1014 hPa
93 %
4 °C
Скопје - Саб, 24.01.2026 18:59

Данило Киш, познатиот писател и боем, при ретка посета на Скопје дошол во „Јоле“ и таму се сретнал со Блаже Конески, повремениот посетител на славната кафеана на македонските писатели.
‒ Вие, Данило, половина сте Црногорец, а јас ги сакам Црногорците, меѓу другото и поради „Горскиот венец“, една од најважните книги во мојот живот ‒ рекол Конески.
‒ Еден од моите предци, драг Блаже, е Марко Миљанов, темпераментен, фламбојантен човек од 19-иот век, кој се описменил на 50 години. Неговите етнографски дела, особено „Примерите за чојство и јунаштво“, и денес се интересни. Ракописот му е четвртаст и тврд, а поради реченичните низови без параграфи и отсуството на интерпункција наликува на текстови напишани на глинени плочки.
‒ Го знам Миљанов, се разбира! рекол Конески. ‒ Тој е вториот најпознат Црногорец, после Његош. Не знаев дека ви е предок. Мене ми е познат поради една чудесна реченица во која сосема ја препознавам и Македонија: „Црна Гора е толку мала што во нејзе мртов човек нема доволно место да ги испружи нозете“.
‒ Ах, Блаже, ме погодивте во средиштето! Јас тоа го мислам за сите наши овдешни идентитети, прокрустовски постели, во кои дури ни мртовецот не може да се раскомоти.
‒ Драг Данило, и мене темава ми е при срце. Делиме многу работи, Македонците и Црногорците, и самите однатре сме поделени, во разбирањето на минатото и предците, во припадностите, симболите, јазиците, крвта...
‒ Кога би почнал да копам по своите предци, Блаже, или да ja ставам на анализа својата крв (наука денес мошне модерна меѓу националистите), би нашол тука, како во речно корито, траги од цинцарска, ерменска, а можеби и од ромска и еврејска крв. Но јас не ја признавам таа наука, спектралната анализа на крвта, наука во крајна линија сосема сомнителна, опасна и нехумана, особено за ова време и за нашиве краеви, каде што опасната теорија за крвта и почвата создава само сомнеж и омраза и каде таа „спектрална анализа на крвта и потеклото“ најчесто се врши изразито спектакуларно и примитивно, со нож и револвер.
.jpg)
‒ Ми се допаѓа вашиот пристап и стил, драг Данило. Ќе ви раскажам една кинеска приказна, да го надополнам муабетот за тесните кревети и стутканата смрт. Си бил младич по име Шр Конг. Имал голема и чудна љубов: го обожавал змејот. Ѕидовите на својата куќа, прозорците, завесите и целиот мебел ги украсил со цртежи, а на својата облека самиот го извезол ликот на змејот. Луѓето се чуделе и често зборувале за оваа голема љубов. Така еден ден и самиот змеј тоа го дознал. Му било мило и решил да го посети Шр Конг. Но, толку голем змеј никако не можел да влезе во малото куќарче, па тој низ прозорецот ја протурил главата, со телото ја обвиткал куќата, а опашот се појавил на вратата. Мислел змејот дека ќе го израдува Шр Конг. Гледајќи го вистинскиот змеј пред себе, младичот толку се исплашил што побегнал газ преку глава.
‒ Ох!, каква приказна ‒ се насмеал Данило. ‒ А кое е животното што го сакаат Македонците, драг Блаже?
‒ Како кои. Некои го сакаат лавот, кога сме кај змејот. Мене ми се допаѓаат рисот, магарето, врабецот, пеперугите... Во Кина за луѓето што не го познаваат предметот на своето обожавање и имаат илузии за она што божем го сакаат, се вели Шр Конг хао лонг: Шр Конг го обожава змејот.
‒ Иво Андриќ во Крајпатните знаци вели дека животот, славниот наш виталитет, овде се сочувал, „но по цена која е повисока од самиот живот, оти снагата за одбрана и одржување е позајмувана од идните поколенија, кои се раѓаат задолжени и оптоварени“ ‒ се надоврзал Данило Киш.
‒ Можно е и тоа уште еднаш да ни се случи, како одат работиве, и кај нас и пошироко. Можно е Јужните Словени, губејќи ги надворешните непријатели и неспособни со памет и осет да си ја организираат заедницата, сега да ја позајмуваат последната сила од идните поколенија, за свое внатрешно самоистребување. Се надевам дека нема да бидам жив тоа да го видам ‒ рекол Конески.
‒ И јас се надевам на истото, иако сум малку помлад од вас ‒ рекол Данило Киш.
.jpg)
Слики: WAYNO