1027 hPa
81 %
4 °C
Скопје - Саб, 17.01.2026 13:59

Пејачот Род Стјуарт неодамна имаше неколку изненадни гости на концертот во Северна Каролина. Се појави неговиот починат пријател Ози Озборн, во друштво на неколку претходно починати музички ѕвезди, меѓу кои Мајкл Џексон, Тина Тарнер и Боб Марли. Сите беа вратени во живот преку вештачка интелигенција.
Во исто време, поранешниот дописник на Си Ен Ен од Белата куќа Џим Акоста интервјуираше дигитално создаден лик на Хоакин Оливер, кој беше убиен на 17-годишна возраст во масакрот во едно средно училиште на Флорида во 2018-тата година. Аватарот, односно дигиталното отелотворување на тинејџерот, го нарачаа неговите родители. Тоа се најновите примери на феноменот „дигитално воскресенување“ – создавање прикази и ботови на луѓе што починале со помош на фотографии, видеоснимки, гласовни пораки и друг дигитален материјал од покојниците.
Сè повеќе компании нудат создавање griefbot-ови (ботови за тагување, односно автономни компјутерски програми што имитираат луѓе) или deathbot-ови (ботови на смртта), а расте и загриженоста околу таквите нови пазарни практики. Големите јазични модели, како ChatGPT, се лесно достапни за пошироката јавност и едноставни за користење, а кога некој ќе почине, сè поголема е веројатноста дека постојат доволно дигитални остатоци – мејлови, пораки и гласовни записи, фотографии и видеа – со чија помош може да се создаде аватар што изгледа блиско и препознатливо.
Процветот на произведување дигитални клонови на починати лица започна во Кина, каде што денес изработката на дигитален аватар е многу евтина, односно чини само неколку американски долари.
Истражувачката Катарзина Новачик-Басинска од Универзитетот во Кембриџ речиси цела деценија ги анализира промените во поимањето на смртта и тагувањето во дигиталниот свет. Во неодамнешен разговор за шпанскиот „Ел Паис“ Новачик-Басинска изјави дека сè поретко се посетуваат гробишта како вид одржување контакт со починатите сакани или несакани, бидејќи денес можеме да ги имаме нашите починати блиски во џебовите и во рацете (на мобилен телефон) 24 часа дневно, седум дена во неделата.
.jpg)
На пример, луѓето често се прашуваат што би направила или рекла почината блиска личност во одредена животна ситуација, а сега изгледа како добивањето одговор на тоа прашање да може да стане реална опција. Пошироката примена на вештачката интелигенција во таканаречената „индустрија на дигиталниот задгробен живот“ би можела значајно да ги промени општествено-културните норми и практики на тагување.
Доколку сакате да ги истражите опциите за курирање аватар на почината личност, треба да најдете компанија што ја нуди таа услуга и да им одобрите пристап до вашите лични податоци или податоците на починатата личност. Компаниите нудат различни модели – од еднократна уплата до модел на претплата за виртуелен приказ на починатата личност.
Новачик-Басинска истакнува дека станува збор за растечка индустрија со која управуваат исклучиво приватни компании, главно со седиште во Соединетите Американски Држави и Кина. Овие компании работат сосема арбитрарно, а сè уште не постои никаква законска регулација на тој сектор. „Не постои специфична правна рамка која би посочила како да се организира такво работење. Потоа, тука е и комплексното етичко прашање. На пример, прашањето за согласноста: кој одлучува дали можат да се користат вашите лични податоци? Кој има последен збор во создавањето на нечиј посмртен аватар?“, ги изложува своите дилеми Новачик-Басинска.
Полека расте и бројот на научници што во различни делови од светот спроведуваат студии преку кои внимателно се набљудува како луѓето ја користат дигитално-задгробната технологија и какво влијание има таа врз нивната психолошка состојба и процесот на тагување. Детални податоци и поконкретни научни сознанија за користењето на таа технологија сè уште нема, но отворени и сериозни прашања има сè повеќе.
.jpg)
Карикатури: Џејсон Брубејкер
Извор: https://www.portalnovosti.com/