1004 hPa
81 %
7 °C
Скопје - Чет, 18.04.2024 00:59
Убеден сум дека пред апокалиптичната катастрофа која ја погоди јапонската земја и народ, сите ние почувствуваме една силна, на граница на болка, емоција.
Има моменти кога катастрофата не остава трага само врз земјата, не е само нешто физичко, туку создава, пред сè, една ментална фрактура. Големите катастрофи не ги растураат само животите на луѓето, туку ги рушат и нивните сфаќања, сфаќањата на една епоха, со еден потег ги менуваат сите минати сигурности и убедувања. Во тие моменти повеќе од сè друго, доминира стравот. Toj е заедничкиот именител за сè она што можевме да го видиме во очите на јапонскиот народ.
Многумина мислат дека стравот е премногу тажно чувство за нешто да може да промени, да биде од некаква корист. Но, стравот кој јас го гледам ми кажува за големината на јапонскиот народ, за нивната дисциплина, за нивниот морал кои се поголеми од животот на еден човек. Ако некој за време на своето постоење разбрал што значи да се живее со страв кој мотивира и кој дава храброст, тогаш тоа е јапонскиот народ. Не е дека нивниот однос кон стравот е поинаков, дека се понавикнати или се посмирени од другите народи. Нивниот страв не наликува на крикот на Мунк, но сепак е крик. Крик во кој се сите прашања, во кој ќе се бара одговорност за тоа зошто властите се потпираа слепо на технологијата, на застарените нуклеарни централи. Зошто тие беа изградени покрај морето, зошто властите се потпреа само на технологијата, чекајќи од народот да произлезе одговорноста и воздржаноста?
Парадоксот на актуелните развиени општества е во тоа што како материјалниот и технолошкиот прогрес напредуваат, толку повеќе луѓето развиваат аверзија кон ризикот и кон стравот, мислејќи дека напредокот самиот по себе се грижи за нивната безбедност. Дали и колку технолошкиот напредок има направено за луѓето, банално е воопшто да се дискутира, но поентата е дека со таквиот напредок не следува и еден етички напредок кај луѓето. Денес, одговорноста, солидарноста, внимателноста, одрекувањето, се морални вредности без кои секој напредок може да биде срозен од правата поголема катастрофа, била таа природна или човечка. Факт е дека заканите по човештвото, особено во односот помеѓу човекот и природата, стануваат сè поголеми и сè почести. Никој не може да биде обвинет за земјотресот и за цунамито, но градењето нуклеарни централи покрај море ни покажа колку е тенка границата помеѓу волјата на природата и човековото влијание. Германскиот филозоф Ханс Јонас зборува за неопходноста човештвото да развива свест за заканите. Свеста треба да биде надополнета со една етика на одговорност и таа треба да произлегува пред се од чувството на страв. Не страв кој би нè парализирал или страв каков што користат диктаторите во желба да ја спречат секоја акција, секое дејствување.
Стравот на кој сме сведоци кај народот во Јапонија е страв кој се обидува да разбере, да открие нешто ново, да се соочи и со најголемите катастрофи. Стравот на Јапонците не е страв кој блокира, не е страв од кој затреперува ликот и телото, туку страв од кој достоинствено излегува на површина смиреноста и соземеноста на еден народ. Оттука, ја разбирам пораката на Јонас, кога повикува на должност кон стравот, тој страв кој повикува на акција и доаѓа заедно со надежта. Конечно, таквиот страв се претвора во храброст! Храброст да се преземе акција и сопствениот страв да се трансформира во чувство на одговорност и на дејствување. Колку ли само страв и храброст му се потребни денес на македонскиот народ!? Драги луѓе, време е да почувствуваме страв! Почнете да се плашите за вашата судбина, за иднината, за состојбите во државава, не чекајте на елементарна непогода или на поголема човечка катастрофа! Можеби на тој начин и некаква храброст ќе излезе на површина.
Оваа голема човечка несреќа или апокалипса нè потсетува дека работите навистина зависат од нас, без разлика колку природата ги замешала своите прсти. Конечно, има нешто погрешно кога нештата и’ се препишуваат само на природата или на заблудата дека човекот и природата се во некаков конфликт, во некаков натпревар. Гете има напишано многу за природата каде тврди дека сè е природа, па дури и тоа што нам ни изгледа како нејзина негација е продукт на природата. Постои мит за една чиста и некорумпирана природа, која е невина и е ослободена од каква било човечка интервенција. Но, малку е потребно за да разбереме дека и најприродното од вината не постои во природата без одгледување на грозјето. Дека ниту птичјите гнезда не постојат без птиците да ги изградат истите.
Човекот, како и сите други суштества, е врзан за природата и неговото градење и создавање на една куќа не е ништо помалку природно од поривот на дабарот кој создава брана, која потоа и’ се спротивставува на силата на водата. Човекот не ја уништува природата, туку прави друг грев, автолезионистички не и’ се заканува на природата, туку на сопствениот вид.
Отровните печурки не се ништо помалку природни од оние печурки кои се јадат. Кратерите на Месечината не се помалку природни од убавите пејзажи на Земјата. Дури ни чадот од автомобилите не е помалку природен од мирисот на цвеќињата, затоа што е составен од хемиски елементи кои постојат во природата. Работата е во друго нешто, а тоа е дека отровните печурки, студената Месечина или чадот од автомобилите се штетни за човекот, за нашиот вид, а на природата за тоа сигурно не и’ е повеќе „гајле“ од изумирањето на диносаурусите. Но, нам ни значи и тоа треба да го почитуваме. Проблемот не е во технологијата, не е во техниката, туку во човековата етика. Не е виновна технологијата, туку нашите злоупотреби, нашата неразумност, немањето осет. Затоа и пред трагедијата во Јапонија не треба да останеме само на емоција, на лошото чувство. Треба да преземаме одговорност, да бидеме разумни, да знаеме до каде можеме и до кога можеме, кога треба да се оди напред, а кога нешто да се промени.
Јас сум убеден дека и покрај сета емоција и потресеност која Македонецот ја чувствува за трагедијата во Јапонија, дека сепак сме смирени и убедени дека нам не може да ни се случи никаква катастрофа, па каква било грешка ние направиле. Тоа е тоа отсуство на страв и на свест за кое зборував, тоа е тој недостиг на храброст кај нас, да се соочиме со општата реалност на нештата.
Напротив, ние само мислиме дека нешто ни е дадено или одземено, дека живееме од некоја света правда или неправда и, ништо ама баш ништо, не зависи од нас и нашето однесување.
Кај нас не владее оптимизам, туку владее една општа резигнираност, една помиреност која Волтер ја има опишано во „Кандид“ (наивност), каде докторот Панглос вели: „Напредуваме, во најдобриот од сите можни светови“. Тоа не е така и повеќе не можеме да се лажеме.
Истиот тој Волтер има напишано поезија за една голема катастрофа, земјотресот во Лисабон на 1 ноември 1755 година. Пред тој настан Европа живееше кратка епоха на оптимизам, било тој религиски или не, на технолошки напредок, на безгрижност, на модерноста која напредуваше и веднаш се сопнуваше. Во тоа време, доминанта филозофија кај луѓето беше: Сè што постои е добро! И тогаш кога катаклизмата го проголта Лисабон, луѓето сфатија дека самозалажувањето не вреди ништо.
Тогаш, Волтер, откако ќе го види градот, ќе напише: „Елементите, животните, луѓето, сите се во војна“. Јасно му е на филозофот дека „злото живее на земјата“. Ниту Русо не е поштеден од заклучокот на Волтер кога му пишува: „Нели Лисабон беше лошо изграден, со тие куќи високи по 6-7 ката? Нели човекот е повеќе виновен од природата?“ Кандид во своите магични патувања доживува земјотрес и заклучува: Треба да се работи (подобро) на сопствената нива (односно земјата), затоа што тоа е обврска на човекот.
Силата, храброста и достоинството на јапонскиот народ во соочување со катастрофата ни покажуваат дека на овој свет и понатаму живее класичниот човек, онаков каков го познаваме низ вековите, дека таквиот човек сè уште не е надминат, како што во исто време се залагаше и не плашеше Ниче.
П.С.
Македонија сочувствува со Јапонија
Во некои европски градови, граѓаните спонтано го изразиле сочувството со страдањата на Јапонците. Најчесто, со палење на свеќи пред јапонските амбасади или претставништва.
Ние Македонците, а посебно скопјаните, не знаеме да манифестираме сличен гест. Тој гест може да биде и христијански и хуман и граѓански чин. Таквите гестови би биле израз и на нашата граѓанска култура, но и на меморијата на еден град кој беше разурнат од катастрофален земјотрес. Затоа, Скопјани, излезете од вашиот кожурец и споделете ја болката, исто како што пред 48 години светот ја делеше болката со жителите на Скопје.