Реакции по новиот фемицид, убиството на Росица

17.09.2025 12:45
Реакции по новиот фемицид, убиството на Росица

Пишуваат: Ина Многуфина, Румена Бужаровска, Офелија Димковска, Катарина Синадиновска, Биљана Гинова и Мери Јордановска.

 

Кој дозволи убиецот да е на слобода по толку пријави?

Росица (31) барала помош. Барала помош кога ја тепал, барала помош кога ѝ се заканувал, барала помош кога ѝ ја запалил колата, барала помош кога видела дека не ѝ помага никој и се плашела дека ќе ја убие. Ја убил. И нејзе и татко ѝ.

И сега ќе тече истрагата, по кој редослед и како? Истрагата може да почне од тоа кој не постапувал? СВР Велес, ЈО, не знам, некој не постапувал. Некој сметал дека убиецот, тој човечки отпадок, треба да е на слобода, за да може да ја малтретира девојката. Некој не видел проблем во тоа.

Прашањето е, кој е тој никој? Тоа сакаме да го знаеме. Кого плаќаме за помош, а не помага? Зошто институциите не ѝ помогнале на Росица по толку молење за помош?

Некој мора да понесе одговорност, Росица и татко ѝ немаат само еден убиец. Со години збориме дека не се постапува, дека треба законот да се смени ‒ и ништо. Звук од штурчиња и ветерче во позадина. Кој дозволи убиецот да е на слобода по толку пријави? Кој?!

Ина Многуфина, 16.09.25.




Министерот за внатрешни работи пишува магистерска

Министерот за внатрешни работи пишува магистерска. Како лице со функција на моќ и авторитет, не смее да си дозволи таква работа, зашто и тоа е вид коруптивен чин.

Во меѓувреме, Скопје е гасна комора. Никој не знае колку е загадено, што дишеме и како тоа ќе влијае врз нашето здравје.

Урбан дечко што луѓе го знаат од Скопјево извршува фемицид, убиство, па самоубиство, по бројни пријави во полиција. Како што е и најчесто со сите фемициди.

Пред шест месеци 62 лица изгореа во Кочани.

Министерот пишува магистерска и поради тоа спие 5 часа дневно.

Румена Бужаровска, 16.09.25.

Ужасно ми е да пишувам, ужасно

На „Алфа“ убиството е последната вест од Вестите. Формална вест со иницијали и квалификување на убиецот како „поранешен партнер“.

Него сите го знаеле. Со години наназад е пријавуван од повеќе девојки кои ги следел, ги тепал, се заканувал.

И денес се вели дека бил „пресметлив“. Нормално, кога тие што го иследувале биле непресметливи.

Девојки го пријавувале во полиција изминативе години, за тепање, фотографирање, следење. Биле советувани дека повеќе ќе завршат работа ако некој го претепа. Ова се случувало најмалку 10 години со повеќе девојки. Само Росица го пријавила 70 пати.

Некој нека ја заклучи оваа територија и клучот нека го фрли никој да не го најде.

Офелија Димковска, 16.09.25.

 

Срцето ми е скршено

Зборовите се немоќни да ја доловат свирепоста во убиствата на Росица и нејзиниот татко. Ама уште понемоќни се да го опишат институционалниот гнилеж што нив ги овозможи, распослан низ полицијата, обвинителството и судските инстанци.

Гнилеж што го штител насилникот и ја мачел жртвата. Беда!

Се вртиме во круг, ова е пеколен лавиринт со катастрофи на секој чекор, ова е ужас без крај каде згазени се секогаш послабите, поправедните и почесните. Ќе се изнакажеме големи зборови сите ние до следното насилство, до следната трагедија - резултат на системски распад и потоа - одново. И така, зборовите не само што стануваат немоќни, туку се веќе и банални.

А на злото ништо не му дава толку сила како неговата банализација, неговата тривијализација, кога тоа си се одомаќинува и ни се раскомотува низ секојдневието.

Злото бара да биде удрено меѓу рогови!

Во спротивно нашите „никогаш повторно” ќе продолжат да се случуваат не само повторно, туку и редовно!

Катарина Синадиновска, 17.09.25.




Росица пријавила и не ја добила потребната заштита

Луѓето ги повикуваат жртвите на родово базирано насилство да пријавуваат, бидејќи молкот може да биде кобен. Секако дека треба да се пријавува. Но што ако жртвите пријавуваат кога институциите сепак не ги штитат.

Росица пријавила, и како и жените во речиси сите јавно познати случаи на фемициди, таа поминала низ еден куп процедури (одново и одново преживувајќи го насилството), и во ниту еден чекор не ја добила потребната заштита.

Лесно е сега сите директно или индиректно вклучени да измијат раце од одговорност и да најдат разноразни оправдувања, пред сè да можат помирно да заспијат. Но факт е дека премногу жени се мртви заради потфрлање на системската заштита. Таквата заштита не постои и нема да постои сè додека целосно не го трансформираме начинот на кој се справуваме со родово базираното насилство.

Строгите и навремени казни за сторителите се секако важни, но далеку од доволно. Потребни ни се родово сензитивни образовни програми за сите возрасти, зашто препознавањето на насилните практики е прв чекор за спречување и справување со нив. Потребно е да си ги преиспитаме нормите како општество и да почне да им се верува на жртвите, а не константно да се преиспитуваат кога пријавиле, дали пријавиле, дали сепак можеби си „заслужиле“. И ред други работи кои експертите од оваа област многу подобро ги знаат.

Едно е јасно, кога системот не успеал да ги заштити овие жени додека биле живи, најмалку што им должиме е нивната смрт да биде потсетник дека мора многу посериозно да се зафатиме со родово базираното насилство.

Биљана Гинова, 16.09.25.

 

Како бе луѓе не гледате овде системски проблем?!

Росица од вчера не е меѓу нас. Убиена е, како и нејзиниот татко, со убоди од остар предмет од психопат.

Како бе луѓе не гледате овде системски проблем?!

Ова е патот на една жена која макотрпно се труди да најде правда и заштита од македонските институции, откако е физички и психички малтретирана, со месеци и месеци, од нејзиниот бивш партнер.

25.03.2025 година ‒ Росица пријавува дека во декември претходната година психопатот се обидел да ја задржи во стан во Скопје и и’ нанел лесна телесна повреда од чл.130 ст.2 од Кривичниот законик.

10.04.2025 година ‒ Основното јавно обвинителство Велес против психопатот поднесува Обвинителен предлог за 2 случаи:

‒ Загрозување на сигурноста од член 144 ст.3 вв ст.1 за настан на 20.02.2025 година;

‒ Насилство од чл. 386 ст.3 вв ст.1 за настан ноќта меѓу 03.03.2025 и 04.03.2025 година со нанесена полесна телесна повреда на партнер на оштетената.

Психијатриското вештачење покажало дека тој не боледува од душевна болест, бил пресметлив во моментот на сторување на делото, бил способен да го сфати значењето на своите постапки и кај него не е регистрирана патолошка опсесивност или патолошка фиксација кон Росица.

18.05.2025 ‒ Убиецот се приближува до домот на Росица, го одзема и го пали автомобилот во сопственост на нејзиниот татко.

21.05.2025 година ‒ Росица го пријавува монструмот за неизвршување на судска одлука, бидејќи и покрај дополнителните мерки за заштита од семејно насилство, тој не ги почитува и постојано ја вознемирува.

26.06.2025 година ‒ издадена е наредба до МВР за обезбедување докази од телефонската комуникација, како и 4 наредби за обезбедување снимки од видео надзор од различни локации во градот. По овие наредби МВР постапува (ОД ЈУНИ ‒ УШТЕ ПОСТАПУВА?!).

09.09.2025 година ‒ Росица дава исказ во ОЈО Скопје и се изјаснува дека останува на предлогот за кривично гонење на осомничениот.

10.09.2025 година ‒ Основниот суд во Велес носи пресуда со која му изрекува алтернативна мерка – УСЛОВНА ОСУДА?! на монструмот. Останува забраната за приближување и воспоставување контакти со Росица и нејзиниот партнер, определена по барање на обвинителството.

Оваа одлука на судот во Велес само што е примена во ОЈО Велес и обвинителството немало можност да се произнесе по неа со евентуална жалба!

Само 5 дена подоцна Росица е нејзиниот татко се мртви!
Извини, ангелу најубав, што си се родила тука, во овој трул систем. Почивај во мир.

Мери Јордановска, 16.09.25.

Цртежи: Вирџинија Мори

Сите шест текста се преземени од Фејсбук.

 

Слични содржини

Општество / Живот
Општество / Живот
Општество / Живот / Култура
Општество / Живот
Општество / Живот
Општество / Стрип / Живот
Општество / Живот

ОкоБоли главаВицФото