1027 hPa
81 %
5 °C
Скопје - Нед, 14.12.2025 14:59

Секојдневно сме преплавени со ужасни слики од Газа, Украина, Судан. Не треба да нè чуди што стануваме неосетливи на овие вести и што тие повеќе не нè шокираат. Десет деца убиени во Газа – па што, вчера беа дваесет. И обемните анализи станаа здодевни. Иако се појавуваат нови важни детали, како оној дека израелските служби изгледа знаеле за нападот на Хамас на 7-ми октомври и го дозволиле да се случи за да се оправда создавањето на Големиот Израел – анализите во основа секогаш ја повторуваат истата приказна. Ајде да го смениме пристапот и да се фокусираме на навидум малите детали кои, како фројдовски симптоми, кажуваат многу за нашата глобална ситуација: на изразите на лицата забележани со камера, на луѓето кои се дел од тековните ужаси во светот.
Да почнеме со чудните гримаси на Путин на прес-конференцијата по средбата со Трамп на Алјаска, каде што новинарите довикуваа прашања за војната во Украина обидувајќи се да го привлечат вниманието на двајцата големи воени злосторници. Првото што паѓа в очи е контрастот помеѓу Путин и Трамп кој стои до него. Тие како да си ги замениле улогите. Трамп е многу воздржан, се обидува да одржи достоинствен израз на лице на сериозен преговарач, додека Путин делува опуштено и ги менува изразите во распон од мрштeње до смеа. Така се однесува несомнениот победник на самитот: благо изнервиран, а всушност воопшто не му е гајле како изгледа, додека Трамп очајнички изигрува партнер во дијалог на рамноправни. Така се однесува губитник. На триумфот на Путин укажува и фактот дека Трамп, наводниот неутрален посредник во конфликтот, ги изговараше Путинoвите реченици. Така, во една од своите подоцнежни изјави, наведе дека „мирот сега зависи од Украина“.
Уште едно нешто на кое треба да се обрати внимание е тоа што, дури и ако по овој самит нема големи резултати, Путин не само што беше пречекан како лидер на голема сила, туку очигледно повторно воспостави другарски однос со Трамп, кој недостасува од средбите на Трамп со Зеленски или со западноевропските лидери. За Путин, Трамп секако не е неутрален медијатор кој посредува помеѓу двете страни во конфликтот. Иако се преправаше дека е сојузник на Украина и ЕУ кој се обидува да постигне договор со заедничкиот непријател, Трамп се однесуваше како Daddy Cool кој склучил дил со својот двосмислен непријател-партнер, а потоа се труди на своите недоверливи деца да им покаже дека токму таквиот дил бил одличен.
.jpg)
На тој начин Путин го потврди своето место на врвот од листата светски лидери-криминалци, а сега преминуваме на една жена која се однесува како обична граѓанка без политички врски. Тоа е Даниела Вајс, покровителка на доселениците на Западниот Брег која со децении ја организира окупацијата на палестинската земја. Во интервју со Пирс Морган таа одби да изрази дури и минимално сочувство за 20.000 убиени палестински деца во Газа. Нејзината цел е целата Газа и Западниот Брег да се исчистат од сите Палестинци, бидејќи тоа е земја која бог им ја дал на Евреите. Во таа порака нема ништо ново и оригинално. Вистинскиот ужас извира од тоа како се однесува додека го зборува тоа. Изразот на нејзиното лице е мешавина од лажна наивност и примитивна лукавост, со широка насмевка, небаре сето тоа самото по себе е разбирливо. Толку е совршена во оваа улога што понекогаш делува како сопствена карикатура. Тешко е да се замисли подобра комбинација на зло и лажна наивност.
Во неодамнешно интервју со Луи Теру таа ја објаснуваше стратегијата на ширење на населбите, при што описот на врската помеѓу доселениците и израелските власти звучи навистина уверливо: „Ние им помагаме на нашите власти. Нетанјаху е многу задоволен од нашата работа, како и од нашите планови за еврејската заедница во Газа. Се разбира, не може јавно да го каже тоа, па дава спротивни изјави, дека нашите планови не се реални. Добро, ние ќе ги направиме реални. Тоа не е ставање на властите пред свршен чин. Ние им помагаме. Тоа е чекор број еден во политиката. Не ги присилувате властите на ништо. Им отворате можности, ги охрабрувате, јавно ги поддржувате, им давате политичка поддршка.“
Таа ја гледа таа стратегија како продолжение на основањето на самиот Израел: прво се граделе населби во Палестина, па кога имало доволно населби, а и геополитичката ситуација се сменила, еврејските организации побарале новата територија да биде признаена како држава. Клучна е дволичноста на движењето на доселениците и официјалната политика на државните органи. Доселениците го прават она што државата официјално го негира, па дури и го осудува, а на тој начин создаваат услови државата да ја прифати новата фактичка состојба. Тука треба да се забележи дека „демократскиот“ Запад ја прави истата работа: официјално го осудува етничкото чистење во Газа и на Западниот Брег, но молчешкум го толерира, односно не презема никакви сериозни мерки против тоа, туку го поддржува Израел. Се чека маските да паднат и да се прифати ситуацијата на терен (Големиот Израел). Не ме чуди што група еврејски професори ја предложила Даниела Вајс за следна добитничка на Нобеловата награда за мир.
.jpg)
А што е со лицата на нејзините жртви за кои таа нема милост? Наместо вообичаени фотографии на изгладнети деца и тела во разрушени згради, го одбрав испиениот лик на Марван Баргути кога во самицата го посети Итамар Бен-Гвир, израелскиот министер за безбедност кому своевремено му било судено за расизам. На краткото видео што Бен-Гвир го сподели на мрежите, го гледаме како му се обраќа со закани на Баргути, кој е во затвор повеќе од 20 години. Тој е осуден на четири доживотни робии, но и понатаму е популарен меѓу Палестинците – често го нарекуваат палестински Мандела. Ако го споредите изгледот на Баргути на снимката со неговите стари фотографии, разликата е шокантна: пред многу години зрачеше со енергија, а сега е сенка на себеси, слаб старец без коса, беспомошно се ниша и не може да зборува. Очигледно е жртва на систематско изгладнување и тортура.
Зошто Бен-Гвир ја објави оваа понижувачка снимка токму во овој момент? Причината е јасна: тоа е реакција на фактот дека многу клучни западноевропски земји изразија намера да ја признаат палестинската држава, додека Баргути важи за клучна фигура во дводржавното решение на блискоисточната војна – но, зошто? Еден од ретките гласови на разумот во Израел е Ами Ајалон, поранешен лидер на Шин Бет, кој на 14-ти јануари 2023-тата година рече: „Ние Израелците ќе бидеме безбедни дури тогаш кога Палестинците ќе имаат надеж. Тоа е равенката.“ Израелските власти тогаш би требало да го ослободат Баргути, заробениот лидер на Втората интифада, заради директни преговори за создавање на таа надеж: „Погледнете ги палестинските анкети. Тој е единствениот лидер кој може да ги поведе Палестинците во изградба на држава покрај Израел. Пред сè затоа што верува во концептот на две држави, но и затоа што својот легитимитет го стекна седејќи во нашите затвори,“ рече Ајалон.
.jpg)
Накусо, Баргути е единствената личност која може да го победи Хамас на слободни избори на Западниот Брег и во Газа. За разлика од Хамас, тој се залага за мирно, дводржавно решение, додека ја задржува целосната политичка независност за разлика од корумпираната Палестинска управа на Западниот Брег која е под израелска контрола. Затоа тој ќе остане во затвор (или дури ќе биде ликвидиран) доколку Израел сака да ја оствари својата цел за радикално етничко чистење на палестинските територии во организација на луѓе како Даниела Вајс.
Речиси две илјади години Евреите духовно ги одржуваше прочуената парола „Догодина во Ерусалим“. Ако Палестинците бидат протерани од Газа, нема да можат да порачаат „Догодина во Газа“ од Руанда или Јужен Судан или каде и да се најдат против своја волја – бидејќи мнозинството од нив воопшто не се од Газа. И таму веќе биле бегалци.
.jpg)
Карикатури: Marco De Angelis
Извор: https://slavoj.substack.com/