1034 hPa
74 %
-4 °C
Скопје - Пон, 19.01.2026 08:59

Во мрачниот град
Според филмскиот критичар Роџер Еберт, занемарено филмско остварување, едно од најдобрите во жанрот на научно-фантастичната дистопија, е филмот Мрачен град (Dark City, Alex Proyas, 1998). Дејството е сместено во неименувана метропола која наизглед е во постојан мрак. Природата на мрачниот град произлегува и е контролирана од страна на Странците – вонземјани од далечен соларен систем чија цивилизација, и покрај високата технолошка софистицираност, е во изумирање. Нивна цел е низ експерименти врз човештвото – способноста за преживување преку приспособување и доживување комплексни емоции – да најдат лек за сопствениот вид. Главниот ресурс што ги интересира Странците се човечките сеќавања, кои се воедно и моќно оружје за масовна контрола. Со помош на нивната технологија, целокупниот фонд на сеќавања на граѓаните е складиран во мемориска банка. Штом стрелките на часовникот ќе покажат 12, сите претходни сеќавања кај поединците се бришат и им се втиснуваат нови. Штом ќе се разбудат, луѓето добиваат нов идентитет и со помош на високата технологија се ставени во сосема нови улоги и сценарија: еден ден некој може да се разбуди како детектив, наредниот ден нешто сосем друго. Кога Странците сакаат да проучуваат убиец, едноставно му втиснуваат соодветни сеќавања на некој од граѓаните, аранжирајќи му семејство, пријатели, цела историја, дури и изгубен паричник. Потоа опсервираат. Дали човек со историја на убиец ќе продолжи по тој пат? Или луѓето се повеќе од севкупноста на нивните сеќавања?
.jpg)
Освен отворањето универзални етички прашања за човечката природа кои филмот ги поставува мајсторски и низ питка нарација, сметам дека тој на некој начин е и пророчки. На колективно ниво, фокусот врз сеќавањето допира до современите форми на идејата за „историската вистина“, која се манифестира во политичкиот простор како вистинска мобилизаторска сила. Поконкретно, последните војни и конфликти често започнуваат во подрачјето на вооружување на историјата (weaponization of history): концептите за „вистински“ и „измислени“ нации, историското право врз територии, верувањето во „избрани народи“ итн. Најсвежи примери се историските лекции на Путин за Украина како „измислена нација“ во советскиот период, а во контекст на современата воена инвазија. Или говорот на Нетањаху пред Конгресот во Вашингтон, во јули 2024 година, каде што ескалираниот експанзионизам на неговата влада го правда со библиски приказни. Понатаму, политиките на сеќавање продолжуваат да се причината за длабоки етнички и општествени поделби помеѓу балканските (соседни) земји, а концепти како „соочувањето со минатото“ често стануваат дел од државниот интерес на повеќе современи европски нации. На пример, идеолошкиот амалгам на Европската Унија е базиран врз антитоталитарната идеологија. Станува збор за историско и етичко изедначување на комунизмот со фашизмот како два тоталитаризми на 20 век, кое се изродило во пазувите на Студената војна, но како ревизионистичка тенденција, токму во контекст на „крајот на историјата“ и идејата за либералната демократија како последна историска станица за напредните цивилизации. Европските елити почувствувале потреба за правна стабилизација на тоа сфаќање и во 2019 година го преточиле во резолуција под насловот „Важноста на европското сеќавање за иднината на Европа“. Се чини дека политиките на сеќавање играат важна улога во градењето и уривањето на цивилизациите.
.jpg)
Дистопискиот предикат во Мрачен град е релевантен и за уште еден разорен симптом на идеологијата на нашата ера, кој функционира и се јавува на индивидуално ниво – феноменот на мозочен гниеж (brain rot). Терминот „брејнрот“ беше избран за збор на годината според речникот на Оксфорд за 2024 година. Според оксфордската дефиниција, станува збор за оштетување на менталната и интелектуална состојба на личноста, кое настапува како последица на претерана стимулација со онлајн содржини од тривијален и интелектуално непредизвикувачки карактер. Онлајн просторот е презаситен со кратки аудиовизуелни облици што немаат суштинска содржина. Тие повеќе служат за понатамошна фрагментација и деконтекстуализација на дискурсот: во еден момент следите краток исечок од актуелен политички настан – на пр. работнички протест, но со едно скролање надолу веќе се појавило смешно видевце од мачка. Кај консумеристички настроени корисници – алгоритмите придонесуваат овие содржини да се бескрајни секвенци на реклами за различни производи. Во типизацијата на „брејнрот“ содржините интересно е дека прввладуваат видеа под насловот „чудесно задоволувачки“ (oddly satisfying), а тие вклучуваат прикази на сечење или формирање предмети од сапун, глина или други материјали, придружени со ASMR ефект (автономно сензорна меридијална реакција, звучни ефекти што предизвикуваат аудиотактилна синестезија). Не станува збор само за лишување од квалитетни информативни и културни содржини, туку за нешто друго – за потребата кај онлајн корисникот неговиот мозок да се стимулира до отапување како форма на оддишка и на забава: забавувајте се до гниење!
.jpg)
Овој феномен, како и сличните комуникациски обрасци помеѓу индивидуалните корисници и времето поминато на социјалните мрежи, општествени последици. Пливањето во бескраен океан на информации и содржини, тотално лишен од педагогија на суштината, го гледам како метод за губење на ослободениот дел од слободното време – да се потроши она малку време што му преостанува на презафатениот и престимулиран граѓанин. Но наместо во заедницата, во акти на солидарност, во читање, во политичко организирање, да се потроши во бесцелно движење низ глупави и опсцени содржини што водат кон лумпенизација на политичкото битие.
Во втората половина на 20 век, филозофката Хана Арент посочуваше кон атомизираниот субјект како инструмент и извор на општествата на теророт кои го потресоа 20 век. Според Арент, тоталитарните маси потекнуваат токму од атомизацијата – процесот на деполитизација и меѓусебно изолирање на граѓаните, нивно претворање во голи атоми на општеството кои не се способни да започнат со (политичко) дејствување. Зар не согледуваме дека денес токму мозочниот гнилеж е постлибералната форма на атомизација на субјектот? Наместо со десубјективизација на граѓаните низ авторитарните алатки на милитаризмот и/или национализмот, како во општествата во периодот пред Втората светска војна, сега се соочуваме со нов модел: преплавеност со конформистички и празни избори што ветуваат експресен пат до декомпресија и разонода.
.jpg)
Брутален упад во атомизираноста
Иако се чини дека ѕидот на индиферентноста на „брејнрот“ содржините е непробоен, страдањата на палестинскиот народ кои достигнаа застрашувачки размери во 2024 година прават упад во ткивото на отапувачката деполитизација. За овие, некогаш последни молби за помош, но и сведоштва за нечие постоење, да стигнат до широките светски маси, очајните луѓе ги споиле со почетен сегмент-мамка, со кој знаат дека ќе го фатат вниманието на атомизираните корисници на онлајн содржини, а и ќе ги избегнат рестриктивните алгоритми на големите социјални мрежи кои штелуваат „забрана од сенка“ (shadow banning) на медиумски содржини што известуваат за состојбата на палестинското цивилно население. Се започнува со краток сегмент што трае околу секунда: тој се состои од будалест видеоисечок кој дефинитивно ќе го привлече вниманието на просечниот корисник: некој од безбројните спамирачки кратки видеа кои ги преплавуваат социјалните мрежи. Овој сегмент нагло е прекинат по некоја секунда, за пред нас да започне вистинското видео: малечко детенце (или група деца), момче или девојче, или пак возрасно лице, во видно трауматизирана состојба (често станува збор и за потресни слики од деца со изгубени екстремитети како последица на жестокото бомбардирање врз цивили во т.н. „безбедни зони“), на несигурен, но разбирлив англиски јазик пред непрепознатлива маса од урнатини и прашина предизвикани од високотехнолошко оружје за бомбардирање, моли: „Стоп. Те молам не го прескокнувај ова видео, нема да трае повеќе од 15 секунди...“ Во продолжение, детето или возрасното лице, го кажува своето име, ја раскажува својата тешка состојба, ја кажува локацијата и моли за каква било помош, јавувајќи се од пеколот во кој неоколонијалните политики протежирани од западните сили ги втурнаа Газа и палестинскиот народ. Користењето оружје за масовно уништување кулминираше во 2024 година, претворајќи ја Газа во територија на која е невозможна животна егзистенција, а организации како „Амнести интернешенал“ (Amnesty International) и голем број еминентни научници кои го проучуваат холокаустот и студиите за геноцид, меѓу кои се Раз Сегал, Омер Бартов, Адам Џонс, Ернест Вердеја и други, во своите јавни настапи ја дефинираа состојбата како геноцид врз населението.
Упадот на хроники од пеколот во строго контролираниот идеолошки простор на комфорен привид го читам како аларм што сака да нè разбуди од либералниот сон за победа на демократијата по падот на Берлинскиот ѕид. Доколку поразот на демократијата во Европа во 20-тите и 30-тите беше политички, денес станува збор за нешто друго. Пренесување геноцид во живо на социјалните медиуми (live streamed genocide – уште еден феномен кој ќе ја исцртува историјата на 21 век), проследено со громогласен молк од напредните европски општества, означува мутација (Франко Берарди Бифо) на самиот либерален поредок.
.jpg)
Текстури на отпорот... кон светлината
Црпејќи од искуствата на отпор од минатото, сепак, потребно е да се смогне сила и храброст, но и добра доза на надеж, за во мракот да ги побараме, да ги насетиме текстурите на отпорот. За мене најблиско место за отпочнување на таа постапка е антифашистичкото минато.
Во локалното партизанско наследство од мојот град, познат е ликот на Мите Богоевски (1919 – 1942), селско момче од печалбарско семејство, кое заминало во партизани. Како средношколец во Битола, кон крајот на 30-тите години од минатиот век станал член на Сојузот на комунистичката младина на Југославија (СКОЈ), а потоа и дел од партизанското движење за време на Втората светска војна. Како ученик, имал судири со училишната управа, но останал доследен на своите комунистички идеи; преку својата поезија и јавни истапи дури успевал и да ги вокализира во моменти кога тоа било строго казниво. Бил убиен како партизан во 1942 година. Зборувал правдина пред центрите на моќ, како многу младо момче. За мене, знаејќи ги неговите животни околности, ова е пример за врвен етички гест. Неговата приказна ме потсетува на добар пример за инверзија на погорниот концепт на Арент за човечкиот морал – од атомизација до препуштање на „баналноста на злото“. Што ако го превртиме концептот и погледнеме примери за етички гест пред моќта направени од анонимни, „мали луѓе“? Историите на партизанските антифашистички движења низ светот изобилуваат со такви примери за микро и макроотпорот на студенти, работници, учителки, на мали учесници во отпорот… И тоа во времиња кога отпорот бил посурово казнуван од денес.
.jpg)
Уште еден темелен аспект од антифашистичкото движење кој треба силно да го прегрнеме денес се неговите темелни идеи – антиколонијализмот и интернационализмот – историски искуства кои најмногу пострадаа во политиките на сеќавање на ревизионистичкиот налет по Студената војна во Европа. Одличен современ пример што може да нè поврзе со историските искуства на отпор во денешнината се невидените студентски протести на кампусите во САД и на плоштадите низ Европа против угнетувањето на луѓето во Палестина. Тоа е радикално масовно движење какво што немаме посведочено со децении. Обемот на студентски окупации во САД забележан во 2024 година е споредлив со антивоеното движење за Виетнам, а се проширува и низ синдикалните движења. Важно за овие протести е тоа што прстот го свртуваат кон колонијализмот и неговите современи манифестации на глобално ниво. Најважна порака од протестите е нивното разбирање на конфликтите кои денес го тресат светот, не како етнонационални, религиски или идентитетско-фрагментарни, туку како војна на колонизаторите против колонизираните. Во таа смисла, жртвата на Палестина станува нов универзален симбол на страдање, но и раскрсница на отпорот, место на руптура на новото време. Хиерархиите на неолибералниот поредок се демонтираат токму таму. Реакцијата кон протестите е дополнителен аргумент во корист на тезата. Бруталното полициско претепување и растерување на студенти, како и софистицираната цензура на научници, новинари и културни работници докажува дека најголем страв за опресорите е хуманизацијата на опресираните. Протестите на студентите и на граѓаните во 2024 година донесоа нова формулација на отпор кој тргнува од хуманизација на опресираниот и од дефрагментација на светот низ поврзување на борбите.
.jpg)
Во таа смисла, не можам да не споменам еден драгоцен локален пример на поврзување на нишките помеѓу различни борби и опресии. Примерот е драгоцен бидејќи содржи суштинско разбирање на историското „никогаш повеќе“ – тоа единствено може да значи – никогаш повеќе за сите. Панде Манојлов е уште еден претставник од локалната историја на Битола (како партизанот Богоевски од погорните редови), меѓу другото познат и како автор на една прочуена химна за Палестина. Тој е еден од најплодните македонски поети и новинари, добитник на бројни книжевни награди и општествени признанија. Главна трансверзала на неговото творештво во 1980-те години станува солидарноста со палестинскиот народ. Во 1982 година, допрен од страдањата на палестинскиот народ при масакрот во бегалските логори Сабра и Шатила, ја објавил „Песна за Палестина“ во весникот „Нова Македонија“. Понатаму приказната за интернационалните нишки е скоро романескна. Песната била преведена на арапски од палестинскиот студент Абас Абделкарим, кој студирал во Скопје во 1982 година. Така започнала поетската слава на Манојлов во арапскиот свет, за која тој не бил ни свесен четврт век бидејќи не постоело познанство меѓу него и студентот. Оваа песна во август 2006 година на радиото „Монте Карло“, во емисија на арапски јазик, била прогласена за најубава странска песна посветена на Палестина. Прилично интересен факт е дека, во чест на неговото творештво, во 2007 година во Битола дошла дипломатска делегација од Палестина, која му оддала високо државно признание. Каква приказна од мојот град! Што е причината за неговото длабоко сочувствување со палестинскиот народ? Книжевните критичари забележуваат можно поврзување со неговата семејна приказна. Неговите родители, како дел од македонското население во селата во северна Грција, морале да го напуштат родното огниште како последица на Грчката граѓанска војна во 1948 година – етничко-идеолошки конфликт, прв во Европа по крајот на Втората светска војна, во кој било прогонето и настрадало македонското население во Грција. Нивните села до непрепознатливост биле запалени и уништени од британските напалм бомби. Или можна причина е југословенскиот контекст на интернационализам и политиката на Движењето на неврзаните која била актуелна во зенитот на неговиот живот? Манојлов почина во 2020 година, но зад себе остави творештво навистина универзално кодирано, како кај ретко кој македонски поет. Во едно исклучително афективно интервју, Манојлов вели: „Слободата живее во секој народ, во секој поединец. Таа не може да се уништи ни со пари, ни со сила. Верувам во слобода“. Можеби и поважно, со своето творештво тој ги универзализира палестинското страдање и јавното оплакување на жртвите, збришувајќи ја фикцијата за фрагментираноста на борбите за слобода во поширока смисла.
И денес, како и во минатото, отпорот започнува на нивото на јасното и недвосмислено етичко позиционирање.
.jpg)
Фотографиите се од филмот Dark City ( Alex Proyas, 1998)
Извор за текстот: Ивана Хаџиевска - Суспендирана итност (Илика, 2024)