Израел на Евровизија

21.09.2025 23:40
Израел на Евровизија

Народ што врши геноцид не може да пее. Светот што гледа како еден народ врши геноцид не може да пее заедно со него. Ниту, пак, може да прифати дека таков народ сака да продолжи да пее како ништо да не се случило. Фактот дека Израел воопшто помислува при кулминацијата на геноцидот во Газа да учествува на едно пејачко натпреварување, со светки и светлосни ефекти, додека неговите војници немилосрдно убиваат и уништуваат, сведочи за неговиот морален банкрот. Израел требаше да разбере дека за него нема место на никаква меѓународна прослава. Да ја наведнеше понизно главата и сам да се повлечеше од Евровизија, повеќе ќе го зачуваше достоинството, отколку што сега се расфрла со обвинувања за антисемитизам против целиот свет, небаре светот врши масакр во Газа, а не израелската војска.

Евровизија е музичко натпреварување на радиодифузни корпорации во Европа, на кое Израел влезе како и на другите европски настани во областа на науката, спортот и уметноста, благодарение на посебниот однос на Европа. Недела на задоволства и музика, па и доволно уметност за љубителите на овој жанр. Натпреварувањето се смета за аполитично, но во 2022-рата година организаторите решија да ја исфрлат Русија поради инвазијата врз Украина.

Одлуката тогаш беше прифатена како нешто што се подразбира. Никој тогаш не се пожали на „русофобија“. Зашто кој сака да игра казачок со младите луѓе што ги испратиле оние кои гранатираат станбени згради во Киев? Русија не учествува на Евровизија – тоа и го заслужи. Елиминацијата не беше политички потег, туку етички. Израел тогаш не загрме против светот.

По бруталноста и геноцидните дела, инвазијата на Израел врз Газа далеку ја надминува суровата и криминална руска инвазија врз Украина. На пример, ако го погледнеме бројот на убиени деца – индекс што го покажува степенот на варварство – во Украина се убиени 659 деца во текот на три и пол години војна, а во Газа повеќе од 18 илјади за две години.

Дали воопшто треба да се прашуваме дали држава што убива илјадници деца има право да учествува на било каква меѓународна прослава? За што зборувате кога зборувате за антисемитизам во овој контекст? Само филосемитизмот и љубовта кон Израел му овозможија воопшто да биде дел од тоа натпреварување. Ни тогаш не му беше местото таму.

Израелците се преправаат дека се навредени. Глупавите медиуми им велат дека сите нè мразат поради муслиманите во Европа. Полесно е тоа да се проголта, иако е апсолутна лага. Европа нè мрази поради децата што Израел ги убива во Појасот Газа, а не поради муслиманските мигранти. Нема совесна личност во светот што е изложена на сликите од ужасите во Газа, а да не ги презира оние што ги вршат тие злосторства.

За разлика од Израелците, кои нивните слепи медиуми ги штитат од нив самите, светот гледа и не може повеќе да молчи. Тоа не е право на светот, туку негова обврска. Може да се биде попустлив кон рускиот народ поради диктатурата во која живее, но нема попуст за оние што тврдат дека се демократија. Владата на Израел го претставува народот, а војната во Газа е прифатлива за мнозинството. Факт е дека мнозинството оди во таа војна со радост или слепа послушност; мнозинството не се грижи за геноцидот, само нека се вратат киднапираните. Да не беа тие, овде немаше да има демонстрации.

Заслужуваме построга казна од оваа, уште повеќе откако во градот Газа започна фазата на апсолутно лудило. Тоа не би била омраза кон Израел: така изгледа правдата. Со крв на рацете, Израел не би требало ни да се обидува да биде примен во клуб што прифаќа такви криминалци. Да се игра во мај 2026-тата година во салата „Штатхале“ во Виена врз крвта на етнички исчистената и уништена Газа? Срамота е за Европа што само пет држави досега му се спротивставија на учеството на Израел. Израел не заслужува да биде таму.

Карикатури: Monireh Ahmadi

Извор: https://www.haaretz.co.il/