Денешните демократски примери

24.09.2025 23:41
Денешните демократски примери

Како тинејџер што растеше во Истанбул, имав среќа да припаѓам на генерација што во својата близина имаше добри примери на демократски практики. Европските земји како Британија, Франција, Германија и Шведска нè поттикнуваа во стремежот кон просперитет и демократија и ни влеваа надеж за подобра иднина на нашето несовршено државно уредување. Искуствата на тие земји покажуваа дека целите на економскиот раст, социјалната правда и политичките слободи не се само усогласливи, туку и меѓусебно се зајакнуваат.

Каде денешната младина ќе пронајде слична порака за надеж? Не толку одамна, изгледаше дека либералната демократија е на пат да го освои светот. Денес назадувањето на демократијата е глобален феномен, за што Америка на Трамп е најпознатиот и најдраматичен пример. Почнувајќи од раните 2010-ти, „изборните автократии“ – режими што одвреме-навреме организираат избори во услови на општа репресија – стануваат доминантен облик на државно уредување ширум светот. Бројот на луѓе што живеат во либерални демократии денес е за речиси 220 милиони помал од 2012-тата година.

Исто така, „изборните демократии“ – форма на режим што отвора пат кон либерална демократија – во голема мера го губат тлото под нозете, па во нив денес живеат 1,2 милијарди луѓе помалку отколку во 2012-тата година. Изборните демократии се заменуваат со изборни или отворени автократии, на кои денес им припаѓаат дури 5,8 милијарди луѓе (бројка што од 2012-тата е зголемена за цели 2,4 милијарди).

Ниту европскиот светилник на демократијата не свети повеќе како некогаш. Европската унија одигра важна улога во зацврстувањето на демократијата во процесот на излегување на Источна Европа од социјализмот, а Чешка и Естонија се најдоа меѓу највисоко рангираните либерални демократии во светот. Но многу други европски земји – особено Полска, Унгарија и Словачка – значително назадуваа, а ЕУ е немоќна да направи нешто во врска со тоа. Словачкиот премиер Роберт Фицо неодамна им се придружи на рускиот претседател Владимир Путин и севернокорејскиот диктатор Ким Јонг Ун, заедно со уште дваесетина авторитарни светски лидери, за да ја прослави кинеската воена моќ што ја организираше претседателот Си Џинпинг во Пекинг.

Водечките европски земји со право можат да тврдат дека нивните демократии се помалку загрозени отколку американската. Но денешна Европа не покажува ниту економска сила ниту политичка кохезија. Би се рекло дека нејзината самодоверба е на историски минимум, што го потврдува фактот дека ЕУ на крајот попушти пред заканите на Трамп за воведување нови царини.

Европските лидери се надеваа дека преку процесот на интеграција ќе ги зголемат моќта и влијанието на регионот на глобалната сцена. Наместо тоа, ЕУ останува трајно заглавена на половина пат, што придонесува за нејзината парализа. Европските институции и процеси обесхрабруваат самостојно и смело дејствување на европските држави, а немаат доволно капацитет да изградат заедничка визија и да ја следат.

Демократска Европа не успева да проектира влијание надвор од своите граници, а оние што ја поседуваат моќта на глобалната сцена не се добри примери. Малкумина насетуваа дека во САД ќе дојде до толку остар авторитарен пресврт и дека Трамп речиси преку ноќ ќе ја претвори Америка во отпаднички актер. Така ѝ помогна на Кина да се прикаже како единствената возрасна и одговорна личност во просторијата, па Си веднаш се закити со плаштот застапник на „рамноправните суверенитети“, „меѓународниот поредок на владеење на правото“ и „мултилатерализмот“.

Но не смееме да негуваме заблуди во поглед на природата на кинескиот режим. Економските достигнувања на Кина не смеат да бидат повод за имитирање на кинеската политика. Кина и понатаму е високо авторитарна земја во која малцинствата се потиснати, а политичката опозиција строго забранета.

Демократските светли точки мораме да ги бараме на нови и неочекувани места. На пример, Бразил и Јужна Африка, две земји со среден доход, се истакнаа како демократии што беа на работ на авторитарен колапс, а потоа успеаја да ја сменат насоката.

Мандатите на Џејкоб Зума на чело на Јужна Африка од 2009-тата до 2018-тата беа обележани со авторитарен популизам и корупција, а поранешниот бразилски претседател Жаир Болсонаро одби да го признае изборниот пораз и испланира воен удар (и убиство на својот соперник) во 2022-рата. Двајцата успешно беа сменети од лидери со добри демократски референци – Сирил Рамафоса во Јужна Африка и Луис Инасио Лула да Силва во Бразил.

Нивните успеси се извонредни и затоа што се остварени во околности што политолозите ги сметаат за крајно неповолни за демократијата. Не само што Јужна Африка и Бразил се оптоварени со длабоки етнички поделби, туку се наоѓаат и меѓу земјите со највисоки стапки на нееднаквост во светот. Уште од времето на Аристотел, мислителите тврдеа дека елиминирањето на преголемиот јаз помеѓу богатите и сиромашните е предуслов за опстанок на демократијата; но бразилското и јужноафриканското искуство нудат нова слика – слика што охрабрува борци за демократија.

Добри вести пристигнуваат и од други делови на светот. Кон крајот на минатата година, кога јужнокорејскиот претседател Јун Сук Јол прогласи вонредна состојба првпат по 1980-тата година, демократските сили и парламентот жестоко возвратија. За неколку недели, Јун беше отповикан и отстранет од функцијата. Чиле исто така успеа да опстане како стабилна демократија по завршувањето на диктатурата на генерал Августо Пиноче (1973–1990).

Меѓу најуспешните демократии надвор од Европа се и малите земји што летаат под радарот на тековните дебати за пропаѓање на демократијата. Тајван, Уругвај, Костарика, Маурициус и Боцвана добија високи оценки во истражувањето што го организираше списанието Economist (последните две се особено вредни за внимание како примери на долговечни демократии во Африка).

Можеби на нашите надежи за разгорување на факелот на демократијата денес им остануваат само таквите неочекувани примери. Како и сè друго, демократијата подразбира примери и модели. Некогаш прифатените примери повеќе не се релевантни, но сè уште постојат места на кои борците за демократија можат да најдат инспирација.

Карикатури: Burkhard Mohr

Извор: https://www.project-syndicate.org/

ОкоБоли главаВицФото