1016 hPa
36 %
31 °C
Скопје - Пон, 08.06.2026 15:59

Интервју со политикологот Вишеслав Раос од Катедрата за компаративна политика на Загрепскиот факултет за политички науки за актуелностите на компаративните сличности и разлики на политичките актери и општества, кои за нашата јавност во најголем дел се надвор од медиумскиот радар.
Кога се подготвувавме за овој разговор, рековте дека Јужна Кореја е „веќе во 22-риот век“: што значи тоа? Се разбира, во однос на евроцентричниот фокус: и не само на полето на културните, туку пред сè општествено-политичките разлики? Рековте дека сте виделе момче на улица во Сеул со фудбалски дрес на Лука Модриќ (како ветеран на Реал Мадрид) – тоа е отприлика единствената попкултурна поврзаност со европските симболи на времето. По што европскиот поглед на политиката и општеството е толку поинаков – или толку passé? Ако гледаме низ категориите на структурираните поими на западноевропскиот круг: идеологии, идентитети, етнии? Кои се идеолошките и/или идентитетските клучни точки на политиките на земјите од Азија, може ли да се најде барем лабава заедничка рамка?
Источноазиските општества по правило се многу повеќе насочени кон колективот (поширокото семејство, големата компанија, нацијата), отколку кон индивидуализмот. Освен тоа, тие се попрагматични од европските, имајќи предвид дека нивните јавни политики се водат според логиката на развојот, фаќањето чекор со економските конкуренти или нивното брзо надминување благодарение на технолошките, но пред сè организациски/производствени иновации. Значи, во извесна смисла, нивните јавни политики во многу помала мера произлегуваат од (релативно) цврстите идеолошки рамки на кои сме навикнати во европската политика.
.jpg)
Далечната Украина
Горливите проблеми на војните (Русија – Украина, израелската агресија врз Палестина) и апокалиптичните сценарија за еколошката иднина на Земјата, значи актуелните стравови и нерешливи невралгии на Европа и/или ЕУ, не се така поставени во голем дел од светот. Ако „политиката на прагмата“ е најсилниот технички поим што може да ги застапува политичките и идеолошките определби на голем број земји во светот кои во секоја смисла се многу оддалечени од Европа, на кој начин е тоа така и зошто?
Во многу земји надвор од Европа, а особено во источна и југоисточна Азија, Украина е далеку и ним не им е позната историската и културната позадина на таа војна. Покрај тоа, на Русија гледаат како на уште еден од бројните трговски партнери и извор на туристи, така што, војната во Украина ја гледаат исто така прагматично. Исклучок е Корејскиот полуостров, имајќи предвид дека северњаците испраќаат трупи како помош на украинските боишта, што последователно значи дека јужњаците, кои се воено-безбедносно тесно поврзани со САД, се јасно определени во корист на Украина, а против Русија. На пример, не треба да се заборави дека Јужнокорејците некогаш рамо до рамо со Американците војуваа во Виетнам. Па сепак, руски туристи може да се сретнат и меѓу посетителите на атрактивната демилитаризирана погранична зона покрај 38-та паралела, што го дели Корејскиот Полуостров на две држави.
Општо земено, кога човек ќе замине надвор од Европа, сфаќа дека многу проблеми кои изгледаат како глобални, всушност се европски проблеми. Понатаму, прашањето за Израел и Палестина не е многу видливо од источната азиска перспектива. Во тој дел од светот еврејските заедници се исклучително мали и незабележливи, а не постои ни историскиот товар на националсоцијализмот, фашизмот и Холокаустот.
Напротив, властите (на пример во Кина и Мјанмар) на муслиманското население често гледаат со недоверба и го третираат како „петта колона“. Од една страна постои рамнодушност кон случувањата во Израел и Палестина, а од друга страна не постои јасна историска свесност за длабоките и тешки корени на тој конфликт.
Она што во Вашингтон, Брисел, Берлин, Париз и Лондон може да изгледа како тема што ги одредува сите политички и општествени односи, во источна Азија може да делува далечно, туѓо и неразбирливо.
Иако, секако, преку билатерални и мултилатерални канали и Израелците и Палестинците и во овој дел на светот бараат соговорници и некој што ќе даде поддршка на нивното гледиште. Изреката „далеку од очи, далеку од срце“ секако може да се примени и на медиумските и политичките приоритети на континентите.
.jpg)
Секуларизмот, либералната демократија: статусот на тие концепти е, се разбира, во голема глобална промена – но, очигледно, дури од (физичка) далечина се согледува огромната разлика во идеолошките концепти на европскиот и „остатокот од светот“? Тогаш на кое терминолошко ниво на европскиот систем може да му се објасни статусот на тие идеологеми и/или транзицијата на либералната во таканаречената нелиберална демократија? Меѓу предмодерноста на тие концепти и постмодерниот капитализам: има ли смисла категоризацијата во ваква насока?
Денес речиси секоја земја, па така и азиските, барем начелно тврдат дека се демократски, дека нивната власт произлегува од волјата на народот и дека на народот му се одговорни и секогаш подготвени да му полагаат сметка. Во пракса, секако, постои цел спектар: од претседателски наследни диктатури во Средна Азија, преку еднопартиски комунистички режими кои ја користат (управуваната) пазарна економија како поткрепа за развој, како Кина и Виетнам; до дефектни демократии во Малезија и Индонезија, па сè до полнокрвни либерални демократии какви што се Јужна Кореја и Јапонија.
Концептот на нелиберална демократија повторно е нешто што надвор од Европа начелно има смисла, но повторно нè доведува до тоа дека, особено во контекст на компаративната политика како една од гранките на политичката наука, треба да се запрашаме дали поимите и категоријалниот апарат не ни се преголемо растегливи. Всушност, либералните демократии не преминуваат толку често во нелиберални, туку во автократии.
Кога се демократизираат, почесто стануваат нелиберални отколку либерални демократии, ако демократизацијата (проширување на обемот на оние кои учествуваат во изборот на носителите на функции и проширување на бројот на функции кои се легитимирани преку избори) ѝ претходи на либерализацијата (воспоставување владеење на правото и уставно загарантирани лични слободи, како и развој на меѓусебната контрола на институциите за да се бранат ефикасно тие слободи).
Тогаш поимот секуларизам останува нераскинливо поврзан единствено со Европа?
Поимот секуларизам е нераскинливо поврзан со верските војни на раната модерна Европа, а претходно со борбата за инвеститура меѓу германскиот цар и римскиот папа. Од тие историски, длабоко европски спорови, израсна идејата за раздвојување на Црквата и државата и за меѓусебната автономија на различните општествени подсистеми, па така и културниот, образовниот, верскиот и политичкиот.
Во земји во кои верските и филозофските традиции се испреплетени со народната култура, како што е случај во Виетнам и Јужна Кореја, верските симболи и предмети лесно може да се најдат во секојдневието и на места каде човек во Европа не би ги очекувал. Во земји како Камбоџа, во која по долгогодишната граѓанска војна мнозинската религија (будизмот) и нејзината главна организациска структура (будистичките монаси) станаа основа за (повторна) изградба на нацијата, не е чудно што статуи на Буда излегуваат зад секој агол, од аеродром до самопослуга.
.jpg)
Значи, најсликовит пример за длабоката разлика помеѓу ЕУ и остатокот од светот е во областа на вештачката интелигенција? Додека Европа последниве децении се исцрпуваше со бирократизација/регулација на разни процеси, другиот дел од планетата се определи за иновации: нешто така? За Европа техноанксиозност, а за остатокот од светот… што?
Трамповата Америка тука предничи како технолошка сила која е подготвена да ја прегрне вештачката интелигенција и силно да го дерегулира информатичко-комуникацискиот сектор. Исто така, Источна Азија не сака да заостанува, додека Европската унија во прв план ја става заштитата на потрошувачите, личните податоци и борбата против лажните вести, што на крајот резултира со тоа што има многу помалку европски брзорастечки технолошки гиганти (еднорози), а бирократските заврзлами можат да ја кочат иновативноста и последователно да го успоруваат економскиот раст на Стариот континент.
Не треба да се заборави дека Европа и демографски е во сосема поинаква ситуација од Кина, Индија и Америка. Но, некои земји во Азија, како Јужна Кореја и Јапонија, уште повеќе се погодени од „белата чума“, што во иднина исто така би можело да се одрази врз иновативноста на целото општество – исто како и во Европа.
Поуките од обединувањето
Како и секој европски турист, и овојпат малку патувавте, накратко ги посетивте Камбоџа, Виетнам и Малезија. Го посетивте и „граничниот појас“ меѓу двете Кореи, кој, како што го опишавте кога ни прераскажувавте, повеќе наликува на туристички парк отколку на нешто злокобно, како што би замислил еден Европеец. Новите генерации Јужнокорејци поинаку гледаат на историските трауми. Дали и тука е пресудно влијанието на американската (не само?) поп-култура?
Јужна Кореја од сопствената историска траума на поделбата на земјата и страшната војна што раздели безброј семејства и директно погоди милиони луѓе, изгради сопствена популарна култура: познатиот „K-Pop“, па со многу шаренило и сјај се соочува со минатото што никогаш не заврши, имајќи предвид дека на југот сè уште постои никогаш изгасната желба и надеж за обединување.
Истовремено, на северот живее мантрата дека еден ден „гнилата јужна страна“ ќе колабира, а дека комунистичкиот север, кој патем стои демографски подобро иако е полугладен, на крајот ќе триумфира. Јужнокорејските власти со години се веќе во контакт со Германија и се обидуваат да извлечат поука од, не секогаш успешните, искуства на обединувањето на Западна и Источна Германија.
Сите наведени земји, и покрај тоа што многу политички расправи во Европа и Америка не ги засегаат, на свој начин се изразито американизирани. Во градот Хо Ши Мин, некогашен Сајгон, рамо до рамо со пропагандни плакати и сеќавања на Виетнамската војна има реклами за американски производи и подружници на Starbucks и KFC. Во Камбоџа е спроведена извесна доларизација, така што речиси насекаде се истакнати двојни цени – во домашни риели и во американски зелени.
Малезија, пак, е необична земја како федерација на муслимански султанати со ротирачки крал со симболични овластувања, во која истовремено постојат и елементи на консензуална демократија преку заштитни квоти за индиското и кинеското малцинство, како и силна економска отвореност кон Западот. На пример, работната недела е префрлена на западниот модел со сабота и недела како викенд, за да се поттикне бизнисот, иако според доминантната исламска традиција петокот (ден кога се оди на џума во џамија) и саботата би требало да бидат неработни денови.
.jpg)
Впечатокот за Трамп
Доналд Трамп несомнено е негативна политичка фигура од визура на европската политика. Вие велите дека тоа не е така надвор од евроцентричниот фокус, бидејќи жителите на Азија прагматично гледаат на Америка како концепт. Како тогаш тие го гледаат Трамп?
Соединетите Држави и Европската унија споделуваат заедничка историска и културна рамка за ориентација и не е чудо што од европска перспектива американските политички случувања ќе бидат посилно вредносно оценувани. За разлика од Европа, во источна Азија некои земји цело едно столетие беа силно американизирани, како Филипините, а други пак тесно врзани за Америка безбедносно и попкултурно, како Јужна Кореја, Јапонија и Тајван. Кина и Индија, пак, ја гледаат Америка, секоја на свој начин, и како соперник и како предизвик. Затоа тие не ја гледаат администрацијата на Доналд Трамп како нешто посебно ново и поинакво, туку само како една во низата претседателски администрации во Вашингтон со кои треба да се справуваат.
Во кој правец би било разумно да се анализираат и согледуваат последиците од трговскиот договор на Трамп и Европската комисија, која ја претставуваше Урсула фон дер Лајен, а кој на пошироката јавност ѝ изгледа единствено како формализирана економска и идеолошка предаденост на Европа? Политичкиот фокус на легитимирање на „билатералната присила“ наместо барем обид за мултилатерализам, инсистира исклучиво на појавата на фон дер Лајен, како да не станува збор за договор на поширок круг главни фигури на ЕК…
Една од главните карактеристики на надворешната и економската политика на Трамп е, како што е познато и очигледно, јавно и директно преговарање за трговска размена и форсирање различни царински договори со цел да се намали американскиот трговски дефицит и на тој начин, на подолг рок, да се зајакне домашното производство во Америка. Тоа претставува целосно отстапувањеС од политиката на економска глобализација и префрлање на производството во Азија, како што промоивираа Американците во осумдесеттите и деведесеттите години. Во тој контекст беа редефинирани и односите со Европската унија.
Но, кога поблиску ќе се согледа договорот на Европската комисија со Вашингтон, се гледа дека многу царински бариери се намалени или усогласени, така што всушност станува збор за барем делумна победа на ЕУ, со оглед на тоа што беше спречен планот на администрацијата на Трамп да склучува билатерални договори со поединечни земји членки и на тој начин да се наруши единствениот европски пазар, а во крајна линија беа отворени и можности за поголем извоз на европски производи преку океанот. Значи, иако настапот на Трамп беше таков што можеше да се очекува дека од него ќе произлезе договор кој нема да биде корисен за Европејците, деталите сега укажуваат на спротивното.
.jpg)
Карикатури: George Riemann
Извор: https://www.portalnovosti.com/