1014 hPa
60 %
21 °C
Скопје - Вто, 09.06.2026 21:59

Елена Меснер е гостинка на фестивалот „Друга приказна“. Живее во Виена, а потекнува од Македонија, од партизанско семејство, за што и пишува.
Во сопственост на нашето семејство има портрет од Миро, на кој тој изгледа младешки, весело, со партизанска капа на главата, насмеан во камерата. Тоа е професионална, ефектна фотографија. Направена во студио, а не на терен или во акција. Јас ја знаев уште од дете, но дури многу подоцна дознав дека тоа лице му припаѓало на кројач. Мене секогаш ме потсетуваше на американски филмски актер, а не на експлоатиран текстилен работник и партизан – толку шик изгледаше младиот човек на таа слика. Палаво остроумен.
Миро станал бунтовен токму преку кројачката работа.
Тоа го дознав од документи што ги пронајдов во оставината од баба ми. Како член на Комунистичката партија во 1940 година, тој бил главно вклучен во организирање и спроведување на востанија во текстилните фабрики и заедно со други активисти и активистки раководел со штрајковите. Во рачно напишаните документи е запишано дека тој, легнувајќи на улица заедно со другарите и другарките пред надоаѓачката полиција, придонел да се спречи разбивањето на движењето. Исто така, во тие документи се споменува дека неговата единствена сестра, мојата баба Олга, учествувала во штрајковите. На демонстрацијата против планираното приклучување на тогашната југословенска влада кон фашистичката оска – позната како „Демонстрација против пактот“ – таа учествувала исто така покрај него. Миро бил тешко повреден на овој протестен собир.
Како членови на СКОЈ, двајцата – така ни раскажуваше таа на татко ми и на мене – во 1941 година го следеле повикот на Комунистичката партија на Југославија за организиран отпор против фашистичката окупација. Групата на баба Олга броела дванаесет активисти и активистки. Таа неколкупати со смеа ми раскажуваше како во Скопје како млада шверцувала рачни гранати во кошници полни со домати и пиперки пред носот на фашистичката полиција. Кога групата била откриена, сите членови биле уапсени.
Под тортура се обидувале да им изнудат имиња на други соборци и соборки. Приказната за тоа како уапсените во ќелиите се обидувале со тропкање да си дадат знак дали некој нешто предал, ми се врежа во глава. Баба Олга често ми повторуваше дека никого не предала, и упорноста со која гордо одново го раскажуваше тоа, ме уверуваше дека е навистина така. Младата жена не допуштила да ја натераат да прозбори во таа екстремна ситуација, во која – за разлика од интимната молитва за заштита – молкот и непризнавањето значеле љубов и заштита. Откако еден фашистички полицаец со удари во грбот и слабините ја повредил толку силно што имала маки до крајот на својот живот, Олга била изведена на суд заедно со останатите членови на групата. Шестмина од нив, како што му раскажала само на татко ми, но никогаш лично мене, биле осудени на смрт и кратко потоа стрелани. Другите шестмина биле осудени на различни казни. Олга, која тогаш уште немала ни шеснаесет години, била протерана на принуден престој во Бугарија, каде што под полициски надзор морала, слично како мојата баба Роса, да служи како домашна прислужничка кај една фамилија. По нејзиниот отпуст од таму, повторно се приклучила на отпорот во и околу Скопје.
Во моите уши приказните на баба ми звучеа како прераскажувани филмски сцени, исто како што фотографијата на Миро ми делуваше како блескаво стоп-кадарче од филм. Години по смртта на баба Олга, во рамките на моите научни и кураторски работи почнав да се занимавам со партизанките. Во библиотеката на Универзитетот во Виена налетав на том од три илјади страници на Историскиот институт од Скопје за македонските жени во отпорот – „Жените на Македонија во НОВ: Зборник на документи за учеството на жените од Македонија во народноослободителната војна и револуцијата 1941–1945“.
Она што ме фасцинираше беше тоа што оваа книга содржеше и визуелен материјал, како фотографии, слики, скици и цртежи од борките. Сеќавањето на отпорот во Југославија не било сфатено само како задача на историографијата, туку и како задача на уметноста. Во самата војна уметноста се подразбирала како дел од борбата.
Тоа се однесува, од една страна, на бројните уметници и уметнички што им се приклучиле на партизаните и партизанките. Уметничката работа била ставена во служба на опстанокот. Словенечките интелектуалци и историчари на уметност Миклавж Комељ и Гал Кирн, овој феномен– што по војните во Југославија заедно со партизанското наследство бил истиснат од јавната свест – го ставија повторно во фокусот на теоријата.
.jpg)
Од друга страна, кога зборуваме за уметноста во југословенскиот отпор, станува збор за нешто многу пошироко: за фактот дека уметничкото и културното дејствување – пишување, печатење, сликање, грнчарство, везење, снимање филмови, фотографирање, танцување, пеење, глумење – не било одвоено од воениот отпор, туку било негов составен дел. Суштински „партизанското“ во оваа уметност било што ја создавал секој и секоја – не само образованите или веќе реномираните од предвоената уметничка сцена.
Пружањето отпор значело спротивставување на намерите за уништување од страна на нацистите и нивните соработници – кои не биле насочени само кон човечките животи, туку секогаш и против културата и јазикот – со целото негово битие, индивидуално и колективно.
Додека пребарувам низ тоа монументално дело, си посакувам на тој од букви и имиња составен колектив на шест илјади жени, да се прикотвам со нешто интимно. Се фаќам себеси како ги барам имињата на оние партизанки кои го носеле презимето на мојата баба: Јорданова Заркова Панда, Јорданова Капчева Александра, Јорданова Коцева Весела, Јорданова Лазарева Рада, Јорданова П. Коца, Јорданова Саздова Вера, Јорданова Трајкова Добрица, Јордановска Василка, Јордановска Зорка – веќе налетувам на мојата прабаба, да, Зорка, и изненадена сум што закотвувањето ми успева без проблем.
Трогната сум што и прабаба ми и баба ми се дел од тие три илјади страници силната емотивна тексуална архива што ја составила една историчарка пред повеќе децении.
Во првиот момент само прелетувам преку записот, го читам, онолку колку што можам – со типичната гордост на потомка и со исто така гордиот порив на истражувачка. Не ми е сè веднаш јасно јазично, дури и кога дел од зборовите ги пренесувам во онлајн платформи за преведување.
Многу работи подоцна целосно ми ги преведе татко ми, Јоже.
Според записот, во кој по име се спомнува и мојата баба Олга, куќата на семејството во Скопје била центар на движењето и место за тајни состаноци. Таму се шиеле униформи за партизаните и партизанките, се складирало и распределувало оружје а, се криеле и другарите борци. Сите деца од семејството биле вклучени во отпорот, а двајца синови и во вооружениот. Мојата прабаба Зорка била евакуирана од Скопје и се грижела за ранети во една партизанска болница.
Речиси сè што прочитав во записот се совпаѓаше со раскажувањата на баба Олга. Само за тоа дека во нивната куќа се шиеле униформи ми немаше никогаш раскажано.
Помислувам на култната фотографија од нашиот семеен албум, на која баба ми, со партизанска капа, гордо, младешки, стои покрај уште две исто толку млади борки и се смее во камерата. Сите три жени на фотографијата носат панталони и кошули како униформи. Олга ги има ставено двете раце во џебовите. Од под капата ѕирка кадравата коса.
Се сеќавам на баба Олга и на нејзините долги цигари, што во моите сеќавања често ги пушеше со долга, проѕирна, пластична муштикла. Мислам дека таа беше првата жена-пушач што навистина ја доживеав како таква. Тогаш веќе беше стара жена.
Подоцна налетав на фотографии од еден семеен албум, на кои исто така пушеше, но како млада жена. На една од тие фотографии носи долги црни сатенски ракавици до над лактите и елегантен фустан со куси ракави. Косата ѝ е долга и брановидна. Таа е дел од една вечерна дружба, држи цигара во поза на филмска дива. Насетувам дека носи кармин, кој во црно-белата фотографија создава силен контраст со нејзиното бело, блескаво лице. И другите жени на фотографијата носат вечерни тоалети. На масата има шишиња вино, чаши и пепелници.
Сите на сликата се смеат, а во позадина седи мојот дедо, и тој пуши и се смее. Станува збор за фотографија од времето во Равне, во Словенија, пред Олга да се пресели со својот сопруг во Клагенфурт/Целовец, каде што одеднаш нејзиниот живот го обележува сиромаштијата и агресијата против неа како партизанка и Македонка. Нејзиниот подоцна несреќен брак завршува со развод.
.jpg)
***
Такви весели сцени – заедничко славење, пиење, пушење – не ми беа познати од моето детство кај баба и дедо. Не е само нивната младост тоа што ме вознемирува на фотографијата, туку и нивната заедничка разуздана веселост.
Во нашиот семеен албум има и други портрети од баба ми Олга, на кои таа ми делува непозната и весела. Потекнуваат од нејзината македонска младост. Таму се натрупани фотографии од баба ми:
Во круг со за мене непознати лица –
Во природа –
Под расцветани дрвја –
Среде излетнички групи на мостови –
Во семејно друштво –
Со братот, кого го препознав од неговата партизанска фотографија –
Во егзотична театарска облека –
На една носи и цвеќе во косата –
На друга е во блуза што заличува на дел од македонска носија –
Во истиот семеен албум беше зачувана и нејзината партизанска легитимација со печат и официјален потпис. Покрај тоа и рачно напишаните документи што сведочат за нејзината активност и за онаа на нејзиниот брат Миро пред и за време на војната, како и фотографијата на која таа стои крај своите колешки во униформа и со партизанска капа.
Ние порано имавме уште една фотографија од неа во униформа, на која беше прикажана качена на коњ. На неа ми изгледаше, ако добро се сеќавам, млада и борбена. Но, како што ни раскажа, таа фотографија била направена од чиста забава. Војната Олга никогаш не ја минала на коњ. Подоцна, колку што знам, исто така никогаш. Сликата веројатно настанала по завршувањето на војната. Неколку партизани, како што ми објасни таа, ја качиле на коњ од чисто задоволство.
Фотографијата не може да се пронајде.
Разместена, затурена, изгубена.
Не се прашувам толку каде е фотографијата, туку зошто уште се сеќавам на неа, иако само како во сон или како сцена од филм. Кога ја видов последен пат – пред повеќе од дваесет години, како тинејџерка, или можеби уште како дете? Ми се чини дека на фотографијата имаше вооружени партизани покрај гордата, божемна јавачка. Дали сите се смееја на таа слика, или само таа качена на коњот? Дали воопшто се смееше? Или само се насмевнуваше?
Една исчезната фотографија, која му припаѓаше на секој семеен албум, во кој е архивирана баба Олга – пред да стане сопруга, мајка и баба, со еден збор: пред нејзиниот живот во Корушка/Кärnten, во Австрија. Тие фотографии од албумот, а со тоа и тие непознати верзии на мојата баба, ги познавам само како црно-бели.
Мојата македонска баба Олга и мојот дедо Јанко Меснер, кернтски Словенец, кој бил учител и писател, се запознале во еден театар во Скопје. Деда Јанко, кој за време на војната бил мобилизиран во Вермахтот и безуспешно се обидел да дезертира и да се приклучи на словенечкиот отпор во Љубљана, во 1945 година пребегнал од Корушка во Словенија, од политички причини. Студената војна во Клагенфурт/Целовец речиси целосно продолжила таму каде што застанала Втората светска војна, а антисловенските сили го обвинувале за антиавстриска агитација.
По неговото бегство од еден кернтски затвор, студирал во Љубљана. Таму пеел во студентски универзитетски хор, кој бил поканет на турнеја низ Југославија. Така во 1947 година со овој словенечки хор дошол во Скопје, каде што групата имала настап. Олга го посетила неговиот концерт со своја пријателка. Како статист во театарот ѝ следувала бесплатна влезница.
Црно-белата сценска фотографија, што ја пронајдов во семејнниот албум, потекнува токму од таа театарска претстава – според татко ми, станувало збор за изведба на „Шехерезада“. На неа Олга е егзотично костимирана, со ориентален превез врз косата, и се насмевнува во камерата.
Никогаш не успеав да ја вклопам, да ѝ најдам соодветно место на таа фотографија, знаев само едно: без нејзината маска и улогата на статистка во театарот од Скопје, и без тамошниот настап на хорот на мојот дедо, тие двајца немало никогаш да се сретнат.
Една чудна, за мене фантастично грациозна слика, значи -
Го фаќа одлучувачкиот момент за заминувањето од родната земја, промената на јазик и иднината на баба Олга.
Во Корушка/Кärnten, каде што доминирале ревизионистичките дискурси, со партизанската самосвест и со својата семејна историја, баба Олга несомнено претставувала провокација не само за деловите од населението со германско-националистички и нацистички ставови, туку и за католичко-реакционерните кругови во рамките на словенечкото малцинство, кои ѝ го отежнувале животот по војната.
Во 1948 година таа прво се преселила од Скопје во Словенија, бидејќи се омажила за мојот дедо по нивното запознавање во театарот. Со него и поради него во 1954/55 година се вратила, веќе со две деца, назад во неговата татковина – во малечкиот град Клагенфурт/Целовец.
Тоа што следувало, не била никаква митска повоена еуфорија –
Никакво славје за извојуваната победа –
Обновата не била наградувана –
Имало само живот што одново морал да се изгради од ништо –
Години на сиромаштија –
Секојдневие на невработеност и испомошнички работи –
Домување во сутерен од триесет и пет квадратни метри, пет души заедно –
Во тоа подрумско живеалиште истовремено ѝ било потиснато сеќавањето на отпорот: партизанката морала да доживее како ‘нејзините’, борците и депортираните, и понатаму навредувани и лишувани од права. Таа сигурно брзо сфатила дека на оваа страна од југословенската граница војната за поразените продолжила со други средства, и дека таа и нејзините соборци наместо признание ќе добијат само оцрнување.
Мојот вујко се сеќава низ разговор, што значело за него да расте во повоениот Кернтен. Тој раскажува како во него „ се скршило нешто “ кога во станот на еден школски другар, во спалната соба на неговите родители, на местото каде што католиците обично ги ставаат сликите на Марија, видел фотографија од нацист во херојска поза, фотографија на слетување. На неа бил таткото на неговиот другар. За него, син на една партизанка, нацизмот до тогаш бил само олицетворение на злото, вели смеeјќи се – „…и ете ти, хоп, нацистот закачен во дневната соба на мојот другар.“
Од првите децении во Корушка на мојата баба Олга не добивме многу спомени. Речиси никакви фотографии, никаква облека, никакви документи. Само приказни за скудноста и лицемерието, кое тогашната средина ни најмалку не се трудела да го сокрие. Едно усно наследство на лишувања, понижувања и вознемиреност.
.jpg)
Превод од германски: Марија Каева
Извор: Elena Messner: Engel und Stern / Engel in zvezda. Familiengeschichten, Widerstandsgeschichten. Družinske in uporniške pripovedi. Klagenfurt/Celovec: Drava 2025