Балканска јамка

08.10.2025 01:35
Балканска јамка

Парежанин, гостин на фестивалот „Друга приказна“, пишува за актуелната хрватска музичка сцена во знакот на културното бришење, автоцензурата и европеизирањето по мерка на национализмот.

 

Во целата сапуница околу затворањето на загрепското кино „Европа“ во 2019 година, еден непотребен рефрен на Борис Т. Матиќ можеше да им засвири во ушите дури и на неговите најверни поддржувачи и поддржувачки од здружението „Zagreb Film Festival“, кое управуваше со киното цела деценија. Настапувајќи јавно против одлуката на тогашната градска власт да не му го продолжи закупот на ЗФФ, Матиќ во повеќе наврати предупреди дека слушнал оти на тоа култно место на загрепската алтернативна култура би можел да се отвори „народњачки клуб“. Пишувајќи ги овие зборови и денес го слушам грмежот, ржењето на коњите и врисоците на невините деца што Матиќ сигурно претпоставил дека читателите и читателките ќе ги слушнат читајќи ја таа апокалиптична најава: народњачки клуб?! Само тоа не!! Сосема е јасно на каков вид малограѓански сентимент играл Матиќ, па затоа паниката не ја потпалувал со рок-клуб, клуб на далматинска шансона или на монголско пеење од грло. Она што на тој одбивен спин му давало дополнителна индикативност било името на тоа омилено кино во центарот на Загреб, со време целосно нормализирано во локалната имагинација. Како што е познато, најголемиот дел од својот живот киното било поврзано со еден, за Хрватите денес мошне одбивен, културно-географски контекст: првично како кино Balkan-Palace, а потоа, за време на социјалистичка Југославија, како кино Balkan. Двете промени на името – отстранувањето на граѓанското „Palace“, а потоа и „европскиот“ пресврт – во себе го носат белегот на два суштински различни општествено-политички преврати. Во таа смисла, денешното име, кино „Европа“, што најчесто го изговараме со топла носталгија, е злокобен белег на општествената регресија од деведесеттите, замаскирана како скок во пазарно-демократска иднина. Тој чекор наназад — од „Балкан“ кон „Европа“ — на кој југословенските дадаисти би гледале со посебен презир, буквално го претставува оној идентитетски поместувачки гест во кој хрватската малограѓанштина и национализмот се среќаваат како две лица на ист конзервативизам: на рамништето на културните проекции, во темелот на проектот на нашето „осамостојување“ лежи шовинистичката, па дури и расистичка идеја за „враќање“ во Европа — на која хрватската култура, за разлика од ориентализираниот Балкан, наводно изворно ѝ припаѓа.

Деновиве повторно можевме да сведочиме на повикување на тие категории, кога градоначалникот на Пула, Филип Зорчиќ, забрани одржување концерт во Домот на спортовите, на кој требаше да настапат изведувачите на народна музика Душко Кулиш, Ана Бекута, Драган Којиќ и Зорана Миќановиќ. Како што известија низа домашни медиуми, во образложението на својата одлука Зорчиќ истакна дека смета „дека овој музички израз не припаѓа на нашево поднебје, дух и менталитет на градот“, и дополнил дека, додека е тој на власт, ќе „ја промовира и ќе го чува идентитетот на граѓанска, европска и медитеранска Пула“. Дека опозицијата Европа–Балкан, во основата на Зорчиќевата реторика, е делотворна во јавната имагинација, потврди и неговиот колега од Осиек, Иван Радиќ, кој на сличен начин најави дека во неговиот град нема да се одржи продолжение на пулскиот концерт: „Осиек е средноевропски град со изразена европска димензија, град што се развива во вистинска славонска метропола“, наведе во своето соопштение, потврдувајќи дека Хрватска, по целата своја должина, се наоѓа на вистинската страна од разграничувањето помеѓу цивилизацијата и варварството.

Од една страна, евтиниот елитизам на Зорчиќ и Радиќ несомнено е долгорочен губитник во судирот со налетот на преференциите на хрватската младина, која, како што покажуваат дигиталните платформи, во огромна мера слуша современа регионална поп-музика, на ужас на нашите одреди за културна дезинфекција. Но, како што е познато, пошироките промени во културните навики не подразбираат и промени во институциите и политиките. Структурите што ги нормализираа одлуките како оние на Зорчиќ и Радиќ се вкаменети во долготрајни процеси — подолготрајни дури и од постсоцијалистичкото животарење на нашите државички, иако токму последниве триесетина години го остварија својот неоспорен легитимитет, заземајќи институционални позиции и позиции на симболички капитал. Наместо да ги отфрлиме пулската и осиечката забрана поради нивниот расчекор со постоечката култура, важно е да се потсетиме колку сè уште е присутно насилството на кое се темелат, како и по кој пат тоа се врежувало во културното ткиво на нашето општество.

Европеецот Филип Зоричиќ, градоначалник на Пула

За почеток, кога станува збор за музиката, доволно е да се погледнат денешните плејлисти на јавните радиостаници. Ако забраните на Зорчиќ и Радиќ на прв поглед делуваат како поединечни ексцеси на локални шерифи, како тогаш да ја разбереме фактичката состојба дека од програмата на Хрватското радио е протеран поголем дел од музиката од соседството — и тоа не само жанровски „непожелната“? Не ли е застрашувачки податокот дека, според достапните информации, во текот на седумте дена што му претходеа на пишувањето на овој текст, на HR 2 — која редовно пушта „странска“ музика — била емитувана само една единствена песна од изведувач од Србија, „Umorna“ на EKV? Тој податок силно упатува на заклучокот дека на институционално ниво доследно се спроведува бришење на културните врски со југословенскиот регион, дека како рамка на животот на нашата популарна музика — а со тоа и на културата во поширока смисла — се проектира исклучиво евроамериканската продукција, додека се негира онаа што го сочинува секојдневното слушателско искуство на поголемиот дел од наша млада публика.

Кога станува збор за музиката, тоа бришење во деведесеттите се спроведуваше на различни, директни и индиректни начини. Во својата студија „Zvuci granice: popularna muzika, rat i nacionalizam u Hrvatskoj posle 1991.“ Кетрин Бејкер го издвојува cro-dance како жанр насочен кон „европеизација“ на хрватската поп-музика преку потпирање на звукот на германската и италијанската електронска продукција. Ако му се верува на интервјуто што во 2015 година менаџерот Зоран Шкугор го даде за Нaционал, една од најважните фигури во таа приказна, клучниот поттик за создавање на нашата денс-сцена бил повик што го добил од кабинетот на тогашниот претседател Фрањо Туѓман, во кој му било сугерирано дека воената состојба бара нови облици музичка забава. Додека ова е пример на „помек“ пристап во обликувањето на популарната култура во рамки на националистичката политика и нејзината фантазија за нашиот ново-стар европски идентитет, некои други инстанци се погрижија да применат многу погруби методи. Како важна полуга за таа цел послужи Хрватската музичка унија, тогаш новоосновано струковно здружение, кое, според Бејкер, претставувало „институционална пречка за службеното обновување на културните текови меѓу Хрватска и другите поранешни југословенски републики“. Меѓу другото, ХГУ, под водство на својот прв претседател, а денешен потпретседател на Хрватската асоцијација за заштита на изведувачките права, Паоло Сфеци, во текот на деведесеттите учествувал во националистички хајки против бендови како KUD Idijoti, а злогласни биле и забраните за настапување што Унијата ги изрекувала — како онаа на бендот Veliki bijeli slon — на цели три години, и тоа поради обично изведување песни на Ekatarinа Velikа.

Нападите врз домашните културни „предавници“ продолжија и по војната, особено кога стануваше збор за настапите во Србија и Црна Гора, а не беа ограничени исклучиво на музиката. Освен нападите, како оној врз пејачката Дорис Драговиќ поради нејзиниот настап во Игало 1999 година, вреди да се потсетиме и на обидот за „пуч“ на Ања Шоваговиќ-Деспот против тогашниот директор на театарот „Gavella“, Крешимир Доленчиќ, на почетокот на двеилјадитите, поради копродукцијата на „Галеб“ на Чехов со Црногорскиот народен театар. Нападот, пак, на министерот за култура Антун Вујиќ од СДП врз Фестивалот за алтернативна книжевност поради гостувањето во Нови Сад во 2001 година, потврдува дека националистичките помрачувања во тој период не ѝ биле туѓи ни на номиналната левица.

Европеецот Иван Радиќ, градоначалник на Осиек

Особено важно за оваа тема е токму полето на книжевноста, бидејќи токму таму, можеби најинтензивно и најдолготрајно, се работеше на раздвојување на хрватската култура од српската и (југo- и источно)словенската, и на нејзиното припојување кон европскиот културен круг. Опишувајќи го во едно интервју за порталот Booksa.hr своето заминување од Филозофскиот факултет во Загреб на почетокот на деведесеттите, Дубравка Угрешиќ, судејќи според сè, прави една значајна лапсусна забелешка: имено, таа тврди дека прочуениот „Појмовник на руската авангарда“, чии први девет тома ги уредувала заедно со Александар Флакер, по идеолошки причини го сменил името во „Појмовник на европската култура“. Иако тоа не е точно — новото име гласело „Загрепски појмовник на културата на 20. век“ — суштината на она што Угрешиќ го опишува останува иста. Многу авторитети во областа на книжевноста во тоа време прифатија, со помалку или повеќе ентузијазам, да учествуваат во легитимирањето на регресивниот општествен пресврт, гарнирајќи ја посакуваната, дестилирано европеизирана претстава за хрватската култура со својата научна работа и јавно делување.

Всушност, може да се каже дека за подготовката на теренот за експлозија на националистичката омраза во деведесеттите, вклучувајќи го и уништувањето на илјадници неподобни книги, во голема мера се одговорни токму нашите академски и интелектуални елити, со акцент на книжевноста. На тие злокобни тенденции уште во ноември 1982 година укажа основачот на Загрепската славистичка школа и професор на Филозофскиот факултет, Фрањо Грчевиќ. Давајќи го воведниот збор на првиот собир од проектот „Komparativno proučavanje jugoslavenskih književnosti“, кој се обидувше да ѝ се спротивстави на неминовната катастрофа, Грчевиќ наведе дека „во последните десет до петнаесет години личните врски меѓу југословенските филолошки стручњаци значително ослабеа, а работата на заеднички југословенски научни проекти речиси целосно згасна“.

Како крај на структурираните обиди во рамки на нашата книжевна наука да се зачува некаква идеја за заедничка, југословенска припадност на нашите книжевности, може да се земе токму крајот на проектот на Грчевиќ, кој индикативно згасна во 1991 година – во моментот кога тој веќе ја беше напуштил својата изворна тема и престана да се занимава со екологија. Во наредните години целосно завладеаја националистичките наративи, кои од контекстуализацијата на нашата книжевност го исчистија сето југословенско и српско како културолошки туѓо. Во тој поглед, злогласна е изјавата на Станко Ласиќ од полемичката преписка со Игор Мандиќ, објавена во Вијенац во 1997 година, во која основачот на крлежологијата тврди дека српската книжевност во неговите преокупации „добила статус на бугарска книжевност и е далеку под она што ми го кажуваат другите европски книжевности, како на пример шпанската, данската, холандската, а да не ги спомнувам италијанската, француската или англиската книжевност“. И овде јасно го распознаваме трагот на опозицијата Балкан–Европа, познат од денешната приказна за откажувањето на пулскиот концерт, што ни кажува дека националистичките претстави што и ден-денес го малтретираат нашиот културен простор ги обликувале и легитимирале токму интелектуални авторитети како Ласиќ.

Во сфаќањето на книжевноста и културата, Европа и европското имаат уште една специфична функција во која се слеваат шовинизмот и граѓанскиот антикомунизам. На пример, кога Павле Павличиќ во книгата “Barokni pakao” ја чита Горановата „Јама“ во рамки на традицијата на италијанскиот и хрватскиот книжевен барок, тој тоа го прави за да го остави настрана нејзиниот примарен историски и идеолошки контекст, од кој е нераздвоив, исто како што националистичкиот историчар на книжевноста Слободан Просперов Новак ќе тврди дека Горан го пишува својот „извештај од Пеколот“ „надвор од идеологиите“.

Може да се каже дека токму влегувањето на партизаните во ослободените градови во 1945 година – што, за жал, Горан не го доживеа – за нашата малограѓанска имагинација го претставува оној изворен момент на продор на „балканските орди“, моментот кога нашата „европска култивираност“ неповратно се контаминирала со доаѓањето на необразованите, примитивни грубијани од југословенските рурални краишта, како што често се вели. Не одѕвонува ли тој вид параноја на одреден начин со денешната параноја на заштитниците на европскиот идентитет пред мигрантите што „надируваат“ во нашиот цивилизациски Еден, заканувајќи се дека ќе го уништат? Приказната за двете глупави забрани на една наивна музика во Пула и Осиек така ни го поставува прашањето што претставува тој троп на Европа – каде се наоѓа во однос на триумфалните постсоцијалистички рефрени за цивилизацијата и демократијата. Нашето искуство сугерира дека тој стои, пред сè, на браникот на расизмот, шовинизмот и антикомунизмот – накратко, на браникот на најлошото варварство, против кое наводно се бори.

Извор: https://www.portalnovosti.com/

 

ОкоБоли главаВицФото