Жените и партизанската уметност

08.10.2025 14:31
Жените и партизанската уметност

Елена Меснер темава ќе ја претстави во недела на фестивалот „Друга приказна“ во „Јадро“ во Скопје.

 

Зборникот „Жените и партизанската уметност е дело“ на Елена Меснер, Кристина Берета, Горан Лазичиќ и Маркус Гуницер. Елена Меснер годинава е гостинка на фестивалот „Друга приказна“. Во продолжение го пренесуваме предговорот кон книгата.

Автентичниот феномен на партизанската уметност и културните практики во рамки на Народноослободителната борба (НОБ) нуди уникатна хеуристичка перспектива за многустраните начини на учество на жените во антифашистичкиот отпор.

Културната и уметничка продукција во НОБ (1941–1945) ги опфаќа и синкретизира одликите на предвоените авангардни движења со општата тенденција кон демократизација и дехиерархизација на уметностите. Во интерес на посакуваната ефикасност на масовната мобилизација, партизанската уметност се темелела на ентузијастичката употреба на (во услови на герилска војна многу оскудни) средства за механичка репродукција и ширење културни артефакти. Сепак, оваа уметност имала неспорна „аура“, бидејќи уметничките дела биле проникнати со автентична револуционерна содржина и со еманципаторска, утописка визија. Внатрешно контроверзната авангардна тенденција за засилување на борбеноста на културата била буквално реализирана и реевалуирана во рамки на партизанската уметност во Југославија и во Корушка: таа не само што станала интегрален дел и инструмент на воената борба, туку се покажала и како мошне ефективна во тој потфат. Општествената мултифункционалност на партизанската уметност е ненадминлива: таа истовремено претставувала средство за стекнување писменост, извор на политичко образование (антифашизам), инструмент на општествена еманципација и трансформација, како и уметничко средство за адресирање на метафизичките прашања на човечкото постоење. Со еден збор, партизанската уметност се појавува како простор во кој се реализираат клучните принципи на хуманизмот, паралелно со остварувањето на основните уметнички цели на модерната и авангардната уметност и литература.

Овој збирен том има за цел повторно да ги преиспита и разгледа и различните форми и постигнувања на женската партизанска уметност и културна активност во рамки на НОБ, како и трансформацијата на нивното наследство сè до денешниот момент, кој го одбележува 80-годишниот јубилеј од победата над фашизмот и националсоцијализмот во Втората светска војна. На првото ниво, оваа книга повикува на повторна оценка на партизанската уметност воопшто, но на своето второ и одлучувачко ниво, таа се залага за реевалуација на женската партизанска уметност. Основната појдовна точка е дека женската партизанска уметност не е само една од специфичните форми или подтипови на уметничката продукција во рамки на партизанското движење, туку уникатен и автентичен социокултурен и уметнички феномен. Книгата му пристапува на предметот на суштински деесенцијализиран и дехиерархизиран начин, што води до увид дека женската партизанска уметност е во самото срце на партизанската уметност. Истовремено, таа покажува дека женската партизанска уметност најјасно ги одразува повеќекратните еманципаторски и револуционерни потенцијали на уметничките практики во рамки на антифашистичките движења на отпорот во Југославија и во Корушка. Од оваа перспектива, женската партизанска уметност не се појавува како гранка на партизанската уметност, туку како нејзина квинтесенција.


Јастреб, Црна Гора, Споменик на убиената младост

Сеќавањето и историзацијата на југословенските партизанки претрпеа повеќе идеолошки обликувани трансформации по завршувањето на Втората светска војна. Основачкото конституирање на Антифашистичкиот фронт на жените (АФЖ) за време на војната, во 1942 година, може да се анализира како општествена материјализација на културното, образовното и уметничкото дело на партизанките. По војната АФЖ одигра одлучувачка улога во првата фаза на формирањето и консолидирањето на сеќавањето на учеството на жените и нивната културна активност во антифашистичката борба. Затоа, укинувањето на АФЖ во 1953 година беше еден од најочигледните симптоми на самореакционерни процеси во рамки на социјалистичка Југославија. И покрај сеопфатните, државно поддржани напори да се документира, историзира и музејски обликува меморијата на АФЖ и воените, општествените и уметничките постигнувања на женскиот отпор во следните три децении, ефективниот еманципаторски потенцијал на тоа сеќавање на крајот беше припитомен. Тоа го доведе неговиот неспоредлив првичен потенцијал за самоеманципација до праг на само-митологизација. Во последната деценија на социјалистичка Југославија – како што убедливо покажува Јелена Батиниќ во своето капитално истражување Жените и југословенските партизани (2015) – прогресивниот лик на партизанката беше етнички присвојуван, тривијализиран, сексуализиран или едноставно препуштен на заборавот. По распадот на социјалистичка Југославија во 1990-тите, историското и културно наследство на партизанското движење беше маргинализирано, игнорирано, изобличувано и клеветено од страна на ревизионистичките политички актери, академските кругови и медиумите. Особено учеството на жените во отпорот беше запоставено, негирано или погрешно претставено.

Дури изминатата деценија и половина повторно оживеа научното истражување за историјата и културата на југословенските партизани. Тоа се совпадна со засилените уметнички и политички интереси за темата и претставуваше предизвик за постојаните ревизионистички обиди да се делегитимира антифашистичкото движење. Сепак, родовите аспекти на движењата на отпорот и нивната културна продукција во голема мера остануваат маргинализирани во постјугословенската академска и политичка сцена. Во публикациите од овој период што настојуваат да ги истакнат еманципаторските аспекти на културната и уметничката продукција на југословенското партизанско движење (Комељ 2009, Јакиша и Гилиќ 2015, Кирн 2019 и 2020, Милетиќ и Радовановиќ 2020), темата за учеството на жените во партизанските уметности остануваше целосно секундарна. Истото важи и за други релевантни публикации за историјата на НОБ и нејзиното општествено наследство (на пример, Томиќ и др. 2013, Роксандиќ и Филипчиќ Малигец 2016 или Репе 2015), како и за низа монографии посветени на специфични културни и уметнички форми, како што се јавните споменици (Карге 2010, Ниебил 2018, Хорватинчиќ и Жеровц 2023), фотографијата (Коњикушиќ 2021), партизанските песни (Хофман 2016) или, најново, за постоењето на партизанските униформи и иконографијата во рамки на повоената Југословенска народна армија (Петровиќ 2024).

Спротивно на тоа, нивната културна и уметничка продукција доби многу мало внимание од истражувачите што работат во брзо растечката област на социо-историските и политичките студии за учеството на жените во југословенското партизанско движење (сп. Јанцар-Вебстер 1990, Виесингер 2008, Пантелиќ 2011, Батиниќ 2015, Адамовиќ и Љубичиќ Богуновиќ 2023). Во однос на пристапот и истражувачките интереси, пионерската студија на Станислава Бараќ за феминистичките и комунистичките периодични изданија помеѓу двете светски војни може да се спореди со овој том. Сепак, таа се фокусира на една национална култура (српската) и на еден нејзин сегмент (периодичните изданија), а нејзиниот историски опфат завршува со почетокот на Втората светска војна (Бараќ 2015). Најблиска до овој том е неодамна објавената монографија на Ива Јелушиќ Родот и Втората светска војна во југословенските медиуми (2025), иако таа се фокусира на избрани југословенски популарни печатени списанија од социјалистичкиот период.


Топола, Србија, Камен букет


Од друга страна, наследството на партизанската борба во австриската покраина Корушка, историски населена со значително словенечко население, доби значително поинакви историски и идеолошки конотации во периодот по Втората светска војна. За време на војната, словенечкото население во Корушка било подложено на брутални прогонства од страна на нацистите (Entner & Malle 2012, Entner 2014). Како резултат на тоа, во овој регион се издигна широко движење на отпорот. Повеќето борци биле корушки Словенци, кои постепено воспоставиле силни врски со југословенските партизани (Linasi 2013). Во Корушка, за разлика од Југославија, повоеното наследство на партизанскиот отпор никогаш не станало дел од официјалната, херојска колективна меморија. Напротив, било бескрупулозно оспорувано и криминализирано. Корушките партизани постојано биле дискриминирани и како антифашисти (во рамки на реакционерните ревизионистички наративи) и како Словенци (во контекст на германскиот етнички национализам и политиката на асимилација, сп. Knight 2017). Затоа, сеќавањето на нивната борба го задржа својот субверзивен и еманципаторски карактер сè до денес. Наследството на корушките партизани доби свои капитални уметнички инкарнации дури околу 2010-тата година, во драмата на Петер Хандке Сè уште бура (Immer noch Sturm, 2010) и во романот на Маја Хадерлап Ангел на заборавот (Engel des Vergessens, 2011).

Сепак, кога станува збор за научни публикации посветени на отпорот на корушките партизани, може да се забележи слична распределба на истражувачки интерес како и кај студиите за НОБ во Југославија: како правило, недостига или фокус на културата и уметничката продукција, или примарен интерес за учеството на жените во отпорот. Ова важи и за историските студии (на пр. Entner et al. 2011, Danglmaier & Koroschitz 2015), како и за публикации насочени кон партизанските споменици во Корушка (Rettl 2006) или кон литературата посветена на отпорот и антифашистичката борба (Hafner & Strutz 2013). Забележителни исклучоци се две монографии објавени на словенечки јазик. Првата е студијата на Андреј Лебен (2003), која ги истражува придонесите на жените во движењето на отпорот во Корушка и вклучува антологија на книжевни текстови за ангажманот на жените во отпорот, како и женски текстови за отпорот. Втората е поновата книга на Хелена Вердел и Вида Обид (2022) за феминистичката и антифашистичката културна активност на АФЖ во Корушка, а подоцна и на Сојузот на словенечки жени (Zveza slovenskih žena).

Создавањето посилни врски помеѓу југословенскиот отпор и отпорот на корушките партизани е одамна задоцнета задача. Отпорот на корушките партизани доживеа двоен заборав. Во Југославија, вниманието кон партизанските борци надвор од границите на новооснованата социјалистичка држава ослабна. Истовремено, во Австрија веднаш по војната започна извртување на улогите жртва–џелат. Ова појава се појави и во југословенските републики дури во 1980-тите години. Борците на отпорот во Корушка беа прогласувани за предавници и комунисти, а нивниот придонес кон ослободувањето од нацизмот и фашизмот беше потиснат од јавната меморија, јавниот простор и официјалниот историски наратив. Во исто време, локалните нацистички соработници беа рехабилитирани, а нивните злосторства беа минимизирани. Подеталното разгледување на кревките врски меѓу културата на сеќавање на отпорот во поранешна Југославија и онаа во Корушка, а со тоа пред сè на словенечкото малцинство во Корушка, може да донесе и важни и возбудливи согледувања.


Србобран, Србија, Споменик на слободата

За содржината и структурата

Книгава има за цел да го насочи вниманието кон она што стана очигледен академски дефицит: врската меѓу жените партизанки и партизанската уметност. Таа опфаќа низа интердисциплинарни пристапи насочени кон реевалуација и реконтекстуализирање на културното и уметничкото, како и социополитичкото и военото наследство на партизанките во Југославија и во Корушка. Нивната уметничка продукција се разгледува како неспоредлив пример на ангажирана уметност: и како форма на отпор и како културно субверзивна практика, која се движи од авангардна естетика до традиционални облици на народна уметност и ракотворби. Книгава се фокусира на културната продукција на југословенските и корушките партизанки, и вклучува студии на случај од книжевноста, визуелните уметности, филмот, фотографијата, стрипот, текстилот, печатот, театарот, танцот, концептуалната уметност, музеите, јавниот простор и споменичката архитектура.

Книгата се состои од триесет поглавја, поделени во шест тематски целини. Во фокусот на статиите од првиот дел се различни социо-историски аспекти на партизанското движење во Југославија. Главниот интерес на Јелена Батиниќ лежи во надминувањето на класните поделби во рамки на партизанското движење. Во нејзиниот есеј таа покажува како општествените структури, институции и културни форми во рамки на НОБ се појавија како специфична и уникатна фузија на патријархални и револуционерни концепти, на традиционални и комунистички вредности. Повикувајќи се на партизанскиот печат, архивски материјали, како и интервјуа спроведени со жени членки на НОБ, историчарката Барбара Н. Вајсингер во својата статија ги сумира клучните социјални, идеолошки, но и индивидуални и психолошки аспекти на учеството на жените во партизанската антифашистичка борба. Понатаму, Јелена Ѓуреиновиќ во своето поглавје ги следи идеолошки обликуваните трансформации на официјалното сеќавање на југословенското партизанско движење во Србија во постјугословенскиот период, кои се движат од етнонационалистичко присвојување до антикомунистички ревизионизам и криминализација на партизанската борба.

Дополнително, воведниот дел на книгата опфаќа три прилози што се занимаваат со историските наративи за партизанското антифашистичко движење во Југославија и Корушка, во однос на нивната поврзаност со уметноста, книжевноста и практиките на меморијализација. Фокусирајќи се на биографиите и делата на три жени-уметници од партизанското движење – Цвијета Јоб, Лела Чермак и Грета Штерн-Чаќе – историчарката Сабина Ферхадбеговиќ убедливо покажува дека партизанската уметност – а особено женската партизанска уметност – претставувала разновидна субверзивна културна и политичка практика, која активно придонела за нови концепти на колективна, индивидуална и уметничка слобода. Во својот прилог, Јулија Штолба и Маркус Гуницер го претставуваат корушкиот антифашистички меморијал – музејот Першманхоф – и го сместуваат во рамки на поновите теоретски дебати за партиципативните и афективни музеолошки практики. Воведниот дел завршува со прилогот на Бригита Маленица, кој се фокусира на примерот Дневник од Берген-Белзен 1944–1945 на Хана Леви-Хас, кој го позиционира прашањето за југословенско-еврејскиот женски отпор во контекст на транснационалната култура на сеќавање.


Биоково, Хрватска, Споменикот на жената

Вториот дел е посветен на партизанскиот печат и различните форми на неговиот повоен „живот“. Тој започнува со прегледен напис на Елена Меснер, која го следи придонесот на жените во овој карактеристичен културен и социјален феномен на НОП и на југословенскиот социјализам. Поглавјето ги исцртува историските континуитети, почнувајќи од меѓувоените феминистички списанија, преку воениот печат и различните практики на негово архивирање по војната, па сѐ до современите интернет-проекти во постјугословенскиот контекст како форми на обновување и практично продолжување на тие традиции. Тина Баховец во својот прилог ја анализира повоената репрезентација на жените партизанки и нивниот вооружен отпор во две печатени изданија: Наша жена, водечки словенечки женски магазин во социјалистичка Југославија, и Словенечки весник, левичарски весник на корушките Словенци во традицијата на отпорот од Втората светска војна. Слично на тоа, поглавјето на Ана Рајковиќ Пејиќ е насочено кон ликот на партизанките како пример за прототипот на „новата југословенска жена“, илустрирано преку примерите од хрватскиот работнички печат од социјалистичкиот период. Делот завршува со прилогот на Катја Коболт, која ја анализира детската литература во социјалистичка Југославија и нејзините разновидни врски со наследството на партизанската антифашистичка борба.

Третиот дел од книгата опфаќа низа студии на случај од областа на музиката, театарот и изведувачките уметности. Започнува со прилог на Гал Кирн, посветен на женските протести во Љубљана за време на фашистичката окупација на Југославија, вклучувајќи студија на случај за песната позната како Женска химна (Himna žensk) во рамки на партизанската музика и ангажираната уметност. Почнувајќи од една оригинална фотографија која прикажува две партизанки на фронтот како своја почетна инспирација, Ана Адамовиќ во својот есеј размислува за можните понатамошни животни патишта на двете непознати партизанки и, притоа, го разгледува наследството на НОБ во различни форми на современи изведувачки уметности, како и општата положба на жените во Југославија и постјугословенските општества. Имајќи ја предвид важноста на постојаната регрутација и политизација на партизаните во духот на југословенството преку филмот и песните, Миранда Јакиша во својот прилог го обработува прашањето на дејствувањето, истражувајќи како хоровите и партизанските песни во југословенските партизански филмови успевале да пренесат емотивно набиен партизански дух на филмската публика. Конечно, врз основа на биографијата на една партизанка, а подоцна и афирмирана театарска и филмска режисерка, Вера Црвенчанин, историчарката Љубинка Шкодриќ го реконструира социо-историскиот контекст на женското учество во југословенското комунистичко и партизанско движење – од меѓувоениот период до распадот на социјалистичка Југославија.


Крањ, Словенија, Споменик на револуцијата

Четвртиот дел од овој зборник е посветен на визуелните медиуми, јавните простори, спомениците и музеите, со особен фокус на повоеното наследство на женскиот отпор за време на Втората светска војна во Југославија и Корушка. Во својот напис, Јелена Петровиќ го истражува наследството на АФЖ во современите постјугословенски уметнички практики на Адела Јушиќ и Блерта Хазирај. Фокусирајќи се на историскиот ревизионизам и политичката амнезија, поглавјето ги користи концептите на „хонтологија“ и „спасување“ за да ги оживее минатите наративи за женскиот отпор и да ги сочува нивните револуционерни идеали. Поглавјето на Јакоб Холцер ја обработува темата на претставувањето на жените во воените споменици, со фокус на единствените два фигуративни споменици во Корушка посветени на поддржувачите на партизанскиот отпор во Втората светска војна – спомениците на Маријан Матијевиќ во Зел/Селе и кај Першманхоф во Ајзенкапел/Железна Капла. Со помош на интерсекциски пристап кон родот, сеќавањето и политиката во Југославија, Леа Саша Фурбах ја анализира еволуцијата на родовите улоги и учеството на жените во отпорот, како и улогата на жените-авторки и претставувањето на жените во југословенските споменици, разгледувајќи ги нивните идеолошки основи. Во рамки на сличен методолошки пристап, Сања Кајиниќ ја насочува својата анализа кон меморијалните практики и јавните споменици во хрватскиот пристанишен град Риека, за да ги испита современите естетики и различните културни присвојувања на претставувањето на жените во урбаните и (пост)индустриски простори. Делот завршува со прилог на Александра Момчиловиќ Јовановиќ, која ги разгледува комплементарните аспекти на балканската традиција и комунистичката револуција преку примерот на извезена крпа подарена на Јосип Броз Тито од локалното здружение на АФЖ од Хрватска во раните повоени години.

Петтиот дел е посветен на ликовните уметности и филмот, и започнува со прилогот на Оља Алвир, кој нуди читање на југословенската мелодрама Офицер со роза (1987) од квир перспектива, со што се осветлува социо-политичкиот контекст и еволуцијата на претставувањето на жените, како и на партизанката, во југословенската кинематографија. Поглавјето на Тања Росиќ Илиќ и Горан Лазичиќ се фокусира на документарниот филм Пејзажи на отпорот (Landscapes of Resistance, 2021) од Марта Попивода. Филмот се анализира од перспектива на реапропријацијата и реактуелизацијата на наследството на НОБ во постјугословенскиот контекст, особено во однос на еманципаторните потенцијали на носталгијата. Прилогот на Жанин Шемер се концентрира на анимирано видео изработено од Националното здружение на партизани на Италија (ANPI) и на врската меѓу учеството на жените во Резистенца и напредокот на женските права; авторката ја истражува трансформативната моќ на медијализираното сеќавање врз културата на сеќавањето и политичкото дејствување. Поглавјето на Клаудија Сабо, со кое завршува делот, ја следи циркулацијата на иконографските традиции, фокусирајќи се на две различни парадигми на женското претставување – националните персонификации и во социјалистичка Југославија од доцните 1940-ти и во Хрватска од 1990-тите – со акцент на меѓусебно поврзаните мотиви на жената како мајка и како војник.


Нови Град, БиХ, Мајка Партизанка

Заклучниот дел опфаќа поглавја за книжевни дела и мемоари поврзани со женскиот ангажман во антифашистичките движења на отпорот во Корушка и Југославија. Во своето капитално прегледно поглавје за женските ликови во литературата за партизанскиот отпор во Корушка, Андреас Лебен споредбено реевалуира широк спектар на наративни и драмски текстови кои директно или индиректно се занимаваат со темата, осветлувајќи ги за првпат од перспектива на родовите дискурси и стереотипи. Во рамки на теоретскиот концепт на филозофијата на историјата на Валтер Бенјамин, Даниел Геницер ги анализира делата на корушко-словенечките автори Маја Хадерлап, Хелена Кучар–Јелка и Флоријан Липуш како книжевни практики на сеќавање. Во овој дел е вклучен и прилогот на Катаржина Тацинска, посветен на животот и делото на предвоената комунистичка активистка и преживеана од Шоа, Магда Бошан Симин, унгарско-еврејска авторка и политичарка од Војводина. Понатаму, Станислава Бараќ ги истражува литературните приказни за созревање и процесите на станување партизанка во раните повоени раскази на Милка Жицина и Надежда Илиќ Тутуновиќ. Мемоарската книга Воено патување (Ratno putovanje, 1953), напишана од една од најистакнатите личности на белградската меѓувоена феминистичка сцена, а подоцна југословенска партизанка, Митра Митровиќ, е во центарот на поглавјето на Тијана Матијевиќ. Потоа следи статијата на Дубравка Зима, која се занимава со сликите на партизанското девојаштво во збирката раскази Воени љубови (Ratne ljubavi, 1985), напишана од партизанската докторка Сања Божовиќ, позната по својот претходно објавен бестселер мемоар За тебе, моја Долорес (Tebi, moja Dolores, 1978). Завршното поглавје од книгата, напишано од Златан Туњиќ, се фокусира на раниот повоен полуавтобиографски роман Преку ничија земја (Kroz Ničiju zemlju, 1948–1950) од босанско-херцеговската авторка и истакната членка на АФЖ, Вера Обреновиќ Делибашиќ.

Покрај мноштвото теми, методолошката разновидност и интердисциплинарност, важно е да се нагласи и корисниот факт дека соработниците доаѓаат од различни културни и академски средини: пред сè од поранешна Југославија и германското говорно подрачје, дополнети со неколку европски и американски позиции. Дополнително, значаен број од авторите веќе претставуваат и олицетворуваат примери на културна хибридност и академска транскултуралност. Како уредници, се надеваме дека различните социо-историски искуства, академски пристапи и истражувачки перспективи најдоа соодветна и продуктивна синтеза во оваа книга.


Кале, Скопје, Споменик на победата, снагата и славата

 

Извор: Women and Partisan Art, 2025 (transcript Verlag, Bielefeld)

На насловната фотографија: детаљ од Споменикот на жените борци во Тетово

Превод: Алек Кузмановски

Слични содржини

Општество / Активизам / Култура / Теорија / Историја
Книжевност / Теорија / Историја
Никола Гелевски
Никола Гелевски

ОкоБоли главаВицФото