1019 hPa
64 %
18 °C
Скопје - Пет, 12.06.2026 10:08

Миклавж Комељ е гостин на десеттото издание на фестивалот „Друга приказна“.
Дури кога партизанската уметност ќе ја погледнеме од меѓународна перспектива, го сфаќаме нејзиното вистинско значење; во неа можеме да ги согледаме важните револуционерни тензии од дваесеттиот век. Негативното пишување за партизанското движење, во деведесеттите и подоцна, беше дел од своевидниот националистички ревизионизам. Дури и во Сојузот на борците постоела тенденција партизанската борба да се интерпретира како национална борба, а револуцијата да се негира. Во својата книга поаѓам од тезите за револуцијата, односно од уметноста во револуцијата, која се случува на различни нивоа. Интересно е што некои од најдиректните истакнувања на поимот револуција во словенечкото партизанско движење не се одвивале кај комунистите туку кај христијанските социјалисти како во групата на Едвард Коцбек која го издавала весникот „Словенечка револуција“, а нивниот амблем бил составен од крст и чекан, налик на српот и чеканот. Токму тие неверојатни поврзувања ми се многу интересни зашто во времето на војната на заеднички простор се нашле привидно некомпатибилни луѓе, идеи и симболи.
.jpg)
***
Партизанскиот проект себеси се перципирал како пробив низ невозможното, како своевидна конфронтација со невозможното, за преку неа да дојде до создавање ново поле на можното. Особено на почетокот често се зборувало дури и за лудило и самоубиствен занес, додека во друг период, со промена на меѓународната ситуација, доаѓа до рационализација. Треба да имаме предвид дека во почетокот големите тензии на подрачјето на уметноста и книжевноста навистина кореспондирале со таа невозможна ситуација. Првата песна што била објавена од партизанското движење во септември 1941., а која ја напишал познатиот поет Отон Жупанчиќ и ја објавил под псевдонимот Непознатиот, поаѓа од прашањето зошто поетот не може да пее. Потоа поетот, низ речиси шаманска преобразба во волк, доаѓа до својот нов глас. Ме интересираше како се создало партизанското движење и покрај сè, преку сопствената невозможност; новото поле на можното го отворил дури пробивот низ невозможното. Токму во тоа видов важен однос меѓу револуционерната ситуација и постоењето на уметноста и поезијата како такви. Реалната поезија секогаш е пробив низ нешто невозможно и создавање ново поле на можното. Кога партизаните зборувале за партизанската уметност, секогаш оперирале во димензијата на невозможното. Целата партизанска уметност оперира со димензијата на уште непостојното како нешто што е веќе делотворно во сегашноста, сега. Уметноста имала важна улога во самото движење. Партизаните истакнувале дека во самата конституција на полето на уметноста се случил голем пресврт кој го поврзувале со новиот опис на општествената ситуација преку настапот на широките народни маси. Најважното што им се случило со револуцијата во нивните очи бил новиот однос на тие маси кон уметноста. Творештвото кое се разбудило меѓу луѓето ги ставило под прашалник сите постојни уметности. Се надевале дека од сето тоа ќе се создаде голема уметност, како епиката, а од друга страна зборувале дека уште не постои една уметност која била на нивото на тоа што се случило.
.jpg)
***
Кај партизаните дошло и до промена на системот и во таа смисла надреалистичкото движење како такво било артикулирано во социјалната, симболичната и духовната револуција. Исклучителна е ситуацијата што главниот теоретичар на надреалистичката група, Коча Поповиќ, бил и еден од раководителите на партизанското движење, а по војната бил началник на Генералштабот на ЈНА. Мислам дека е важно да се сфати таа врска за да се разбере и светското надреалистичко движење. Треба да се знае дека надреалистите му пристапиле на партизанското движење не како надреалисти, туку со еден амбигвитетен став кон своето надреалистичко минато. Но, да речеме, Поповиќ не се одрекол сосема од надреализмот. Во југословенската надреалистичка група дошло до укинување на самата група во име на верноста кон надреализмот како таков. Во 1971 година Поповиќ се откажал од своите функции во Југославија, а кратко пред тоа во интервју на едно прашање одговара со реченицата: „Јас сум надреалист!“ Белградските надреалисти тогаш и го именуваа својот прекрасен алманах, „Невозможното“.
.jpg)
***
Кај партизаните секогаш имало одредени противречности. Кога во рамките на партизанското движење се афирмирала колективната идентификација, истовремено се проблематизирал принципот на идентитарното мислење по себе. Од една страна се зборувало за вооружена борба, а од друга за борба против војната како таква. Од една страна се пишувало за вооружената борба за границите на новата држава, а од друга за свет без граници. Од една страна се водела борба за национално ослободување, од друга за борба за ослободување од националното по себе. Токму тие тензии поставувале прашања на кои не било можно да се даде догматски одговор. Партизанското движење било изразито недогматско и тоа е мошне интересно. Се обидов да ја сфатам партизанската уметност не само на ниво на изјави, туку и како таа го реартикулирала целото поле во кое се запишува. Во тоа се согледувал целиот револуционерен момент. Оделе против сè и во таа смисла биле доследни, што може да се согледа од тоа што не ги следеле директивите на Коминтерната. Има многу метафори на ниво на поезијата и обидот да се дојде во контакт со новиот празен простор е исклучително инспиративен. И Кидрич бил против симплификацијата на уметноста. Бил против тоа уметноста да им се подреди на политичките цели, да се симплифицира и претвори во плакатна артикулација на веќе постојните ставови. Сметал дека таквата уметност би била слаба не само уметнички туку и политички. Партизанската уметност одново го отворала прашањето што е уметноста и оперирала на суптилни нивоа.
.jpg)
фрагменти од интервју; целото интервју овде
На фотографиите во текстот, озгора долу:
- Партизанскиот лекар Фране Новак, Словенија, 1944
- Марко Вулетиќ, партизански комесар, во ослободениот Шибеник, ноември 1944
- Коча Поповиќ во НОБ
- Ѓорѓе Андрејевиќ Кун, едн од најважните партизански уметници, во своето воено ателје, во Јајце, 1943