Микропластика во човечките коски – скриен фактор што го ослабува нашиот скелет?

08.10.2025 01:50
Микропластика во човечките коски – скриен фактор што го ослабува нашиот скелет?

Речиси секој месец се појавуваат вести дека микропластиката е откриена во некој нов дел од човечкото тело. На оваа загрижувачка листа досега се најдоа белите дробови, срцето, крвта, плацентата, тестисите, па дури и мозокот.

Според најновите алармантни сознанија, ситните честички пластика продреле длабоко и во нашите коски, 'рскавица и коскена срж, претставувајќи закана за здравјето на скелетот на фундаментално ниво.

Имено, како што покажува едно ново истражување, микропластиката би можела дури и да придонесе за зголемена зачестеност на остеопорозата – заболување при кое коските стануваат покршливи и поподложни на кршење.

Научниот труд, објавен во списанието Osteoporosis International, претставува обемна анализа на 62 студии, а наодите се воопшто не пријатни.

Последици од микропластиката во коските: ослабување на структурата

Авторите на студијата откриле дека присуството на микропластика ги нарушува клучните процеси за одржување на цврстината на коските.

„Значаен број истражувања сугерираат дека микропластиката може да продре длабоко во коскеното ткиво, па дури и до коскената срж, потенцијално предизвикувајќи нарушувања во нејзиниот метаболизам“, истакнува еден од авторите, Родриго Буено де Оливеира од Државниот универзитет во Кампинас, Бразил.

Но, како воопшто микропластиката стигнува до нашиот скелет – во ткива што изгледаат прилично цврсти и заштитени?!

Некои студии на луѓе укажале дека честичките пластика во коските доспеваат преку крвотокот, откако ќе ги внесеме преку храната, пијалаците или едноставно со вдишување. Студиите на животни, пак, ги осветлуваат и можните загрижувачки последици, како што е намалувањето на растот на коските.

Покрај тоа, нарушувањата во работата на остеокластите – клетки што го поддржуваат растот и обновата на коските – можат да доведат до ослабување на коскените структури. Така компромитираните коски стануваат поподложни на деформации и фрактури.

Судејќи според лабораториските анализи, микропластиката не само што ја нарушува виталноста на клетките на коскеното ткиво, туку исто така го забрзува стареењето на клетките и ја менува нивната диференцијација.

„Она што особено загрижува е дека забележаните несакани ефекти кулминирале со прекин на растот на скелетот кај животните“, додава Буено де Оливеира.

Родриго Буено де Оливеира

 

Скриен еколошки фактор за остеопороза

Иако ваквите резултати можеби не можат целосно да се применат и на човечките коски, ова откритие доаѓа во време кога на глобално ниво се бележи пораст на случаи на остеопороза и фрактури.

Меѓународната фондација за остеопороза (IOF) предвидува дека бројот на фрактури поврзани со остеопорозата ќе се зголеми за 32 проценти до средината на векот.

Покрај веќе утврдените ризици, како што се стареењето на населението и консумацијата на алкохол, научниците сега се сомневаат дека микропластиката може да биде скриен еколошки причинител што го влошува проблемот.

„Иако остеометаболичките заболувања се релативно добро разбрани, постои празнина во нашето знаење за влијанието на микропластиката врз нивниот развој“, вели Родриго Буено де Оливеира.

„Една од нашите цели е да дојдеме до докази кои би сугерирале дека микропластиката може да биде потенцијален, контролирачки фактор од животната средина, кој, на пример, би го објаснил проектираниот пораст на бројот на фрактури на коските.

“Имајќи го тоа предвид, неговиот тим веќе планира истражувања врз животни за да ја потврди врската помеѓу изложеноста на микропластика и сериозноста на метаболичките заболувања на коските.

Со години наназад, научниците пронаоѓаат ситни честички пластика во нашиот организам и во животната средина. Сепак, влијанието врз здравјето сè уште останува недоволно истражено, а истражувачите одамна апелираат за издвојување поголеми средства во таа насока.

Стручњаците предупредуваат дека ја зголемуваме оваа „недоволно препознаена опасност“, произведувајќи повеќе од 400 милиони тони пластика годишно. Се проценува дека со овој процес секоја година се ослободуваат 1,8 милијарди тони гасови со ефект на стаклена градина, што дополнително ги продлабочува климатските промени.

И покрај тоа, сè уште нема политичка волја за решавање на проблемот: неодамна во Женева – поради отпорот на петрохемиските земји – пропадна големиот меѓународен договор за намалување на производството на пластика.

Во меѓувреме, препуштени сме на себеси: изложеноста на микропластика може делумно да ја намалиме со филтрирање на водата за пиење и со ограничување на употребата на пластични производи – од синтетичка облека до пластични шишиња за пијалаци.

Извор: https://klima101.rs/

ОкоБоли главаВицФото