Густаво Петро: Или Камено време или глобална демократија

26.09.2025 15:30
Густаво Петро: Или Камено време или глобална демократија

Се наоѓаме во глобална Камена доба. Невооружени млади луѓе во Карипското море беа бомбардирани со ракети. Некои од нив беа Колумбијци. Прогон, затворање и депортации на милиони мигранти; бомби кои убија околу 70.000 луѓе во Газа; целосна негрижа за климатските промени – сето тоа има иста причина.

Кога зборуваат за миграциите, тоа им е само изговор, за богатите општества – богати, бели и расистички – да можат да се гледаат себеси како супериорна раса; а не разбираат дека нивните лидери ги водат кон бездна, заедно со остатокот од човештвото.

И шверцот со наркотици е изговор. Изминативе две години мојата влада уапси повеќе од 700 шверцери на наркотици и сите ги екстрадиравме во САД и Британија, ниту испукаме и една ракета, ниту убивавме млади. Ја намаливме невработеноста на најниско ниво од почетокот на векот, го развиваме земјоделието… Водевме дијалог со селаните и наоѓавме механизми како да го заменат производството на кока, а потоа илјадници селани беа убиени од политичари во дослух со мафијата и десничарите поврзани со САД.

Затоа денес зборувам како претседател кого го „де-сертифицираше“ Доналд Трамп. Тие не сакаат прогресивните влади да бидат реизбрани. Го намаливме процентот на трговијата со кока за 43 проценти во однос на периодот на претходната, десничарска власт – но таа ним не им пречеше. Нивната борба против дрогата нема врска со запирањето на шверцот, туку со доминацијата врз народите од Југот.

Треба да им се суди за испукувањето ракети врз младите, кои само сакаа да избегаат од сиромаштијата; и претседателот Трамп. Тие не беа нарко-трафиканти, туку сиромашни млади. А вистинските трговци со дрога живеат на друго место: во Северна Америка, не во Јужна Америка. Само неколку блока одовде, во Њујорк. И прават договори со ДЕА, па добиваат дозвола да продаваат во Африка, Русија, Кина, но не во САД.

И пак не успеваат да ја намалат стапката на зависност од наркотици. Кога ја намалуваат зависноста од кока, тоа е затоа што зависниците преминуваат на фентанил. Тоа е синтетичка дрога што се произведува овде, во американската индустрија. Коката убива 3.000 луѓе годишно, а фентанилот 130.000. Главно сиромашни, обоени луѓе. Повеќето нарко-дилери се русокоси и синооки и го таложат своето богатство во најголемите светски банки; и не живеат во Богота или во Газа. Тие се соседи на претседателот Трамп. Не живеат таму каде што владее сиромаштијата, но ракетите се испукуваат таму каде што живеат сиромашните.“

„Но, Трамп не ги гаѓа со ракети само латиноамериканските млади, туку ја аминува истата работа и во Газа. Тој е соучесник во геноцидот. Мислевте дека тоа е само наследство од Хитлер?

Латинска Америка и Африка имаат најголем потенцијал за производство на чиста енергија и глобална декарбонизација. Ни фалат пари. А оние што имаат пари не сакаат да вложуваат зашто не сакаат да зависат од Латинска Америка и Африка. Тоа би ја променило и глобалната распределба на силите, но и средствата за производство, бидејќи животот и човештвото би станале приоритет. Би ја искорениле алчноста — таа која е отров на животот. За тоа говореше и претседателот Мао Це Тунг.

Науката вели дека имаме само десет години да се разбудиме и да дејствуваме по прашањето на климатските промени. Потоа ќе станеме неми набљудувачи без технолошки или политички средства да го запрeме процесот на уништување на природата. Но овие луѓе не веруваат во наука. Најмоќните луѓе на светот не веруваат во наука. Како што Германците во 1930-тите станаа жртви на ирационализмот, истото се случува и со оние од Г7. Декарбонизацијата за нив е субверзивен збор.

Уште еден субверзивен збор е „план“. Тој збор е заборавен. Тие веруваат во пазарот, верувајќи дека тој ќе донесе среќа. Пазарот всушност е провалија; води кон смрт, а тоа го гледаме денес. Либерализмот со децении ги води нашите држави по погрешни формули. Пазарот не може да го реши проблемот со климатските промени кога пазарот самиот го создаде како проблем. Капиталот кој се темели на нееднакви односи меѓу оние што поседуваат средства за производство и оние што вработуваат, односно систем кој мора да произведува сѐ повеќе за повеќе да се продава и консумира.

Или капитал или смрт. Или Камено време или глобална демократија. Тоа не можат да го решат влади што се поткупени од нафтените компании. Старите европски општества пропаѓаат, а САД му аплаудираат на својот нов Хитлер. Градат концентрациони логори за мигранти, ги нарекуваат инфериорни раси и ги обвинуваат за сопствените проблеми, како што Хитлер ги обвинуваше Евреите.

Планот треба да ги поврзе нашите земји. Мораме да воведеме глобална демократија која ќе ја супервизира Советот за безбедност на ОН без право на вето. Можеме ли да го запреме геноцидот во Газа со гласање во Генералното собрание на ОН? Не можеме, бидејќи во Советот за безбедност на ОН нашите гласови се поништуваат со вето. Потребна ни е моќна армија составена од војски на држави кои не прифаќаат геноцид. Го повикувам големиот словенски народ што го порази Хитлер, азиските народи и латиноамериканските народи да реагираат. Доста ни е од зборови. Вашингтон и НАТО ја убиваат демократијата.

ОН треба да ја започнат својата реформа со воспоставување армија за ослободување и спасување. По запирањето на геноцидот во Газа можеме да се посветиме на декарбонизацијата и на создавањето нов Совет за безбедност без право на вето. Глобалниот финансиски систем мора да се базира на децентрализиран капитал, така што народите ќе можат да го потчинат капиталот на животот.

Ова е време на слобода или смрт! Вистинска смрт од ракети. Но слободата е исто така право; во срцата на човечките битија и во способноста да се побуниме и да пружиме отпор!“

Карикатури: Ramses

Извор