Новиот капитализам во Америка

28.08.2025 23:58
Новиот капитализам во Америка

Фразата „нов капитализам“ ја употребив во мојата книга „Capitalism, Alone“ од 2019-тата година. Што е тука ново? Во класичниот капитализам од 19-тиот век европските економисти го делат општеството на две класи: една која поседува капитал (или со марксистичка терминологија „средства за производство“) и друга која не поседува капитал и за да преживее ја продава својата работна сила на капиталистите. Тоа беше груб, но точен приказ на светот на развиените економии од 19-тиот и почетокот на 20-тиот век. (Во помалку развиените економии, сопственоста врз земјата и политичката моќ поврзана со поседувањето земја играа поголема улога.)

Тој капитализам се промени во 20-тиот век со појавата на она што многумина го нарекоа нова „менаџерска“ класа. Подемот на менаџерите – луѓе кои не поседуваат средства за производство ниту пак се обични работници, туку управуваат со средствата за производство во име на капиталистите кои безгрижно играат голф на Флорида – го најави Џејмс Барнам во своето класично дело од 1941-вата година, а потоа го развиваа Џозеф Шумпетер, Рејмонд Арон, Џон Кенет Галбрајт и Даниел Бел, меѓу другите, во текот на 1960-тите и 1970-тите години. Во истиот дух е и поновата книга „Менаџерски капитализам: сопственост, управување и нов начин на производство“, од Жерар Думенил и Доминик Леви. За критичка анализа на оваа книга видете го текстот на Никол Ашоф во списанието Јакобин.

Перцепцијата на капитализмот како трикласно општество, со менаџерите кои се издигнуваат како нова владејачка класа, се темелеше врз контрастот кој го воочи Маркс, но никогаш целосно не го разреши – меѓу двете улоги на капиталистот: улогата на оној кој обезбедува средства за производство и улогата на оној кој ја организира нивната употреба (или според Леон Валрас, капиталистот и претприемачот). Би било логично тие две функции да бидат раздвоени – и тоа и се случи. Тоа раздвојување – како што тврдат споменатите автори – создаде нова, трета класа менаџери. Еден многу добар понов труд на авторот Александар Шират го разгледува овој феномен од марксистичка перспектива.

Но „менаџерската револуција“ беше преценета. Таа всушност не се случи никогаш, ниту пак се случува сега. Менаџерите како такви никогаш не успеаја да создадат трета класа. Наместо тоа, како што тврдам во мојата книга од 2019-тата година, а тоа го потврдуваат и неколку понови трудови, се случи подем на хомоплутската елита во САД, а делумно и во други богати капиталистички економии. Што е хомоплутија? Како што често правиме кога се соочуваме со нов феномен, прибегнуваме кон ковање нов термин користејќи грчки зборови: „исто богатство“, односно богатство што доаѓа и од таканаречениот „човечки капитал“ или од работен доход и од продуктивен и финансиски капитал, односно од сопственички доход.

Уделот на луѓето во најбогатите 10 проценти според доходот во САД кои истовремено се и меѓу најбогатите капиталисти и меѓу најплатените работници.

 

Хомоплутската елита се состои од луѓе кои истовремено се меѓу најбогатите капиталисти и меѓу најбогатите (најплатени) работници. Тоа можат да бидат извршни директори во финансискиот сектор, инженери, лекари, софтверски инженери, кои примаат високи плати, а воедно поседуваат и значителни финансиски средства што им генерираат доволно висок капитален доход за да ги позиционираат на врвот на распределбата на приходите од капитал. Тие пари можеби ги наследиле или можеби доволно штеделе во текот на животот од своите високи плати за да се трансформираат во најбогати капиталисти. Не го знаеме точното значење на секој од тие два канали на богатење, бидејќи оваа област на истражување е нова и сè уште никој нема користено лонгитудинални податоци кои, во принцип, би требало да ни дадат одговор на тоа прашање.

Емпириски, хомоплутијата ја набљудуваме на следниов начин. Ги земаме најбогатите десет проценти луѓе според доходот по оданочувањето во САД и пресметуваме колку од нив истовремено се и меѓу најбогатите десет проценти според доходот од работа и меѓу најбогатите десет проценти според доходот од капитал. Важно е да се напомене дека во класичниот капитализам би очекувале речиси сите што се во првите десет проценти според вкупниот доход, поголемиот дел од тој доход да го остваруваат преку сопственост врз капитал, но речиси никој од нив да не биде меѓу најплатените работници. Значи, да се биде богат и да се биде капиталист било синонимно. Всушност, токму тоа и денес го наоѓаме во помалку развиени капиталистички економии како Бразил или Мексико.

Во поразвиени капиталистички економии како што се САД, речиси една третина од луѓето со висок доход истовремено спаѓаат и меѓу најплатените работници (кога луѓето се рангирани само според доходот од работа) и меѓу најбогатите капиталисти (кога луѓето се рангирани само според доходот од капитал). Понатаму, гледаме дека значењето на хомоплутијата постојано се зголемува во последните четириесет години.

Графиконот кој го напишав заедно со Џонатан Берман, го документира ова користејќи три различни извори на податоци: Анкетата на тековната популација во САД (најважната анкета за доход во САД, стандардизирана од страна на Luxembourg Income Study – LIS), Анкетата за финансии на потрошувачи (анкета што се фокусира и на распределбата на богатството и доходот во САД) и Дистрибутивните национални сметки (DINA), кои првично ги развија Томас Пикети, Емануел Сез и Габриел Зукман, а кои комбинираат фискални, анкетни и национални сметководствени податоци. Сите три извори го покажуваат истото: уделот на хомоплутските богаташи пораснал од една петтина на најбогатите 10 проценти во 1980-тите на речиси една третина денес. Понатаму, Берман и јас проценуваме дека околу 20 проценти од порастот на нееднаквоста на доходот во САД од 1980 година до денес може да се објасни токму со растот на хомоплутијата, и тоа кога сите други фактори се константни, а единствено се зголемува врската помеѓу високиот доход од работа и капиталот кај истите поединци. Ефектот на хомоплутијата е посилен од ефектот на зголеменото учество на капиталот во вкупниот доход. Едноставно кажано: не е важно само тоа што уделот на капиталот во вкупниот доход во САД пораснал; уште поважно е тоа што тој пораст на капиталниот доход завршил во рацете на луѓе кои веќе имале високи плати. Анализите на растечката нееднаквост на доходот повеќе не можат да го игнорираат овој развој на настаните.

Процент на домаќинствата збогатени од труд кои истовремено се богати и од капитал, врз основа на податоците од LIS за периодот 2015–18.

 

Зошто е важна хомоплутијата? Можеби изгледа дека тоа е посакуван развој на настаните затоа што ја брише класната разлика помеѓу капиталот и трудот. Тука имаме луѓе кои во својата личност ја поништуваат клучната разлика што беше извор на класни борби и револуции. Што не е во ред со тоа? Зарем тој развој не треба да се поздрави и слави? На некој начин да, но сепак не – поради многу други причини. Исто така, хомоплутијата претставува создавање нова елита која е отпорна на шокови на пазарите на труд и капитал, и е во состојба да ја зачува својата позиција дури и ако стапката на поврат на големи капитални износи (како што се нивните) опадне или ако нивните високо квалификувани работни места одеднаш станат послабо платени. Тоа е елита отпорна на макроекономски шокови, составена од високо образовани луѓе кои учеле во најдобрите училишта и веројатно чувствуваат дека ја заслужуваат својата надмоќна позиција. За разлика од старомодните капиталисти, припадниците на хомоплутската елита сметаат дека го заслужуваат својот висок доход: можеби соодветно ќе го заборават капиталниот дел од тој доход и ќе се фокусираат исклучиво на оној од труд за кој долго учеле и кој сега вредно го извршуваат.

Три работи овде се поврзани: сопственост на голем капитал, висок степен на образование и високо платена работа. Така, наместо класното општество на стариот капитализам, сега имаме општество со кое управува елита. Во своите личности тие ја надминуваат контрадикцијата меѓу капиталот и трудот, но тоа го постигнуваат само по „цена“ на издвојување од остатокот од општеството – со создавање елита која седи на неговиот врв.

Новиот капитализам е присутен во сите развиени земји. Графиконот пресметан врз основа на податоци од Луксембуршката анкета за доход (LIS), го прикажува процентот на луѓе во најбогатите 10 проценти според доходот кои припаѓаат на хомоплутската елита: тој удел се движи од речиси 30 проценти во САД и Италија, до 16 проценти во Јапонија и Јужна Кореја. Меѓутоа, во помалку развиени капиталистички земји (Унгарија, Бразил, Мексико) тој е под 10 проценти. Патем, и можеби значајно, податоците за Кина од 2013-тата година покажуваат дека уделот на хомоплутските поединци во таа земја е поголем отколку во која било друга, и изнесува 32 проценти.

Оваа елита ќе биде целосно оформена и непробојна кога на неа ќе ѝ припаѓаат 80 или 90 проценти од најбогатите 10 проценти според доход. Општеството поделено по класи, какво што некогаш постоеше, би исчезнало и би му отстапило место на општество со кое управува елита, за кое економските и политичките теории за доминација на елитата би можеле да бидат порелевантни од едноставната марксистичка класна анализа.

Насловна слика: Morad Kotkot

Извор: https://branko2f7.substack.com/

ОкоБоли главаВицФото