Анегдоти од кај „Јоле“ (5) - Гане и Петре

15.09.2025 13:51
Анегдоти од кај „Јоле“ (5) - Гане и Петре

 

Гане Тодоровски бил познат што веќе во 8:30 ги имал прочитано сите весници, од сите републики во СФРЈ.

Петре Андреевски го прашувал Ганета:

‒ Знаеш ли, академику, зошто кукурика петелот?

‒ Знам. Петелот кукурика кога некој лаже.

‒ Така е. Ама тој почнува кукурика во три ноќе, кога сите спијат, во времето кога се разнесуваат утрешните весници.

 

 

***

Пред сабајлечки да отиде во канцелариите на Друштвото на писателите Гане Тодоровски прво наминувал кај „Јоле“.

‒ Утрово ми е главата лотариски барабан! ‒ гласно извикал Гане седнувајќи на масата на која веќе седеле Петре Андреевски и психијатарот и драмскиот писател Миодраг Мицев.

Петре одговорил, се чини, со строфа од песна: ‒ Кога јас не сум овој овде лицето друг ми го носи, нозете друг ми ги користи, па дури и моите зборови некој друг ми ги кажува. Јас само по нешто слушам и само по нешто гледам, а никој не смее да ми каже зошто сум скаран со себеси.

Додека Мицев се смеел, Гане ја прифатил играта: ‒ Излегов со ведар лик и мисли на безгрижник! Наоколу сè ко в сон, јас низ сонот – вихрогон! Барам шир и барам цел што се вика беспредел. Туку сегде слушам вик: не станувај безумник!

‒ Истото и јас ви го велам, пријатели ‒ рекол психијатарот Миодраг Мицев: ‒ све све али безумие не...

‒ Можеби малку, докторе, ко ракија во утринско кафе?! ‒ додавал Петре. ‒ Нема поезија без растројство!

 

 

***

Друг пат истото:

‒ Утрово ми е главата лотариски барабан! ‒ гласно извикал Гане седнувајќи, кај „Јоле“, на масата на која веќе седеле Петре Андреевски и психијатарот Миодраг Мицев.

Петре рекол: ‒ Има денови кога небото се шета поземи и сонцето ми изгрева под колената и кога јас одам на една страна мојата сенка ‒ на друга. Тогаш слушам само плач и викоти, но јас никаде не гледам никој и никој не ми може ништо. Само удирајќи така бесно рикајќи, како дотечена слепа река што сè пред себе руши и пустоши.

А Гане одговорил:

„О, избегнувајте, ќе ве молам, избегнувајте ги тие денови да ме сретнете, да ве сретнам.“ Ти ја знам песнава, Петре, „Има денови“. И стварно, денес е еден од тие, а главава ми е, да потсетам, ко лотариски барабан!

‒ Многу сакам вака да ве слушам отсабајле, пред да отидам на работа, во Бардовци ‒ пријателски со своите пријатели се простувал психијатарот и стручњак за психодрама Миодраг Мицев.

 

 

***

Петре Андреевски толку многу се нервирал од кукачките песни на Гане Тодоровски што еден ден, во „Јоле“, решил да го наткука. Еве го транскриптот од тој настан направен од младиот новинар од културната рубрика на „Нова Македонија“, Ѕвездан Георгиевски:

Петре Андреевски пред аудитоиумот во „Јоле“:

Кукам со години, кукам со векови и никако не можам да превтасам со кукање. Само во кукањето болката ми се одѕива. Овде насекаде ко порачано за кукање: за живите нема место, а за гробови и кукање место колку сакаш.

Гане Тодоровски: ‒ Супер ти е настапов, Петре. Моеш и песна да напраиш, али и да ја дополниш мотивацијата на лирскиот субјект, зашо кукаш...

Петре Андреевски: ‒ Кукам за да не мислам дека морам да кукам.

Карикатури: Бил Вајтхед

ОкоБоли главаВицФото