Летни повторувања: птици, самовили, наречници и шепкач(к)и на птици

03.09.2025 12:44
Летни повторувања: птици, самовили, наречници и шепкач(к)и на птици

 

ЦРВЕНО

Летата доаѓаме во Скопје. Сите, без исклучок, ако не се смета годината на пандемијата. И во неделите од скопските лета вообичаено излегуваме со Илак и моите пријателки некаде во природа, дали Градскиот парк, дали Скопска Црна Гора, Матка или Водно, сеедно. Минатото лето во еден пеколно жежок ден излеговме до реката Треска во истоимениот широк ресторански простор распростран долж реката. До реката и под сенките на столетните дрвја температурата е неколку степени пониска. Има и лулашки од кои една е бамбусова во форма на јајце.

Секогаш ја бирама најблиската маса до реката. Жуборењето и раздвиженото течење во една насока ни се чини лелеаво, па и ние стануваме такви, лелеави. Тоа неделно претпладне една од пријателките ја нишаше Илак во јајцето додека останатите брборевме пиејќи кафе.

Во еден момент ‒ познат звук на крици од птица што паѓа (во река), птица која губи воздух, проследен со извикот на пријателката дека Илак се грчи и добива епилептичен напад. Така вкочанета не можеме да ја извадиме од јајцето. После доста обиди некако успеавме да ја легнеме странично на тревата. Овојпат нападот беше многу јак. Никако не почнуваше да дише, таа птица. Во момент на паника сфатив дека префрлајќи ги сликовниците на Илак од една во друга торба сум го заборавила „лекот за спасување“. А птицата никако да земе воздух, лежи потемнета врз тревата. Пријателките почнуваат да кукаат, што ќе правиме, една трча во кола да вози до кај мене дома да го земе лекот, иако домот е оддалечен петнаесетина минути, а ние почнуваме да го сметаме времето во ситни мигови и секунди. Сепак таа отрчува. Другата вика брза помош. Минуваат минути, мигови и секунди и Илак конечно вдишува. Пепел‒сивото преминува во темно‒зелено, па во бело‒жолто, сè до розеникаво. Птицата ни се враќа. Враќањето е бавно, но сигурно. Одеднаш, побргу од што се надевавме, веројатно бидејќи е жежок јулски ден во испразнет град, брзата помош пристигнува. Приоѓа докторката од брза помош како самовила, со долги црни бујни коси и жар црвен кармин. Црвена самовила, ќе помислам подоцна. (Во исто време пријателката која отрча да го земе „лекот за спасување“ од дома, во ужас и паника, за да го скрати времето, ги преминувала сите семафори на црвено светло, секако со вклучени жолти трепкачки светла.)

Црвената самовила заедно со својата придружничка од брзата помош поседоа долго со нас, додека сè не си дојде повторно на свое место; се вратија воздухот, летот, жуборот и жегата.

***

Истото лето, еден месец подоцна, отидовме на роденден на сестра ми. Јас, птицата, мајка ми и татко ми. Татко ми се жалеше дека „го стегаат градите,“ и по пат и додека седевме. Цела вечер разговаравме радосно, роденденски, но татко ми не прекинуваше да се жали. Сите се обидовме да дадеме друго значење на градната болка, но татко ми ја извади краватата (која ја носи на посебни настани) и ја раскопча кошулата. Рече дека ќе си оди дома да прилегне. Си отидоа татко ми и мајка ми, а јас останав заедно со птицата. Една од пријателките (истата која ги преминуваше семафорите на црвено пред еден месец) со самовилски лесен допир нè укори дека треба посериозно да ги сфатиме жалбите на татко ми. Итно се вратив дома и наспроти неговиот отпор, заедно со сестра ми бргу го однесовме во болницата Осми септември. Таму веднаш му идентификуваа инфаркт кој бил во тек неколку часа, и почнаа да си ја вршат својата медицинска работа. Рекоа дека мора да го префрлат во Државната болница со кола од брза помош, за понатамошна интервенција.
Брзата помош конечно дојде: на врата се појави истата црвена самовила од пред еден месец, од кај реката Треска, овојпат во болница во еден часот по полноќ. Се сепна гледајќи ме и ме праша: „Па што бараш ти тука? Каде е птицата?“ Ѝ одговорив дека птицата спие спокојно, но татко ми има инфаркт. Овој пат имаше потреба да влезам со самовилата во колата на итна помош; заедно го довезовме татко ми во другата болница во ситните часови на ноќта, за да биде спасен.

 

СИНО

Едно лето подоцна, повторно во Скопје, ја носам Илак на танц и музика на Карпошово лето. Додека мојата пријателка паркира јас и Илак се проближуваме кон вжарената маса слушатели на женски хор. Музиката е гласна, делумно афонична и драматична. Влегуваме во масата луѓе и од неа се издвојуваат две непознати женски фигури, едната русокоса кратко потшишана, во сина кошула, која потскокнува и ми вели: ние сме од исто место (јас се прашувам за какво „исто место“ зборува; метафора ли е ова или дословно?), но музиката е премногу гласна за разговор. Двете непознати жени одеднаш изнаоѓаат столче и таа во сино ми викна, „Еве седни ја (за Илак) а ти мајка уживај, ние сме тука за неа“. Набљудувам отстрана додека двете жени ја гушкаат и ја нишкаат во ритамот на сега веќе мексиканска музика со модерен танц, додека ѝ ги креваат рацете и ритмично потскокнуваат. Не ми е сосема јасно кои се овие две жени, откаде дојдоа, но секако и јас здивнувам во оваа неочекувана помош и се препуштам на ритмот на чудната музика. Потоа доаѓаат народните танци од различни земји. Илак се мрда во некаков свој ритам и ја држи за рака жената во сино, додека другата жена ја гали по грбот.

Блиску сме до сè, до танчерите, пејачите, инструментите; неколку пати Илак фаќа за рака и по некоја танчерка, допира инструменти, ја осеќа музиката низ кожата. Се вклучуваат гајди и тапани. Во еден момент јас, зад неа, полу‒ослободена од неа, го гледам нејзиниот грб чудно вкочанет. Истиот миг знам што се случува ‒ нов епилептичен напад. Веднаш се стрчувам ѝ ја преземам главата и сакам да ја легнам настрана. На жените им треба неколку мигови да разберат што се случува, додека тапаните удираат до нас. Едната продолжува да ја виори млитавата рака на Илак во ритамот на зурлите и тапаните. И тогаш ми велат: „Ние сме докторки во брза помош. Ние сме тука за неа. Не се секирај. Ене го таму (во вжарената маса) имаме и анестезиолог. Не ја легнувај да не правиме драма. Тука сме ние (млитавата рака на Илак уште ја виорат и дрмаат во ритамот на народните танци). Добра е… добра е… добра е… “, повторуваат ритмично, ме смируваат, се смируваат, додека нападот трае, ли трае. Во еден момент од масата излегува и трета жена која вели, „јас сум докторка“ и се придружува. Како трите наречници од цртаниот филм „Заспаната убавица“, се наднесуваат и бајат врз столчето со млитавата Илак врз него, додека музиката трешти. Илак постепено се враќа, но не може ни да стане ни да оди. Третата најмлада наречница го викна својот маж-грамада, кој се издигна врз масата, ја подигна Илак во раце и ја однесе во далеку паркираниот автомобил. Сината самовила, заедно со другите наречници, дојдоа со нас до колата, разговараа, ни дадоа броеви и сопствени имиња, да им се јавиме ако имаме повторно потреба од Брза помош. „Јави се на овој број и побарај ја Синадинка, тука сум за вас“. Така заврши таа вечер со, овојпат сините, скопски самовили.

 

ЖОЛТО

Повторно отидовме кај сестра ми на роденден, една година подоцна од случувањата со црвената самовила, а неколку дена после средбата со сината, односно со трите наречници. Овојпат до кај сестра ми пеш одевме сами татко ми, Илак и јас, бидејќи мајка ми беше болна. По пат татко ми подзастануваше секои 5‒6 чекори жалејќи се дека го стегаат градите. Точно една година од инфарктот, точно по истиот пат, се држи за градите и подзастанува за здив. Овој пат знам дека станува збор за синдром на годишнина, емотивно-соматско преживување на истото… Илак исто застанува секои пет чекори и го чека деда си. Илак секогаш ги чека снеможените, како куче, како птичка, како желче.

Сега на роденденот татко ми не носи кравата и кошулата му е природно раскопчана. Седна и болките исчезнаа. Јас донесов кутија со игра „Добро прашање“ (дел од мојот роденденски подарок за сестра ми), сет ФАМИЛИЈА. Седнавме во круг и почнавме да играме.

На прашањето за омилен предмет од детството кој му недостига татко ми вели: фудбалска топка. Се присеќава како бил одличен голман, го викале Беара (според југословенскиот голман Владимир Беара) во неговото маало кое го викале Голгота маало, веднаш до Фурна маало, кај Радио Бран и Мала Станица.

На следното прашање, „која е твојата прва меморија и на колку години?“, татко ми се присеќава на неговите миленичиња, птиците. До петгодишна возраст живееле во Кичево и имале „пиленца, шатки, гугутки, кокошки...“ Едно лето, „слично на овогодишново“ пред да одат на одмор кај роднините во Белград, таткото на татко ми (полковник во ЈНА поради кој и биле сместени тогаш во Кичево) со „едно плаво камионче“ ги однел пилињата, шатките, гугутките, кокошките, во една воденица „на 10 километри од кај што живеевме; јас имав 4 години“, за да бидат згрижени додека биле на одмор. „Кога се вративме од одмор ги видовме сите пиленца, шатки, гугутки, кокошки дома во двор. Замисли, десет километри сите оделе, имале ориентација, си го нашле домот. Ете тоа го памтам. Многу ги сакав пилињата…“

Мене исто ми се паднаа неколку прашања за дом и сеќавања и се присетив како татко ми секое лето, додека бевме деца јас и сестра ми, а и подоцна, кога се роди мојата птица, од некаде изнаоѓаше и ни носеше тукушто испилени пиленца дома. Сите ги викавме Пикси и Дикси: половина од нив беа Пикси, а другата половина Дикси. Татко ми, како некаков шептач на птици, знаеше да ги успие пилињата, нежно покривајќи ги со рака птичјите очички. Така нè успиваше и мене и сестра ми, со својата голема дланка врз нашите очи.

На последното прашање за некакви интересни карактеристики во моето семејство, јас помислувам на навиката на татко ми да ни дава други имиња, некогаш верзии на други семејни имиња, некогаш наопаку. Внуките му се викаат: Владимирка (по него), Тодорка (по другиот дедо), Глиста спортиста (глиста ‒ омилен птичји оброк), Ифос, Анеле, и ‒ Илак.

Играјќи, се сетив дека често ја смирувам мојата птица, ја успивам, ја будам, комуницирам, ја тешам во тек на напад, нежно ставајќи ги моите дланки врз нејзините очи… И јас сум шепкачка на птици… исто како татко ми.

Колажи: Anja Wülfing

Слични содржини

Книжевност / Психологија / Живот
Психологија / Живот
Активизам / Психологија / Живот
Активизам / Психологија / Живот
Психологија / Живот
Психологија / Живот / Теорија
Психологија / Живот / Теорија

ОкоБоли главаВицФото