1024 hPa
93 %
2 °C
Скопје - Пет, 14.11.2025 02:59
![За „оваа“ Југославија[1] За „оваа“ Југославија[1]](https://okno.mk/sites/default/files/images/NASLOVNA-06-10-2025-01.jpg)
За поврзаноста на југословенската идеја и надреализмот.
Да се оди кон изворот – тука е, мислам, сета „смисла“ на надреализмот…
Душан Матиќ, Andre Breton iskosa, Nolit, Beograd, 1978. [2]
Современата мисла среде пат се коти.
Коча Поповиќ, од поемата Presni diviti, 1932.
Oni imaju svoje aPSAne, svoje aKERane, svoje aherone, svoja kazaništa ni za šta, svoje štaledije za svoje trage, svoja lažališta za slatke drahme i medne kohmedije, i spomenice za svoje akamedske menice, i mediteranske nice za svoje uterinske ptice. Oni imaju svoje uniformitete i perverzitete, svoje univerzitete, svoja svemučilišta, svoje galone, svoje diplone i svoje salome, svoje herone i svoje baroje, svoje barove i svoje kaparee, svoje katede i svoje katedre. Oni imaju svoje geštapove i svoje palicije, svoje drektektive i svoje delteldinge sa četiri lista. Oni imaju svoje premiere i svoje replize, i svoje monaške lize, svoje sahertorte i svoje lakovane mazočizme. Oni imaju svoje lojdove i svoje fordove, svoje lordove i svoje fiordove. Oni imaju svoje mlinove i svoja planove, svoje plinove i svoje klanove. Oni imaju svoje koktejlore, svoje zaplate i svoje palate i svoje plaže i svoje aplanaže. Oni imaju svoje PSArme, PSArmopevce, svoje ptopove, svoje šaltere i svoje ritere, svoje teze, svoje viteze, svoje proteze, svoje hipoteze i svoje mitraljeze. Oni imaju svoje katance i svoje lance, piramide i piramadone, i dansfinge i kamatedrale, i svoje anale i suecke kanale, svoje rituale i arhimandrile. Oni imaju svoje dogme i svoje sumnje, svoje skepse, svoje sepse, svoje pse, svoje SE i svoje JA. I svoje trobnice i svoje gvornice, svoje grobove i svoje robove, svoje pare i svoje gropare. Svoje JE i svoje SA. Oni imaju. Oni imaju naše nemanje. Naše NIJE i naše BEZ.
Ali mi imamo svoje pseće BIĆE, svoje vučje, svoje ljudsko BIĆEMO. I njihova stvar po sebi biće stvar za nas.
Марко Ристиќ, Turpituda, paranojačko-didaktička rapsodija (quasi una fantasia); издание со цртежи на Крсто Хегедушиќ, Zagreb, 1938; запленето; reprint Liber, Zagreb, 1972.
Главно ми е во животот: “I Proletbrigada“.
Коча Поповиќ, Zapisi na marginama rata, BIGZ, Beograd, 1988; (забележано на 14 септември 1984).
Денес, кога триесет години по прецизнaтa снимкa на „моментот“ од кој ни пишува југословенскиот[3] надреалист и комунист Марко Ристиќ[4] во 1977-мата година, можеме да заклучиме дека сè уште живееме во истиот (прашање е само за номинални нијанси) „блоковски, насилнички, милитаризиран, расистички, националистички, неофашистички свет во кој нема опстанок“,[5] како и дека рушењето на еден ѕид истовремено ги заѕида, со истите тули, на куп и без разлика, сите досегашни искуства на револуционерни обиди, ни се чини повеќе од важно да се вратиме наназад кон, според многу нешта единственото искуство на Социјалистичката Федеративна Република Југославија создадена на принципите на револуционерната, антифашистичка борба за народно ослободување. Враќањето кон Југославија, родена во партизанската борба на народите и народностите, кои својата припадност на новата нација и новото, без враќање на старото, ја изразуваа не преку припадност на вера, нација, традиција, туку токму преку надминување на сите постоечки детерминанти и идентитети во потрага по универзалното, не е само повик на враќање кон старото. Напротив, Југославија како место на единствено искуство, иако веројатно денес претставува ракавец од кој нема понатамошно патување (патување во средиштето на „таа земја“), сепак е ракавец на чистинка. Имено, од него се отвора фантастичен поглед кон цел еден одново откриен пејзаж: свет на дејствувања, акции, побуни, судири, полемики, кои му претходеа на герилско-партизанскиот отпор и на авнојската декларација како нулти точки на „организација до победа“, недвосмислено определувајќи ги нивната траса, правец, коти.
Но идеалниот видиковец го засенуваат минливи магли: актуелните домашни експертизи на „југословенскиот експеримент“ завршуваат во шума на негирања на југословенската единственост, без разлика на тоа која е нивната „гранка“: изедначување на брозовската и сталинистичката „диктатура“, односно подведување на сите „источноевропски искуства“ под заедничкиот контрареволуционерен именител „држава-партија“ или, од друга страна, оспорување на кој било револуционерен или левичарски предикат на „југословенскиот историски компромис“, вклучувајќи ја и епидемијата на новолевичарење кое набрзина склепаната „клавијатура на ужасот“ ја претвора во патетично плачење за тоа како „тогаш се живеело подобро“. И покрај сè што ни го попречува видикот, да погледнеме кои се демаркациските линии, линиите на разграничување на таквиот политички пејзаж. Кога, со што, каде започнува Југославија создадена во борба?[6]
Одговорот на ова прашање секако не е еден, ниту едноставен.
За да видиме каде се почетоците на партизанската борба „за Југославија“, да тргнеме најпрвин од дефиницијата на партизанската војна. Ако партизанството пред сè е второ име за герилска, „нелегална“ и „нерегуларна“ форма на борба, шумите на неговите југословенски, специфични „нерегуларности“ и диверзии можеме секако да ги побараме и надвор од координатите на просторот-времето 1941–1945. Од тие позиции, во нашиот видокруг ќе се појават три силни столбови низ кои се прекршуваат сите понатамошни облици на револуционерна борба (партизанската војна) и нејзините организациски форми (ДФЈ, ФНРЈ, СФРЈ), а кои заеднички ќе ги наречеме Југославија, како име на единствената, универзалистичка, „жива, отворена и раскрилена“[7] идеја која во текот на 20-тиот век не престана да ја бара својата локална, привремена форма.
.jpg)
Јазлите на тој континуитет се:[8]
1) силно регионално работничко борбено движење од 19-тиот век (во првата фаза под силно влијание на Маркс и императивот за зајакнување на работничката класа и пролетаријатот) и од почетокот на 20-тиот век (ленинистичкиот период на зајакнување на партијата) на подрачјето на тогашна Југославија или регионите од кои дејствувало југословенското население (Трст, Виена итн.), вклучувајќи ги сите облици на организација, поврзување и акции, од кои голем дел во илегала, по забраната на Комунистичката партија на Југославија (штрајкови, агитации, пропагандни материјали, работнички весници);[9]
2) појавата на југословенскиот надреализам (како место на струење и прекршување на најгустите полемики за дострелите, правците и условите на модерната левица кои и денес се актуелни. Таа модерност (една од главните преокупации на југословенските надреалисти), имајќи предвид дека нема хронолошка конотација, трае и денес;
3) силен антифашистички, антикапиталистички, еманципаторски[10] и со него тесно поврзан антисталинистички импулс и карактер на југословенската Револуција и нејзините револуционери.
Тие ќе ја овозможат:
1) југословенската партизанска борба;
2) административната творба Југославија како една од можните, преодни форми[11] на идејата Југославија, како и сите единствени, квалитативни скокови на оваа идеја (отпорот кон Резолуцијата на Информбирото, самоуправувањето, општествено-сопственичките односи, неврзаноста).
Она што ги спојува споменатите разнородни извори со нивните конкретни брегови, туркајќи ги напред, несомнено е нивниот однос кон невозможното, односно борбата од позиција на невозможното. Така ќе забележиме дека позиционирањето спрема невозможното е присутно:
1) на пример, во пресвртот на односот на силите со самоникнатиот штрајк на типографските работници на Државната печатница во 1842-рата година во Белград, во штрајкот на работничките во фабриката за бонбони и слатки во 1871-вата во Љубљана, во бунтот на морнарите во Котор кои на своите бродови истакнале црвени знамиња во 1918-тата (и од кои четворица „црвени командири“ биле осудени на брза смрт со стрелaње), генералниот штрајк на железничарите на Југославија во 1920-тата, штрајкот на 900 берберско-фризерски работници во речиси сите фризерски салони во Загреб во 1939-тата,[12] или други облици на спонтан и организиран отпор и превратничко дејствување од позицијата „бевме ништо – да станеме сè“.
– во отелотворувањето на многубројни работнички весници во илегални услови, запленувани најчесто уште по првиот број, а продолжувани под други имиња, како и во сите пропагандни материјали, летоци, брошури, книги, илегални политички собири, разни работнички друштва во 19-тиот и почетокот на 20-тиот век.
.jpg)
Тука е неизбежно да се спомене брошурата Naša sporna pitanja, Manifest opozicije Komunističke partije Jugoslavije од 1920 година, како силен критички акт на „комунистичките другари и другарки од Белград, Сараево, Загреб и внатрешноста“ упатен до седиштето на Третата интернационала, со цел еманципација од „диктатот на малцинството“, оддалечената и отуѓена партиска хиерархија која внесува забуна во локалните југословенски услови на револуционерните подготовки, а кој започнува со „невозможните барања на Третата интернационала“.
„Посакувајќи Интернационалата да биде исклучиво нивен орган, руските болшевици на Вториот конгрес го издиктираа статутот и условите за членство во Третата интернационала, кои во примената ќе се покажат како совршено невозможни, а последица од тоа ќе биде единствено општо распарчување на сите облици работнички организации во сите земји.“[13]
2) Невозможното е во сржта на југословенското надреалистичко дејствување, па дури и во самото име на централното надреалистичко списание покренато во 1930 година во Белград (Невозможно / L’impossible), низ кое се прекршуваат основните линии на борбата на надреалистичката група, или како што велат надреалистите – борбата на „незамисливото и замисливото“,[14] надпостоечкото и постоечкото, „ослободувањето“ на догматската Левица, дејствувајќи врз неа преку враќање на дејствувањето „од неа – кон надвор“.[15]
3) Исто така, мислењето на незамисливото е во секој антифашистички, но и антисталинистички отпор. Така, колку што се незамисливи слоганите од типот „Подобро гроб отколку роб“ изговорени како спонтан одговор на масите на капитулацијата на југословенската влада во март 1941-вата, толку е незамислив и Bilans sovjetskog termidora – prikaz i otkrića o delatnosti i organizaciji staljinskog terora на Живојин Павловиќ во 1941-вата година, кој претставува една од најавтентичните критики на сталинизмот во светски размери.[16]
Како зададен водопад, неминовен тек во кој се слеваат претходните изворни влијанија, југословенската партизанска борба и самата е логична последица на промислувањето и практикувањето на политиката на невозможноста.[17] На ова место е невозможно да не се спомне книгата на Миклавж Комељ Kako misliti partizansko umetnost? (Ljubljana, Založba /*cf., 2009) како еден од најдрагоцените докази дека идејата за Југославија и борбата за таа идеја постои сè додека за неа (секогаш одново) се мисли. Застапувајќи ја тезата дека партизанската уметност, родена во срцето на партизанската борба, засекогаш ги поместува координатите на возможното и невозможното, на постоечкото и непостоечкото, опстанувајќи во дијалектиката на празниот простор, во преломот помеѓу она што е и она што допрва ќе биде, под Лотреамоновиот императив „дека поезијата, исто како и слободата, ќе ја пејат сите“ (заедно со оние што веќе ги нема, за да има нови), оваа книга на најавтентичен начин сведочи за сингуларноста на југословенските партизански борби кои засекогаш ги отворија перспективите на несмисленото, недомисленото, засекогаш недовршливиот (резервоар на) „стварноста што се менува исто како самото уметничко дело“.[18]
Најпосле, административното отелотворување и минливата, државна форма на идејата за Југославија и на сите претходни притоки и влијанија не можеше ништо друго освен и самата да никне на прагот на невозможноста, држава „со 5 листа“ што излезе од рамките на сите постојни можни парадигми на „социјалистичката држава“, искушувајќи ја сопствената невозможност по цена на најжестоки внатрешни преломи и противречности, до „прекинувањето“.[19]
.jpg)
Така ќе заклучиме дека југословенското искуство е дијалектичка спрега на сингуларни искуства: од една страна сосема ново надреалистичко промислување на условите на левицата, од друга – антисталинистичкиот императив и строго локалните дадености.
Ако овие три (а секако има уште многу повеќе) точки се почетни репери на револуционерниот политички пејзаж на Југославија, кој од местото на нашата сегашна посматрачница прераснуваат во партизанска војна и вечна борба (за) Југославија (вклучително и нејзината административна, државна форма), другото име на „непрекинатото освојување на дијалектичкиот простор на слободата“, односно една долга партизанска, нерегуларна борба (што сè уште трае), ни се чини дека целиот хоризонт се „собира“ и јасно се согледува во една точка: фигурата на сингуларноста, стремежот и струењето на дијалектиката на југословенскиот надреализам, како амблематска, парадигматска par excellence фигура на Невозможното, која токму поради тие причини ја ставаме во центарот на овој можен петокрак хоризонт обележан со големиот транспарент на слободниот стих: Југославија: партизанска војна – административна нужност – надреализам – антисталинизам – локални дадености на работничката борба.
„Најпосле, по тогашните политички настани и кралската диктатура (1929), работите тргнаа со брз тек: во 1932-рата повеќе апсења и две осуди на робија, од три до пет години, од страна на Судот за заштита на државата – тогашните ’специјалитети на куќата’. Така стана јасно дека дијалогот надреализам–марксизам, Дух–Револуција, спорот помеѓу ’треба да се промени животот’ и ’треба да се преобрази светот’, во тоа време во некои земји станаа драма на социјалната борба, а не само, како на други места, речиси само теоретска расправа. Надреализмот, една посебна[20] форма на надреализмот, во таа борба доби сериозна нота и така влезе во нашата историја“, ќе каже Душан Матиќ, во книгата Breton iskosa (Nolit , Beograd, 1978), допишувајќи се „толку години подоцна“ со своите француски другари за надреализмот, обидувајќи се да ја допре токму таа сингуларност по која југословенската надреалистичка група се разликувала од матичната, француската, и на некој начин „надреализирала“ нејзината реалност, или како што ќе рече Матиќ во едно писмо „знаела нешто повеќе отколку француските надреалисти“.
Југославија така стана единствената земја во светот во која еден активен надреалист стана командант на Првата пролетарска бригада и шеф на Генералштабот на Југословенската народна армија (Коча Поповиќ), односно земја чијшто некогашен амбасадор бил надреалист (во Париз, Марко Ристиќ), кој на крајот на својата кариера, сосема надреалистички доследно и одговорно, пишувал поетско-политички телеграм до вонземјани[21] „со цел надминување на моменталните политички кризи на земјата“.
„ (…) УНИВЕРЗАЛНА СМИСЛА И ИСТОВЕТНОСТ НА СВОЈАТА ЧОВЕЧКА СУДБИНА (…) СО ЦЕЛ ОСТВАРУВАЊЕ ЕДИНСТВОТО НА ЦЕЛИОТ ЧОВЕЧКИ РОД (…) КАКО ПРЕДУСЛОВ НА ЕДНА НЕИСЦРПНА ГАЛАКТИЧКА ИДНИНА СТОП (…) ЗАШТО СВЕСТА ЌЕ ПОБЕДИ МЕЃУ ЅВЕЗДИТЕ.“, Radiogram, Vjesnik u sredu, broj 452–453, 1. januar 1961.
.jpg)
Бидејќи југословенскиот надреализам всушност претставувал специфичен коридор на пробив, „дијалектички полископ“,[22] непрекината борба за слободна територија на струење помеѓу борбите: догматскиот и отворениот комунизам, социјалистичкиот реализам и модернизмот, историскиот и дијалектичкиот материјализам, филозофијата-науката и(ли) поезијата во изградбата на новата свест, во борбата за надминување на простата теорија на одразот (на која било реалност) и непрекинатата дијалектика на постоењето, надпостоењето и станувањето преокупиран со модерната[23] (југословенска) мисла, не е чудо што бил напаѓан и отфрлан од сите страни.
„ (…) Тогашното општество се почувствува повеќе погодено од надреализмот отколку од левицата. Имавме впечаток дека јавноста, особено онаа што не беше наклонета кон левицата, во надреализмот почувствува поголема опасност од социјалната литература. (…) На левицата нè ставаа во таборот на десницата и обратно, а на десницата нè сметаа за левичари; (…) Непосредно по излегувањето на ’Položaj nadrealizma u društvenom procesu’, дојдовме до уверување дека стануваме сè поопасни за левицата, бидејќи имавме влијание врз помладата генерација, особено врз онаа што беше пообразована. Левицата сакаше тоа да го прекине. На левицата, меѓутоа, дојде до некакво разидување. Таа не беше единствена во однос на нас, а тоа нè охрабруваше.“, Ѓорѓе Костиќ, U središtu nadrealizma, Sukobi, Biblioteka grada Beograda, 1991.
Осудуван и одлево и оддесно, обвинет за „импосибилизам“, југословенскиот надреализам најмногу бил критикуван токму од позициите на традиционалната левица.
“Некритичните критики“ (на споменатиот Nacrt za fenomenologiju iracionalnog), како што ги нарекол Коча Поповиќ во Hronici lumbaga ili slavenskoj bindi, доаѓале дури и од „страна на најверните“, на пример од револуционерот Душан Недељковиќ, пријател и соборец на Матиќ, кој во текстот Jedna himna imposibilističkoj filozofiji вели дека ова е „книга што само навлекува дијалектички ракавици“,[24] додека нејзините автори „би можеле да се наречат импосибилисти“, за на крајот, парадоксално, да ја карикира токму онаа точка на потпирање на целокупното надреалистичко „стоење на работ“. „Како да му се помогне на невозможното да се роди од мракот на материјата, односно на потсвеста?“ „И моќно блеска и ѕвечи ова духовно оружје, во неред замавнато по Невозможноста“? Ќе забележиме дека Недељковиќ токму ја напаѓа „позицијата на невозможното“ врз која југословенските надреалисти ја засновале својата точка на опстанок.
.jpg)
Сите овие полемики уште еднаш ја потврдуваат потребата од враќање кон изворите на револуционерната борба и мисла во Југославија, обидувајќи се да го промислиме нивниот континуитет и дисконтинуитет. Зашто, од друга страна, ткаенината на југословенската дијалектичка сингуларност на која инсистираме, никогаш не би била можна ако не учествувала и традиционалната, марксистичка, но антисталинистичка левица,[25] која отворено му се спротивставува на надреализмот, а чиј ленинистички дел драгоцено го претставува Душан Недељковиќ – филозоф, преведувач, токму поттикнувачот на „Библиотеката на марксизмот–ленинизмот“, септември 1943-тата, во селото Трнава, на Мајевица, во партизанската болница каде што „по Сутјеска, со тешка сепса, како последица од шрапнелските рани“, се нашол прикован и речиси неподвижен (…) „заборавајќи, со нацртите на оваа библиотека, на раните од кои гнојот незапирливо течел“[26] (D. N., Lenjin i filozofija, Naučno delo, 1969).
Така, преку југословенскиот надреализам можеби најдобро се согледува борбата на сите, па и денес актуелни, тенденции на левицата. Конзистентната форма на ангажманот за југословенските надреалисти остана двојна: во периодот 1941–1945, убивањето на непријателот со поезија (Ристиќ)[27] наспроти вадењето ладно оружје, за надреалистите до крајот остана дијалектичка битка.
„Така што почнувајќи од извесна точка (…) извесна како непогрешливост на мислата, мисла која, колку и да сонува, не може да не допре до будењето, до тој и тој шамар, до таа и таа пушка (…) кои се ослободувањето.“[28]
Или како што вели Ѓорѓе Костиќ[29] во книгата U središtu nadrealizma: „Официјалната левица ги прифати надреалистите како револуционерни актери, но не и надреализмот.“
Да погледнеме на крајот како самите југословенски надреалисти ја дефинираат партизанската борба и народноослободителната војна во која и многумина од нив лично учествуваа:
„Мислителот и културен работник, марксист и партиски борец, човек кому навистина на левата страна на градите чукаше срцето на вистински човек, што можеше друго, под налетот на фашизмот, во животната негација на таа негација на животот, да стане Веселин Маслеша освен партизан? Партизан. Тоа е тој збор со кој можеме, чист и неистрошен, блескав, достоинствено да го поздравиме мртвиот другар Веса Маслеша, одовде, од овој румен берг на новиот живот, што израсна од партизанството како што растат коралните гребени – спасоносен, горд, цврст. Излеговме од лудиот вител во морето со густа црна лава на војната и ропството. Овде почнува нашето копно на спасението и иднината, создадено благодарение на партизаните, и само на партизаните. Најубавиот збор. Дотолку поблескав, толку почист, колку што со клевети се обидуваа да го извалкаат.“
Марко Ристиќ, Objava poezije, „На денот на двегодишнината од смртта на Веселин Маслеша“ (загинал на Сутјеска), Srpska književna zadruga, Beograd, 1964, str. 269.
.jpg)
„(…) Идејата за братство и единство на нашите народи, идејата на која народноослободителната борба за првпат во историјата на тие народи ѝ даде конкретна содржина, идејата која низ нашата голема социјалистичка Револуција станува реалност, таа идеја – баш со тоа што сега е реалност – претставува дијалектичка револуционерна негација на лицемерната ’александровска’ идеја за ’интегрално југословенство’, која како маска на великосрпскиот хегемонизам, всушност значеше поробување на сите народи на Југославија (а тоа значи и на српскиот), односно природна негација на југословенството. Братството и единството се социјалистичка и национална негација на таа реакционерна националистичка негација на југословенството.“
Марко Ристиќ, Objava poezije, од текстот ”O jedinstvu našeg kulturnog života“, Srpska književna zadruga, Beograd, 1964.
„(…) Не престанувајќи во себе да ѝ се восхитуваме на просторната реалност на слободната територија. Тоа што штотуку освоената слобота беше опиплива, што е оваа земја, шумичка, поток, партизаните пред нас, нивното оружје – ни беше и драго и блиско и необично.“
Оскар Давичо, S Markosovim partizanima, Prosveta – Beograd, Svjetlost – Sarajevo, 1969, str. 67.
„Задниот дел заедно со челото на колоната по иста линија помина покрај построената група партизанки (…) Сите беа сите исто облечени, во преправена англиска воена униформа. Нивното оружје беше можеби поунифицирано отколку кај борците од Амудара, но сепак доволно разновидно за со сигурност да може да се каже: – Партизанија, онаа стара, драга, вистинска!“
Оскар Давичо, S Markosovim partizanima, Prosveta – Beograd, Svjetlost – Sarajevo, 1969, str. 95.
„11. 5. 1943, Коврен. За време на мојот краток престој во Крушево, со Пеко и Радован свративме кај Назор (…) Ни зборуваше и за ’Партизанија’ – партизанската држава. ’Ќе се нарече и може да се нарече Југославија дури кога ќе ги опфати и Бугарите.’ Потоа му го прераскажувам на Црни тоа за ’Партизанија’. Тој не прифаќа. Зошто? Како што Стариот разбира! (…) Над насловот Партизанија напиша ’Утопија’. Значи знае. А што ли би видел само кога би бил поблиску до луѓето и настаните!“
Коча Поповиќ, Beleške uz ratovanje, BIGZ, Beograd, 1988, str. 132.
Најубавиот збор од кој растат коралните гребени на слободата; просторната реалност на слободната територија; разновидноста во борбата која на една идеја (југословенска, космополитска) ѝ даде конкретна содржина – контурите на државата недржава, Утопија, Партизанија, Југославија – се само некои одредници на југословенскиот, партизанскиот, пролетерскиот тип војување, на кое му се приклонија сите еманципаторски сили на моментот, решени засекогаш, како најтврд надреалистички завет, да работат на „бескомпромисно, непрекинато освојување на слободата“. „Цел еден свет против цел еден свет (…) на патот на конкретизацијата на човекот.“[30]
.jpg)
Со желба да го согледаме континуитетот на југословенскиот партизански дух на борбата и Револуцијата, ги приложуваме следниве редови:
Позицијата на надреализмот
Светот на бесконечната дијалектика и динамичката конкретизација против светот на мртовечката метафизика и апстрактна тромава статичност. Светот на ослободување на човекот и нескротливост на духот, против светот на репресијата (…). Свет на неодоливата незаинтересираност за лична корист против светот на посесивноста, комфорот и конформизмот, кукавичката лична среќа, просечната себичност, сите компромиси (…)
Свесни за човечката положба во светот, свесни за сите испреплетени односи што произлегуваат од тоа, свесни и за оние пресудни детерминанти што ја условуваат таа свест, уверени дека постои само една гледна точка, екстремна и дијалектичка,[31] и само една морална дејност, онаа што се потчинува на детерминизмот на постоењето, решени секое прашање да го исцрпиме до неговите крајни последици, ние знаеме дека бунтот е израз и свеста е причина и последица на тој конфликт во кој фатално учествуваме, ние, значи, знаеме дека немаме што да бираме и дека ништо не би нè оправдало ако од сето тоа не ги извлечеме сите конкретни и крајни последици.
Во Белград, 23 декември 1930.
Александар Вучо, Оскар Давичо, Милан Дединац, Банe Живадиновиќ Бор, Радојица Живановиќ Ноа, Ѓорѓе Јовановиќ, Ѓорѓе Костиќ, Душан Матиќ, Коча Поповиќ, Марко Ристиќ
Од тринаесетте потписници на воведот во Nemoguće, двајца[32] изостанаа во потпишувањето на Позицијата на надреализмот за кја Ристиќ вели дека значи „експлицитно (иако камуфлирано)[33] определување на надреалистите за социјалистичката револуција“.[34]
Од нив единаесетмина, речиси сите, од објавувањето на Позицијата на надреализмот биле затворани и апсени.[35] А сите имале директни[36] или допирни[37] врски со партизаните.
Имајќи предвид дека зборот партизан[38], освен герилски борец, означува и некој што се бори за некоја страна, неповратно без отстапување,[39] што во одделни јазици доби современа говорна практика на означување приврзаници на политички партии (со предзнак политички: political partisan; partisan politique), да го наведеме и следниов пасус:
„Летото 1931-вата година отворено изразувавме негативни ставови кон постапките кои сè уште, на пример во француската група, беа основно средство на нејзиното манифестирање. Ѓорѓе Јовановиќ, кој од сите нас беше најбурно колеблив (заб. авт. финансиер на надреалистичките изданија), ми раскажуваше дека при посетата на својот татко во Скопје, јавно на некои собири зборувал за социјалната револуција, за акцијата на Комунистичката партија, за општествената преобразба. Ми раскажуваше дека со некои млади луѓе во Македонија се обидел да организира кружоци по нашиот пример од Белград. Но кога се вратил во Белград сфатил дека мора повторно да му се врати на надреализмот, за да може нашиот надреализам, изменет со самокритика (како што велеше), да се вклучи во активноста на левицата како ново средство на нејзината работа, и тоа во оној дел што навлегуваше во пропагандата и илегалната акција. Се разбира, сето тоа се правеше без контакт со партиската организација, зашто неа ја немаше на повидок. Ние бевме партијата што никна зад нас…“[40]
Ѓорѓе Костиќ, U središtu nadrealizma, Sukobi, Biblioteka grada Beograda, 1991.
.jpg)
Да се прифати денес „будењето на материјата“[41] на југословенскиот надреализам, исто како и на Југославија, нивната новост и специфичност, значи да се прифати повторно да се промислува сингуларноста што се раѓа од материјата на наведените историски секвенци: и од „записите на отворената идеја“ на надреализмот, и од континуумот Југославија. Тоа значи да се прифати дека „(…) Денешната мисла е матна како бисер, но чиста. Како најголемата морска длабочина, бистра а сепак непроѕирна, тешка.“[42]
Исто како и надреалистичката колективна поема Zarni Vlač на Душан Матиќ и Александар Вучо од надреалистичкото списание Nemoguće (1930), која ќе нè увери дека од тешкотијата, преку трансформацијата, се раѓа нов, толку нужeн и толку слободен јазик. Јазик што допрва треба гласно да се чита.
Zarni Vlač
1.
rekom kućujem zid
i gorki hleblavi jed
crvavim hleblavi jed
danaću kad nemam kud
kroz noćavi tupi vlač
jezaću kad nemma šta
kroz jatni travni plač
znaj
kako te joštujem višujem tujem samujem titujem
stid
znaj
kako sam lešni letni rudni razbijni padni
drug
i jutraj perjaj evo već većuje mrak
goli se čudni strah i molni zeleni hod
evo evuje dah i leduje goreći brod
ja lešno živ
ja lešno živ
(…)
ciglan plamen sam iglan
.jpg)
___
1. За „оваа“ Југославија „Кога не би живееле токму во овој миг, на оваа Планета, каква што е денес, во овој блоковски, насилнички, милитаризиран, расистички, националистички, неофашистички свет во кој нема опстанок, нам, народите на Југославија, надвор од Југославија, надвор од југословенството – и никаква републичка државност нема да нѐ спаси, ниту може – јас можеби, интернационалистички доследно, би се прогласил за ’граѓанин на светот’, односно Утопијата. Вака Југославија ми изгледа, и уште долго ќе биде, нашата единствена, минимална и максимална во исто време, неизбежна и неизбежно релативна стварност.”
– според книгата на Марко Ристиќ Politička književnost, ZA OVU JUGOSLAVIJU, 1944–1958 (Naprijed, Zagreb, 1958), која Ристиќ ја споменува во книгата Za svest (Nolit, Beograd, 1977) во текстот–писмо до Политика, објавено на 27 април 1971 под наслов Popis je završen. Интегралната верзија на писмото е објавена на сајтот Едиција Југославија.
2. Што се однесува до изворите на партизанската борба на самиот почеток треба да се напомене дека овој текст нема никакви научни претензии. Напротив, по трагите на надреалистичките репери, тој претставува само една варијација на мислата во постојан дијалектички развој, со, како што би рекле надреалистите, „сите последици“.
3. Инсистирањето на југословенската ориентација на искрите на надреализмот, кои во Белград (некаде помеѓу 1924 и 1931) ќе блеснат и разгорат со „огнометот на Револуцијата“, е од пресудна важност во времето на ревизионистичкиот националидентарен терор на актуелните државички од „регионот“. Така денес исклучиво се зборува за „српско“ или, во најдобар случај, „белградскио“ „надреалистичко движење“. Ако се знае дека југословенските надреалисти со своите експлицитни поетско–политички акции (за „изедначување на поетските и револуционерните конклузии“ види, меѓу другите, Марко Ристиќ, Moralni i socijalni smisao poezije, iz knjige Istorija i poezija, Prosveta, Beograd, 1962) мечтаеа за „химерични соништа за можноста на една универзална заедница на сите луѓе“ за која Југославија беше вистинско увежбување, како и тоа дека по прашањето за дилемата околу прераснувањето во движење или приклучувањето на надреалистите (но „не и на надреализмот“) кон полето на директната политичка акција, неговите припадници никогаш не се согласиле целосно, јасно е дека се работи за грубо отстапување од основните патишта што си ги поставиле југословенските надреалисти: токму со списанието Putevi, кое со Милан Дединaц и Душан Тимотиeвиќ го покренува Марко Ристиќ во 1922 во Белград, па преку списанието Svedočanstva во 1924 и понатаму.
4. Марко Ристиќ, еден од тринаесетте потписници на воведот во Nemoguće, списание од 1930 година, како и неколку месеци подоцна Pozicije nadrealizma (кое полицијата ќе го заплени и забрани, а некои од неговите потписници тоа ќе ги чини и затвор). Покрај Милан Дединaц (Javna ptica, 1924), Александар Вучо (поемата Krov nad prozorom, 1926) и Душан Матиќ, тој е меѓу првите неимари на надреалистичката борба за израз. Во 1945 година заминува за амбасадор на ФНРЈ во Париз, со што и покрај цврстиот надреалистички завет за „власт без доаѓање на власт“ ја претставува онаа струја на надреалистите што сметала дека привременото вршење државни функции во ФНРЈ е задача од најстрога важност. Наскоро ќе се покаже дека југословенските надреалисти го одржале својот завет за привременост: Марко Ристиќ по истекот на дипломатскиот мандат неповратно се врати на книжевноста, додека Коча Поповиќ поднесе оставка на функцијата член на Претседателството на Социјалистичката Федеративна Република Југославија на 4.11.1972. Непосредно пред тоа, во неовластено интервју за ревијата Front, 19 мај 1972, одбивајќи разговор на темата „Казувањата на една генерација“, ќе рече: „Не другари, навистина не можам (…) Јас сум надреалист, нели сфаќате?“ (Ко;а Поповиќ, Nadrealizam i postnadrealizam, Prosveta, Beograd, 1985, str. 182). Токму определбата на надреалистите „За Југославија“, во движење и промена, а не во вкотвување и предавство (на сопственото кредо), е една од темите кон кои се обидува да се приближи овој текст.
5. Видете ја фуснотата број 2
6. Подеднакво сложено прашање е кога Југославија завршува и исчезнува, прашањето за нејзиното траење секогаш заслужува посебен осврт.
7. Коча Поповиќ, Nacrt za jednu fenomenologiju iracionalnog i Hronika lumbaga, Prosveta, Beograd, 1985.
8. На дебатата под наслов “Mišljenje Jugoslavije“, одржана во март 2010 во Загреб, овие тези веќе ги изложивме во пократка форма.
9. На пр., Рaдниk–Radenik–Delavc првиот социјалистички весник во регионот, како и многу други работнички гласници што следеле.
10. Она што суштински го разликува еден партизан надреалист, како Коча Поповиќ, Ѓорѓе Јовановиќ, Оскар Давичо, учесници во НОБ, од припадниците на францускиот Движење на отпорот, надреалистот Рене Шар (René Char), е малата пролетарска ѕвезда на капата на југословенскиот партизан, т.е., според кажувањето на учесниците во НОБ, тоа што без таа ѕвезда освојувањето на слободата од страна на италијанските и француските партизани значело сѐ уште „освојување слобода само за некои, а не за сите“, додека тоа беше ултимативната цел на југословенската комунистичка револуција преку партизанската борба.
11. „Фактот, на пр., дека сме комунисти, фактот дека сме Југословени, фактот дека од тоа за нас произлегуваат извесни мошне реални, и несомнени во својата релативност, јасни политички обврски, тоа не е нешто одвоено од утописката замисла за онаа хуманистичка моралност на иднината што нема да знае ниту за држави ниту за политички партии, ниту за обврски што на поединецот му ги наметнува денешната реалност. Свесното прифаќање на тие обврски не е нешто што нема врска со најсмелите, химерични соништа за можноста на една универзална заедница на сите луѓе, една космополитска човечка култура.“ – Марко Ристиќ, Objava poezije, iz teksta “O jedinstvu našeg kulturnog života“, Srpska književna zadruga, Beograd, 1964, str. 278. ↑
12. Од Hronologija radničkog pokreta SKJ 1919–1979, Narodna knjiga, Institut za savremenu istoriju, Beograd, 1980.
13. Меѓу другото, во овој луциден документ се вели: „Во работникот се создаде човек што мисли, што во својата партија сака да се прашува и да одлучува и што во неа не сака да трпи никаква тиранија. Маркс одамна кажа дека додека сите досегашни движења во историјата на светот беа движења на малцинства во корист на малцинства, социјалистичкото движење е движење на огромното мнозинство во корист на огромното мнозинство. За остварување на големиот дел од преобразбата на општеството неопходно е да се создаде социјалистичка партија не како тесна секта, туку како партија на широки, организирани, класно развиени маси… (…) Под изговор на борба за диктатура на пролетаријатот се воведува една безочна диктатура на водачите врз пролетаријатот. (…) Апсурдно е еден странец, што нема непосреден допир со социјалниот и политичкиот живот на една земја, што не живее во неа, не ги проучува нејзините проблеми и не го чувствува нејзиниот дух, однадвор да пропишува што да се прави и каква политика да се води. (…) За да се овозможи широките маси луѓе со нееднакво знаење и сфаќања да водат една политика, потребна е трајна огромна духовна работа, потребна е најцелосна внатрешна слобода на духот (…) Ова на нашите руски другари мора да им биде јасно – отворено кажано.“ – Манифест на опозицијата на Комунистичката партија на Југославија, 1920.
14. Термин од Nacrta za jednu fenomenologiju iracionalnog, Ristić, Popović, Nadrealistička izdanja, Beograd, 1931.
15. Од писмото на Коца Поповиќ до Александар Вучо од 12 август 1931, што почнува со: „Нема споредба меѓу една утврдена, добро позната и точно ограничена левица и исто таква десница.“ – Коца Поповиќ, Nacrt za jednu fenomenologiju iracionalnog i Hronika lumbaga, Prosveta, Beograd, 1985.
16. За разлика од тогаш изолираните есеи на Андре Жид (André Gide) Враќање од СССР, 1936, и романот на Артур Кеслер (Arthur Koestler) Помрачување на пладне, 1940, заборавениот спис на Павловиќ е редок, гласен и звучен обвинувачки текст, напишан во форма на своевиден народен суд над оној што започнал со инсценирани процеси на ликвидација. Списот започнува со долга и неверојатно прецизна (за тоа време, но, како што ќе се покаже, и за многу години подоцна) листа на уапсени, прогонувани, убиени, се обраќа директно на Сталин, а потоа на некакво замислено жири: „Ако ова е социјализам, за што се боревме ние другари“!! Станува збор за автентично антисталинистичко дело напишано во еден здив, како акт на громогласно одбивање на сталинистичкиот терор, пред свесното заминување во смрт на еден доследен комунист, кој за потребите на печатење на ова дело се вратил во 1941 од Париз, знаејќи дека никаде, освен во вистината, повеќе нема да оди. (Од книгата Bilans sovjetskog termidora – прикажување и откритија за дејноста и организацијата на сталинистичкиот терор, второ издание, уредил и прилози напишал С. Гавриловиќ, , Izdavački centar Kadinjača, 2001).
17. „Да се промислува и практикува политиката на невозможното, политиката на надминување на постојната состојба, во ситуација во која, како кај југословенските партизани, непријателот е неспоредливо поброен и посилен, токму тоа претставува директен континуитет со еманципаторскиот проект Југославија. Гестот на југословенските партизани денес треба да ни послужи како инспирација во нашата ситуација, ситуација што е колку пост-југословенска, ‘пост-социјалистичка’, толку и ситуација на новата глобална структурираност на односите на капиталот и правно-политичко-милитаристички формации, да ја промислуваме и практикуваме нејзината невозможност, можност за еманципација за сите.“ – 10 teza o Jugoslaviji, deseta teza, kolektivni proglas, Brisel–Beograd–London, 2005.
18. „И реалноста се гради како уметничко дело, животот е компониран како слика.“ – Марко Ристиќ, Nox microcosmica, iz ciklusa Srce na jezerima, pisano 1924. na Plitvičkim jezerima, Nolit, Beograd, 1955.
19. „И овие (наши, забелешка на авторот) апстракции би биле сосема бесмислени ако не нè доведат до нивно целосно завршување.“ – Коча Поповиќ, Hronika lumbaga ili slavenska binda, Nacrt za jednu fenomenologiju iracionalnog i Hronika lumbaga, Prosveta, Beograd, 1985.
20. Курзивот е наш.
21. Од Svedočanstva pod zvezdama, Rad, Beograd, 1981.
22. Коча Поповиќ, Nacrt za jednu fenomenologiju iracionalnog i Hronika lumbaga, Prosveta, Beograd, 1985.
23. Во смисла на кредото на Рембо: „Il faut être absolument moderne“, Ристиќ пишува: „Слава му на Ленин, но слава му и на Рембо, големиот поет на современите времиња, и на сите оние кои ни го дадоа насушниот збор за нашиот духовен глад, во невремето.“ – Марко Ристиќ, Objava poezije, Srpska književna zadruga, Beograd, 1964).
24. Можно е да се реферира на книгата на надреалистот Ристо Ратковиќ, Mrtve rukavice, од 1927.
25. Во НОБ, а со тоа и во административната формација Југославија, конечно се најдоа рамо до рамо оние што до вчера се спротиставуваа: и надреалистите и ленинистите, со цел борбите „за Југославија“ да го дадат сингуларниот квалитет на кој е важно, ни се чини, постојано и повторно да се враќаме.
26. „Затоа покрај Сталиновите идеализирани описи на самиот лик на Ленинови, кои во тоа време беа омилени, ги донесовме пред сè самите реални зборови и мисли на Ленин (…) И тука, под насловот Борба за воспитување на ленинистичкиот стил на работа – против рутинската, револуционерна фразеологија, претенциозност, самоувереност, лабавост и небрежност, донесовме вреден ленинистички текст (…)“ – Душан Неделковиќ, Lenjin i filozofija, Naučna knjiga, Beograd, 1969.
27. Претворајќи ја антифашистичката материја во мисла, доследно на основните начела на Nacrta za jednu fenomenologiju iracionalnog кој Ристиќ го пишува со Коча Поповиќ во 1930, а го објавува во 1931 (види ја првата реченица на клучниот манифестен текст на југословенскиот надреализам: „Мислата е производ на материјата“), без директно учество во НОБ, Ристиќ ги остава зад себе Zapise na marginama rata 1939–1945, Hacer Tiempo, Prosveta, Beograd, 1964, споменик на живиот поетски отпор. Да го споменеме Dijalog između gospodina X i gospodina Y во јуни 1941, како и неколку вредни примери на „убиствената“ поезија и памфлетизмот од 1943 и 1945 година.
28. Коча Поповиќ, Hronika lumbaga ili slavenska binda, Prosveta, Beograd, 1985.
29. Ѓорѓе Костиќ, член на надреалистичката група од основањето, автор заедно со О. Давич на книгата Položaj nadrealizma u društvenom procesu, 1932, лингвист, повеќепати апсен и затворан поради револуционерната дејност. Основач на Институтот за експериментална фонетика и патологија на говорот во 1949 година во Белград.
30. Pozicija nadrealizma, 1923, запленето.
31. „Нема споредба меѓу една утврдена, добро позната и точно ограничена левица и иста таква десница. Односно, од едно гледиште, без разлика на вредноста на другото точка на секој поединец, левицата е доволна. Но за нас таа како да не е доволна без она што можеме и имаме да ѝ го донесеме, додадеме (…) За да бидеме надреалисти во левицата, мораме преку дејствување на неа, да се вратиме на дејствување од неа и надвор од неа. Под опасност да бидеме единствените кои себеси се сметаат за левичари, без разлика на самоприговорот, жртвувањето на една подлабока вистина итн., сепак би значело дека ние не спаѓаме во таа левица. Или треба да ги промениме нејзините ставови за нас, односно, да го промениме оној дел во неа што одговара на нашето поле на дејствување, или треба да се промениме ние.“ – Коча Поповиќ, Nadrealizam i postnadrealizam, fragmenti iz pisma Aleksandru Vuču, 12. avgust 1931, Prosveta, Beograd, 1985.
32. Поради несогласување токму со позициите.
33. Поради Obznane protiv komunista (1920), со која Комунистичката партија се става надвор од законот (…) а „се забранува секоја комунистичка пропаганда (…) сите печатени материјали кои ја намалуваат важноста (…) на мерките за одржување на слободата, редот и сопственоста и Законот за заштита на јавната безбедност и поредокот во државата“ (1921)
34. М. Р., Istorija i poezija: pet eseja, Prosveta, Beograd, 1962, str. 462.
35. Така во 1931, по појавата на Pozicije nadrealizma – Коча Поповиќ, Оскар Давичо, Ѓорѓе Јовановиќ и Ѓорѓе Костиќ биле уапсени. Од 1933, апсењата и прогоните се интензивираат.
36. Коча Поповиќ, шпански борец, и Оскар Давичо во партизаните дочекаа слобода, додека Ѓорѓе Јовановиќ и Живадиновиќ Ное загинаа на страната на партизаните.
37. Практично сите кои не биле во партизани, поради револуционерната дејност, ја поминале војната во заробеништво и на робија или спорадично во логори (Бањица, Митровица, Лепоглава).
38. Погледнете ја наведената книга на Миклавж Комељ разгранетата генеологија на зборот партизан.
39. partigano
40. Курзивот е наш.
41. Назив на амблематската поема на Душан Матиќ, објавена првпат во списанието 50 u Evropi, Beograd, decembar 1928., и подоцна во збирката Bagdala, Prosveta, Beograd, 1954.
42. Од текстот Duh Rusije i duh današnjice, objavljeno u Svedočanstvima, 1924, а подоцна во: Ханифа Капиџиќ-Османагиќ, Hrestomatija srpskog nadrealizma, Svjetlost, Sarajevo, 1970 а чиј вовед гласи: „Не е секогаш од едната страна Исток, од другата Запад“.
.jpg)
Колажи: Ване Бор (Стеван Живадиновиќ, 1908-1993)
Извор: portal.novosti
Превод: Алек Кузмановски