1033 hPa
79 %
-6 °C
Скопје - Пон, 19.01.2026 06:59

Книгоиздателството Темплум годинава одбележува два значајни јубилеи:
10 години од регионалниот книжевен фестивал Друга приказна;
20 години од наградата Новите! – за најдобар дебитантски прозен ракопис.
ЗОШТО НИ Е ПОТРЕБНА ВАШАТА ПОДДРШКА
Двата важни јубилеи, поради подобра видливост и поголем интензитет, ќе ги одбележиме од 10 до 12 октомври, во рамките на десеттото тридневно издание на фестивалот Друга приказна во културниот центар Јадро.
Еве некои од планираните активности, за кои ни е потребна вашата поддршка:
ДРУГА ПРИКАЗНА
– Доаѓање на неколку писатели и уметници од регионот (потврдени: Миклавж Комељ, Ивана Преснер, Лујо Парежанин, Драган Протиќ, Саша Ќириќ, Горан Лазиќиќ...), вклучувајќи ја и Светлана Слапшак од Словенија, добитничка на главната награда на фестивалот;
– Свечено доделување на наградата за 2025; вечер на Светлана Слапшак;
– Печатење на книга на Слапшак: Женските икони на 20 век;
– Изложба и книга со фотографии на седум фотограф(к)и од досегашните изданија на Друга приказна;
– Печатење на списанието Маргина #97, посветено на десетгодишнината на фестивалот;
– Одбележување 80 години од победата над фашизмот во Македонија и Југославија; разговор со гости од регионот и Македонија (Ивана Хаџиевска, Стефан Илиевски...).
- Концерт на Мариана Бошковска и Димитрије Бужаровски - Македонски партизански песни
НОВИТЕ!
– Ќе ги поканиме и ќе им се заблагодариме на сите досегашни добитници на наградата и членови на жирито;
– Ќе ја објавиме книгата со победничкиот ракопис за 2025;
– Свечено ќе ја доделиме наградата за 2025.

Комплетните трошоци за фестивалот „Друга приказна“ ќе изнесуваат меѓу 5 до 6 илјади евра. Од приватни донатори веќе обезбедивме дел од парите. Со овие 150.000 денари од краудфандинг ќе покриеме некои од следниве трошоци: хотел, патување, дневници, печатење, скромни хонорари...
Во знак на благодарност, подготвивме и подароци за донаторите:
- За донирани 1000 денари за подарок го добивате новиот број на списанието Маргина, посветен на десетгодишнината на фестивалот, и уште еден број, по избор;
- За 3000 денари наградата е пакет книги од Темплум;
- За 6000 денари подготвивме пакет: еден сет (три кутии) од психолошата игра со карти „Добро прашање“, Маргина и избрани Темплум изданија;
- За 9000 денари следува наградниот комплет од трите сета на играта „Добро прашање“ (ПРИЈАТЕЛИ, ФАМИЛИЈА и ПАРОВИ - вкупно 540 карти/прашања во девет кутии).
Се разбира, обезбедивме подароци и за помалите донации: беџови, принтови, книги...
ШТО Е ДРУГА ПРИКАЗНА
„Друга приказна“ е регионален книжевен фестивал (за мали фикции), основан 2016 година, кога зовре потребата од друга приказна во политиката, културата и во целото општество. Меѓу поважните цели на фестивалот се: популаризација на книжевноста; преиспитување на улогата на книжевноста во општеството; преиспитување на жанровските граници, на релациите меѓу „популарното“ и „елитното“, „високото“ и „ниското“, ангажираното и ескапистичкото; преиспитување на улогата на писателот во новите локални и глобални контексти; осмислување и практикување на нови стратегии за културни поврзувања и локално и регионално и глобално; вмрежување на македонските автори и искуства во регионален контекст; збогатување на скопската културна понуда...
Поднасловот на фестивалот, „мали фикции“, значи дека примарен интерес се малите книжевни форми, згодни за јавно и сценско споделување. Но, тука се и хибридните книжевни форми, местата каде што книжевноста се среќава со музиката, графиката, медиумите, естрадата, теоријата...
Со секоја донација го помагате опстојувањето на овој важен простор за создавање и среќавање. Овде можете да го уплатите вашиот прилог.
