1025 hPa
93 %
-2 °C
Скопје - Пет, 16.01.2026 00:59

Трамповата приватна анексија на Газа, под менаџерска управа на Тони Блер, претставува услов на САД и Израел за запирање на геноцидот во Газа. Тоа мора да се одбие веднаш!
Планот на Трамп и Нетанјаху би бил смешен доколку не беше толку опасен за светскиот мир. За прекин на геноцидот, Доналд Трамп и Бенјамин Нетанјаху го бараат следново:
1. Палестинците мора да се откажат од сите политички и човекови права и да ја прифатат анексијата што ќе ја спроведе Доналд Трамп, при што за управител на Газа ќе го именува Тони Блер, поранешен британски премиер кој, поради своите авантури во Ирак, е изложен на веродостојни обвинувања за воени злосторства.
2. Обединетите нации немаат никаква улога освен во дистрибуцијата на хуманитарна помош.
3. Неограничена окупација на Газа од страна на САД и Израел во облик на нова окупациска сила што ќе ги вклучува сојузниците на САД – нова сила што Вашингтон и Тел Авив ќе ја контролираат по сопствена волја, онолку долго колку што сметаат дека е потребно.
4. Целосна поделба на окупираните палестински територии, со Газа легално одвоена од Западниот Брег и Источен Ерусалим, каде што на Израел ќе му биде дозволено непречено да го продолжи своето етничко чистење.
5. Ослободување на приближно 40 преостанати израелски заложници, со истовремено ослободување на 1.500 Палестинци, што значи дека околу 13.500 Палестинци, кои израелската држава ги држи како заложници, и понатаму ќе останат во израелските затвори.
6. Палестинците да се откажат од правото на отпор против незаконската окупација на својата земја.
.jpg)
Покрај фактот дека со таков договор се поништува Меѓународниот суд на правдата (кој во јуни 2024-тата нареди Израел веднаш и целосно да се повлече од Источен Ерусалим, од Западниот Брег и од Газа) и се укинуваат меѓународното право и обврската на Обединетите нации да го спроведуваат, планот исто така им пркоси на одлуките на владите на Британија, Франција, Канада и Австралија да ја признаат Државата Палестина – држава која, доколку се спроведе планот на Трамп и Нетанјаху, нема да биде можно да постои без согласност на САД и Израел.
И покрај тоа што планот на Трамп и Нетанјаху го поздравуваат многу арапски земји, вклучително и Палестинската управа, не смееме да ја изгубиме од вид вистината дека меѓународниот јавен притисок врз Израел дава плодови. Дури ни овој срамен план не би настанал без тој притисок.
Значи сега е моментот тој притисок да се засили уште повеќе, без да нè попречуваат барањата на Трамп и Нетанјаху, за еднаквите политички и човекови права да станат реалност од реката Јордан до Средоземното Море.
Во спротивно, доколку се спроведе планот на Трамп и Нетанјаху, тоа официјално ќе го врати човештвото кон законите на белите колонизатори кои одлучуваат која земја ќе ја окупираат и кои освоени народи ќе ги користат како свои агенти, а кои ќе ги истребат.
Од таа причина, DiEM25 повикува секоја партија, секој народ, секое човечко суштество да направи сè што е потребно за да се урне овој арогантен, опасен план на Трамп и Нетанјаху – план кој всушност е последниот обид на оние што го водат, помагаат и поттикнуваат геноцидот во нашата генерација, да го спречат цветањето на слободата и еднаквоста на земјата на Палестина натопена со крв.
.jpg)
Карикатури: Pete Songi
Извор: https://diem25.org/