Зошто луѓето сакаат да веруваат во кризи кои можеби и не постојат?

01.10.2025 00:42
Зошто луѓето сакаат да веруваат во кризи кои можеби и не постојат?

„Живееме во златнa доба на „откривање на општествените трендови“. Сте слушнале за кризите – „криза на демократијата“, „епидемија на осаменост“ или „пад на емпатијата“? Јавните личности, новинарите и политичарите често ги користат овие поими за да ја објаснат состојбата во светот, но многу од овие трендови се покажуваат како илузорни“ – во воведниот текст за општествените трендови пишува Адам Вејтс, социјален психолог и професор. Особено е заинтересиран за прашања од етиката и организацијата на менаџментот.

Зошто луѓето сакаат да веруваат во вакви поими и трендови? – на ова прашање одговара професорот Вејтс.

Најголемите актуелни кризи

Кризата на демократијата е поим што означува наводен пад на демократските стандарди од 2010-тите. Сепак, истражувањето на Ендру Литл и Рејчел Менг, како што наведува Вејтс, покажа дека тврдењата главно се засноваат на субјективни оценки на експерти. Кога ќе се погледнат пообјективните индикатори, како изборните ограничувања и конкурентноста, глобалните трендови се главно стабилни – некои земји назадуваат (на пример, Венецуела), додека други бележат напредок (Тунис, Нигер, Мадагаскар).

Епидемијата на осаменоста е вториот поим или криза. Иако Светската здравствена организација ја означува како сериозен проблем, податоците се контрадикторни. Мета-анализите укажуваат дека нема докази за глобална епидемија. Кај адолесцентите, осаменоста во некои земји се зголемила, во други се намалила, а повеќето бележат мали промени низ времето.

Падот на емпатијата – често цитирана студија на Сара Конрат од 2011-тата година изнесе докази дека кај американските студенти, на пример, емпатијата или чувството на сочувство опаѓа. Меѓутоа, поновите податоци покажуваат враќање на повисоки нивоа, а индикаторите како волонтирањето и донациите растат. Сепак, истражувањата покажуваат дека многу Американци и понатаму веруваат дека емпатијата опаѓа.

Кризата на менталното здравје кај младите е тема за која постојано се пишува и која постојано се потенцира. Се вели дека растат депресивните симптоми и анксиозноста кај младите, но извештајот World Happiness Report од минатата година покажува дека животното задоволство на младите од 2006-тата до 2019-тата година пораснало, а оттогаш е стабилно.

„Поради варијациите кога се собираат податоците, каде се собираат и со кои инструменти се мерат, многу трендови што добиваат големо медиумско внимание не се толку едноставни како што изгледаат. Па зошто тогаш имаат толку моќ во нашите умови и во популарната дискусија?“ – се прашува Вејтс.

Наметната криза

Како објаснување за ваквите „наметнати кризи“ Вејтс пишува:

„Моjaтa претпоставка, заснована на информациите до кои досега дојдов преку работата и истражувањата, се сведува на еден збор: пареидолија. Таа се дефинира како тенденција да се наметне смислено толкување на нејасен надразнувач. Ако некогаш сте гледале во облаци и сте забележале препознатливи облици – лице, силуета на животно – тоа е пареидолија. Пронаоѓате обрасци во неповрзани податоци.

Како социјален психолог, во многу од моите истражувања сум се занимавал со тоа како луѓето наметнуваат значења на нешта што е тешко да се разберат.

Класифицирањето на нешто како тренд, дури и кога не е, може да донесе утеха кога светот делува хаотично. Фаќањето за обрасци во податоците ни помага смислено да ја обработиме секојдневната лавина информации – од вести за војни и авионски несреќи до извештаи за напредок во вештачката интелигенција и револуционерни медицински третмани. Никогаш досега не сме се соочувале со толкава разновидност на информации, луѓе и мислења со ваква брзина. Всушност, ако постои каков било тренд за кој верувам дека навистина е робустен, тоа е едноставно фактот дека светот станал посложен.

Една минатогодишна студија со повеќе од 400.000 испитаници кои одговарале на прашања за општествените, политичките и економските вредности, спроведена од психолозите Џошуа Џесон и Данила Медведев, ја потврдува оваа сложеност. Нивната анализа открила дека ширум 76 земји, помеѓу 1981-вата и 2022-рата година, човечките вредности многу се оддалечиле едни од други во однос на прашања од абортус до имиграција, од важноста на послушноста кај децата до тоа колку е оправдано да се прими мито. Светот не само што се менува, туку се менува на нерамномерни начини.“

Посебни и нови времиња

Луѓето се извонредно слаби во обработката на вакви нелинеарни информации и, за да се соочат со таквата сложеност, бараат и забележуваат линеарност, дури и кога тоа е погрешно. Вејтс објаснува:

„На пример, истражувањата покажуваат дека луѓето погрешно веруваат дека САД направиле линеарен напредок во расната и родовата рамноправност, како и дека загриженоста за климатските промени растела со текот на времето, иако тие феномени главно се нелинеарни.

Исто така, луѓето погрешно веруваат дека склоноста на населението кон љубезност и искреност линеарно опаднала со текот на времето, иако тие аспекти на моралот едвај се поместиле откако научниците почнале да ги мерат. Всушност, општеството се менува многу побавно отколку што луѓето го перцепираат тоа, и низ децении многу општествени и психолошки феномени едноставно остануваат рамни.

Светот е сложен, а набљудувањето на општествените трендови може да даде смисла. Луѓето често имаат чувство дека живеат во „посебни“ или времиња „без преседан“. Но, всушност, многу настани и општествени појави што денес ги доживуваме не се нови, туку се повторуваат низ историјата“ – потсетува психологот Вејтс.

Со други зборови, луѓето веруваат дека светот изгледа хаотично и дека се случува нешто ново. Но, кога ќе се погледне пошироко, многу нешта имаат историски паралели, како што вели професорот. Уверувањето дека сè што се случува нема претходник може да биде погрешно, а сепак, чувството на континуитет може да биде и утешно и актуелно.

Мурали: Seth Globepainter

Извор: https://bonitet.com/

ОкоБоли главаВицФото