1024 hPa
93 %
2 °C
Скопје - Пет, 14.11.2025 02:59

Вторникот, 7-ми октомври, беше втората годишнина од бруталниот напад на Хамас од 2023-тата година, во кој беа убиени околу 1.200 Израелци, најголем дел цивили. Во меѓувреме се одвиваше, и сè уште се одвива, морбидна одмазда, во која израелската војска уби 67.000 Палестинци, од кои 18.500 деца. Дополнителни 167.000 Палестинци се ранети, што значи дека вкупно секој десетти жител на Газа е убиен или ранет. Многу е веројатно реалните да бидат значително повисоки, а најголемиот дел од територијата е претворен во апокалиптичен пустош.
Масакрот, според сè што е познато, со право беше прогласен за геноцид од низа угледни организации – од Amnesty International, преку Бецелем, односно Израелскиот информативен центар за човекови права, па сè до Комисијата на ООН за Палестина. Тие настани во голема мера го изменија Блискиот Исток, но и целиот свет. Израелско-палестинските односи потонаа, можеби на најниската точка во историјата, а и претходно беа ужасни: Газа под израелска блокада функционираше како концентрационен логор, а на Западниот Брег беше институционализиран апартхејд.
Минатото лето, израелскиот Кнесет изгласа резолуција со која, по децении поткопување на шансите за нејзино воспоставување, принципиелно се спротивстави на идејата за палестинска држава; не станува збор само за екстремистичката коалиција предводена од Бенјамин Нетанјаху, бидејќи „против“ гласаа само девет пратеници. Израелските лидери заклучија дека нападот на Хамас им го отвори – како што формулираше министерката за населби Орит Струк – „времето на чудата“, божја можност конечно да го „решат“ палестинското прашање. По убивањето и протерувањето на жителите на Газа, Израел веројатно би се свртел со тројна жестина кон тероризирање на Палестинците на Западниот Брег, со цел нивно протерување.
.jpg)
По 7-ми октомври 2023-тата година, голем дел од израелското општество западна во психоза, водено од осветнички пориви и заблуди дека сопствената безбедност може да се обезбеди преку уништување и поробување на палестинскиот народ, како и преку гол експанзионизам. Истовремено, во решението со две држави уште пред актуелниот геноцид не веруваа речиси три четвртини од Палестинците – последните неискажливи трауми, како и продолжувањето на израелското насилство на Западниот Брег, веројатно не ги убедиле во спротивното.
Во регионот, пред есента 2023-тата година, на дневен ред беа „нормализацијата“ и Абрахамските спогодби, односно признавањето на Израел од арапските држави во замена за економска соработка и лажни ветувања за палестинско самоопределување. Нападот на Хамас ја поттикна спиралата на настани: откако Хезболах погрешно процени и влезе во конфликт, Израел ја десеткуваше оваа шиитска паравоена организација. Наскоро во Сирија падна и режимот на Асад, делумно и како последица на тоа.
По распадот на иранската „оска на отпорот“ и уверен дека има шанса да ја „измени стратешката реалност на Блискиот Исток“, односно да ја наметне израелската хегемонија, Нетанјаху заедно со САД го нападна Иран, под изговор дека ја уништува тамошната нуклеарна програма. Во изминатите две години Израел, освен Газа, ги бомбардираше Либан, Сирија, Јемен, Иран и Катар, а во Тунис со дронови ја нападна хуманитарната флота.
Тешко дека ова жестока низа изгледа како „интеграција на Израел во регионот“; очекувано, резултираше со антагонизација. Абдел Фатах ел-Сиси неодамна го нарече Израел „непријател“, што е првпат од 1970-тите некој египетски лидер да ја користи таа реторика. Саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман, под притисок од незадоволството на сопственото население, изјави дека без воспоставување независна палестинска држава нема да го признае Израел.
.jpg)
Арапските земји особено ги вознемири септемврискиот напад врз Катар, со кој Тел Авив се обиде да го елиминира таму присутното раководство на Хамас. Станува збор за земја што официјално ужива статус на американски „важен сојузник надвор од НАТО“ (major non-NATO ally). Ако Соединетите Држави не се подготвени или не се во состојба да ја гарантираат безбедноста на државите со кои имаат такви договори, тогаш под прашање е доведена целата геополитичка архитектура на Блискиот Исток. Денес, повеќето земји од регионот го доживуваат Израел како многу поголема закана од Иран – што зборува многу.
Пошироко гледано, актуелниот геноцид драстично го урна имиџот на Израел, не само на глобалниот југ. Холандија важеше за една од најпроизраелски ориентираните земји во Европа, но на неодамнешниот пропалестински протест во Амстердам имаше 250 илјади луѓе. Според едно истражување, мнозинството гласачи на Демократската партија во САД го поддржуваат запирањето на испораките оружје за Израел – што претставува огромна промена.
Во голем дел од светот, палестинското прашање стана важна точка на политичкиот идентитет. Тектонска промена претставува и расцепот во рамки на светската еврејска заедница, односно спротивставувањето на значителен број Евреи на актуелниот Израел. Понатаму, безрезервната поддршка на Џо Бајден за Израел, поради што беше наречен „геноциден Џо“, како и сличните ставови на Камала Харис, доведоа до губење драгоцени гласови на американските претседателски избори: доколку во 2023-тата година не дојдеше до ескалација на Блискиот Исток, можеби денес од Вашингтон немаше да владее Доналд Трамп.
.jpg)
Моралниот банкрот на Западот – тука, покрај САД, треба да се вклучат и европските земји, како и самата ЕУ – всушност предизвика уште подалекусежни последици. Проповедите за „меѓународен поредок заснован на правила“ се покажаа како празна приказна во случајот со двојните аршини – кога се споредуваат руската агресија врз Украина и израелскиот масакр во Газа.
Уредникот за надворешна политика на Гардијан, Патрик Винтур, оценува дека можеби се работи за најголемото потфрлување на дипломатијата уште од 1939-тата година. Несомнено, Западот повеќе не може да претендира на морално водство: во таа смисла, Газа може да се покаже како точка на пресврт, настан што го забрза историското симнување на Западот од светскиот трон.
Можеби зрак надеж претставува актуелниот „мировен план во дваесет точки“ на Трамп. За разлика од претходните бизарни најави за „иселување“ на Палестинците и претворање на Газа во луксузна ривиера, овој предлог повеќе е во допир со реалноста. Можно е на Трамп да му влијаеле неодамнешните признавања на Палестина од страна на низа западни држави.
Веројатно уште позначајен факт е тоа што за време на неодамнешното Генерално собрание на ОН Трамп се сретна со низа лидери на исламски земји, чие стојалиште е дека израелската „политика“ го турка регионот во бездна. Позитивно е што предлогот предвидува непречен доток на хуманитарна помош и целосна обнова на Газа во корист на палестинското население, како и одредби според кои Израел нема да ја окупира ниту да ја припои оваа територија, додека влезот и излезот од Газа не бидат слободни.
.jpg)
Позитивно е и тоа што Хамас се согласи на ослободување на израелските заложници и на предавање на власта (што го нудеше и претходно). Во голема мера проблематични се најавите дека со Газa, сè до реформата на Палестинската самоуправа, ќе управува де факто неоколонијално тело предводено од поранешниот британски премиер Тони Блер – кој, поради својата улога во инвазијата на Ирак, во дел од светот се смета за воен злосторник – и самиот Трамп.
Најлошо е тоа што Западниот Брег воопшто не се спомнува, а можноста за палестинска држава се наведува многу нејасно, без оглед на тоа што и онака е сомнителна остварливоста на решението со две држави. Сепак, дури и таквиот осакатен план претставува пораз на израелските месијански соништа за населување на Газа. Исто така, изгледа дека Трамп е подготвен да му ја свитка раката на Нетанјаху: го принуди да му се извини на катарскиот премиер Мохамед бин Абдурахман ел Тани, што во Израел беше сфатено како понижување. Истовремено, иако актуелните преговори ветуваат повеќе од сите досегашни – и Хамас и Израел начелно го прифатија планот – успехот е сè уште далеку од сигурен.
На Хамас му пречи тоа што се предвидува Израел засега да задржи под окупација 15 проценти од територијата на Газа, како безбедносна тампон-зона. Од друга страна, Хамас не се изјаснува за разоружување: по тоа што Израел прекрши повеќе договори и покажа склоност сè да решава со сила, не е изненадувачки што палестинската организација не му верува. Сè на сè, тешко дека станува збор за нацрт што ќе донесе одржлив мир. Инаку, не е ни мудро да се потпираме на миротворството на Трамп; ако успее да го запре масакрот, тоа ќе биде многу.
.jpg)
Карикатури: Emad Hajjaj
Извор: https://www.portalnovosti.com/