Признавање на имагинарната Палестина

29.09.2025 00:46
Признавање на имагинарната Палестина

На денот кога светот ја призна палестинската држава, заедно со Алекс Либек се упатив во едно оддалечено палестинско село на истокот од Западниот Брег. Претходниот ден во селото се случи вооружен грабеж на десетици овци од страна на доселеници што дојдоа од новиот маахаз во близина.

На денот на отворањето на Генералното собрание на Обединетите нации и „Конференцијата за две држави“, десет западни земји ѝ се придружија на долгата листа држави што веќе ја признаа имагинарната држава, а патот Алон беше речиси испразнет од палестински автомобили. Повеќето патишта на Западниот Брег се блокирани со железни порти што се отвораат и затвораат според расположението на воените команданти.

На денот кога 159 држави веќе ја признаа замислената држава, дома лежеше Садек Фрахана, 81-годишен сточар, стенкајќи од болки. Ден претходно рацете му ги скршија со палки доселеници кои немилосрдно го претепаа без никаков повод и покрај неговата возраст. Внукот седеше до него со наведната глава. И тој беше повреден во ограбувачкиот поход на доселениците. Израелската полиција побрза без истрага да ги обвини палестинските сточари дека тие ги ограбиле доселениците. Во државата која токму во тој миг беше призната, нема полиција што би ги штитела своите граѓани.

На денот кога францускиот претседател го славеше својот дипломатски успех, палестинската држава беше подалеку од кога било. Никогаш некоја замислена држава не била толку зависна од реалноста на теренот. Претседателот на идната држава, Махмуд Абас, дури и не доби дозвола да присуствува на собранието на кое се расправаше за неговата држава. Американците грубо го прекршија договорот со Обединетите нации.

Во исто време, најбараната личност на Меѓународниот кривичен суд, Бенјамин Нетанјаху, осомничен за злосторства против човештвото, се подготвуваше да отпатува на тој собир. Претседателот на државата која речиси целиот свет ја „признава“ ја гледа пленарната сала од далечен екран, додека најбараното лице ќе застане на говорницата.

На денот кога светот ја призна палестинската држава, во Газа беа убиени 61 лице, речиси исто како и ден по признанието, како и секој ден во последните месеци. Признавањето не спаси и нема да спаси ниту едно дете во Газа од бомбардирањата. Газа повеќе не е погодна за човечки живот. За нив и Западниот Брег полека се претвора во таков простор. Се сомневам дека претепаниот старец воопшто слушнал нешто за признавањето. Тоа што Британија и Франција се приклучија на земјите што веќе ја признале Палестина за стариот сточар не менува ништо, ниту пак признавањето на Андора и Монако ќе влијае на неговата судбина. Ограбеното стадо овци нема да му биде вратено, иако Луксембург е на негова страна.

Светот, особено правдољубивата Европа, неделава уште еднаш направи празен гест во чест на жртвите од Газа и Западниот Брег. Додека геноцидот во Газа не престанува, а доселениците со армијата дивеат на Западниот Брег, светот ја исполни својата должност признавајќи земја што веројатно никогаш нема да биде основана. Колку е лесно да се признае држава, а колку е тешко да се запре геноцид. Како и обично, Израел повторно се жалеше на антисемитизам. Опозицијата, со сите еврејски фракции, се обедини со владата во осуда на признавањето, вклучително и надежта на израелската левица Јаир Голан.

Оние кои, како мене, пред сè очајнички очекуваат драматичен и итен потег од светот за веднаш да се запре систематското убивање и разурнување, добија потег што само ќе ја влоши ситуацијата. Поголемиот дел од земјите сега можат да ја смират совеста на својата вознемирена домашна јавност: го казнивме криминалецот и ја обештетивме жртвата. Нема веќе потреба да мрднеме со прст за Газа, своето го завршивме. Дадовме административен придонес.

Трагично е тоа што признавањето на палестинската држава сега е тензичен, речиси лудачки чекор. Во моментов не постојат партнери за решение со две држави, ниту во Израел ниту во Палестина. Газа е уништена, а на Западниот Брег не остана простор за некаква држава што не би била збир од бантустани. Сакате да ги спасите оние што останаа од бегалците од Газа? Воведете итни и остри санкции кон Израел. Сакате долгорочна визија? Обезбедете демократија за сите луѓе меѓу реката Јордан и морето.

Карикатури: Enrico Bertuccioli

Извор: https://www.haaretz.co.il/

ОкоБоли главаВицФото