекни, пијана лопужо, разбираш ли, да живее Смедеревија, да живее Смедеревска Паланка, Смедерово е папокот на овој голостомаклест свет, а не твојата Софија!
.jpg)
Избор и превод: Н. Г.
Извор за текстот: Мирослав Крлежа, Заставе (роман, 1976)
Карикатури: Дејв Коверли