1013 hPa
81 %
4 °C
Скопје - Пон, 16.03.2026 01:05

Политичкиот систем на Соединетите Држави одамна се темелен на владеењето на привилегираната елита и капиталот, но од враќањето на Доналд Трамп многу нешта укажуваат на трансформација насочена кон воспоставување покласичен авторитарен режим. Минатата недела Трамп најави дека ќе ја распореди Националната гарда на улиците на Чикаго, Њујорк и други градови – воена формација која веќе ја испрати на улиците на Лос Анџелес и Вашингтон.
Формалната причина во случајот со Лос Анџелес беа протестите против имиграциската политика на Трамп, но ситуацијата никако не бараше воена интервенција, на која се спротивставија и локалните власти.
Во Вашингтон, изговорот беше борбата против криминалот, иако стапката на криминал таму е најниска во последниве три децении. Потоа, на 25-ти август, Трамп најави дека Министерството за одбрана генерално ќе има поголема улога во спроведувањето на законите и дека сите сојузни држави ќе воспостават единици на Националната гарда наменети за „обезбедување јавна безбедност и ред“.
Се разбира, на мета, пред сè, ќе бидат градовите со демократи на власт. Истовремено тој ја најави смената на Лиза Кук од местото гувернерка на Федералните резерви (американската централна банка). Формалниот повод беше тоа што е обвинета за измама поврзана со хипотека на личен имот. Вистинската причина е фактот што Кук се спротивставува на намалувањето на каматните стапки на нивото кое го бара Трамп.
.jpg)
Таа е првата Афроамериканка на таа позиција. Нејзиниот мандат требаше да трае до 2038-мата година, а таа одби да поднесе оставка и најави тужба. Трамп потпиша и уредба со која за палење на американското знаме се пропишува затворска казна до една година. Следниот ден најави дека неговата администрација ќе бара сите убиства извршени на територијата на Вашингтон да се казнуваат со смртна казна.
Ова се само примери од последните денови и недели. Претходно, Трамп драстично ја заостри имиграциската политика. За да се исполни неговата цел – депортација на милион нерегуларни мигранти годишно – Имиграциската и царинската служба врши рации во училишта, болници и верски објекти. За депортација на државјани на Венецуела обвинети дека припаѓаат на криминалната банда Tren de Aragua (ТДА), беше искористен Законот за странски непријатели, кој може да се применува само во воена состојба.
Актуелната администрација ја прогласи ТДА за терористичка организација која врши инвазија врз САД. Професорката по право на Универзитетот во Хјустон, Емили Бермaн, наведува и дека правната основа врз која Трамп ги наметна веќе прочуените царини – е никаква. Имено, условите за примена на Законот за меѓународни вонредни економски овластувања, кој служеше како покритие, не беа исполнети. А повеќе судови утврдија дека тој пропис воопшто не вклучува овластување за царини.
Во сите случаи рецептот на Трамп е идентичен, наведува Бермaн во текст објавен на германскиот стручeн правен портал Verfassungsblog. Споменатиот рецепт подразбира „користење измамнички или целосно измислени информации како основа за прогласување вонредна состојба, потпирање врз измислена вонредна состојба за да се повика на вонредни правни овластувања, а потоа потпирање врз тие овластувања за преземање мерки кои ги надминуваат дури и широките овластувања што законот ги дозволува во вонредни ситуации“.
.jpg)
Бермaн не исклучува ниту дека Трамп политиката на сè посилна милитаризација би можел да ја комбинира со својата друга опсесија – наводното губење на претседателските избори во 2020 година. Односно, таа предвидува дека Трамп во иднина би можел да испрати војска на избирачките места за да влијае врз изборните резултати.
Што се однесува до надворешната политика, многу е напишано за наклонетоста на Трамп кон автократи како Владимир Путин. Сопствената наклонетост кон нелегална употреба на сила и на меѓународната сцена веќе ја докажа со бомбардирањето на Иран, а токму сега најави и преименување на Министерството за одбрана во Министерство за војна.
Згора на сè, опозициската Демократска партија делува изгубено и неспособно да мобилизира отпор. Американската иднина изгледа прилично мрачна, а со оглед на воената и економската моќ, влијанието на САД во голема мера важи и за остатокот од светот.
.jpg)
Карикатури: Thiago Lucas
Извор: https://www.portalnovosti.com/