1027 hPa
81 %
4 °C
Скопје - Саб, 17.01.2026 13:59

Да го заборавиме за момент тековното препукување помеѓу Трамп и претседателот на Федералните резерви. Да се вратиме на состојбата од пред шест месеци, состојба што траеше изминативе педесет години.
Од едната страна се наоѓа големиот и моќен табор на неолибералите. Како што покажува Квин Слободијан во својата извонредна книга Глобалисти: падот на империјата и раѓањето на неолиберализмот, неолибералите собрани околу друштвото „Мон Пелерин“ беа скептични во однос на способноста на прокапиталистичките политичари засекогаш да победуваат на изборите и така да ја одржуваат контролата врз полугите на законодавната и извршната власт. Со право стравуваа дека левичарските, социјалистичките и популистичките партии би можеле да превагнат. Како во тој случај да се заштити водењето на економските политики од социјалистичките нагони на овие партии? Решението беше најдено во постепено изземање бројни функции на државната управа од надлежноста на законодавната и извршната власт и нивно препуштање на чисто технички експертски агенции. Ако сите се согласиме дека монетарната и фискалната политика, деловната регулатива и така натаму се строго технички прашања што е најдобро да им се доверат на стручњаци, тогаш донесувањето одлуки во тие домени би било заштитено од влијанието на владејачките партии, па надлежните агенции би можеле спокојно да ги спроведуваат „правилните“ политики, во интерес на сопствениците на капитал.
Тоа е идеологијата од која израсна идејата за независноста не само на централните банки, туку и на другите економски релевантни сегменти од државната управа. „Независноста“ за која овде станува збор всушност е независност од демократски избраните носители на власта, кои треба да го застапуваат јавниот интерес. Слободијан заклучува дека во неолибералниот поглед на светот сè се сведува на разликата меѓу „доминиумот“, сферата во која економската моќ е во рацете на професионалците, и „империјата“, сферата во која избраните носители на власта извршуваат симболични функции како што се истакнувањето национални знамиња, одбележувањето денови на независност и организација на паради со воени оркестри, но немаат никакво влијание врз политиките од кои зависат каматните стапки, оданочувањето, регулацијата на деловното работење, движењето на капиталот. Сите навистина важни работи се извршуваат во рамки на „доминиумот“.
Таквиот пристап беше „интернационализиран“ во 80-тите и 90-тите години на минатиот век. Под водство на Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд, сè поголем број земји ја прифатија „деполитизацијата“ на централните банки и, во помала мера, на останатите технички сектори на економското одлучување. Графиконот подолу, што го презедов од написот на Адам Туз, неодамна објавен на Substack, го покажува трендот на значително зголемување на независноста на централните банки во богатите земји во светот во периодот од 90-тите години до глобалната финансиска криза во 2008-мата година (што воопшто не нè изненадува). Тоа беше важен елемент на неолибералната глобализација што го препишаа многу земји во развој. Таквиот поглед на светот не дозволува независноста на централната банка да биде доведена во прашање.

Независноста на централните банки во развиените економии, 1970–2022.
Патем треба да се забележи дека тој пристап е многу сличен на пристапот што денес е прифатен во Кина. Може да се тврди (како што тврди Тонгдонг Бај во книгата Против политичката еднаквост) дека најдобро би било целата политичка сфера да се препушти на техничко управување од високо квалификувани експерти. Надзорот е потребен. Но тоа само ја намалува ефикасноста на системот. Никој не предлага со гласање да се изјаснуваме за одлуките на лекарите. Од истите причини, најсложените економски и политички прашања треба да им се препуштат на луѓе кои се обучени и компетентни за тоа. Проблемот со владите избрани на избори е во тоа што тие се обидуваат да се вмешаат во процесот на одлучување. Проблемот дополнително се влошува кога владите ги избираат луѓе со недоволно познавање на економијата и политиката.
Неолибералното гледиште привлече многу критичари изминативе педесет години. Да го наречеме таборот на критичарите „демократски табор“. Нивниот став е дека одлуките за економијата мора да имаат изборен и демократски благослов за воопшто да бидат легитимни, како и сите други владини одлуки: законодавните тела можат да решат да ја подигнат или спуштат старосната граница за гласање, исто како што можат да решат да ја подигнат или спуштат каматната стапка. Важно е одлуките за клучните економски прашања да останат под контрола на избирачкото тело; тоа е дури и поважно отколку во случајот со некои други одлуки, бидејќи овие прашања директно влијаат врз сите граѓани. Ако за сè поголем број прашања одлучува професионално-менаџерската класа, тогаш за што служат демократијата и избраните носители на власта? Да нè поведат во пеењето на државната химна?
Такви беа позициите на двата табори.
Потоа се појави Трамп. Како избран носител на власта, Трамп сака да ги контролира и Федералните резерви. Дали тоа го приближува кон демократскиот табор? Ниту најмалку. Трамп всушност ја зацврстува неолибералната агенда. За да го согледаме тоа, треба да се потсетиме како независноста на економското одлучување првично стана дел од неолибералната агенда: „традиционалните“ неолиберали беа песимисти во однос на способноста на ним блиските конзервативни политичари и партии да ја освојат и задржат власта. Залагањето за независност на економските агенции всушност беше начин да се спречат „лоши“ исходи во случај непријателски партии и политичари да дојдат на власт.
Но неолиберализмот на Трамп не е ниту песимистички ниту дефанзивен. Тој е оптимистички и агресивен. Ако денес тој – а утре некој нему сличен политичар – ја има во рацете целата политичка моќ, зошто да не ги преземе и сите економски институции? Мизес и Хајек сигурно би го одобриле тоа – но и понатаму би биле скептични во поглед на капацитетот на таквите политичари да ја задржат власта. Со Трамп тоа не е случај.
Се покажува дека клучната разлика помеѓу Трамп и „традиционалните“ неолиберали всушност е во нивниот оптимизам или песимизам во однос на одржливоста на успешната контрола на власта, а не во почетната позиција за тоа дали на неолибералите воопшто треба да им се дозволи да ги преземат економските институции. „Традиционалните“ неолиберали беа песимисти; Трамп е оптимист. Тој е уверен дека неолибералите и МАГА барем некое време ќе владеат со светот (сигурно и со САД). Ако е веќе така, зошто да не завладеат и со Федералните резерви?
Карикатура: Yassin Alkhalil
Извор: https://branko2f7.substack.com/