1013 hPa
93 %
4 °C
Скопје - Саб, 24.01.2026 17:59

Израел во Газа врши геноцид, а високи државни функционери, меѓу кои претседателот на државата Исак Херцог, премиерот Бенјамин Нетанјаху, повеќе министри во владата, пратеници во Кнесетот и воени функционери, поттикнуваат такви злодела. Тоа е заклучокот на Независната меѓународна истражна комисија за окупираните палестински територии што во мај 2021-вата година ја основа Советот за човекови права на ОН. Комисијата беше основана со задача да ги утврдува фактите за да се испитаат можни воени злосторства извршени во Израел и на окупираните палестински територии. Во вторникот комисијата објави документ од 72 страници за настаните во Појасот Газа по 7-ми октомври 2023-тата година. Истата вечер израелската војска ја започна копнената офанзива врз самиот град Газа, во кој до неодамна живееја околу еден милион луѓе на простор од 45 квадратни километри. Во пресрет на копнената офанзива израелската страна ги повикуваше жителите на „евакуација“. Колку луѓе имало во градот во моментот на почетокот на копнената офанзива е невозможно да се каже, но се претпоставува дека не помалку од 600.000. Истата вечер генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, остро ја критикуваше понатамошната израелска ескалација на војната во Газа. „Ужасно е она што денес се случува во Газа. Сведоци сме на масовно уништување на населби, на систематско уништување на градот Газа“, изјави генералниот секретар на ОН. Тој нагласи дека размерите на насилството какви што се во Газа не ги видел ниту во еден конфликт за време на неговиот деветгодишен мандат. Заклучи дека „ова е нешто што е морално, политички и правно неподносливо“. Поради критиките кон Израел, владата уште претходно го прогласи Гутереш за персона нон грата. Првиот човек на ОН го бранеше и својот став дека нема да се повикува на геноцид врз Палестинците без соодветна судска одлука, додавајќи дека „историјата ќе го памети фактот дека бевме во првите редови на борбата за одбрана на интересите на палестинскиот народ“.
.jpg)
Претседателка на комисијата е Нави Пилај, јужноафриканска правничка, прва жена во Врховниот суд на таа држава, поранешна Висока комесарка на ОН за човекови права, поранешна судијка на Меѓународниот кривичен суд и поранешна претседателка на Меѓународниот кривичен суд за Руанда. Таа изјави дека во Газа „се случува геноцид“ и дека „одговорноста за овие злосторства лежи врз израелските власти кои веќе речиси две години оркестрираат геноцидна кампања со посебна намера за уништување на Палестинците“. Во документот, освен правна анализа, се наведени бројни примери на постапките на водечките израелски политичари, настаните на терен и дејствувањето на израелската војска. Комисијата е независна и не зборува во име на ОН, па според тоа терминот „геноцид“, што често се споменува во документот, не е употребен од страна на самите ОН.
Заклучокот на комисијата е разорен за Израел. „Врз основа на целосно убедливи докази“ таа утврдила „дека изјавите на израелските власти се директни докази за геноцидна намера“. Со посредни докази комисијата утврдила „дека геноцидната намера била единствениот разумен заклучок што можел да се изведе врз основа на моделот на однесување на израелските власти. Затоа комисијата заклучува дека израелските власти и израелските безбедносни сили имаат геноцидна намера да ги уништат, целосно или делумно, Палестинците во Појасот Газа“. Освен што утврдила, комисијата и заклучила (што, се разбира, никого правно не обврзува) во параграфот 240 од документот „дека Државата Израел е одговорна за извршување геноцид врз Палестинците во Газа како група, односно за делата наведени во член II (а)–(д) од Конвенцијата за геноцид: (а) убивање припадници на групата; (б) нанесување тешки телесни или ментални повреди на припадници на групата; (в) намерно наметнување животни услови на групата пресметани за нејзино целосно или делумно физичко уништување; и (г) наметнување мерки со цел спречување раѓања во рамки на групата“. Значи, според комисијата, прекршени се сите одредби од член II на Конвенцијата за спречување и казнување на злосторството геноцид, освен точката (е) „присилно преселување деца од една група во друга група“. Наведено е и дека „комисијата не примила никакви докази дека Израел на кој било начин дејствувал за да спречи или казни геноцид, вклучително и неспроведување какви било реални истраги или кривични гонења“. Израел не соработува со комисијата, исто како што речиси целосно не соработува со ОН кога станува збор за настаните во Појасот Газа во последните речиси две години.
.jpg)
Во документот се наведува дека од 7-ми октомври 2023-тата до 31-ви јули оваа година се убиени 60.199 Палестинци, меѓу нив 18.430 деца и 9.735 жени. Очекуваниот животен век се намалил од 75,5 на 40,5 години во првата година од војната. Се наведува и тврдење на израелски разузнавачки функционери од мај 2025-та година дека во Газа се убиени или веројатно убиени 8.900 борци на Хамас и Палестинскиот исламски џихад, што значи дека 83 проценти од убиените Палестинци (околу 53.000) се цивилно население. „Жртвите на бомбардирањата не беа издвоени ниту биле цел како поединечни цивили. Напротив, жртвите биле колективна цел поради нивниот идентитет како Палестинци“, стои во документот. Се наведува и дека од почетокот на израелскиот напад се раселени околу 1,9 милиони жители на Појасот Газа (речиси 90 проценти) до 25 јуни-ти годинава.
Претседателот на Израел, Херцог, го нападна документот. „Израел, а и јас лично, категорично го отфрламе таканаречениот извештај и неговите срамни автори, чие отсуство на легитимитет е толку целосно што само спомнувањето во нивните обвинувања всушност е потврда на нашата борба за човекови права“, изјави Херцог. Тој заклучи дека „додека Израел го брани својот народ и настојува да ги ослободи заложниците, оваа морално банкротирана комисија опсесивно ја бара вината во еврејската држава, ги пере злосторствата на Хамас и ги претвора жртвите на еден од најлошите масакри на модерното време во обвинети“.
.jpg)
Израел се соочува со сè поголема меѓународна изолација. Сè повеќе се зголемуваат барањата за негово исклучување од, во поширока смисла, меѓународната заедница. Расте бројот на земји кои ги забрануваат продажбата и транспортот на оружје во Израел, расте бројот на земји кои бараат исклучување на израелските државјани од меѓународни спортски и културни натпревари и настани, се зголемува бројот на држави кои министрите во владата ги прогласуваат за персона нон грата, а расте и бројот на земји кои се залагаат за економски санкции. Дури и Европската комисија има намера да суспендира дел од трговскиот договор со Израел. Израел ја осуди таа намера, а министерот за надворешни работи Гидеон Сар изјави дека суспензијата на одредени трговски поволности поради дејствувањето на неговата земја во Појасот Газа би била „несразмерна“ и „без преседан“ и ја обвини Европската комисија дека дејствува во интерес на Хамас.
.jpg)
Свесен за растечката изолација е и премиерот Нетанјаху. Во понеделникот изјави дека Израел се соочува со вид изолација што би можела да трае со години. На конференција на министерството за финансии тој кажа дека економијата на Израел мора да развие „автархиски одлики“ и да стане посамодоволна и помалку зависна од надворешната трговија. Клучна област на изолацијата е трговијата со оружје, а иако Израел има многу развиена воена индустрија, тој зависи од увозот на оружје, опрема и муниција. Нетанјаху заклучи дека ќе мора повеќе да ја развива сопствената воена индустрија: „ќе бидеме Атина и супер Спарта во комбинација“. Наскоро беше забележано дека ниту Атина, без оглед на целата своја мудрост и филозофија, ниту Спарта, без оглед на целата своја посветеност на војската, не завршиле добро. Лидерот на опозицијата Јаир Лапид изјавата на Нетанјаху за изолацијата ја нарече „лудa“, додавајќи дека „таа не е судбина, туку резултат на погрешната и неуспешна политика на Нетанјаху“. Премиерот го критикуваше и поранешниот началник на генералштабот Гади Ајзенкот, човек со не толку мали политички амбиции кој во вторникот основа партија чијшто назив би можел да се преведе како „Правилно (или чесно) со Ајзенкот“. Тој изјави дека „нема да постои втора шанса за да се поправи штетата што ја предизвикаа Нетанјаху и неговите партнери со напуштањето на заложниците и изолирањето на Израел во светот“.
.jpg)
Економските санкции, во зависност од нивниот опсег, би можеле да бидат погубни за Израел и неговата напредна, високотехнолошка економија. На неговата економија ѝ е потребен истовремено непречен извоз на производи и услуги, но и увоз, бидејќи сосема е јасно дека Израел со суровини не може да биде самодоволен. Оваа година економски ќе биде послаба од очекувањата за Израел, иако бројките се на такво ниво за какво многу членки на ЕУ не можат ни да сонуваат. Во вториот квартал економијата забележа пад од 3,5 проценти (по растот од 3,4 проценти во првиот квартал) на годишно ниво. Тоа е првиот пад од последниот квартал во 2023-тата година кога, непосредно по нападот на Хамас и почетокот на војната, изнесуваше 20,8 проценти. Главната причина за падот се наоѓа во 12-дневната војна со Иран. Потрошувачката на домаќинствата е намалена за 4,1 процент, а извозот за 12 проценти. Намалена е и очекуваната стапка на раст на БДП во оваа година од 3,5 на 3,1 процент, додека за следната година се предвидува раст од 4,6 проценти.
.jpg)
Карикатури: Kamal Sharaf
Извор: https://www.portalnovosti.com/