Адолесцентите, осаменоста и темното огледало на интернетот

01.09.2025 23:29
Адолесцентите, осаменоста и темното огледало на интернетот

„Повеќето родители со кои разговарам загрижени се дека со нивните деца се случува нешто неприродно и дека нешто им недостасува (речиси сè, всушност) додека минуваат часови закачени на интернет. А освен тоа, понекогаш ми кажуваат и нешто уште потажно: дека се чувствуваат како да ги изгубиле.“

Овие зборови, кои на некои можат да им звучат премногу алармантно, ги пишува американскиот психолог Џонатан Хајд во првите пасуси од својата книга The Anxious Generation. Хајд овие тврдења во книгата дополнително ги разработува, проширува и ги поткрепува и со бројки и со аргументи, за да одговори на прашањето зошто на почетокот на 2010-тите дојде до синхронизиран пораст на стапката на анксиозност и депресија кај адолесцентите ширум светот.

Сериозната вкрстена анализа на податоците, што ја направил Хајд, покажува дека дошло до „нагло и значајно зголемување на силните депресивни епизоди што започнале отприлика во 2012-тата година“, кога според него депресијата „станала два и пол пати почеста“, без разлика на полот, расата или општествената класа на испитаниците. Кај американските адолесценти (13–19 години), од 2010-тата година „тешката депресија“ пораснала за дури 145 проценти кај девојчињата и за 161 процент кај момчињата. Тоа се податоци од годишно владино истражување спроведено во различни видови образовни установи во САД. Иако тенденцијата на пораст на депресивните епизоди се јавува кај сите возрасни групи, таа станува пониска (иако сè уште постојана и многу висока) кај малку постарите испитаници. На пример, кај лицата на возраст од 18 до 25 години порастот е 92 проценти, а кај оние од 26 до 34 години – 62 проценти.

Истото може да се забележи и кај други нарушувања, со посебна вируленција кај дијагнозата анорексија, која во САД се удвоила помеѓу 2010-тата и 2020-тата година. Стапката на самоповредување кај адолесцентките се зголемила речиси трипати во истиот период, а пораснала и кај момчињата. Според едно сериозно истражување спроведено во 2023-тата година меѓу американски студенти (односно, оние што влегле во пубертет во претходната деценија), 37 проценти од испитаниците изјавиле дека се чувствуваат анксиозно „секогаш“ или „најголемиот дел од времето“. Други 31 процент изјавиле дека се чувствуваат анксиозно „речиси половина од времето“. Тоа значи дека речиси седум од десет испитаници секојдневно чувствувале вознемиреност.

Официјалните податоци што се однесуваат на Шпанија се совпаѓаат со оние што ги наведува Хајд. Извештајот Еволуција на самоубиствата во Шпанија кај деца и адолесценти, објавен од Биомедицинскиот истражувачки центар на Мрежата за ментално здравје на Универзитетот Комплутенсе во Мадрид, покажува тенденција на опаѓање на бројот самоубиства пред 2000-тата година, за потоа таа тенденција да почне да се менува во 2010-тата година (значи, почнала да расте). Подоцна, попрецизно, по 2020-тата година, ќе дојде до уште поголем пораст (што се припишува на психолошките последици од кризата предизвикана од појавата на ковидот). Но, треба да се напомене дека овој тренд бил во пораст и во годините пред ковидот. Тоа се годините каде Хајд утврдува „пресврт“, како во Соединетите Американски Држави, така и во Обединетото Кралство, Канада, нордиските земји и така натаму.

Во Шпанија самоубиствата се главна причина за смрт меѓу младите на возраст од 12 до 29 години. Во 2021-вата година во овој распон биле регистрирани 336 случаи на самоубиство (со два случаи на деца до 12 години). 71,2 проценти биле момчиња. Ништо невообичаено, бидејќи бројот на мажи кои си го одземаат животот е значително поголем од бројот на жени насекаде во светот. Но, исто така е важно да се истакне дека бројките стануваат послични кога ќе се погледнат возрасните групи од 12 до 17 години, меѓу кои истата година 55,4 проценти од самоубиствата се однесуваат на момчиња, а 44,6 проценти на девојчиња. Опсерваторијата за самоубиства во Шпанија во најновиот извештај истакнува дека во 2022-рата година дошло до повеќе од значаен пораст на случаите на самоубиства меѓу адолесцентите на возраст од 15 до 19 години. „Ако во 2021-вата имало 53 (28 момчиња и 25 девојчиња), во 2022-рата имало 75 (44 и 31).“

Искривеното екранско огледало

Треба да се има предвид дека ниту едно човечко суштество не е исто со друго и дека, како што истакнуваат стручњаците, нешто толку сериозно како самоубиството не може да се припише на еден единствен причинител, уште повеќе што човечката психа во најголем дел останува мистерија. Можеме да зборуваме за „прекинувачи“ и ситуации (како што се внатрешни кризи, загуба на блиски, откази, љубовни раскинувања...) што можат да нè турнат во состојби на долгорочен очај, без да ја видиме светлината на крајот од тунелот.

Понатаму, за Џонатан Хајд сите горенаведени бројки се во директна корелација со злоставувањето на интернет и со она што тој го нарекува „Голема реконфигурација на детството“ – феномен што го сместува помеѓу 2010-тата и 2015-тата година: „Општествените обрасци, моделите на однесување, емоциите, телесната активност, па дури и обрасците на спиење кај адолесцентите беа радикално реструктурирани за само пет години. Секојдневниот живот, свеста и општествените односи на тринаесетгодишниците што имаа Ајфон во 2013-тата (и кои беа родени по 2000-тата година) значително се разликуваа од оние на тринаесетгодишниците со старите мобилни телефони од 2007-мата (а кои беа родени во 1994-тата година). Видлив е јазот во навиките и обичаите на таканаречената генерација Z, која почна да се раѓа во 2000-тите и на која стабилната, континуирана и независна интернет-врска ѝ беше практично на дофат на рака преку мобилните телефони од новата генерација.

Зависноста од тие уреди, што води кон поробување и што може да биде опасна, е достапна речиси за секого. Хајд објаснува дека помеѓу 2001-вата и 2010-тата година (кога огромен број домаќинства во развиените земји веќе имаа компјутер со интернет, но мобилните телефони дозволуваа само повици и праќање СМС пораки) менталното здравје на адолесцентите не се влошувало. Всушност, „тинејџерите миленијалци (родени меѓу 1981-вата и 1995-тата), кои пораснаа играјќи игри за време на првиот бран на компјутерската револуција, беа во просек малку посреќни од нивните врсници од генерацијата ИКС (родени помеѓу 1965-тата и 1980-тата). Во вториот бран на технолошката револуција дојде до брз подем на технологиите што почнаа да ги поврзуваат паметните телефони со социјалните мрежи, достигнувајќи до повеќето домаќинства отприлика во 2012-вата или 2013-тата година. Тогаш менталното здравје на адолесцентките почна нагло да паѓа, исто како што менталното здравје на момчињата почна да се менува на подифузни начини.“ Хајд отфрла дека сето тоа има врска со глобалната финансиска криза што почна кон крајот на 2008-мата година и со нејзините последици врз домаќинствата, тврдејќи дека, ако било така, падот на депресијата би го следел економското закрепнување, а се случи токму спротивното.

Тој вели дека се работи за „длабока трансформација на човечката свест и човечките односи. Луѓето се раѓаат залепени за мобилниот телефон. Тоа го означува дефинитивниот крај на детството засновано на игра.“ „Би можеле да кажеме дека екосистемот на социјалните медиуми (заснован на паметните телефони и селфи-културата), каков што го знаеме денес, се појави во 2012-тата година, кога Фејсбук го купи Инстаграм и по воведувањето на предната камера на мобилните телефони. Од 2012-тата година многу петнаесетгодишнички мислеа дека сите имаат Ајфин и Инстаграм и дека секој се споредува со секого. И додека социјалниот живот на девојчињата се префрли на социјалните мрежи, момчињата се „закачија“ на видео-игри за повеќе играчи, Јутјуб, Редит и хардкор-порнографија, кои станаа достапни насекаде и секогаш, бесплатно и директно на нивните мобилни телефони.“

Имајќи предвид дека не станува збор за демонизација на технолошкиот напредок и на можностите што ги нуди (туку за тоа дека сè има своја тајна страна), разговаравме со неколку експерти за ментално здравје за да ги споредиме тврдењата на Хајд, но и за да добиеме заеднички согледувања за овој нов виртуелен „екосистем“ во кој живееме.

Антонио Р. Кано, клинички психолог и поранешен претседател на Шпанското друштво за проучување на анксиозноста и стресот, вака зборува за континуираните „споредби“ што ги поттикнуваат социјалните мрежи: „Луѓето се многу социјални суштества. Зависиме од другите за да преживееме. На сите ни се потребни признание и одобрување, и веќе неколку децении оставаме лајкови на фотографии на некој што патувал некаде или што се венчал...“ Со оглед на тоа, заклучокот до кој доаѓаат многумина може да се сумира во реченицата: „Јас сум јаден несреќник, зашто во споредба со толку многу успеси на другите, јас сум нула.“ Станува збор за лажен успех, и тоа не само зашто се однесува исклучиво на материјалните постигнувања, туку и затоа што, како што вели Кано, „никој не сака да признае дека е депресивен“, или тажен, или дека минува низ тешки фази, така што тој виртуелен излог ја поткрепува заблудата дека сите се среќни освен ние.

Ако овој вид мини-фрустрации може да ги обесхрабри повозрасните луѓе (кога размислуваат за успесите на другите), не е тешко да се замисли какви ефекти можат да имаат фрустрациите на оние што минуваат низ толку важно и комплексен животен период како адолесценцијата – период во кој почнуваат да го градат сопствениот идентитет и кога се обидуваат да откријат кои се и што се.

Психологот Гонзало Хименез Кабре, кој е релативно млад, но има солидно искуство во лекувањето деца и млади, и во јавното здравство и во приватната пракса во Мадрид, вели дека „за време на пубертетот живееме со впечаток дека сите гледаат што правиме; како да сме постојано опкружени со некаква имагинарна публика. „Тој впечаток уште повеќе се засилува со социјалните мрежи“ и се материјализира надвор од виртуелниот свет. „Забележавме корелација помеѓу времето поминато пред екрани и непријатноста да бидеме сами“, а причината за тоа е речиси постојаното споредување: „Индивидуите ја создаваат својата субјективна општествена реалност врз основа на своето перцепирање на примените информации. Тинејџерите веруваат дека голем дел од светот околу нив е многу среќен, а тие самите се исклучок. Тоа е како да си нанесуваш постојана болка што се претвора во лична несигурност, анксиозност, депресија, а сето тоа поради неисполнување одредени општествени очекувања.“ Тука имаме работа со искривено огледало што пренесува суптилна и токсична порака дека мора да бидеме подобри од тоа што сме, да тежнееме кон нешто подобро од она што го имаме и дека, најпосле, на некој начин сме дефектни или проколнати затоа што не сме живееле таков „стратосферски“ живот кој секогаш е изместен. (Никогаш ништо не е доволно).

Многу млади луѓе што Хименез ги лекува пораснале во услови на самодеструктивна динамика, често поради „некои физички карактеристики“ што не се вклопуваат во хегемониот канон за тоа што некој треба да биде или како треба да изгледа. Затоа младите можат да создадат многу искривена слика за себеси, која објективно нема никаква врска со реалноста.

Магични кругови

Во овој виртуелен лавиринт се појавуваат многу други ефекти. Нешто сериозно (на што, според мислењето на терапевтите, не се пристапува правилно) е хиперсексуализацијата во која сме нурнати, а уште повеќе и преку екраните. Тоа го влошува претходно споменатото физичко споредување меѓу адолесцентите, предизвикувајќи поголема или помала присилна тенденција да бидат вреднувани – и особено ценети – поради својата еротска привлечност. Тоа е образец што, како што вели терапевтот Гонзало Хименез, не само што не се ограничува, туку денешното општество го поттикнува и поздравува, на пример преку однесувања и говори што регетон музиката ги разоткрива без комплекси: „Толку многу присуство, експлицитно или не, на сексуални ставови има во музиката, во телевизиските програми, во рекламирањето и на интернет... што на крајот предизвикува значаен психоафективен ефект. Поради ова се појавува сè повеќе и повеќе предвремена сексуалност, понекогаш дури и кога пубертетските промени сè уште не се случиле.“

Адолесцентите сметаат дека „мораат да се приспособат на примерите на мачо-мажи и сладострасни жени – сексуални објекти. Тој притисок многумина ги доведува до криза на самодовербата и до тенденција да ја компензираат преку разни типови режими на исхрана, телесни вежби, козметика итн. Глобалните податоци зборуваат за пораст на побарувачката за естетски операции во сè помлада возраст, што секогаш носи ризици. Имав случаи на 14-годишни девојчиња (кои понекогаш имаа и поддршка од своите родители) што се обидувале да ги зголемат градите или усните, а немаа ни време да се развијат. Адолесцентите сè ги води кон тоа да бидат посексуализирани.“ Тоа доведува до притисок, и кај момчињата и кај девојчињата, што побрзо да станат сексуално активни. Значи, од една страна имаме „ризични однесувања во смисла дека има такви што се мошне пермисивни кога станува збор за интимните односи“, а потоа имаме и друга крајност – каде што станува збор за инхибиција. „Таму ги наоѓаме понесигурните деца, кои се многу плашливи кога станува збор за дружење“; тие деца не се гледаат себеси како способни да ги исполнат очекувањата што, всушност, никој од нив и не ги бара.

Епитом на сето ова е „застрашувачкиот пристап“ до онлајн-порнографијата, која денес е достапна за секого, од најблагата до најодвратната. „Сретнав трауматизирани момчиња и девојчиња“, вели Хименез. „Бидејќи психата во тие години не е подготвена за асимилација на информациите, таа генерира одреден ефект.“ Кога тоа станува навика, целата таа конфузија завршува како сексуално образование кај многумина: станува збор за „механички, животински, денатурализиран модел“ на доживување на сексуалните односи, „каде што жените вообичаено се третираат како обичен инструмент за задоволување на мажите“ и според кој момчињата можат да претпостават груба и предаторска машкост како посакувани модели на однесување. Истовремено, претераната еротска стимулација на која се изложени адолесцентите – и нејзиното систематско задоволување – може да доведе до буквално магичен круг на фрустрации, внатрешна празнина, губење на самодовербата и на животниот хоризонт. Тие можат да ги пропуштат искуствата и откритијата што природно се доживуваат во оваа возраст, почнувајќи со негување здрав однос со своите врсници.

Магичните кругови не завршуваат тука. Кога ја бараме потврдата на своето племе преку виртуелен успех – следбеници, лајкови итн. – зависноста е неизбежна, без разлика дали успехот е постигнат или не. Таа потврда ја добиваат кога се чувствуваат важни, „популарни“ (буквален удар на допамин), па на крај стануваат зависни од пофалбите и аплаузот. Од друга страна, ако не успеат, настанува драма (анксиозност). Исто така, ако добијат потврда, а таа еден ден престане да доаѓа, ќе направат сè што е во нивна моќ за повторно да ја вратат. Замката – како корпоративна хидра што манипулира од позиција на големите платформи – секогаш функционира. Затоа е толку неопходно, и тоа не само кај адолесцентите, да се следи „виртуелна диета“. За да не мораат да поминуваат низ она што психолозите толку често го гледаат кај адолесцентите: синдроми на одвикнување, кои не се многу различни од оние кај зависниците од било која супстанца, а тоа најчесто се случува кога ќе им се одземе мобилниот телефон. Влијанието на сите овие елементи може да биде погубно врз расположението, енергијата, општото здравје и концентрацијата, а понекогаш доведува до неможност поединецот да се фокусира на каква било активност што бара минимум внимание, размислување и смиреност. Од ова потоа исклучително зависи културно-образовното ниво што се постигнува.

Доловување на осаменоста

Анксиозните состојби (се манифестираат како недостиг на здив, потење, тахикардија...), каква што е и депресијата, имаат заеднички корен: стравот. Тие состојби се маски на стравот од многу нешта со кои веруваме дека не можеме да се соочиме во животот. Но, како што пишува Џонатан Хајд, „додека стравот“ во својата најгруба форма „го активира целиот одбранбен систем во момент на опасност, анксиозноста активира некои делови од истиот систем кога тој претчувствува само една можна закана. Кога нашиот аларм се покренува на минимум поради обични настани, од кои многу не претставуваат вистинска закана, тоа нè држи во постојана состојба на анксиозност.“ Тогаш може да се појави нарушување што води кон катастрофални мисли, кога на пример себеси се гледаме како „безвредни“ бидејќи не одговараме на одреден модел. Тоа може да ги наведе тинејџерите да помислат дека „светот не ги прифаќа, дека не се вклопуваат, дека никој не ги сака и дека, на крајот, не вреди да се живее.“

Здравиот и директен однос со светот, средбата и дијалогот, споделувањето време и простор, како и опуштањето со други луѓе, се важен клуч – како за ублажување на проблемите за кои зборуваме, така и за нивно избегнување. Почнувајќи од тоа дека, како што по децении работно искуство вели Антонио Кано, „луѓето претпоставиле дека таблетите се решение“, додека тие се само „фластер“ што анестезира и само го одложува проблемот. Обидот да се избегне болката кога ќе изгубиме нешто или некого, а кога треба да тагуваме, само го зголемува страдањето. Кано спровел клинички истражувања што покажале дека сигурните и неосудувачки дијалози меѓу депресивни луѓе даваат многу подобри резултати од психотропните лекови: „Склони сме да се обвинуваме себеси, да се посипуваме со пепел, да ги преувеличуваме лошите нешта, да се лутиме на самите себеси секој пат кога ќе се соочиме со неизвесност... Она што може да ни помогне е да ги ставиме тие нешта во здрава перспектива: да видиме и да согледаме што ни се случува и да не се плашиме да го кажеме тоа. Тоа веќе е реинтерпретација.“

Толку повеќе е значаен фактот дека повеќе мажи отколку жени извршуваат самоубиство, а тоа има голема врска со (не)способноста за вербализирање и споделување на проблемите. Кај децата и адолесцентите, на кои одбивањето, вознемирувањето од групата, чувството на осаменост, беспомошност и неразбраност можат да предизвикаат огромна болка, обично се случува истото: „Девојчињата полесно ги споделуваат своите чувства, и тоа е добро. Од друга страна, мажите (и покрај современото време) отсекогаш имале мандат да бидат остри, бидејќи изразувањето чувства кај мажите (било) е поврзано со слабост.“ За девојчињата самоповредувањето и неуспешните обиди за одземање на сопствениот живот се „начини за барање помош; момчињата тоа го акумулираат во себе, повеќе размислуваат во самотија, а кога ќе донесат одлука, почесто ја спроведуваат.“

Во секој случај – а нијансата е важна – оние што размислуваат за самоубиство не сакаат да умрат, туку сакаат да престанат да страдаат. Самоубиството е само последниот, екстремен крик, повик за поинаков живот: живот во кој самоубиствената личност повеќе не верува дека е можен. Фактот дека тоа сè почесто се случува меѓу младите, а понекогаш дури и меѓу самите деца, треба, според експертите, да биде приоритетно прашање на дневниот ред на секое општество што се смета за „развиено“. Почнувајќи од поставување граници на активаторите што поттикнуваат штетни животни навики.

„Мораме да тежнееме кон тоа да бидеме, наместо да имаме“ (референца на книгата на Ерих Фром Да се има или да се биде.), заклучува Гонзало Хименес. „Мораме да ја негуваме поврзаноста со себеси и со вредностите што се наши, што се поврзани со талентите и повиците на секоја личност. Важно е да се преиспитуваат моделите на успех што се шират, а кои се засновани врз богатство и физичка привлечност, бидејќи секогаш се побогати оние што имаат време да бидат со пријателите, да се занимаваат со спорт или да свират некој инструмент, да поминуваат време со семејството или во природа, без да чекаат на повикот на камерата. Ни недостигаат сигурни врски за децата да можат да се чувствуваат забележани и препознаени во своите домови, и со нив да се споделуваат активности што ќе ги прават задоволни. Можеби треба да се однесат во тематски парк, но кампување или капење во река може да биде исто толку добро или дури и подобро, а е достапно за сите. Мораме да забавиме и да се исклучиме од преголемата зашеметеност од стимуланси. Наместо да чекаме на виртуелниот лајк, треба да бидеме среќни со внатрешниот лајк: да нè храни она што го сакаме и го доживуваме. Оттука повторно стануваат модерни mindfulness, медитацијата, јогата...“: за да научиме да бидеме присутни овде и сега, а не да бидеме анксиозни поради лажни успеси и наводни закани кои, во најголем број случаи, не постојат.

Слики: Henn Kim

Извор: https://ctxt.es/

ОкоБоли главаВицФото