1026 hPa
80 %
-4 °C
Скопје - Сре, 14.01.2026 01:05

Во поимите од книжевната теорија кои барем со половина чекор зачекориле во „реалниот свет“ спаѓа и оној на имплицитниот читател. Станува збор за замислен читател кој авторот на некој роман, овој напис или, ако го прошириме медиумскиот репертоар, контент креаторот, „го има во глава“ кога пишува или создава производ што сака да го пласира пред јавноста.
И во ситуација кога само разговараме со помал број луѓе во WhatsApp група, свесно, несвесно или полусвесно креираме имплицитен читател составен од различни карактеристики, предзнаења, емоционални навики и чувство за хумор на членовите на групата. Нашите пораки секогаш сметаат на некаков пресек или просек на членовите и со тоа го приспособуваме тонот, референците или степенот на директност.
Не реагираат сите членови еднакво на иста содржина. Се разбира, постои разлика во креирањето на имплицитниот читател кога сите читатели лично ги познаваме и кога нашите потенцијални читатели, гледачи или слушатели се едноставно непознати луѓе. Имплицитниот читател е теориски конструкт кој му служи на авторот да креира и обликува содржина со оглед на претпоставеното знаење, навики и очекувања на вистинските читатели.
Но што ако повеќе, барем кога станува збор за новинарството, меѓу читателската структура не преовладуваат вистински читатели? Што ако составот на публиката на интернет се менува? Што ако најпосветените читатели на нашите вести, истражувања, анализи и колумни повеќе не се луѓе, туку машини? Како тогаш да го „замислиме“ имплицитниот читател? Дали воопшто сè уште постои?
.jpg)
Да откриеме веднаш: не е што ако, туку така е. За да го објасниме процесот мораме да се потпреме на термин стар околу една година. Негов автор е Нилај Пател, главен уредник на The Verge, портал посветен на вести од светот на технологијата. А терминот е – Google zero новинарство. Со тој термин се означува момент во релативно блиска иднина кога од пребарувачот на Гугл веќе нема да има сообраќај кон други страници и портали.
Гугл едноставно ќе стане затворен екосистем во кој наводно ќе ги добивате сите потребни информации. Значи, со терминот се означува точен момент, но всушност попрецизно би било да се каже дека се означува веќе присутна и добро воочлива тенденција. За да биде појасно, отидете на Гугл. И внесете некој поим, термин, појава или настан чие објаснување или вест на темата ве интересира.
Како што веројатно веќе сте забележале, на врвот на пребарувањето нема да ви се појават линкови кон сајтови и портали каде што можете да дознаете повеќе. На врвот ќе ви се појави AI Overview (AIO’s), преглед или резиме на темата што ве интересира, во изведба на вештачка интелигенција. Тие прегледи, барем како што велат во Гугл и како што им сугерираат искуствата на публиката, се доволно кратки и доволно информативни за да може да се користат во контекстите во кои ви се потребни. За да настане тој преглед, покрај „класичните луѓе“, некој требало да прочита тони содржина.
.jpg)
Според достапните податоци, пред десет години на секој посетител на страница Гугл „испраќал“ два бота за да ја обработат содржината. На почетокот на годината тој сооднос бил 6:1 во корист на ботовите, а до летото пораснал на 18:1. Значи, огромното мнозинство на читателството го сочинуваат машини, а не луѓе. Во случајот на OpenAI или Anthropic тој сооднос оди и до повеќе десетици илјади спрема еден.
Новинарските и сличните содржини на интернет повеќе не ги читаат луѓе, туку ги чита вештачката интелигенција за потоа да им ги понуди на истите тие луѓе во сумиран, елегантен и наводно доволен облик. Со тоа не само што се елиминираат основните елементи на новинарството како одговорноста и проверливоста, туку се доведени во прашање и основните бизнис модели на современото интернет новинарство.
Барем според податоците од американските портали веќе може да се воочи падот на сообраќајот што доаѓал од Гугл откако беа воведени AIO’s, а со тоа и општ пад на сообраќајот. Со постепеното зголемување на степенот на самодоволност на Гугл, опаѓа и интересот за плаќање реклами на сајтови и портали. Тие средства и реклами се насочуваат кон Гугл. До пред неколку години legacy медиуми се нарекуваа традиционалните медиуми, стари неколку децении кои ја преживеаја дигиталната транзиција и притоа го задржаа епитетот „угледни“. Денес веќе и стандардните портали можеме да ги подведеме под терминот legacy медиуми. Денес самиот хиперлинк станува ретро.
.jpg)
Проблемот не лежи само во трансформацијата на интернетот и дистрибуцијата на информациите во изведба на вештачката интелигенција. На пример, кога разговарате со припадниците на општествената група која порано се нарекувала младина, можете да го забележите нивното чудење на вашиот предлог да „прогулаат“ нешто. Тој тренд беше присутен и пред појавата на новите алатки на вештачката интелигенција. Тие повеќе не гуглаат и не одат на портали, тие одат на платформи и социјални мрежи, сè што им треба или што алгоритмот мисли дека им треба го дознаваат на тој начин.
Значи, се поставува прашањето како да се преживее во контекстот на технолошките и генерациските промени? Некои издавачи гледаат решение во склучување договори со различни AI платформи и компании, некои се залагаат за построга регулација, а некои надежта ја гледаат во специјализираната тематика и поетика и во персонализираниот однос со корисниците и читателите, па одат толку далеку што сметаат дека овие трендови би можеле дури и печатот повторно да го направат интересен.
Најрадикалните пак застапуваат одреден вид акцелерационизам: што побрзо да дојде до Google zero точката и да пропаднат сите медиумски куќи и бизнис модели, бидејќи со тоа ќе пропаднат и AI алатките кои ја преземаат и обработуваат нашата содржина. Повеќе едноставно нема да има што да преземаат и обработуваат, па ќе мора да дојде до нова, поинаква трансформација на полето. А некои едноставно се водат според зборовите на сараевскиот актер и TikTok комичар Керим Чутуна на почетокот од песната „Розеви солзи“ на Јала Брат и Буба Корели: „Некого го турка тато, некого мама, а мене алгоритамот.“
.jpg)
Карикатури: Hajo de Reijger
Извор: https://www.portalnovosti.com/