1024 hPa
93 %
2 °C
Скопје - Пет, 14.11.2025 02:59

Саша Ќириќ е гостин на фестивалот Друга приказна. Во текстов пишува за „современата женска проза од Скопје и Бања Лука која го шири хоризонтот на регионалната книжевност“.
Паралелното следење на книжевните сцени секогаш изненадува. Особено кога станува збор за совпаѓања што делуваат случајно, а не можеме да знаеме дали ќе прераснат во тенденција. Во случајов се допреа два романа на две авторки – една скопска и една бањалучка – Симона Јованоска и Татјана Бјелиќ, а нивната врска е англоамериканскиот дух на двете книги.
Романот на Симона Јованоска првично е објавен во 2021 година и ја доби најголемата македонска книжевна награда „Роман на годината“. Наградата долго време ја доделуваше Утрински весник, а последниве години тоа го прави Фондацијата „Славко Јаневски“. Во Србија романот е објавен минатата година под наслов „Денот на црвот“ во превод на Саша Огненовски (во издание на Албатрос плус), а во Хрватска годинава, во превод на Ивица Баковиќ и со наслов „Денот на еден црв“ (во издание на Неолит).
Татјана Бјелиќ е родена 1974 година во Сисак, а живее во Бања Лука, каде што предава токму англоамериканска книжевност на Филолошкиот факултет. По три книги поезија, го објави својот прв роман „Влакна на јазикот“ во издание на новооснованата издавачка куќа Plavi Mak од Нови Сад. Симона Јованоска е 11 години помлада, по образование е економистка која работи како копирајтерка, а има објавено и книга раскази, роман за деца и уште еден роман за возрасни што сè уште не е преведен.
Англоамериканската природа на нивните романи е очигледна и се манифестира на повеќе нивоа. Кај „Денот на црвот“ тоа е забележливо уште преку имињата на ликовите и контекстот, односно хронотопот. Навистина, времето и местото не се експлицитно одредени. Хероината која се вика Лондон се поврзува со „главниот град“, иако дејството не е сместено таму, а претпоставуваме дека станува збор за нашата современост, барем според некои технолошки моменти.
Концептот на романот се темели на кратка приказна, бидејќи романот се состои од 19 поглавја што претставуваат кратки или пократки раскази; секое поглавје има свои протагонисти, меѓу кои се и животни – особено насловниот црв (или дождовен црв), страчката, мачките.
Поглавјата се лабаво поврзани преку некој лик или мотив, така што се добива мозаична структура слична на Алтмановиот филм Short Cuts од 1993 година (ништо чудно, деведесеттите во Холивуд се декада на пробив на филмскиот постмодернизам). Таа структура ја нагласува случајноста на врските меѓу голем број ликови чии животи се одвиваат паралелно, без да се допрат меѓусебно, а општеството станува саќе од автономни егзистенции.
Би го истакнал стилот на раскажување. Еве еден пример: „Сведоштвото за преобразбата од љубовник во странец значеше соучесништво во мачниот чин на заемна вина, а секогаш е полесно вината да се подели отколку човек да ја носи сам.“
Во овој роман може да се направи типологија на односите и заплетите. Најчести се оние меѓу партнерите во брак или врска – односно феноменот на разводот или прекинот на врската; има и обиди за самоубиство и нагли преобразби (смирениот Спенсер кој со пластичен пиштол ограбува месарница, ја „киднапира“ својата фамилија и ја одведува на пат)...
.jpg)
Среќаваме и „демонстраторка на тагата“, Лондон, која разговара со покојниците; Анѓела, негувателка на стари лица, која претходно пеела во бар облечена како морска сирена; Сузан Милер, вдовица на познат писател која го објавува својот ракопис под името на славниот сопруг; дебелиот Брам, кого го оставила жената и кој се обидува да му се одмазди на станарот од горниот кат... Значи, станува збор за поетички разновидна и концизна мешавина од профили на ликови и заплети кои припаѓаат и на жанровската проза и на современиот социо-психолошки роман, со нагласок на понекој бизарен детаљ – нешто што го обожуваат и многу современи филмски режисери.
Во романот „Влакна на јазикот“ на Татјана Бјелиќ врската со англоамериканскиот дух е исто така непосредна, но на поинаков начин – делумно преку стилот, а уште повеќе преку директни референци и алузии, најмногу на делата на американските класици како Едгар Алан По, Хоторн и Емили Дикинсон.
Сепак, и самиот роман е полн со американски ликови или, покрај главниот лик – нараторката Меланија и нејзиниот партнер Родерик Лоунер – и со оние кои извесно време живееле во Америка, како Саша Мајлок, уредник на списанието Пикок онлајн, кое објавува хаику поезија, па потоа Хестер и нејзината мајка Бисерка итн. Хронотопот овде е јасен и прецизен – Бања Лука во првата година на пандемијата со коронавирусот (2020). Нараторката е преведувачка од англиски, која прво преведува за меѓународна фирма за увоз и извоз, а потоа подучува англиски јазик за кинеска компанија, односно порталот East Becomes West.
Концептот на романот е потрадиционален, токму во смисла на англоамериканската традиција на биографскиот и општествен роман, каде што, повеќе отколку погледот на странецот врз домашната култура, е присутна тенденцијата на психолошка анализа и толкување на соништата. Нарацијата е дадена со лесна иронија; во романот доминира духот на ироничните коментари, испреплетен со гледиштето на интровертната нараторка, која повеќе е набљудувач и асистент во туѓите животи.
Крајот на романот ќе покаже дека „Влакна на јазикот“ е роман на разрешени тајни и разоткриени потраги, но и на неочекувани пресврти, поврзани со Родерик, Триша и Хестер (авторката, можеби и поради издавачот, се определила за фонетска транскрипција на имињата на своите ликови). И тука може да се почувствува наследството на постмодерната, изразено преку меѓусебното продирање на корона-документаризмот, виртуелното и фантастичното, сатирата и интертекстот.
Причината за насочување на вниманието кон овие два романи – всушност, нивната препорака – не е само во изненадувачкото откритие дека отскокнуваат од просекот, туку во среќниот спој на книжевната традиција на која се надоврзуваат и умешно оформената содржина со која им се обраќаат на своите читатели, вгнездувајќи се цврсто во сопствената, локална култура.
Не е изненадувачки што токму авторките се предводнички и во поетичките иновации – ним би им ја придружил и Емина Смаилбеговиќ, иако духот на нејзината проза е поинаков. Уште една поврзаност помеѓу овие два романи, покрај имагинацијата и инвентивноста, е ублажената критичност и црниот хумор – како своевиден контрапункт или превез низ кој сепак јасно се оцртуваат историската трагика и бедата на секојдневното живеење.
https://www.portalnovosti.com/