1024 hPa
93 %
2 °C
Скопје - Пет, 14.11.2025 02:59

Потпишувањето на капитулацијата на Германија на крајот од Втората светска војна
Веста дека италијанските партизани го фатиле и убиле Бенито Мусолини, основачот на фашизмот, стигнала во Хитлеровиот бункер во Берлин на 29 април 1945 година. Ден претходно, под грмежот на гранатите на Црвената армија кои ја разурнувале зградата на Канцеларијата над бункерот, Хитлер го издиктирал својот политички тестамент. На Германија ѝ ја вратил политичката структура каква што постоела до 1934 година, пред смртта на претседателот Хинденбург, по која Хитлер, како канцелар, ја презел и таа функција и воспоставил диктатура. За претседател го именувал адмиралот Карл Дениц, а за канцелар — Јозеф Гебелс. Во истиот документ Хитлер ги исклучил од нацистичката партија своите најблиски соработници, Геринг и Химлер, поради нивниот, од него неовластен, обид за преговори со Сојузниците. Попладнето на 30 април Хитлер и Ева Браун извршиле самоубиство — што практично означува крај на оригиналниот нацизам, иако Третиот рајх постоел уште една седмица. Во последниот запис во својот дневник Гебелс напишал дека неговото именување за канцелар е првата заповед на Фирерот што нема да ја послуша. Ноќта помеѓу 30 април и 1 мај, сопругата на Гебелс ги отрула нивните шест деца, а потоа и двајцата извршиле самоубиство.
Следните денови адмирал Дениц воспоставил контакт со штабoт на Врховната команда на сојузничките експедициони сили, кој тогаш се наоѓал во Реимс, и се обидел да постигне договор германските единици да се предадат таму каде што се во контакт со американската и британската војска, а пред Црвената армија и југословенските партизани да продолжат со повлекување, со борба, кон запад. Ајзенхауер го одбил германскиот предлог и порачал дека единствената прифатлива опција е безусловна капитулација на единиците на Вермахтот и сите единици што се борат на германска страна, пред оние сојузнички единици — значи и пред Црвената армија и пред југословенските партизани — со кои се во борбен контакт. Владата на Дениц го прифатила ултиматумот на Ајзенхауер, и ноќта помеѓу 6 и 7 мај нејзиниот претставник, генерал Алфред Јодл, во Реимс ја потпишал безусловната капитулација. Според тој документ, сите единици под германска контрола морале да се предадат до 23:01 часот на 8 мај. Подоцна, советската страна упатила сериозни приговори на тој документ за капитулација: капитулацијата мора да биде потпишана во Берлин — од каде што започнала нацистичката агресија и злосторничката политика; германските војници треба да го положат оружјето и да бидат третирани како воени заробеници; безусловната капитулација треба да ја потпишат заповедниците на сите три рода на германската војска.
.jpg)
Инаку, на новинарите присутни во Реимс им било строго забрането да објавуваат вести за капитулацијата во следните 36 часа. Сепак, дописникот на „Асошиејтед прес“ испратил вест на 7 мај, така што сите весници во Франција, Велика Британија и САД на 8 мај ја објавиле сензационалната вест за капитулацијата на Германија. Тоа дополнително го уверило сомничавиот Сталин дека западните сојузници ќе ја прифатат делумната капитулација, спротивно на договорот од Јалта.
Ајзенхауер се согласил со советските барања и обезбедил превоз за германските овластени преговарачи од владата на Дениц, сместена во мал град покрај данската граница, до Берлин. Самиот Ајзенхауер, кој по функција формално бил над маршалот Жуков, на потпишувањето го испратил својот заменик, британскиот маршал на авијацијата Артур Тедер, за советската страна да не се чувствува потчинета и за да се надмине создадената недоверба. Од германска страна, безусловната капитулација ја потпишале фелдмаршал Кајтел за копнената војска, адмирал фон Фридебург за воената морнарица и генерал Штумф за авијацијата. Преговорите за капитулацијата, под претседателство на маршалот Жуков, траеле до полноќ; документот за безусловната капитулација бил потпишан околу 1 часот на 9 мај по средноевропско време, но бил антидатиран на 8 мај во 22:43 часот, за условите поставени во Реимс да останат во сила. Остатоците од германските армии се предале во следните денови; само борбите на подрачјето на северна Хрватска и Словенија, со германски и усташки единици, траеле уште седум дена. Сите членови на владата на Дениц биле уапсени на 23 мај и Третиот рајх заминал во историјата.
.jpg)
Апсењето на генералот Дениц на 23 мај 1945 година
Набројаните факти се поединости поврзани со Денот на победата. Дали тие настани имаат некакво значење за генерациите 80 години по тој чин? Одговорот би можел да биде — и да и не! Денот на победата најверојатно го симболизира најважниот настан во дваесеттиот век — победата над фашизмот и нацизмот. Но она што е важно за денешните и идните генерации не се далечните воени победи, туку сознанието дека уверувањата што довеле до појавата на фашизмот и нацизмот водат кон неслободно и неправедно општество. Општество исполнето со страв и националистичка ароганција и нетрпеливост, агресивно општество лишено од емпатија, кое во крајна линија може да доведе до масовни злосторства и обиди за истребување цели народи — злосторства за чие опишување морале да бидат измислени нови зборови, како што се геноцид и Холокауст. Она што е навистина важно за денешните генерации е спознанието дека ставовите за кои можеме да учиме од книгите за раната фаза на фашизмот и нацизмот, денес можеме да ги препознаеме насекаде околу нас. Средината и времето можат да бидат сосема поинакви, а сличноста на настаните и ставовите укажува на релативно мал број обрасци според кои се одвиваат тие процеси. Агресијата на Руската Федерација врз Украина денес, според прокламираните причини, наликува на агресијата на Германија врз Полска во 1939 година. Немилосрдниот геноцид врз беспомошните Палестинци, придружен со срамна тишина и рамнодушност на светот, ја наметнува паралелата со истата таква тишина кога жртви на нацизмот биле беспомошните Евреи. Разградувањето и нападите врз тешко изградените институции што се клучни за зачувување на демократијата — независното новинарство, независното судство, образованието што поттикнува критичко размислување, сè што не е потчинето на извршната власт — се препознатливи одлики на патот кон тоталитаризам. Примери како прогонството на Соросовиот Централноевропски универзитет во нелибералната демократија на Орбанова Унгарија, или отворениот напад на администрацијата на Трамп врз американските универзитети како „жаришта“ на слободна и критичка мисла, укажуваат на забрзаното претворање на тие демократии во режими со елементи на полициска држава. Паралелно со тоа одат и нескриените територијални претензии кон други земји. Сето тоа може да се најде како образец во политиките на фашистичката и нацистичката партија во Италија и Германија во дваесеттите и триесеттите години на минатиот век. Поддршката од гласачите што ставовите типични за фашизмите можат, во одредени околности, да ја добијат, е причина за интелектуален песимизам — свеста дека се работи за мрачни и длабоки човечки пориви од кои произлегуваат привлечноста и моќта на фашизмот. Таа закана може периодично да се појавува во човечкото општество — не исчезна со Денот на победата. Никакви институции, дури и кога ја претставуваат самата суштина на државноста во која се колнат радикалните десничари, не се безбедни од нивните напади доколку не им се потчинети. Нападот на приврзаниците на Трамп врз Конгресот на Соединетите Држави во 2021 година, многумина потсети — по насилството кон темелната институција на државата од страна на самопрогласени патриоти — на палењето на Рајхстагот во 1933 година.
Светот во 2025 година, осумдесет години по победата над нацизмот, како да носи нешто од сатиричната драма „Претставата Хамлет во селото Мрдуша Долна“. Времето во таа „Претстава“ е сосема поинакво од она во „Хамлет“, средината тешко дека би можела да биде подалечна од данскиот двор, а сепак, заплетот и ликовите од двете претстави добро се „римуваат“. А публиката — од која многумина знаат како завршува оригиналното сценарио — ја гледа претставата со непријатно чувство дека во таа драма не се само публика, туку и статисти.
.png)
Извор: https://www.portalnovosti.com/