Кого нарекувате терорист?

11.09.2025 02:00
Кого нарекувате терорист?

Оксфордскиот речник на англискиот јазик го дефинира тероризмот како „неформална или неовластена примена на насилство за постигнување политички цели“. „Неформална и неовластено“ е таму за да го заштити секој војник на планетата од судско гонење за убиство и нанесување тешки телесни повреди. Израелските одбранбени сили можат да масакрираат деца и да претвораат болници во урнатини, но позицијата на државната војска на Израел е дека на тие ужаси обично не се гледа како на терористички акти. Монструозните злосторства на Хамас од 7-ми октомври минатата година извесно беа дела на тероризам, но не затоа што извршителите не носеа униформи.

Не е секогаш јасно кој е терорист, а кој не е. Нацистите сметаа дека францускиот отпор е терористичка организација, но Британците не мислеа така. Дали членовите на Африканскиот национален конгрес во времето на јужноафриканскиот апартхејд беа терористичка банда или борци за слобода? Според Оксфордскиот речник, тероризмот мора да биде неовластен, но не е јасно кој може да издаде овластување за насилство. „Државата“ е вообичаениот одговор на прашањето кој единствено има право да врши насилство, но многу владеења – од царскиот Рим до модерните Соединети Американски Држави – се впуштале во масовни колежу врз цивили, што звучи како прибегнување кон тероризам. Дали бомбардирањата на Дрезден и Ковентри во Втората светска војна беа терористички акти или само неизбежни последици од војната? Сепак, тоа што некој е во војна не го штити од обвинение за злосторства. Напротив, најверојатно ќе ги изврши токму тогаш.

Не секое неформално и неовластено насилство заслужува осуда. Што ако лудак со пушка влета во училница и се подготвува да убива дете по дете, а вие стоите зад него со пиштол во раката? Нема многумина кои ќе речат дека не треба да му пукате во грб, а особено нема такви што би го образложиле тоа со фактот дека не сте „овластени“ да го сторите тоа. Едноставно не би имало доволно време да се повика полиција или министерството за одбрана. Велам „нема многумина“ бидејќи би имало некои пацифисти што би одбиле да пукаат, зашто сметаат дека примената на насилство е апсолутно погрешна. Лав Толстој беше еден од нив. (Инаку, овде „апсолутно“ не значи „многу, многу погрешно“, туку погрешно во секоја замислива околност што би можеле да ја наведете како оправдување.)

Единствениот проблем со таквиот вид пацифизам е што ќе им кажете на ожалостените родители на следниот родителски состанок. Да не се обиде да се убие лудакот со пушка е очигледна грешка, што значи дека дословниот пацифизам е неодржлив. Постојат ситуации во кои да се убие некој не само што е дозволено, туку и задолжително. Да не се застрела лудакот со пушка во таква ситуација би било неморално. За среќа, таквите ситуации се ретки. Освен тоа, тие речиси секогаш се однесуваат на правото на самоодбрана против чин на неправедна агресија. Но, не можете да извршувате неправедна агресија и да ја претставувате како самоодбрана, како што тоа сега го прават Израелците во Газа. Насилството што се врши во самоодбрана мора да биде сразмерно. Може да му пукнете во грб на лудакот со пушка, но не смеете да го печете бавно над оган. Можете да убиете оперативци на Хамас кои планираат убиства, но не смеете да ја претворите нивната земја во пустина за да го сторите тоа. Освен тоа, лудакот со пушка во училиште е виновен, што е суд за делото што се подготвува да го изврши, а не за неговиот морален карактер, додека мнозинството убиени во Газа се недолжни. Ни ова не е суд за нивниот морален карактер, туку за она што го прават (или во случајов не го прават, односно не убиваат луѓе како членови или приврзаници на Хамас).

Сепак, се вели дека тероризмот е поврзан со политичка цел, што не е случај со вооружениот лудак во училиштето. Но, замислете некој што се подготвува да го убие претседателот (ајде да не биде тоа Трамп), а вие сте единствената личност што може да го спречи убиецот со добро насочен куршум. Некои пацифисти велат дека во таква ситуација би пукале во нозете, но не во главата. Тие не се апсолутно против нанесување повреди на луѓето, туку само против убивање. Тоа не е педантерија, зашто постои огромна разлика помеѓу тоа да бидете обележан со инвалидитет и да бидете претворен во труп. Но, што ако можете да ја насочите пушката само кон главата на атентаторот? Во тој случај ќе извршите оправдано убиство со политичка цел – но ако сте обичен граѓанин, тој чин не е ни овластен ни озваничен.

Значи, дефиницијата на тероризмот во речникот е мошне бесмислена. Чинот на насилство може да биде легитимен иако не спаѓа во вашите професионални должности и не е одобрен од државата. Или, пак, може да биде нареден од државата, а да не се разликува во ниеден друг поглед од тероризмот. Во секој случај, не е секогаш лесно да се разликуваат политичките мотиви од личните. Некој незадоволен млад човек од етничко малцинство може да убие во име на изопачена верзија на исламот, но и затоа што се чувствува исклучен. Или, пак, можете да убиете некого од забава – да се потсетиме на сериските „убиства во мочуриштата“ од шеесеттите години. Низ Европа во 19-тиот век се провлекувала струја на анархистичка мисла што верувала во уништување без причина. Ако со еден прст можете да ја повикате ништожноста, вашата моќ сигурно може да се мери со моќта на Бог што го создал светот. Уништувањето е изопачена верзија на создавањето, за што е свесно секое дете со балон во рака.

Се чини дека сегашниот британски министер за внатрешни работи донекаде е нечувствителен на овие разлики, зашто неодамна прскањето авиони со боја го стави во иста категорија со палењето живи луѓе. Последица од таа бесмислица е што се намалува значењето на палењето живи луѓе. Но, поимот тероризам отсекогаш лесно се проширувал. Тој води потекло од Француската револуција, настан што го изроди модерното доба, поточно од Владеењето на теророт, што самото по себе е последица на Револуцијата.

Теророт тогаш првпат станува специфичен облик на политика, нешто како неолиберализмот или социјалдемократијата. Значи, тероризмот го започнува својот живот како програма што ја спонзорира државата, а не како напад врз државата. Властa во таква држава постојано ги заплашува своите граѓани, што е спротивно на состојбата во која граѓаните постојано се досадуваат, како со сегашниот британски премиер. Треба да се напомене дека некои од оние што ја нагласувале суровоста и крволочноста на таа епизода биле значително помалку згрозени од начинот на кој француската држава ја задуши левичарската Париска комуна осумдесетина години подоцна, кога беа убиени или затворени многу повеќе луѓе отколку што страдаа од рацете на јакобинците. Историчарот Ерик Хобсбаум забележа дека Комуната била задушена со масакрирање на парижаните во размери што биле незамисливи во цивилизираните држави од 19-тиот век.

Постојат добри причини за тврдењето дека идејата за тероризмот е смислена како некаква шега. Револуцијата беше доба на –изми и зборот „тероризам“ може да се гледа, донекаде имагинативно, како сатирична шлаканица на таа употреба на јазикот карактеристична за банкротираната филозофија што се состоеше од вадење црева и отсекување глави. Со еден мрачно духовит пресврт, „тероризмот“ на тие болни чинови им дава лажно достоинство на политичка теорија. Веќе не станува збор за користење насилство за да ја наметнете вашата политика. Наместо тоа, насилството станува еден вид политика – политика од другата страна на политиката, на ист начин како што некое авангардно дело претставува уметност од другата страна на уметноста. Наместо да ги убедувате луѓето дека треба да дејствуваат на одреден начин, вие ги спречувате да дејствуваат воопшто. Разликата помеѓу војната и мирот повеќе не може да се одржи. Од гледна точка на терористот, самиот општествен поредок е еден вид насилство, што значи дека фрлањето бомба во преполн кафе-бар е само поспектакуларна верзија на она што се случува постојано.

Другата можност е да си прикачите бомба на сопственото тело и така да ги споите убиството и самоубиството. Самоубиствените бомбаши обично се гледаат себеси како скромни средства на една возвишена идеја, но тоа му противречи на фактот дека самоубиството е чин на врховен суверенитет над самиот себеси. Еден лик кај Достоевски напоменува дека со одземањето на сопствениот живот за миг стануваш божество, бидејќи манифестираш вид доминација за која обично се смета дека е резервирана за Бога. Иако тој чин трае само неколку секунди, тој е највисока состојба на автономија, која е заснована врз клучниот поим на западната филозофска традиција, имено врз идејата дека си припаѓаме на себеси. Моето тело ми припаѓа на ист начин како дел од имот со кој можам да располагам како што сакам. Точно е дека не можам да го оставам телото во кафеана како што можам да оставам чадор и дека не е јасно кој или што е тој сопственик што е различен од внатрешноста на моето тело; но сонот за поседување на самиот себеси беше моќна сила во европската буржоаска мисла. Можам да го поседувам моето тело на начин мошне сличен на оној на кој можам да поседувам туѓи тела, традиционално познати како робови; како што можам нив да ги убијам, исто така сум слободен да се убијам и себеси. Всушност, самоубиството е врховен чин на слобода. Еден одговор на тој смртоносен начин на гледање е да се тврди дека ние не си припаѓаме самите на себеси, туку едни на други, со што се поставуваат одредени граници на она што смееме да правиме со нашите тела. Сепак, важно е да се забележи дека на луѓето што се доволно очајни за да се убијат последно нешто на ум им е доктрината за поседување на самиот себеси.

Проблемот со насилството е во тоа што тоа постоело од нашите почетоци; затоа е толку длабоко вградено во нашите општества. За да создадат цивилизација, луѓето морале да завладеат со својата животна средина, а тој однос на господарење не може да исчезне штом ќе се воспостави цивилизирано општество. Наместо тоа, тој се „сублимира“ (термин на Фројд) за некоја повисока цел. Таа цел е позната како политичка држава, која има монопол врз употребата на сила. Силата се насочува кон надворешни непријатели, како и кон разни внатрешни противници. Но, тоа значи дека насилството е вградено во цивилизацијата, дека тоа не е само несреќен сплет на околности; туку дека е во јадрото на општествениот поредок, кој наводно му е спротивставен. А ако ова размислување не е доволно мрачно, еве уште нешто: постојат и такви што чувствуваат дека тој поредок не ги претставува и дека можат да го привлечат вниманието на својата положба само така што ќе убијат некои други луѓе.

Слики: Франциско Гоја

Извор: https://unherd.com/

ОкоБоли главаВицФото