Илинка

09.09.2025 02:35
Илинка

Вчера нејзината блага насмевка на фотографијата на ФБ-профилот на Кинотеката по повод нејзината смрт, ме трогна, ме растажи и ме врати во едно неповторливо време во македонската култура во 70-те, чиј фокус, барем за мене, тогаш беше токму таа, нашата Илинка.

Така ја викавме Илинденка Петрушевска сите ние што ја знаевме и сакавме како блиска пријателка, како вљубеница во филмот или како најхаризматичниот дух во Кинотеката.

Нејзиното име Илинденка беше слободарска шифра за македонската историја, па затоа не беше чудно што и самата беше слободарски дух. Бидејќи беше родена во Втората светска војна, 1944, во бугарски затвор во кој беше затворена мајка и‘, партизанката која била последната што го испратила Кочо Рацин на железничката станица во Скопје. Татко и‘ на Илинка, Кирил Петрушевски, за мене чичко Киро, беше жива книга за најтрагичното време во македонската историја и прв министер за внатрешни работи во првата македонска влада. Брат и‘, Бранд Петрушевски, студент во Белград, 1941 беше застрелан како учесник во демонстрациите против германската окупација.

Ја запознав во 1976-та, годината во која Кинотеката ја започна својата работа, а и јас мојата, како асистентка по естетика во Естетичката лабораторија, со специјалност филмска и ликовна уметност. Кога со моите студенти првпат отидов во Кинотеката, ме дочека токму Илинка со нејзината широка срдечна насмевка, со која ги прегрнуваше сите што доаѓаа таму како во Дом - на филмот и на уметноста воопшто. Подоцна не си заминував од факултетот дома, без да поминам кај Илинка, во Кинотеката. А таму веќе седеше некој од пријателите на Илинка и на филмот. Илчо, Ѓоко, Стево...

Илинка имаше блага харизма која беше во тоа што ги сакаше луѓето што го сакаат филмот, со тоа што им создаваше простор да дојдат до израз тие, а не таа. Не и‘ беше толку важно личното, колку заедничкото дело. Со детска чиста радост се радуваше на првите броеви на кинотечкиот месечник. Таа беше секогаш движечката сила, но во заднина, зашто имав впечаток дека успесите на другите и‘ значеа повеќе од своите. Тоа е ретка особина во македонската културна јавност.

Илинка организираше и обединуваше. Мене ме поттикна да ги напишам во „Кинопис" првите филмски критики, на пример, за филмот на Фриц Ланг, „Кабинетот на Доктор Мабузе". Каде што беше Илинка, таму беше светот и копнежот по светска култура, во кој бевме обединети сите ние кои неколку години не‘ собираше околу себе. Тогаш Скопје не беше провинција, туку светски центар, зашто така го чувствувавме. Затоа што диксусиите и во Кинотеката и во домот на Илинка, имаа високо ниво. Затоа што Илинка и сите ние, обединети околу неа во Кинотеката, верувавме дека имаме потенцијал да поставуваме светски критериуми за квалитетот, за себе и за целата култура.

Не знам дали некогаш во Македонија постоел салон на интелектуалки од европскиот тип, но станот на Илинка дефинитивно неколку години беше таков интелектуален простор. По секоја проекција со дискусија во Кинотеката, еден избран круг се собираше до доцна во ноќта во домот на Илинка. Неретко си заминувавме дома дури во мугрите. Незаборавни разговори и соништа за македонскиот филм и за македонската култура се одигруваа неколку години токму во големата дневна одаја во станот на Илинка, со концертниот клавир во средината. Илинка ја имаше и харизмата за совршено гостопримство, па успеваше сето време и да дискутира и да не‘ послужува со полноќна закуска. Вечен спомен со љубов и благодарност за единствената наша ИЛИНКА!

ОкоБоли главаВицФото